У.бр.113/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 1 февруари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на:

– член 40 став 2 во делот „овите“ од зборот членовите и делот „и член 16 став 3“, член 41 од Законот за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008, 119/2010, 36/2011, 136/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 61/2015 и 154/2015), и

– член 6 став 1 во делот „точките 3 и 7“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.119/2010).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Републка Македонија достави иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за техничката инспекција означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 40 став 2 во делот „овите“ и делот „и 16 став 3“ од Законот за техничка инспекција не бил во согласност со начелото на владеење на правото утврдени во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Ова од причина што иако Законот за техничка инспекција е менуван и дополнуван, оспорениот член 40 став 2 од Законот останал непроменет.

Имено според основниот текст на членот 40 став 2 од Законот било предвидено дека „Подзаконскиот акт од членовите 8 и 16 став 3 на овој закон ќе се донесат во рок од три месеца од денот на влегување во сила на овој закон (влегол во сила на 01.10.2008 година).

Со членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за техничка инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.41/2014), членот 16 се брише. Тоа според подносителот значи дека оспорениот член упатува на донесување на акт врз основа на непостоечка норма.

Во однос на членот 41 од Законот за техничка инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008, 119/2010, 36/2011, 136/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 61/2015 и 154/2015), подносителот наведува дека исто така овој член ја има задржано основната форма и со подоцнежното изменување тој не е менуван и дополнуван и во истиот е предвидено дека: Правилникот за формата и содржинта на образецот на легитимацијата на државниот инспектор за техничка инспекција („Службен весник на Република Македонија бр.9/2006) ќе престане да се применува со денот на влегување во сила на прописот од членот 16 став 3 на овој закон.

Имајќи ја предвид конструкцијата на цитираната одредба од членот 41 од Законот, кој во својата целина упатува на престанување на општиот акт со денот на влегување во сила на прописот од член 16 став 3 на тој закон, а со горе цитираната одредба од член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за техничка инспекција бришан е членот 16 од Законот, неспорно произлегува дека одредбата од членот 41 од Законот упатува на одредба која повеќе не е дел од правниот поредок.

Понатаму подносителот наведува дека со оспорениот член 6 став 1 во делот „точките 3 и 7“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за техничка инсплекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.119/2010), во членот 21 став 3 точките 3 и 7 се бришат кои со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.9/2009 од 13.05.2009 година биле укинати и се отстранети од правниот поредок.

Оттука, според подносителот на иницијативата имајќи предвид дека со Одлука на Уставниот суд наведените одредби се укинати, беспредметно е бришење на одредби кои повеќе не се во правниот поредо при што може е дојде до правна забуна при операционализација на законот што е во спротивност со начелото на владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 40 став 2 од Законот е предвидено дека:

„Подзаконскиот акт од членовите 8 и 16 став 3 на овој закон ќе се донесат во рок од три месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.“

Понатаму, Судот утврди дека во членот 41 од Законот е предвидено дека:

Правилникот за формата и содржината на образецот на легитимацијата на државниот инспектор за техничка инспекција („Службен весник на Република Македонија“ број 9/2006), ќе престане да се применува со денот на влегување во сила на прописот од членот 16 став 3 на овој закон.

Исто така, Судот утврди дека во оспорениот член 6 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за техничката („Службен весник на Република Македонија’ бр.119 /2010 ) е предвидено дека во членот 21 став 3 точките 3 и 7 се бришат.

4. Според член 8 став 1 алинеја од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со Законот за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008, 119/2010, 36/2011, 136/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 61/2015 и 154/2015), се уредуваат надлежноста и организацијата на Државната техничката инспекција, начинот на вршење на техничката инспекција при користење на техничката опрема и условите кои треба да ги исполнуваат независните правни лица за вршење на технички прегледи и периодични испитувања, како и начинот на пропишување на техничките прописи за техничка опрема.

Оспорениот член 40 став 2 од Законот за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008) поместен во глава VII.„Преодни и завршни одредби“ и во истиот е предвидено дека:

„Подзаконскиот акт од членовите 8 и 16 став 3 на овој закон ќе се донесат во рок од три месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.“

Во членот 16 од Законот за техничката инспекција е предвидено дека:

Овластувањето за вршење на инспекциски надзор државниот инспектор го докажува со службена легитимација.

Државниот инспектор е должен при вршењето на инспекцискиот надзор, да ја покаже службената легитимација, а на барање на контролираниот субјект, да му дозволи да ја разгледа.

Формата и содржината на образецот на службената легитимација како и начинот на издавање и одземање на службената легитимација од ставот 1 на овој член ја пропишува министерот за економија.

Во оспорениот член 41 од Законот, кој исто така е поместен во делот на преодни и завршни одредби е предвидено дека:

Правилникот за формата и содржината на образецот на легитимацијата на државниот инспектор за техничка инспекција („Службен весник на Република Македонија“ број 9/2006), ќе престане да се применува со денот на влегување во сила на прописот од членот 16 став 3 на овој закон.

Врз основа на член 16 став 3 од Законот за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008) министерот за економија на 25 април 2009 година донел Правилник за формата и содржината на образецот и начинот на издавање и одземање на службена легитимација на државниот инспектор за техничка инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.73/2009).

Со членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.41/2014 ) членот 16 се брише.

Во Законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција (Службен весник на Република Македонија, бр.36/2011) по членот 3 се додава нов член 3-а, кој гласи:

Во постапката при вршење на инспекциски надзор ќе се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка и Законот за инспекцискиот надзор, доколку со овој закон поинаку не е уредено.“

Во членот 45 од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/10, 162/10, 157/11, 147/13, 41/14 и 33/15), е предвидено дека:

(1) Инспекторот има службена легитимација со која го докажува своето својство, идентитет и овластувања.

(2) Службената легитимација од ставот (1) на овој член ја издава директорот на инспекторатот.

(3) За инспекторите во инспекциските служби организирани како организациони единици во рамките на органите на државна управа, односно единиците на локална самоуправа, службената легитимација од ставот (1) на овој член ја издава функционерот кој раководи со органот на државната управа, односно градоначалникот во чии рамки е инспекциската служба.

(4) Службената легитимација има важност од шест години.

(5) По истекот на важноста инспекторот е должен да ја врати легитимација на функционерот кој раководи со органот што му ја издал легитимацијата, односно градоначалникот кој е должен да издаде нова.

(6) Во случај на одземање на лиценцата согласно со членот 19-а став (1) од овој закон или привремено одземање на лиценцата, односно одземање на привремената лиценца согласно со членот 19-а став (2) од овој закон, инспекторот е должен да ја врати легитимацијата на функционерот кој раководи со органот што му ја издал легитимацијата, односно градоначалникот.

(7) Доколку не биде утврдена дисциплинска одговорност согласно со членот 19-б став (11) од овој закон и не биде донесено решение за привремено одземање на лиценцата, инспекторот повторно се задолжува со легитимацијата.

(8) Формата и содржината на обрасците на легитимацијата, начинот на нејзиното издавање и одземање и изгледот на знакот на предлог на директорот, ги пропишува министерот кој раководи со министерството во чиј состав е инспекторатот, а за инспекторот од организационата единица организирана како инспекциска служба ги пропишува функционерот кој раководи со органот на државната управа, односно градоначалникот.

Врз основа на член 45 став (8) од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/10, 162/10, 157/11, 147/13, 41/14 и 33/15), министерот за економија на 12 ноември 2015 година донел Правилник за формата и содржината на образецот на легитимацијатана државниот инспектор за техничка инспекција и начинот на нејзиното издавање и одземање и изгледот на знакот.

Во членот 8 од Правилникот е предвидено дека:

Со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за формата и содржината на образецот и начинот на издавање на и одземање на службената легитимација на државениот инспектор за техничка инспекција („Службен весник на Ре- публика Македонија“ бр.73/09).

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на Законот за техничката инспекција како и Законот за инспекциски надзор на кој упатува Законот за техничката инспекција, а притоа подносителот на иницијативата ги немал предвид одредбите од Законот за инспекциски надзор, наспрема наводите изнесени во иницијативата дека оспорените делови од член 40 став 2 и член 41 од Законот за техничката инспекција не биле во согласност со начелото на владеење на правото се неосновани.

Ова од причини што оспорените одредби се поместени во делот на преодни и завршни одредби со кој е предвидено дека подзаконскиот акт од членот 16 став 3 од Законот за техничката инспекција треба да се донесе во рок од три месеци од денот на влегување во сила на Законот, а со влегување во сила на членот 16 став 3 од Законот, подзаконскиот акт односно Правилникот за формата и содржината на образецот на легитимацијата на државниот инспектор за техничка инспекција („Службен весник на Република Македонија“ број 9/2006), ќе престане да се применува.

Според наведеното, недвосмислено произлегува дека оспорените одредби по својата природа се преодни одредби и имаат темпорален карактер, кои биле исцрпени по определениот рок за нивна примена. Имено, наведената надлежноста на министерот за економија е реализирана,односно донесени се правилниците поврзани со формата и содржината на обрасците на легитимацијата, начинот на нејзиното издавање и одземање и изгледот на знакот.

Оттука, произлегува дека оспорените делови од членот 40 став 2 и членот 41 од Законот за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008, 119/2010, 36/2011, 136/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 61/2015 и 154/2015), се исцрпени во примената, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата во однос на овие одредби и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Во однос на наводите во иницијативата со кои е оспорен членот 6 став 1 точките 3 и 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.119/2010), со кои се бришат одредби од Законот, а кои биле предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија и истите со Одлука У.бр.9/2009 од 13 мај 2009 година биле укинати, Судот смета дека се неосновани.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, во однос на наводите од иницијативата, Судот оцени дека во конкретниов случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Законодавецот е орган чија надлежност е да ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.

5. Врз основа на наведеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.113/2016
1 февруари 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски