У.бр.82/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992, на седницата одржана на 27 декември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на

а) членот 45 став 3 и членот 45-а ставовите 4, 13 и 21 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016 и 127/2016),

б) членовите 27, 29 и 30 од Правилникот за начинот на организирање и спроведување на екстерното проверување на учениците во средните училишта, начинот на формирање и работење на училишната комисија, тајноста на материјалот за екстерно проверување, начинот и постапката на проверување на тестовите од училишната комисија, како и формата и содржината на извештајот, бр.19-6289/1 од 30 август 2010 година, донесен од министерот за образование и наука („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010),

в) Правилникот за изменување на Правилникот за начинот на водењето, формата и содржината на педагошката евиденција и документација во средните училишта, бр.19-6291/1 од 30 август 2010 година, донесен од министерот за образование и наука („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010) и

г) членот 3 став 10 од Правилникот за формата, содржината и начинот на водењето на професионалното досие на наставникот и стручниот соработник во средното образование, бр.19-6292/1 од 30 август 2010 година, донесен од министерот за образование и наука („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010).

2. Група професори од Средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од актите означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се наведува дека оспорените акти биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија, па во врска со тоа се изнесуваат општи ставови како на пример дека не може да се оценува успехот на наставникот според успехот на друг-ученикот, или дека доколку постои субјективна намера на учениците, може да се елиминира наставникот од настава, да му се намали платата или да му престане работниот однос.

Потоа во иницијативата се наведува дека член 45 став 3 од Законот бил неуставен затоа што определувал тестовите за екстерно оценување да ги составува Државниот испитен центар наместо наставниците кои единствено изведуваат настава и кои ги составуваат тестовите за интерно проверување. Во однос на член 45-а став 4 од Законот се наведува дека не можело училиштето преку училишна комисија да организира, спроведува и да врши екстерно проверување на постигнатиот успех на учениците бидејќи само наставниците и стручните соработници вработени во училиштето изведуваат настава. За член 45-а став 7 од Законот се наведува дека екстерното проверување не можело да се врши со тестови кои ги изготвува Државниот испитен центар на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука затоа што на тој начин надворешни институции, трети лица и без претходно позната и пропишана испитна програма вршеле проверување на учениците наместо проверката да ја вршат нивните предметни наставници. Во однос на член 45-а став 11 од Законот, во иницијативата се наведува дека не можело резултатите од екстерното проверување да се запишуваат во свидетелството со оглед дека само наставничкиот совет може да ги потврди оценките за успехот на ученикот, а потоа раководителот на паралелката и директорот го потпишуваат документот со оценките за успехот, па не било јасно кој ја формира оценката од екстерното проверување. Членот 45-а, во делот во кој се предвидува дека ученикот кој е незадоволен од резултатите од тестот за екстерно оценување има право да поднесе приговор до училишната комисија, се оспорува затоа што предвидувањето право на приговор до училишната комисија било во спротивност со член 47 од Законот според кој ученикот кој е незадоволен од годишната оценка има право на приговор до наставничкиот совет, па било незаконито друг, училишна комисија да одлучува по приговорот при немање на правила за работа, начин на работа, обем на овластувања и видови на одлуки кои може да ги донесе.

Членот 27 од Правилникот за екстерно проверување на учениците во средните училишта се оспорува затоа што со него се предвидувало присуство на претставник на Државниот испитен центар при проверка и обработка на податоците добиени од екстерното проверување на учениците, иако тоа лице не ја изведувало наставата и не е вработено во училиштето, поради што таквата одредба не била во согласност со Законот. Во врска со член 29 од наведениот правилник, подносителите на иницијативата сметаат дека не можело скалата на бодовите за оценување на резултатите од екстерната проверка да ја утврдува Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука ако училишната комисија го спроведува екстерното оценување. За член 30 од наведениот правилник се смета дека таа одредба била во спротивност со член 29 од истиот правилник со оглед дека определувала училишната комисија, која треба да работи по нејасни и неутврдени правила, да го доставува извештајот до Државниот испитен центар наместо до наставничкиот совет.

Правилникот за изменување на Правилникот за педагошката евиденција и документација во средните училишта се оспорува затоа што предвидувал двојство на оцени, едните кои ги дава предметниот наставник, другите, тоа се оние кои одат на екстерна проверка, ги потпишуваат раководителот на паралелката и директорот на училиштето иако тие не ги составиле тестовите, ниту ги оценувале резултатите.

Членот 3 став 10 од Правилникот за професионално досие на наставникот и стручниот соработник во средното училиште се оспорува затоа што со него се определувало наставникот да биде оценуван и вреднуван според постигнувањата на малолетници и деца, а не според личниот успех и залагање, со што тие биле ставени во нееднаква положба пред законот во однос на другите граѓани. Недопуштено било работното место на наставникот да зависи од расположението, знаењето, моменталната состојба на детето за време на тестот, неговото информатичко познавање, душевната и особено емотивната состојба на ученикот за време на тестот. Тестот бил за оценување на успехот на ученикот, а не за оценување на успехот на наставникот, и со него преку зададени 30 прашања, кои не биле транспарентни и не биле познати нивните одговори ниту била позната испитната програма, не можело трајно да се одредува иднината на децата и на наставниците.

3. Судот на седницата утврди дека:
– членот 45 став 3 од Законот е воведен во правниот поредок со Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование-член 1 („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2008). Во него беше предвидено дека „Екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците на крајот на секоја учебна година се спроведува врз основа на стандардизирани тестови изготвени од Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, а го организира и спроведува Министерството и Државниот просветен инспекторат.“

Со Одлука У.бр.226/2008, донесена од Уставниот суд на 1 јули 2009 година, укинат е членот 45 став 3, во делот: „а го организира и спроведува Министерството и Државниот просветен инспекторат“ од Законот.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование-член 12 („Службен весник на Република Македонија“ бр.33/2010), остатокот од ставот 3 на член 45 од Законот е избришан.

Другите измени и дополнувања на Законот направени пред и по поднесувањето на иницијативата не предвидуваат постоење на член 45 став 3 од Законот.

Според тоа, Судот утврди дека членот 45 став 3 од Законот за средното образование не постои во правниот поредок на Република Македонија од 2010 година односно пред поднесувањето на иницијативата. Поради тоа, Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување по овој дел од иницијативата и дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата.

– Судот понатаму утврди дека оспорениот член 45-а ставовите 4, 7 и 11 од Законот е воведен во правниот поредок со Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование-член 13 („Службен весник на Република Македонија“ бр.33/2010). Членот 45-а имаше 13 става.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование-член 6 („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2012), донесен пред поднесувањето на иницијативата, изменет е член 45-а во целина, при што во став 4 се определува дека „екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците го организира и спроведува училиштето преку училишна комисија“, во став 7 се определува дека „екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши со тестови кои ги изготвува Државниот испитен центар, на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука“ и во став 11 се определува дека „резултатите од екстерното проверување на постигањето на успехот на учениците од ставот 8 на овој член училиштето ги запишува во свидетелството за завршена година на образование и истите влијаат врз општиот успех на ученикот.“ Со овие промени, членот 45-а имаше 15 става.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование-член 3 („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/2014 од 10 септември 2014 година ), донесен по поднесувањето на иницијативата, изменета е целината на член 45-а од Законот, но оспорениот став 4 останува став 4 со иста содржина како пред промените, односно дека „екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците го организира и спроведува училиштето преку училишна комисија“. Оспорениот став 7 станува став 13 со иста содржина како пред промените, односно дека „екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците се врши со тестови кои ги изготвува Државниот испитен центар, на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука“. Оспорениот став 11, пак, станува став 17 со незнатна промена на содржината, односно дека „резултатите од екстерното проверување на постигањето на успехот на учениците од ставот 14 (наместо ставот 8) на овој член училиштето ги запишува во свидетелството за завршена година на образование и истите влијаат врз општиот успех на ученикот.“ Со овие измени и дополнувања на Законот, членот 45-а имаше 22 става.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование-член 6 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 127/2016 од 11 јули 2016 година), извршени се нови промени во член 45-а од Законот, при што ставовите 4 и 13 не се изменети во нивната содржина, а ставот 17 станува став 21, изменет е и сега гласи: „резултатите од екстерното проверување на постигањето на успехот на учениците од ставот 14 на овој член училиштето ги запишува во додатокот на свидетелството за завршена година на образование.“ Освен тоа, со овие измени и дополнувања на Законот, членот 45-а има 27 става.

Од изнесеното произлегува дека (1) содржината на оспорениот член 45-а став 4 не е изменета од онаа што е оспорена со иницијативата, дека (2) содржината на оспорениот член 45-а став 7 исто така не е изменета од онаа што е оспорена со иницијативата, освен што е пренесена во член 45-а став 13 и дека (3) содржината на оспорениот член 45-а став 11 е изменета на тој начин што сега се определува, прво, дека резултатите од екстерното проверување се запишуваат во додатокот на свидетелството за завршена година на образование, не во свидетелството, и второ, тие резултати не влијаат врз општиот успех на ученикот, а освен тоа оваа одредба е сега член 45-а став 21 од Законот.

Имајќи ги предвид измените во оспорениот член 45-а став 11 од Законот и нивното влијание на оспорениот член 45-а ставовите 4 и 7, како и другите промени во член 45-а од Законот што исто така влијае на изменета фактичка состојба, Судот утврди дека за сегашните одредби од членот 45-а ставовите 4, 13 и 21 на Законот постојат процесни пречки да се оценуваат од аспектите покренати со иницијативата, поради што оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 на Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата.

– Судот исто така утврди дека, во однос на членот 45-а оспорен во делот во кој се предвидува дека ученикот кој е незадоволен од резултатите од тестот за екстерно оценување да има право да поднесе приговор до училишната комисија, фактичката состојба е таква што членот 45-а не содржел (ниту во Законот со кој е воведен тој член-„Службен весник на Република Македонија“ бр.33/2010, ни во промените на тој член од Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2012 и во бр.135/2014), а ни сега не содржи (во промените на тој член објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.127/2016) таква одредба. Поради тоа, Судот утврди дека постојат процесни пречки за постапување и по тој дел од иницијативата односно оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата.

4. Во однос на Правилникот за начинот на организирање и спроведување на екстерното проверување на учениците во средните училишта, … и неговите оспорени членови 27, 29 и 30 („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010), Судот утврди дека тој правилник и оспорените одредби престанаа да важат со член 20 од Правилникот за начинот на формирање и работење на училишната комисија, тајноста на материјалот за екстерно проверување, начинот на проверување на тестовите од училишната комисија, како и формата и содржината на извештајот од екстерното проверување на учениците во средните училишта, бр.19-7906/3 од 22 април 2013 година, донесен од министерот за образование и наука („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2013).

Со оглед дека Правилникот не е дел од правниот поредок, и тоа пред поднесувањето на иницијативата, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување и по тој дел од иницијативата, па оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 на Деловникот на Судот, за отфрлање и на тој дел од иницијативата.

5. Во врска со Правилникот за изменување на Правилникот за начинот на водењето, формата и содржината на педагошката евиденција и документација во средните училишта, бр.19-6291/1 од 30 август 2010 година, донесен од министерот за образование и наука („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010), Судот исто така утврди дека престана да важи, со Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на водењето, формата и содржината на педагошката евиденција и документација во средните училишта, бр.19-7896/2 од 16 октомври 2012 година, донесен од министерот за образование и наука („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2012).

Според тоа, и овој правилник не е дел од правниот поредок пред поднесувањето на иницијативата, па Судот утврди дека постојат процесни пречки односно дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 на Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата.

6. Во однос на Правилникот за професионалното досие на наставникот и стручниот соработник во средното образование, Судот утврди дека во членот 3 став 10 се наведуваат податоците предвидени во Законот кои се запишуваат во персоналното досие на наставникот на страниците 20, 21, 22, 23, 24, 25 и дека таа одредба не содржи определба дека наставникот се оценува и вреднува според постигнувањата на учениците или дека работното место на наставникот зависело од знаењето и емотивната состојба на ученикот за време на тестот, како што се наведува во иницијативата.

Според тоа, Судот утврди дека оспорената одредба од овој правилник не може да се оценува од аспектот изнесен во иницијативата, поради што и за ова прашање Судот оцени дека постојат процесни пречки за негово одлучување.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.82/2013
27 декември 2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски