У.бр.162/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 јануари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на Решението за избор на командир на Полициска станица од општа надлежност – Прилеп, бр.25-1689/4 од 19.08.2016 година донесено од Советот на општина Прилеп („Службен гласник на општина Прилеп“ бр.9/2016).

2. Илија Јованоски, Сашо Велески, Еленче Ташковска, Звонко Јованоски, Миле Талевски и Валентин Божиноски, застапувани од Марјан Николовски – Мец, адвокат од Прилеп до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Советот на Општината Прилеп го донел оспореното решение со кое извршил избор на лице за командир на Полициската станица – Прилеп, меѓутоа ова решение било спротивно на членот 24 став 2 од Законот за полиција (,,Службен весник на Република Македонија„ број 114/2006, 6/2009, 145/2012,41/2014, 33/2015,31/2016 и 106/2016) според кој за командир можело да биде избрано лице кое меѓу другите услови, требало да има завршено „соодветно високо образование“ под што би требало да се подразбира факултет по безбедност или Правен факултет, а не би требало да се подразбира Факултет за физичка култура, каков што имало завршено избраното лице за командир на Полициската станица.

Од овие причини, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оцена на законитоста на оспореното решение.

3. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, како и од содржината на оспореното решение, произлегува дека ова Решение е поединечен, односно конкретен акт затоа што со него Советот на Општината Прилеп решава кадровско прашање со изборот на конкретно лице за командир на Полициската станица од општа надлежност во Прилеп, а не уредува определени односи на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристика и елемент за секој пропис.

Со оглед на тоа што оспореното решение нема општ нормативен карактер и не претставува општ правен акт, односно пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку е поединечен, конкретен акт, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува согласноста на оспореното решение со законот, на што се посочува во иницијативата, поради што во конкретниов случај се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.162/2016
18 јануари 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски