У.бр.80/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 јануари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 45-а став 1 во делот

2. Жаклина Прекиќ и други од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од членовите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорените законски одредби и делови од оспорени законски одредби, немале уставна основа кое се согледувало од претходните искуства со екстерното тестирање на учениците во изминатите години. Екстерното тестирање се реализирало врз ненаучни основи и како такво не претставувало валиден, прецизен и објективен инструмент за мерење, вреднување и оценување на постигнувањата на учениците на крајот од учебната година, бидејќи постигнувањата на учениците не ги опфаќало само знаењата, туку збир на активности, усвоени знаења, способности, вештини, ставови и особини, кои крајната оценка ја чинеле објективна и реална.

Процесот на следење, проверување, вреднување и оценување на учениците бил долг и траен процес во кој низ интеракција и практична работа се споделувале знаењата и се согледувале особините на ученикот и низ сето тоа можело да се определи крајната оценка, како резултат на вложениот труд, покажаната заложба и остварените резултати по одреден предмет. Оттука, годишната оценка не смеела да биде резултат само на еден единствен тест, а особено не каков што бил пропишан со оспорените законски одредби и нивни делови, односно не каков што бил замислен и се реализирал низ екстерниот начин на проверка. Со оценката од екстерниот тест, се нанесувала голема штета на ученикот, наставникот, квалитетот на воспитно-образовниот процес и на оштеството во целина. Клучна цел на воспитно-образовниот систем било создавање на граѓани со квалитетни знаења способни за живот и работа во 21-виот век, а тоа можело да се постигне само низ воспитно-образовниот процес заснован врз принципот на континуирано следење, проверување, вреднување и оценување на постигнувањата на учениците, а не со екстерното тестирање на учениците и наставниците.

Членот 45-а став 18 од Законот, според подносителите на иницијативата бил неуставен, односно тој не бил во согласност со принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и член 44 од Уставот, затоа што оценката недоволен (1) не смеела да се појави во свидетелство на ученик, а уште помалку да влијае на неговиот општ успех. Со единица не смеело да се собира ниту пак да се дели и да се бара просек. Таквата оценка едноставно морала да се поправи по пат на поправен испит, а не да се запишува во свидетелства и со нив да се пресметува просек, односно да влијаат на општиот просек на ученикот, кое нешто никогаш не било случај во образовниот систем.

Опстојувањето на ваквото уредување во правниот поредок предизвикувало ситуации на непочитување на истото од страна на учителите, комисиите за екстерно оценување, но и на универзитетите каде учениците ќе се пријавеле за продолжување на своето образование. Ваквото уредување било на штета и на учениците кои сакаат своето образование да го продолжат надвор од Републиката, бидејќи според Законот за средното образование, оценката “недоволен 1” била непреодна оценка, поради што од таквите ученици би се барало да донесат валидно свидетелство. Според тоа со примена на ваквите одредби од Законот, на учениците од основните училишта ќе им се издавале невалидни свидетелства.

Исто така со востановениот принцип на награди и казни за наставниците заснован на резултатите од екстерното тестирање, се правеле ненадоместливи штети за наставниците поради можноста тие да го загубат работното место, да бидат несодветно платени или сериозно да биде нарушен нивниот кредибилитет. Оттука, оспорениот член 70-а од Законот не бил во согласност со членот 44 од Уставот според кој секој има право на образование и достапност на истото на секого под еднакви услови. Имајќи го предвид уредувањето со ставот 11 од оспорениот член 70-а од Законот, а со кој се предвидувал престанок на работниот однос поради резултатите од екстерното проверување, уредувањето со овој оспорен член од Законот, вклучително и останатите оспорени законски одредби и делови во кои се зборувало за екстерното проверување, било спротивно и на член 32 ставови 1 и 2 и член 54 од Уставот, бидејќи тоа уредување значело одземање, односно ограничување на правото на работа, а со тоа и правото на животна егзистенција на наставниците и тоа зависно само од резултатите од екстерното проверување, а не од нивната севкупна воспитно-образовна работа. Воедно, наставниците од основните училишта биле ставени во правна нееднаквост со другите граѓани во Република Македонија, што било спротивно на членот 9 од Уставот.

Врз основа на наведеното, подносителите сметаат дека оспорените законски одредби, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 ставови 1 и 2, член 44, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, поради што се предлага поведување на постапка за оценување на нивната уставност, а до донесување на конечна одлука и решение за запирање на извршувањето на поединечни акти и дејствија, преземени врз основа на оспорените законски одредби, заради можните тешко остранливи последици како резултат на нивното извршување, како за учениците, така и за наставниците. При одлучувањето за основаноста на иницијативата, подносителите предлагаат да се има во предвид Одлуката на Уставниот суд У.бр.226/2008 од 01.07.2009 година, со која бил укинат член 45 став 3 во делот: “а го организира и спроведува Министерството и Државниот просветен инспекторат” од Законот за средното образование.

3. Судот, на седницата утврди дека членот 45-а од Законот, кој се оспорува во дел на ставот 1, ставовите 3 до 18, во дел на ставот 19, ставовите 20, 21 и 22 на членот од Законот, уредува дека: Следењето и проверувањето на напредокот и постигањето на успехот на учениците се врши со интерно и екстерно проверување (став 1). Интерното проверување на постигањето на успехот на учениците го вршат наставниците во училиштето (став 2). Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши на крајот на секоја учебна година, освен за учениците во завршната година на средното образование, за кои екстерното проверување се врши по завршувањето на првото полугодие најдоцна до крајот на февруари во тековната учебна година (став 3). Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците го организира и спроведува училиштето преку училишна комисија (став 4). Училишната комисија за екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците ја формира директорот на училиштето и истата е составена од пет члена: директор, стручен соработник и тројца наставници од училиштето (став 5). Тестирањето за екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците го спроведуваат тестатори определени од училишната комисија (став 6). Училишната комисија е должна за секоја испитна просторија да определи најмалку по еден тестатор (став 7). Во испитна просторија за време на екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците не смеат да влегуваат наставници кои не се тестатори или помошници на тестатори (став 8). За ученик со посебни образовни потреби вклучен во редовното образование училишната комисија задолжително определува лице – помошник на тестаторот (став 9). Тестаторот и помошникот на тестаторот не смеат да даваат било какви информации во врска со одговорите на прашањата за време на екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците (став 10). Тестаторот и помошникот на тестаторот може да биде наставник по било кој наставен предмет, освен по предметот по кој се врши екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците (став 11). Начинот на формирање и работење на училишната комисија, тајноста на материјалот за екстерно проверување, начинот на проверување на тестовите од училишната комисија, како и формата и содржината на извештајот ги пропишува министерот по предлог на Државниот испитен центар (став 12). Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши со тестови кои ги изготвува Државниот испитен центар, на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука (став 13). Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши по два наставни предмети, согласно со наставниот план, а врз основа на генерален распоред изготвен од страна на Државниот испитен центар, на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука, освен по наставните предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, односно за наставните предмети за кои не може да се врши екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците (став 14). Начинот и постапката за проверување на објективноста на наставникот при оценувањето на постигањата на успехот на учениците по наставните предмети со кои учениците се стекнуваат со вештини, односно по наставните предмети за кои не може да се врши екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците го пропишува министерот, на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука (став 15). Врз основа на генералниот распоред од ставот 14 на овој член, училишната комисија подготвува интерен распоред по паралелки, наставни предмети и наставници за спроведување на екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците во училиштето. Интерниот распоред го усвојува наставничкиот совет на училиштето (став 16). Резултатите од екстерното проверување на постигањето на успехот на учениците од ставот 14 на овој член училиштето ги запишува во свидетелството за завршена година на образование и истите влијаат врз општиот успех на ученикот (став 17). На ученик кој не се јавил на екстерното проверување на постигањата на успехот и истото не го оправдал со медицинска белешка, односно со потврда/доказ за учество на државен или меѓународен натпревар, му се запишува оценката недоволен 1 во свидетелството, која влијае на општиот успех на ученикот (став 18). На ученикот му се издава свидетелство за завршена година на образование по спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците (став 19). Резултатите запишани во свидетелството од ставот 17 на овој член се еден од критериумите за запишување на ученикот на високообразовна установа (став 20). Училишната комисија доставува извештај за спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците до Државниот испитен центар (став 21). Врз основа на добиените извештаи од училишните комисии, Државниот испитен центар изготвува збирен извештај со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците (став 22).

Според оспорениот член 45-б од Законот, училишната комисија е должна согласно со генералниот распоред од членот 45-а став 8 на овој закон да организира дополнителен термин за екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците кои поради болест или други оправдани причини не биле во можност екстерно да бидат проверени (став 1). Начинот на организирање и спроведување на екстерното проверување ги пропишува министерот по предлог на Државниот испитен центар (став 2).

Со оспорениот член 45-в од Законот, е уредено дека ученикот или родителот има право да поднесе писмен приговор до училишната комисија и да направи увид на тестот од членот 45-а став 7 на овој закон во рок од три дена од денот на соопштувањето на резултатите (став 1). Ако училишната комисија утврди разлика меѓу објавениот резултат и резултатот содржан во тестот од ставот 1 на овој член го зема како конечен резултатот содржан во тестот и за тоа го информира Државниот испитен центар (став 2). Училишната комисија во рок од три дена од денот на добивањето на приговорот од ставот 1 на овој член е должна да одлучи по приговорот (став 3).

Според член 46 став 1 од Законот, кој е оспорен во дел, општиот успех на ученикот се утврдува врз основа на годишните оценки од сите задолжителни предмети на крајот на годината и оценките од екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот, а за учениците упатени на поправен испит по завршувањето на поправните испити.

Според оспорениот член 70-а од Законот, врз основа на резултатите од екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се оценува објективноста и професионалноста на наставникот во вреднувањето на постигнувањата на успехот на ученикот (став 1). Оценувањето од ставот 1 на овој член се врши со споредување на резултатите на екстерното проверување на постигањата на ученикот со годишната оценка на ученикот по соодветниот предмет за што Државниот испитен центар изготвува збирен извештај со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците „(во натамошниот текст: извештајот) (став 2). Извештајот од ставот 2 на овој член се изготвува врз основа на средната вредност изразена во проценти од резултатите на екстерното проверување на постигањата на учениците со годишните оценки на ученикот за кои нема отстапување и за кои отстапувањето е поголемо од една оценка (став 3). По исклучок, извештајот од ставот 2 на овој член се проширува со наставниците кои имаат отстапување од добиените показатели како последниот наставник од листата (став 4). Државниот испитен центар го доставува извештајот до секое средно училиште во втората недела на месец септември во тековната година. По исклучок, доколку во периодот кога се доставува извештајот од овој став се одржуваат избори за претседател на Република Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, односно за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје и за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Град Скопје, извештајот се доставува првиот нареден ден по завршувањето на изборите (став 5). Процентот на најголеми отстапувања од добиените показатели е 100%, кога има отстапување од четири оценки од оценката добиена од проверувањето и годишната оценка од наставникот (став 6). Процентот на најмали отстапувања од добиените показатели е 0%, кога нема отстапување од оценката добиена од проверувањето и годишната оценка од наставникот (став 7). Врз основа на објавениот извештај со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците, на првите 50% од наставниците од 20% кај кои има најмали отстапувања во добиените показатели им се зголемува платата за наредната година во траење од девет месеци за 10% од основицата на платата што ја примале во август (став 8). Ако наставникот од ставот 8 на овој член три години едноподруго е на извештајот во првите 50% од наставниците од 20% кај кои има најмали отстапувања во добиените показатели, платата од ставот 8 на овој член му се исплаќа до престанокот на работниот однос (став 9). Врз основа на доставениот извештај на 20% од наставниците кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели им се обезбедува соодветна стручна советодавна помош, која ја обезбедува Бирото (став 10). На наставник кој и по две години од добивањето на стручната помош, повторно ќе биде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели, му престанува работниот однос (став 11). Решение за престанок на работниот однос на наставникот донесува директорот на основното училиште (став 12). Против решението на директорот од ставот 12 на овој член наставникот може да поднесе тужба до надлежен суд (став 13). Решение за зголемување на платата на наставникот согласно со ставовите 8 и 9 на овој член, донесува директорот на училиштето. Исплатата на платата со зголемување започнува од 1 јануари наредната година по доставувањето на извештајот (став 14). Решението од ставот 14 на овој член се доставува до министерството најдоцна 15 дена од денот на доставувањето на извештајот, а ќе започне да се применува од 1 јануари наредната година (став 15). Начинот на изготвување на збирниот извештај со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците, како и начинот на утврдувањето на процентот на најголеми, односно најмали отстапувања од добиените показатели го пропишува министерот, на предлог на Државниот испитен центар (став 16).

4. Според членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со член 45-а став 1 од Законот, е уредено дека покрај интерното проверување, следењето и проверувањето на напредокот и постигањето на успехот на учениците, се врши и со екстерно проверување, кој е оспорен дел на членот од Законот.

Со оспорените одредби од ставовите 3 до 22 на членот 45-а од Законот, се регулира начинот и постапката на екстерното проверување и оценување. Конкретно со оспоренот став 17 на членот 45-а од Законот, се уредува запишување на резултатите од екстерното проверување во свидетелството за завршена година на образование и нивното влијание врз општиот успех на ученикот, а според ставот 18 на членот 45-а од Законот, од влијание на општиот успех на ученикот е и оценката недоволен (1) која исто така се запишува во свидетелството на ученик кој не се јавил на екстерното проверување, а отсуството не го оправдал со потребната документација која се бара согласно ставот 18 на оспорениот член од Законот.

Со оспорениот член 45-б од Законот, се уредуваат дејствијата што треба да ги преземе училишната комисија во случај на неможност ученикот екстерно да биде проверен поради болест или друга оправдана причина.

Со оспорениот член 45-в од Законот, се уредува право на приговор на ученикот или родителот на резултатите од екстерното оценување.

Со член 46 став 1 од Законот се уредува начинот на утврдување на општиот успех на ученикот, односно дека тој се утврдува врз основа на годишните оценки од сите задолжителни предмети на крајот на годината, како и оценките од екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот кој е оспорен дел на членот 46 став 1 од Законот.

Со оспорениот член 70-а од Законот, се уредува начинот и постапката за оценување на објективноста и професионалноста на наставникот во вреднувањето на постигнувањата на успехот на ученикот врз основа на резултатите од екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците, начинот на утврдувањето на процентот на најголеми, односно најмали отстапувања од добиените показатели како и последиците со кои може да се соочи наставникот во зависност од отстапувањето од оценката добиена од екстерното проверување и годишната оценка од наставникот.

Конкретно со оспорениот став 11 на членот 70-а од Законот, се уредува дека на наставник кој и по две години од добивањето на стручната помош, повторно ќе биде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели, му престанува работниот однос.

Со иницијативата се оспоруваат член 45-а став 1 во делот: “и екстерно”, ставовите 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, 16, 17, 18, ставот 19 во делот: “по спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците”, ставовите 20, 21 и 22, член 45-б, член 45-в, член 46 став 1 во делот: “и оценките од екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот” и член 70-а од Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” број 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015 и 98/2015).

Од содржината на иницијативата произлегува дека подносителите, иако како оспорени ги посочуваат сите погоре наведени законски одредби или делови од законски одредби (вкупно 43 ставови содржани во 5-те оспорени члена), во иницијативата нема посебна елаборација за противуставноста на секоја наведена законска одредба, туку само за оспорениот дел на член 45-а став 1 од Законот со кој се уредува екстерното проверување и ставовите 17 и 18 на членот од Законот со кои се уредува запишување на резултатите од екстерното проверување во свидетелството за завршена година на образование и нивното влијание врз општиот успех на ученикот, како и на ставот 11 од членот 70-а од Законот со кој се пропишува престанок на работниот однос на наставникот кој и по двегодишна стручна помош повторно се најде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели.

Во конкретниот случај Судот утврди дека за уставноста на содржината на оспорениот член 45-а став 1 во делот: “и екстерно” и содржината на оспорениот членот 70-а став 11 од Законот, Уставниот суд по повод претходно поднесени иницијативи, веќе се произнел по однос нивната согласност со одредбите на Уставот.

Во однос на останатите одредби на членовите од Законот кои се оспоруваат во целина или нивни делови, Судот утврди дека со иницијативата не се дадени аргументи за причините поради кои подносителите сметаат дека нивната содржина не е во согласност со одредбите на Уставот, што е процесна пречка за одлучување по иницијативата во тие делови, но имајќи предвид дека по поднесувањето на иницијативата, дел од оспорените одредби од Законот или нивни делови, претрпуваат законски измени во содржината или пак се избришани и не се повеќе во правниот поредок, Судот утврди уште една процесна пречка за постапување по иницијативата во тие делови.

Имајќи го предвид претходно наведеното, Судот утврди дека во конкретниот случај нема услови за впуштање на Судот во мериторно одлучување по иницијативата, со следното поконкретно образложение:

Екстерното проверување на учениците во средното образование, веќе било предмет на оспорување пред овој суд, а со тоа и на уставно-судска оцена по однос на неговата согласност со Уставот, кога истото било регулирано со членот 45 од Законот, а и потоа со членот 45-а од Законот, кој член и сега е оспорен.

Имено, со Решение У.бр.226/2008 година од 20.05.2008 година, Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на член 45 став 2 во делот: “и екстерно” од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ број 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008 и 92/2008).

Судот, постапувајќи по наведениот предмет во 2008 година, изразил став дека одредбите од Законот за средно образование кои го регулирааат, односно предвидуваат екстерното проверување како дел од образовниот процес, не се во спротивност со одредбите од Уставот на кои се повикувал подносителот на иницијативата, како и дека екстерното оценување само по себе не може да се оцени како спротивно со уставните одредби.

Екстерното проверување, подоцна како содржина на членот 45-а од Законот, повторно било предмет на оцена пред овој суд во предметот У.бр.222/2010, при што Судот со Решение У.бр.222/2010 од 22.06.2011 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 45-а ставови 1 и 2 во деловите: „и екстерно“, како и за останатите негови ставови 4 до 13 на членот од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ број 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/ 1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/ 2010 и 18/2011).

Оспорениот член 45-а став 1 од Законот кој веќе бил предмет на уставно-судска оцена гласел: “следењето и проверувањето на напредокот и постигањето на успехот на учениците се врши со интерно и со екстерно проверување”, што е всушност истата одредба по содржина и нумерација на членот 45-а од Законот која и сега се оспорува со иницијативата. Имено, членот 45-а од Законот во кој е регулирано екстерното проверување, повеќе пати претрпел измени и дополнувања, а и по произнесувањето на Судот за уставната оправданост на екстерното проверување во 2011 година, овој член од Законот повторно е менуван и дополнуван, но екстерното проверување останува како уредување во ставот 1 на членот 45-а од Законот со иста содржина и нумерација. Измените и дополнувањата на членот 45-а од Законот, се однесуваат на останатите негови одредби со кои се регулира начинот на спроведувањето на екстерното проверување, оценувањето и влијанието на екстерните оценки на општиот успех на учениците.

Со оглед дека за истата работа Судот веќе одлучувал, односно оценил дека членот 45-а став 1 во делот: “и екстерно”, не е во спротивност со одредбите на Уставот, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел, поради одлучена работа.

Што се однесува за останатите оспорени одредби или делови од одредби содржани во членот 45-а од Законот (освен за оспорените ставови 17 и 18), оспорениот член 45-б, оспорениот член 45-в и оспорениот член 46 став 1 во делот: “и оценките од екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот”, а кои исто така се опфатени со иницијативата како оспорени, но без посебни конкретни аргументи за причините за несогласноста на нивната содржина со одредбите на Уставот, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во овие делови поради отсуството на посебни наводи во иницијативата за нивната противуставност, но и поради околноста што дел од оспорените ставови на членот 45-а од Законот, како и оспорениот член 45-в и оспорениот дел на членот 46 став 1 од Законот, со повторно изменување и дополнување на Законот за средното образование по поднесувањето на иницијативата (11.09.2015 година), добиваат изменета содржина или бришење на содржини кои се предмет на оспорување со иницијативата.

Имено, со член 7 од Закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” број 30/2016), е изменет оспорениот член 45-в од Законот за средното образование.

Подоцна, со член 6 од Закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” број 127/2016), се врши измена или дополнување на оспорените: став 3, став 6, став 7, став 17, став 18, став 19 и став 20 на членот 45-а од Законот за средното образование, како и дополнување на членот од Законот со сосема нови ставови 15, 16, 17 и 18 и 27, при што членот 45-а од Законот содржи вкупно 27 става, што ја менува нумерацијата на дел од постојните ставови. Дел од оспорените ставови на членот 45-а од Законот, немаат промена во содржината и нумерацијата, дел од оспорените ставови ја менуваат само нумерацијата, а дел од оспорените ставови имаат промена во содржината и нумерацијата.

Со непроменета содржина остануваат ставовите 1 (во кој е содржан оспорениот дел: “и екстерно”), ставовите 4 и 5, ставовите 8 до 16 и ставовите 21 и 22, од кои ставовите 15, 16, 21 и 22 на членот 45-а од Законот, стануваат ставови 19, 20, 25 и 26. Измена во содржината (суштинска или несуштинска) добиваат ставовите 3, 6 и 7 (без промена на нумерацијата), а изменета содржина и нумерација добиваат ставовите 17, 18, 19 и 20 на членот 45-а од Законот, кои стануваат ставови 21, 22, 23 и 24 на членот 45-а од Законот.

Суштинска измена претрпуваат оспорените ставови 17 и 18 на членот 45-а од Законот, во кои се пропишуваше влијание на резултатите од екстерното оценување на општиот успех на учениците, кое уредување посебно се оспорува со иницијативата, но, со измените и дополнувањата на Законот (“Службен весник на Република Македонија” број 127/2016), тоа уредување е избришано и не е повеќе во правниот поредок.

Исто така, со член 7 од погоре наведените законски измени и дополнувања, суштинска измена претрпува и оспорениот член 46 став 1 во делот: “и оценките од екстерното проверување на постигањата на успехот на ученикот”, кој оспорен дел е избришан и не е повеќе во правниот поредок.

Со оспорениот член 70-а од Законот, се уредува начинот и постапката за оценување на објективноста и професионалноста на наставникот во вреднувањето на постигнувањата на успехот на ученикот врз основа на резултатите од екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците, начинот на утврдувањето на процентот на најголеми, односно најмали отстапувања од добиените показатели како и последиците со кои може да се соочи наставникот во зависност од отстапувањето од оценката добиена од екстерното проверување и годишната оценка од наставникот.

Со иницијативата во целина се оспорува членот 70-а од Законот кој содржи вкупно 16 става, но, во иницијативата воопшто нема посебни наводи за причините поради кои се оспоруваат сите одредби на членот од Законот, што е процесна пречка за одлучување по иницијативата во овој дел, освен за оспорениот став 11 на членот 70-а од Законот со кој се уредува дека на наставник кој и по две години од добивањето на стручната помош, повторно ќе биде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели, му престанува работниот однос.

Меѓутоа Судот, постапувајќи по повод претходно поднесена иницијатива, помеѓу другото, одлучувал и за согласноста на ставот 11 на членот 70-а од Законот со одредбите на Уставот. Имено, со Решение У.бр.162/2012 од 27.02.2013 година, Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на член 70-а ставови 7, 8 и 11 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/1995, 24/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 51/2011, 6/2012 и 100/2012).

Оспорениот став 11 на членот 70-а уредувал дека на наставник кој и по две години од добивањето на стручната помош, повторно ќе биде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели, му престанува работниот однос.

Според мислењето на Судот, неосновани биле наводите во иницијативата во однос на членот 70-а став 11 од Законот за средното образование кој предвидува дека на наставник кој и по две години од добивањето на стручната помош, повторно ќе биде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели, му престанува работниот однос.

Судот во наведениот предмет оценил дека наводите на подносителот на иницијативата дека со одредбата се доведувало во прашање остварувањето на уставното право на работа, се загрозувала правната и економската сигурност, стекнатите права, дека обврската што им се наметнувала на наставниците била непропорционална и повикувањето на претходната уставно-судска практика на овој суд, биле неосновани од причина што во конкретниот случај не станувало збор за услов за вработување на наставниците, кој би им се наметнал како нов услов после нивното вработување, туку станувало збор за санкционирање на нестручното и непрофесионалното работење на наставникот кое се манифестирало преку необјективно оценување на учениците.

Според изразениот став на Судот по наведениот предмет, законодавецот има право да воведе ваква мерка со која ќе предвиди престанок на работниот однос на наставникот кој не ги исполнува своите работни обврски и покрај дадената стручна помош на наставникот во текот на две години.

Во споменатиот предмет, Судот укажал и на несоодветно повикување на уставно-судската практика наведена во иницијативата (Одлука У.бр.70/2006 од 17.01.2007 година и Одлука У.бр.212/2008 од 01.04.2009 година) со оглед на тоа што во споменатите одлуки станувало збор за воведување на обврска за дополнително образование на наставниците односно дополнителна квалификација како услов за засновање на работен однос и за продолжување на вршење на работите на работното место, што не било случај во предметните законски одредби кои биле оспорени со иницијативата. Судот исто така укажал и на несоодветно повикување со иницијативата на уставно-судската практика-Одлуката на Судот У.бр.226/2008 од 01.07.2009 година, на која одлука и сега подносителите на иницијативата се повикуваат, од причини што со таа одлука Уставниот суд не ја довел во прашање уставноста на екстерното проверување како такво, туку фактот што со тогаш оспорените одредби било предвидено тоа да се врши надвор од училиштето и воспитно-образовниот процес, од страна на орган на извршната власт (Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат).

Имајќи предвид дека Судот веќе ја оценувал согласноста на содржината на ставот 11 на членот 70-а од Законот за средното образование со одредбите на Уставот, а во конкретниот случај, нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека за наведената оспорена законска одредба, се исполнети условите од член 28 алинеја 2 за отфрлање на иницијативата, поради одлучена работа, а со оглед дека со иницијативата во целина се оспорува членот 70-а од Законот, а во истата нема наводи за причините поради кои се оспорува уставноста на содржините на останатите одредби на членот 70-а од Законот, Судот утврди дека се исполнети процесните претпоставки од член 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата во однос на останатите одредби содржани во оспорениот член 70-а од Законот, поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот оцени дека во конкретниот случај, се исполнети условите од член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради одлучена работа и поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр. 80/2015
18 јануари 2017година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија

Никола Ивановски