Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 јануари 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 65 став 8 во делот
2. Жаклина Прекиќ и други од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од членовите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, процесот на следење, проверување, вреднување и оценување на учениците претставувал долг и континуиран процес преку кој се согледувале и вреднувале способностите и вештините на ученикот во текот на целата година и само таков процес бил валиден, прецизен и објективен инструмент за определување на крајната оценка на ученикот по одреден предмет, односно постигнувањата на учениците на крајот од учебната година, а не од резултатите на само еден единствен тест и екстерната оценка од истото.
Според подносителите на иницијативата, со екстерното тестирање се нанесувала голема штета на учениците и на наставниците, што се согледувало од пропишувањето со оспорениот член 71 од Законот, дека резултатите од екстерното проверување влијаат врз општиот успех на ученикот, како и од пропишувањето со оспорениот член 97 став 11 од Законот, каде со востановениот принцип на награди и казни за наставниците, заснован на резултатите од екстерното тестирање, се правеле ненадоместливи штети за наставниците поради можноста тие да го загубат работното место, да бидат несоодветно платени или сериозно да биде нарушен нивниот кредибилитет.
Запишувањето на резултатите од екстерното тестирање, особено оценката “недоволен 1” во свидетелството за завршена година на образование, според подносителите на иницијативата, не смеело да се појави на ученик и уште помалку да влијае на неговиот општ успех. Таквата оценка едноставно морала да биде поправена по пат на поправен испит, бидејќи во образовниот систем никогаш не се случило оценките “недоволен 1” да се запишуваат во свидетелство и со нив да се пресметува просек, односно да влијаат на просекот на ученикот.
Ваквото уредување во правниот поредок предизвикувало ситуации на непочитување на истото од страна на учителите, комисиите за екстерно оценување, но и од средните училишта кои ќе ги примеле учениците од основните училишта со невалидни свидетелства. Исто така ваквото уредување доведувало и до оштетување на учениците кои имале желба да го продолжат своето образование надвор од Републиката, каде при проверката согласно Законот за основното образование, би се констатирало дека оценката “недоволен 1” е непреодна оценка, па од таквите ученици би се барало да донесат валидно свидетелство, а со примена на ваквите одредби од Законот, на учениците од основните училишта, ќе им се издавале невалидни свидетелства.
Засновањето на професионалниот и кариерен развој на наставниците во основните училишта, врз резултатите од екстерното тестирање, било погрешно, незамисливо и неостварливо. Оспорените законски одредби, спротивно на член 32 ставови 1 и 2 и член 54 од Уставот, го одземале, односно ограничувале правото на работа, а со тоа и правото на животна егзистенција на наставниците и тоа зависно само од резултатите од екстерното проверување, а не од нивната севкупна воспитно-образовна работа. Воедно со истите наставниците од основните училишта биле ставени во правна нееднаквост со другите граѓани во Република Македонија, што било спротивно на членот 9 од Уставот.
Врз основа на наведеното, подносителите сметаат дека оспорените законски одредби, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 ставови 1 и 2, член 44, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, поради што се предлага поведување на постапка за оценување на нивната уставност, а до донесување на конечна одлука и решение за запирање на извршувањето на поединечни акти и дејствија, преземени врз основа на оспорените законски одредби, заради можните тешко отстранливи последици како резултат на нивното извршување, како за учениците, така и за наставниците. При одлучувањето за основаноста на иницијативата, подносителите предлагаат да се има во предвид Одлуката на Уставниот суд У.бр.226/2008 од 01.07.2009 година, со која бил укинат член 45 став 3 во делот: “а го организира и спроведува Министерството и Државниот просветен инспекторат” од Законот за средното образование.
3. Судот, на седницата утврди дека според членот 65 став 8 од Законот, кој се оспорува во дел, општиот успех на ученикот се утврдува врз основа на годишните оценки од сите предмети според наставниот план на крајот на годината и оценките од екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот, а за учениците упатени на поправен испит по завршувањето на поправните испити.
Судот, утврди дека членот 71 од Законот, кој се оспорува во дел на ставот 1, ставовите 3 до 18, во дел на ставот 19, ставовите 20, 21 и 22 на членот од Законот, уредува дека: (1) Следењето и проверувањето на напредокот и постигањето на успехот на учениците се врши со интерно и екстерно проверување. (2) Интерното проверување на постигањето на успехот на учениците го вршат наставниците во училиштето. (3) Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците од четврто до деветто одделение се реализира на крајот на секоја наставна година. (4) Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците го организира и спроведува училиштето преку училишна комисија. (5) Училишната комисија за екстерно проверување на постигањата на учениците ја формира директорот на училиштето и истата е составена од пет члена: директор, стручен соработник и тројца наставници од училиштето. (6) Тестирањето за екстерното проверување на постигањата на учениците го спроведуваат тестатори определени од училишната комисија. (7) Училишната комисија е должна за секоја испитна просторија да определи најмалку по еден тестатор. (8) Во испитна просторија за време на екстерното проверување на постигањата на учениците не смеат да влегуваат наставници кои не се тестатори или помошници на тестатори. (9) За ученик со посебни образовни потреби вклучен во редовното образование училишната комисија задолжително определува лице – помошник на тестаторот. (10) Тестаторот и помошникот на тестаторот не смеат да даваат било какви информации во врска со одговорите на прашањата за време на екстерното проверување на постигањата на учениците. (11) Тестаторот и помошникот на тестаторот може да биде наставник по било кој наставен предмет, освен по предметот по кој се врши екстерното проверување на постигањата на учениците. (12) Начинот на формирање и работење на училишната комисија, тајноста на материјалот за екстерно проверување, начинот на проверување на тестовите од училишната комисија, како и формата и содржината на извештајот ги пропишува министерот по предлог на Државниот испитен центар. (13) Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши со тестови кои ги изготвува Државниот испитен центар, на предлог на Бирото. (14) Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши по два наставни предмети, согласно со наставниот план, а врз основа на генерален распоред изготвен од страна на Државниот испитен центар, на предлог на Бирото, освен по наставните предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, односно за наставните предмети за кои не може да се врши екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците. (15) Начинот и постапката за проверување на објективноста на наставникот при оценувањето на постигањата на успехот на учениците по наставните предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, односно по наставните предмети за кои не може да се врши екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците го пропишува министерот, на предлог на Бирото. (16) Врз основа на генералниот распоред од ставот 14 на овој член, училишната комисија подготвува интерен распоред по паралелки, наставни предмети и наставници за спроведување на екстерното проверување во училиштето. Интерниот распоред го усвојува наставничкиот совет на училиштето. (17) Резултатите од екстерното проверување на постигањето на успехот на учениците од ставот 14 на овој член училиштето ги запишува во свидетелството за завршена година на образование и истите влијаат врз општиот успех на ученикот. (18) На ученик кој не се јавил на екстерното проверување на постигањата на успехот и истото не го оправдал со медицинска белешка, односно со потврда/доказ за учество на државен или меѓународен натпревар, му се запишува оценката недоволен (1) во свидетелството, која влијае на општиот успех на ученикот. (19) На ученикот му се издава свидетелство за завршена година на образование по спроведеното екстерно проверување. (20) Резултатите запишани во свидетелството од ставот 17 на овој член се еден од критериумите за запишување на учениците во средното образование. (21) Училишната комисија доставува извештај за спроведеното екстерно проверување на постигањата на учениците до Државниот испитен центар. (22) Врз основа на добиените извештаи од училишните комисии, Државниот испитен центар изготвува збирен извештај со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците.
Според оспорениот член 72-а од Законот, (1) Ученикот или родителот има право да поднесе писмен приговор до училишната комисија и да направи увид на тестот од членот 71 став 7 на овој закон во рок од три дена од денот на соопштувањето на резултатите. (2) Училишната комисија во рок од три дена од денот на добивањето на приговорот од ставот (1) на овој член е должна да одлучи по приговорот. (3) Ако училишната комисија утврди разлика меѓу објавениот резултат и резултатот содржан во тестот од ставот (1) на овој член го зема како конечен резултатот содржан во тестот и за тоа го информира Државниот испитен центар.
Според оспорениот член 97 од Законот, (1) Врз основа на резултатите од екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се оценува објективноста и професионалноста на наставникот во вреднувањето на постигнувањата на успехот на ученикот. (2) Оценувањето од ставот 1 на овој член се врши со споредување на резултатите на екстерното проверување на постигањата на ученикот со годишната оценка на ученикот по соодветниот предмет за што Државниот испитен центар изготвува збирен извештај со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците (во натамошниот текст: извештајот). (3) Извештајот од ставот 2 на овој член се изготвува врз основа на средната вредност изразена во проценти од резултатите на екстерното проверување на постигањата на учениците со годишните оценки на ученикот за кои нема отстапување и за кои отстапувањето е поголемо од една оценка. (4) По исклучок, извештајот од ставот 2 на овој член, се проширува со наставниците кои имаат отстапување од добиените показатели како последниот наставник од листата. (5) Државниот испитен центар го доставува извештајот до секое основно училиште во втората недела на месец септември во тековната година. По исклучок, доколку во периодот кога се доставува извештајот од овој став се одржуваат избори за претседател на Република Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, односно за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје и за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Град Скопје, извештајот се доставува првиот нареден ден по завршувањето на изборите. (6) Процентот на најголеми отстапувања од добиените показатели е 100%, кога има отстапување од четири оценки од оценката добиена од проверувањето и годишната оценка од наставникот. (7) Процентот на најмали отстапувања од добиените показатели е 0%, кога нема отстапување од оценката добиена од проверувањето и годишната оценка од наставникот. (8) Врз основа на објавениот извештај со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците, на првите 50% од наставниците од 20% кај кои има најмали отстапувања во добиените показатели им се зголемува платата за наредната година во траење од девет месеци за 10% од основицата на платата што ја примале во август. (9) Ако наставникот од ставот 8 на овој член три години едноподруго е на извештајот во првите 50% од наставниците од 20% кај кои има најмали отстапувања во добиените показатели, платата од ставот 8 на овој член му се исплаќа до престанокот на работниот однос. (10) Врз основа на доставениот извештај, на 20% од наставниците кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели им се обезбедува соодветна стручна советодавна помош, која ја обезбедува Бирото. (11) На наставник кој и по две години од добивањето на стручната помош, повторно ќе биде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели, му престанува работниот однос. (12) Решение за престанок на работниот однос на наставникот донесува директорот на основното училиште. (13) Против решението на директорот од ставот 12 на овој член наставникот може да поднесе тужба до надлежен суд. (14) Решение за зголемување на платата на наставникот согласно со ставовите 8 и 9 на овој член, донесува директорот на училиштето. Исплатата на платата со зголемување започнува од 1 јануари наредната година по доставувањето на извештајот. (15) Решението од ставот 14 на овој член се доставува до министерството најдоцна 15 дена од денот на доставувањето на извештајот, а ќе започне да се применува од 1 јануари наредната година. (16) Начинот на изготвување на збирниот извештај со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците, како и начинот на утврдувањето на процентот на најголеми, односно најмали отстапувања од добиените показатели ги пропишува министерот, на предлог на Државниот испитен центар.
4. Според членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со член 65 став 8 од Законот за основното образование, е уредено дека општиот успех на ученикот се утврдува врз основа на годишните оценки од сите предмети според наставниот план на крајот на годината и оценките од екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот, а за учениците упатени на поправен испит по завршувањето на поправните испити. Со иницијативата се оспорува делот ”и оценките од екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот”.
Со член 71 став 1 од Законот, е уредено дека покрај интерното проверување, следењето и проверувањето на напредокот и постигањето на успехот на учениците, се врши и со екстерно проверување, кој е оспорен дел на членот 71 став 1 од Законот.
Со оспорените одредби од ставовите 3 до 22 на членот 71 од Законот, се регулира начинот и постапката на екстерното проверување и оценување. Конкретно со оспоренот став 17 на членот 71 од Законот, се уредува запишување на резултатите од екстерното проверување во свидетелството за завршена година на образование и нивното влијание врз општиот успех на ученикот, а според ставот 18 на членот 71 од Законот, од влијание на општиот успех на ученикот е и оценката недоволен (1) која исто така се запишува во свидетелството на ученик кој не се јавил на екстерното проверување, а отсуството не го оправдал со потребната документација која се бара согласно ставот 18 на оспорениот член од Законот.
Со оспорениот член 72-а од Законот, се уредува право на приговор на ученикот или родителот на резултатите од екстерното оценување, рок на училишната комисија за одлучување по приговорот и дејствијата која таа ги презема во случај на утврдена разлика помеѓу објавениот резултат и резултатот содржан во екстерниот тест.
Со оспорениот член 97 од Законот, се уредува начинот и постапката за оценување на објективноста и професионалноста на наставникот во вреднувањето на постигнувањата на успехот на ученикот врз основа на резултатите од екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците, начинот на утврдувањето на процентот на најголеми, односно најмали отстапувања од добиените показатели како и последиците со кои може да се соочи наставникот во зависност од отстапувањето од оценката добиена од екстерното проверување и годишната оценка од наставникот.
Конкретно со оспорениот став 11 на членот 97 од Законот, се уредува дека на наставник кој и по две години од добивањето на стручната помош, повторно ќе биде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели, му престанува работниот однос.
Со иницијативата се оспоруваат член 65 став 8 во делот: “и оценките од екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот”, член 71 став 1 во делот: “и екстерно”, ставовите 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18, 19 во делот: “по спроведеното екстерно проверување”, 20, 21 и 22, член 72-а и член 97 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” број 103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015 и 98/2015).
Од содржината на иницијативата произлегува дека подносителите, иако како оспорени ги посочуваат сите погоре наведени законски одредби или делови од законските одредби (вкупно 41 став содржани во 4-те оспорени члена), во иницијативата нема посебна елаборација за противуставноста на секоја наведена законска одредба, туку само за оспорениот дел на член 71 став 1 од Законот со кој се уредува екстерното проверување и ставовите 17 и 18 на членот од Законот со кои се уредува запишување на резултатите од екстерното проверување во свидетелството за завршена година на образование и нивното влијание врз општиот успех на ученикот, како и на ставот 11 од членот 97 од Законот со кој се пропишува престанок на работниот однос на наставникот кој и по двегодишна стручна помош повторно се најде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели.
Во конкретниот случај Судот утврди дека за уставноста на содржината на оспорениот член 71 став 1 во делот: “и екстерно” и содржината на оспорениот член 97 став 11 од Законот, Уставниот суд по повод претходно поднесени иницијативи, веќе се произнел по однос нивната согласност со одредбите на Уставот.
Во однос на останатите одредби на членовите од Законот кои се оспоруваат во целина или нивни делови, Судот утврди дека со иницијативата не се дадени аргументи за причините поради кои подносителите сметаат дека нивната содржина не е во согласност со одредбите на Уставот, што е процесна пречка за одлучување по иницијативата во тие делови, но имајќи предвид дека по поднесувањето на иницијативата, дел од оспорените одредби од Законот или нивни делови, претрпуваат законски измени, тоа претставува уште една процесна пречка за постапување по иницијативата во тие делови.
Имајќи го предвид претходно наведеното, Судот утврди дека во конкретниот случај нема услови за впуштање на Судот во мериторно постапување по иницијативата, со следното поконкретно образложение:
Со Решение У.бр.226/2008 година од 20.05.2008 година, Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на член 71 став 1 во делот: „или екстерно”, став 3 во делот: „екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците на крајот на секоја учебна година за учениците од четврто до деветто одделение се спроведува врз основа на стандардизирани тестови изготвени од Бирото” и ставовите 4 и 5 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија” број 103/2008), а подоцна постапувајќи по повод поднесена иницијатива со која повторно предмет на оспорување биле одредби на членот 71 од Законот за основното образование, со Решение У.бр.222/2010 година од 20.05.2008 година, Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на член 71 став 1 во делот: „и екстерно”, како и ставовите 3 до 11 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија” број 103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010 и 18/2011).
Судот во погоре наведените предмети изразил став дека одредбите од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија” број 103/2008) кои го регулирааат, односно предвидуваат екстерното проверување како дел од образовниот процес, не се во спротивност со одредбите од Уставот на кои се повикувал подносителот на иницијативата, како и дека екстерното оценување само по себе не може да се оцени како спротивно со уставните одредби.
Со оглед дека за истата работа Судот веќе одлучувал, односно оценил дека членот 71 став 1 во делот: „и екстерно” од Законот за основното образование, не е во спротивност со одредбите на Уставот, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел, поради одлучена работа.
Што се однесува за останатите оспорени одредби или делови од одредби содржани во членот 71 од Законот (освен за оспорените ставови 17 и 18), оспорениот член 65 став 8 во делот: “и оценките од екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот” и оспорениот член 72-a, а кои исто така се опфатени со иницијативата како оспорени, но, без посебни конкретни аргументи за причините за несогласноста на нивната содржина со одредбите на Уставот, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во овие делови поради отсуството на посебни наводи во иницијативата за нивната противуставност, но и поради околноста што по поднесувањето на иницијативата (11.09.2015 година) поради повторно изменување и дополнување на Законот за основното образование, дел од оспорените ставови содржани во членот 71 од Законот, оспорениот член 65 став 8 во оспорениот дел и оспорениот член 72-а од Законот, претрпеле измени во својата содржина или бришење на делови од нивната содржина кои се предмет на оспорување со иницијативата.
Имено, со член 3 од Закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија” број 127/2016), оспорениот дел: “и оценките од екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот” содржан во оспорениот член 65 став 8 од Законот, е избришан и истиот не е повеќе во правниот поредок.
Потоа, со член 6 од погоре наведените измени и дополнувања на Законот, се врши измена, дополнување или бришење на содржини од оспорените одредби (став 3, став 6, став 7, став 17, став 18, став 19 и став 20) на членот 71 од Законот за основното образование, како и дополнување на членот од Законот со сосема нови ставови 15, 16, 17 и 18 и 27, при што членот 71 од Законот содржи вкупно 27 става, што ја менува нумерацијата на дел од постојните ставови. Дел од оспорените ставови на членот 71 од Законот, немаат промена во содржината и нумерацијата, дел од оспорените ставови ја менуваат само нумерацијата, а дел од оспорените ставови имаат промена во содржината и нумерацијата.
Со непроменета содржина остануваат ставовите 1 (во кој е содржан оспорениот дел: “и екстерно”), ставовите 4 и 5, ставовите 8 до 16 и ставовите 21 и 22, од кои ставовите 15, 16, 21 и 22 на членот 71 од Законот, стануваат ставови 19, 20, 25 и 26. Измена во содржината (суштинска или несуштинска) добиваат ставовите 3, 6 и 7 (без промена на нумерацијата), а изменета содржина и нумерација добиваат ставовите 17, 18, 19 и 20 на членот 71 од Законот, кои стануваат ставови 21, 22, 23 и 24 на членот 71 од Законот.
Суштинска измена претрпуваат оспорените ставови 17 и 18 на членот 71 од Законот, во кои се пропишуваше влијание на резултатите од екстерното оценување на општиот успех на учениците, кое уредување посебно се оспорува со иницијативата, но, со измените и дополнувањата на Законот („Службен весник на Република Македонија” број 127/2016), тоа уредување е избришано и не е повеќе во правниот поредок.
Исто така со член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија” број 30/2016), измена во содржината претрпува и оспорениот член 72-а од Законот.
Со оспорениот член 97 од Законот, се уредува начинот и постапката за оценување на објективноста и професионалноста на наставникот во вреднувањето на постигнувањата на успехот на ученикот врз основа на резултатите од екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците, начинот на утврдувањето на процентот на најголеми, односно најмали отстапувања од добиените показатели како и последиците со кои може да се соочи наставникот во зависност од отстапувањето од оценката добиена од екстерното проверување и годишната оценка од наставникот.
Со иницијативата во целина се оспорува членот 97 од Законот за основното образование кој содржи вкупно 16 става, но, во иницијативата воопшто нема посебни наводи за причините поради кои се оспоруваат сите одредби на членот од Законот, што е процесна пречка за одлучување по иницијативата во овој дел, освен за ставот 11 на членот 97 од Законот со кој се уредува дека на наставник кој и по две години од добивањето на стручната помош, повторно ќе биде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели, му престанува работниот однос.
Меѓутоа, Судот постапувајќи по повод претходно поднесена иницијатива, одлучувал и за согласноста на ставот 11 на членот 97 од Законот за основното образование со одредбите на Уставот. Имено, со Решение У.бр.163/2012 од од 20.03.2013 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста, помеѓу другото и на член 97 ставовите 7, 8 и 11 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија” број 103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 51/2011, 6/2012 и 100/2012).
Од образложението на Решението:
…Според став 11 од член 97 од Законот за основното образование, на наставник кој и по две години од добивањето на стручната помош, повторно ќе биде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели, му престанува работниот однос.
Наводите во иницијативата дека престанокот на работниот однос во дадениот случај значел повреда на уставно загарантираното право на работа, а истовремено во поголем обем ги загрозувал правната и економската сигурност на граѓаните и веќе стекнатите права и интереси на субјектите на кои тие се однесуваат, Судот ги оценил како неосновани. Ова од причина што пропишувањето на постапка според која наставникот кој нема да покаже задоволителни резултати во работењето, ќе има за последица престанок на работниот однос, не може да се прифати како повреда на уставно загарантираното право на работа.
Во конкретниот случај законодавецот оценил дека со давањето на нереални оцени според покажаното знаење на учениците, наведениот наставник ги доведува во заблуда учениците за нивните стекнати знаења и за текот на нивното натамошно образование, поради што оценил дека е неоправдано таквиот наставник да продолжи со вршење на образовната дејност и дека треба да му престане работниот однос.
Покажувањето незадоволителни резултати во работата, како основ за престанок на работниот однос, е познат принцип во работното законодавство, при што од аспект на уставноста на ваквото решение суштинско е да постои пропишана постапка за престанокот на работниот однос која подеднакво ќе се однесува за сите лица во иста положба, што според Судот, е испочитувано со член 97 од Законот.
Поради наведеното, пред Судот не се поставило прашањето за согласноста на член 97 став 11 од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува иницијативата.
Упатувањето од страна на подносителот на иницијативата, Судот, при одлучувањето по иницијативата, да ги има предвид своите одлуки: У.бр.70/2006, У.бр.212/2008 и У.бр.226/2008, Судот го оценил како несоодветно, затоа што истите се однесувале на прашања од друга правна природа за разлика од прашањата покренати со конкретната иницијатива.
Со оглед дека Судот веќе ја оценувал согласноста на содржината на оспорениот став 11 на членот 97 од Законот за основното образование со одредбите на Уставот, а во конкретниот случај, нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека за наведената оспорена законска одредба, се исполнети условите од член 28 алинеја 2 за отфрлање на иницијативата, поради одлучена работа, а со оглед дека со иницијативата во целина се оспорува членот 97 од Законот, а во истата нема наводи за причините поради кои се оспорува уставноста на содржините на останатите одредби на членот 97 од Законот, Судот утврди дека се исполнети процесните претпоставки од член 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата и во однос на останатите одредби на оспорениот член 97 од Законот, поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.
5. Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот оцени дека во конкретниот случај, исполнети се условите од член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради одлучена работа и поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.81/2015
18 јануари 2017година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски