У.бр.79/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 27 декември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 36-а и член 42-г од Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” број 32/2001, 50/2001, 45/2002, 98/2002, 24/2003, 96/2004, 38/2005, 88/2008, 105/2009, 34/2010, 24/2011, 55/2011, 135/2011, 82/2013, 43/2014, 167/2014, 188/2014, 129/2015, 154/2015, 192/2015 и 23/2016).

2. Борис Скандев од Кавадарци, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член 36-а и оспорениот член 42-г од Законот за акцизите, не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 9, член 33, член 52 и член 55 од Уставот, поради следното:

Одредбите од ставот 1 на оспорениот член 36-а и ставот 1 на оспорениот член 42-г од Законот, биле нејасни, непрецизни и непотполни одредби, затоа што од истите јасно не произлегувало во кои акцизни складови и простории, производителите и увозниците на алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра, требало да извршат попис на затечени залихи на меѓупроизводи и етил алкохол и на тутунски добра.

Оспорените законски одредби ги ставале производителите и увозниците на алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра во нееднаква правна положба во однос на производителите и увозниците на минерални масла и на патнички автомобили, бидејќи во случај на зголемување на акциза, законодавецот не уредил обврска за попис на затечени залихи во складови и простории и за производителите и увозниците на минерални масла и на патнички автомобили.

Од истите причини и одредбите од став 2 на оспорениот член 36-а и став 2 на оспорениот член 42-г од Законот, не биле уставно издржани, бидејќи обврската за правење на попис во случај на зголемување на акцизата, не била уредена и за овластените дистрибутери на производителите и увозниците на минерални масла и на патнички автомобили. Исто така, правната нееднаквост не се согледувала само помеѓу овластените дистрибутери на производителите и увозниците на алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра, од една страна и овластените дистрибутери на производителите и увозниците на минерални масла и на патнички автомобили од друга страна, туку и помеѓу лицата кои имале склучено договор за дистрибуција со производителите и увозниците на алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра, од една страна и лицата кои воопшто немале склучено договор за дистрибуција со производителите и увозниците на алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра, од друга страна.

Одредбите од ставот 3 содржани во оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, исто така биле нејасни, непрецизни норми, бидејќи поради нејасното формулирање на одредбите содржани во став 1 на оспорените членови од Законот (во поглед на складовите и просториите каде субјектите биле обврзани да прават попис на затечени залихи од акцизни производи), конкретно поради употребата на сврзникот “или”, тоа значело можност за избор на едно решение од повеќе можни решенија, односно повеќе можни алтернативи: “…во акцизни складови или складови на увозникот или во други нивни простории…”., а со таквата употребена формулација било невозможно да се утврди вкупно затечената залиха на наведените акцизни добра од страна на акцизните обврзници, како и нејзиното пресметување.

Со нејасното дефинирање на постапката за утврдување на даночна обврска, законодавецот ставал една категорија на лица во полоша позиција од онаа која тие ја заслужувале, односно законодавецот со ваквите нејасни и недоволно објаснети одредби правел различен третман помеѓу правни лица што со Уставот не било дозволено. Со други зборови се наметнувала обврска за наведените акцизни обврзници да достават барање за доплата на данок-акциза, доколку данокот-акцизата на вкупната затечена залиха на даночни добра алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра, е поголем од платениот данок за подигнатите контролни марки, а притоа се наметнувала и обврска на акцизните обврзници при таа пресметка да ги вклучат и залихите на овластените дистрибутери на тие добра.

Подносителот на иницијативата смета дека интенцијата на законодавецот била овој данок да го поистовети со данокот на додадена вредност како општ данок на потрошувачка, кој се плаќал во сите фази на производството и трговијата, како и целокупниот услужен сектор. Поради таквото уредување содржано во став 3 на оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, се поставувало прашањето што ќе се случело со доплатата на другиот данок на потрошувачка-данокот на додадена вредност (ДДВ), бидејќи доколку надлежниот даночен орган Царинската управа на Република Македонија бара доплата на акциза како индиректен данок на потрошувачка, дали и надлежниот даночен орган Управата за јавни приходи, ќе барал и доплата на данок на додадена вредност како општ данок на потрошувачка.

Пропишаната одредба од став 3 на оспорените членови од Законот за достава на барање за доплата на акциза, била неодржлива од уставно-правен аспект затоа што со барањето за доплата на данок-акциза, всушност на наведените акцизни обврзници им се наметнувала даночна обврска за пресметка и плаќање на данок-акциза која тие веќе ја имале подмирено со аконтативното плаќање на контролните марки. Тоа значело дека даночните обврзници-производителот и увозникот на акцизни добра-алкохол и алкохолни пијалоци и производителот и увозникот на акцизни добра-тутунски добра, се ставале во нееднаква правна положба во однос на акцизните обврзници за акцизните добра-минерални масла и патнички автомобили, а со тоа ќе се намалела сопственоста на лицата акцизни обврзници за акцизните добра-алкохол и алкохолни пијалоци и тутунски добра, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 7, член 9, член 33, член 52 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

Исто така и одредбите од став 4 на оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, не биле во согласност со Уставот, бидејќи со барањето за доплата на данок-акциза, при зголемување на акцизата, на акцизните обврзници-производителот и увозникот на акцизни добра алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра, всушност повторно им се наметнувала даночна обврска за пресметка и плаќање на данок-акциза на залихите на акцизните добра, а која тие веќе ја имале подмирено и платено со аконтативно плаќање на контролни марки, со што ја исполниле својата даночна обврска согласно член 23 од Законот за даночната постапка кој уредувал дека даночен долг престанувал со плаќање на даночен износ, како и со пребивање на даночни побарувања и даночни долгови на ист даночен обврзник, присилна наплата на даночен долг и застарување на даночен долг.

Со оглед дека одредбите од став 4 на оспорените членови од Законот, за производителите и увозниците на акцизните добра-алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра, наметнувале даночна обврска за пресметка и плаќање на данок-акциза, и тоа не само на залихите на акцизни добра во своите складови и простории, туку и на залихите од акцизни добра кои нивните овластени дистрибутери ги имале во нивните складови и простории, производителот и увозникот на алкохол и алкохолни пијалоци и производителот и увозникот на тутунски добра, се ставале во нееднаква правна положба во однос на акцизните обврзници за акцизни добра минерални масла и патнички автомобили и ќе се намалела сопственоста на акцизните обврзници-производителите и увозниците на акцизните добра-алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 9, член 33, член 52 и член 55 од Уставот.

Одредбите содржани во став 5 на оспорениот член 36-а и оспорениот член 42-г од Законот, исто така биле нејасни, непрецизни и непотполни норми, за што подносителот со иницијативата ги наведува истите причини за нивната противуставност како и погоре. Во конкретниот случај, уредувањето дека даночниот орган-Царинската управа донесува решение за доплата на данок-акциза, значело повторно наметнување на даночна обврска за плаќање на данок кој претходно бил аконтативно платен со користење на контролни марки, со што се наметнувало прашањето дали добра кои подлежат на данок и за кои еднаш настанала даночна обврска, односно истите се веќе оданочени, можат повторно да се оданочат?

Одредбите од ставот 6 на оспорениот член 36-а и оспорениот 42-г од Законот, исто така биле нејасни, непрецизни, непотполни законски одредби, затоа што во овој закон се наметнувала даночна обврска на лице овластен дистрибутер да ја надомести разликата на данокот-акциза на производителот и увозникот на алкохол и алкохолни пијалоци и тутунски добра за залихата на акцизни добра што е во неговите складови и простории, како и во складови и просториите на со него поврзани друштва. Со наведената одредба се наложувало на лицето овластен дистрибутер да пресмета и плати данок-акциза на друго правно лице, а не на надлежен даночен орган, односно на пропишани уплатни сметки за јавни приходи.

Подносителот го оспорува наведеното уредување, бидејќи тоа значело плаќање на данок-акциза кон лице кое не е државна администрација ниту друго јавно правно тело. Затоа, законодавецот не можел да утврди обврска за плаќање на данок кон приватно правно лице (компанија), чии што услуги биле од чисто комерцијална природа. Ваквата наплата од страна на приватно лице (компанија) претставувал приход на истата организација која всушност ги наплатува. Овластени дистрибутери на алкохол и алкохолни пијалоци и тутунски добра, не поседувале акцизни дозволи и согласно Законот за акцизи, овие дистрибутери, не биле акцизни должници, а не биле ниту даночни посредници, односно банки ниту носители на платен промет.

Со одредбите од став 2 на оспорениот член 36-а и оспорениот член 42-г од Законот, овластените дистрибутери се задолжувале да направат попис на затечени залихи на алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра во своите складови, како и во складовите на со нив поврзани лица и да достават записници до Царинската управа на Република Македонија и до производителите и увозниците на алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра. Тоа значело дека лицата овластени дистрибутери биле задолжени да дадат информација за залихите на акцизните добра алкохол и алкохолни пијалоци и тутунски добра до надлежниот даночен орган Царинската управа на Република Македонија и до производителите на алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра. Согласно член 4 од Законот за даночна постапка, даночен обврзник не бил оној кој што требало да дава информации, да приложува документи, да предаде проценка или да дозволи пристап до имот и/или деловни простории во врска со даночна обврска на трето лице. Оттука подносителот на иницијативата смета дека лицата овластени дистрибутери на алкохол и алкохолни пијалоци и тутунски добра, не требало да плаќаат данок-акциза, односно да надоместат износ на данок за количините на акцизни добра во нивните складови, а уште помалку да го надоместат износот и на данокот-акцизата на залихите кои се наоѓаат во складовите на со нив поврзани лица.

Со обврската на лицата овластени дистрибутери на алкохол и алкохолни пијалоци и тутунски добра за надоместување на данок-акциза на производителите и увозниците на алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра од став 6 на оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, законодавецот ги ставил во нерамноправна положба на пазарот дистрибутерите на алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра, во однос на други лица, кои не склучиле договор за дистрибуција со производителите и увозниците на алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра, како и во однос на дистрибутерите на производителите и увозниците на минерални масла и на патнички автомобили, кои немале ваква даночна обврска при зголемување на данокот-акцизата, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 9, член 33, член 52 и член 55 од Уставот.

Одредбите од став 7 на оспорениот член 36-а и на оспорениот член 42-г од Законот, биле нејасни, непрецизни, непотполни норми, затоа што терминот поврзано лице се дефинирал на погрешен и неправилен начин и во целост бил спротивен на одредбите од Законот за трговски друштва.

Од погоре наведените причини, со иницијативата се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот како несогласни со одредбите на Уставот, како и се предлага времена мерка со која ќе се прекине примената на истите, до донесување на конечна одлука.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 36-а од Законот, во случај на зголемување на акцизата производителот и увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол се должни на денот на почетокот на примена на истата, да направат попис на затечени залихи на меѓупроизводи и етил алкохол во акцизни складови или складови на увозникот или во други нивни простории кои се обележани со контролни марки, без контролни марки и затечените залихи на подигнати контролни марки и да подготват записник за извршениот попис (став 1).

Во случаите од ставот 1 на овој член секој овластен дистрибутер на производителот и увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол е должен на денот на почетокот на примената на зголемената акциза за меѓупроизводи и етил алкохол да направи попис на затечени залихи на меѓупроизводи и етил алкохол во своите складови и во други свои простори како и во складови и простории на со нив поврзани друштва и да подготви и достави записник од извршен попис до Царинската управа и до производителот или увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол не подоцна од два работни дена од денот на извршениот попис (став 2).

Производителот и увозникот се должни да ја пресметаат зголемената акциза на вкупната затечена залиха од ставовите 1 и 2 на овој член и да достават барање за доплата на акциза заедно со направената пресметка и записници, доколку акцизата на денот на извршениот попис е поголема од платената акциза за подигнатите контролни марки (став 3).

Барањето за доплата на акциза заедно со пресметката и записниците од ставовите 1 и 2 на овој член се поднесуваат до Царинската управа не подоцна од пет работни дена од денот на извршениот попис (став 4).

Врз основа на доставеното барање од ставот 4 на овој член, Царинската управа донесува решение за доплата на разликата меѓу платената акциза и зголемената акциза при промена на акциза (став 5).

Овластениот дистрибутер е должен да му ја надомести разликата во акцизата на производителот и увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол за залихата од ставот 2 на овој член, што е во неговите складови и во други свои простори, како и во складовите и просторите на со него поврзани друштва, при нејзината промена во рок од 30 дена од денот на извршениот попис (став 6).

Поврзано друштво за целите на ставот 2 на овој член е правно лице со регистрирано седиште во Република Македонија кое е поврзано друштво во смисла на одредбите од Законот за трговските друштва со дистрибутерот на меѓупроизводи и етил алкохол и кое е овластено да врши трговија на големо со меѓупроизводи и етил алкохол во согласност со закон (став 7).

Формата и содржината на барањето од ставот (4) на овој член ги пропишува министерот за финансии (став 8).

Царинската управа одлучува по барањето од ставот (5) на овој член во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето (9).

Според оспорениот член 42-г од Законот, во случај на зголемување на акцизата и зголемување на малопродажната цена, производителот и увозникот на тутунски добра се должни на денот на почетокот на примена на истата, да направат попис на затечени залихи на тутунски добра и тоа обележани со контролни марки, без контролни марки и затечените залихи на подигнати контролни марки во акцизни складови или складови на увозникот или во други нивни простории и да подготват записник за извршениот попис (став 1).

Во случаите од ставот 1 на овој член секој овластен дистрибутер на производителот и увозникот на тутунски добра е должен на денот на почетокот на примената на зголемената акциза за тутунски добра и на денот на почетокот на примената на зголемената малопродажна цена да направи попис на затечени залихи на тутунски добра во своите складови и во други свои простори, како и во складовите и просторите на со нив поврзани друштва и да подготви и да достави записник од извршен попис до Царинската управа и до производителот или увозникот на тутунски добра, не подоцна од два работни дена од денот на извршениот попис (став 2).

Производителот и увозникот се должни да ја пресметаат зголемената акциза на вкупната затечена залиха од ставовите 1 и 2 на овој член и да достават барање за доплата на акциза заедно со направената пресметка и записници, доколку акцизата на денот на извршениот попис е поголема од платената акциза за подигнатите контролни марки (став 3).

Барањето за доплата, при промена на акциза или при промена на малопродажна цена, заедно со пресметката и записниците од ставовите 1 и 2 на овој член се поднесуваат до Царинската управа не подоцна од пет работни дена од денот на извршениот попис (став 4).

Врз основа на доставеното барање од ставот 4 на овој член, Царинската управа донесува решение за доплата на разликата меѓу платената акциза и зголемената акциза при промена на акциза или промена на малопродажна цена (став 5).

Овластениот дистрибутер е должен да му ја надомести разликата во акцизата на производителот и увозникот на тутунски добра за залихата од ставот 2 на овој член, што е во неговите складови и во други свои простори, како и во складовите и просторите на со него поврзани друштва, при нејзината промена во рок од 30 дена од денот на извршениот попис (став 6).

Поврзано друштво за целите на ставот 2 на овој член е правно лице со регистрирано седиште во Република Македонија кое е поврзано друштво во смисла на одредбите од Законот за трговските друштва со дистрибутерот на тутунски добра и кое е овластено да врши трговија на големо со тутунски добра во согласност со закон (став 7).

Формата и содржината на барањето од ставот 4 на овој член ги пропишува министерот за финансии (став 8).

Царинската управа одлучува по барањето од ставот 5 на овој член во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето (став 9).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 33 од Уставот се уредува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 1 од Законот за акцизите, со овој закон се уредуваат акцизите кои се наплаќаат посредно или непосредно за потрошувачка на територијата на Република Македонија (во натамошниот текст: акцизна територија), на:

-минерални масла,
-алкохол и алкохолни пијалаци,
-тутунски добра и
-патнички автомобили.

Оспорениот членот 36-а и оспорениот член 42-г од Законот за акцизите, се содржини добиени со измените и дополувањата на Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” број 23/2016), каде со член 11 се воведува нов член 36-а во Законот, а со член 14 се менува постојната содржина на член 42-г од Законот за акцизите.

Од содржината на оспорените членови од Законот, произлегува дека тие во суштина имаат исто уредување кое е поврзано со случаите на зголемување на акцизите за акцизните добра алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра, заради кое зголемување законодавецот уредил обврски за вршителите на дејности чии активности се поврзани со производство, увоз и дистрибуција на меѓупроизводи и етил алкохол (член 36-а од Законот), односно производство, увоз и дистрибуција на тутунските добра (член 42-г од Законот), кои се состојат во попис на залихите од акцизните добра кои се затечени во складови и простории на денот на почетокот на примена на зголемената акциза, со цел да се се утврди разлика меѓу платена акциза и зголемена акциза и изврши доплата на утврдената разлика во акцизи.

Подносителот со иницијативата ги оспорува членовите 36-а и 42-г од Законот за акцизите, конкретно ги оспорува обврските, кои ваквите вршители на дејности, се должни да ги преземат и спроведат согласно оспорените законски членови во случај на зголемување на акцизата за акцизното добро поврзано со нивната дејност, бидејќи смета дека оспорените законски решенија не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 33, член 52 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

Со иницијативата се оспорува и целината на Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” број 23/2016), кој содржи вкупно 27 членови, но имајќи предвид дека подносителот само го наведува Законот како оспорен, без никаква понатамошна елаборација на останатите одредби содржани во Законот, освен за членовите 36-а и 42-г од Законот, Судот како оспорени ги зеде во предвид само член 11 од измените на Законот, со кој се врши уредување на нов член 36-а во Законот, како и на член 14 од измените на Законот, со кој се менува постојниот член 42-г од Законот, односно членовите 36-а и 42-г од интегралниот текст на Законот.

Во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите, а и во доставеното мислење од предлагачот на Законот, се појаснува основната интенција на законодавецот за пропишување на новиот член 36-а во Законот за акцизите, односно менување на постојниот член 42-г од Законот, односно дека оспорените законски решенија се уредени во насока на спречување на можноста за создавање на шпекулативни залихи на тутунски добра, односно за да се спречи одбегнување на плаќање на акциза преку создавање на големи количини залихи на акцизни добра, пред да настапи зголемување на акцизната стапка или да се промени малопродажната цена и создавање на шпекулативни залихи на меѓупроизводи и етил алкохол при промена на износот на акцизата, односно во насока и на спречување производителите и увозниците на тутунски добра да алоцираат поголеми количини на добра кон нивните овластени дистрибутери и на со нив поврзани друштва без да ја платат разликата во износот на даночниот долг.

Отсуството на вакви одредби во Законот, создавало потенцијална можност на производителите, односно увозниците до нивните овластени дистрибутери да испорачаат големи количини на алкохол и алкохолни пијалоци и на тутунски добра за кои е пресметана пониска акциза, со што би се оневозможила наплатата на даночните приходи преку кои се финансираат јавните расходи. Воедно, оспорените членови имале улога на заштита на пазарот, неговата стабилност и спречување на нелојалната конкуренција, односно влијаеле на создавањето на еднакви услови за вршење на дејноста без разлика на економската моќ на субјектите.

За подносителот на иницијативата, уредувањето во оспорените членови 36-а и 42-г од Законот за акцизите, било спротивно на уставниот принцип на владеењето на правото, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, обврската за плаќање на јавна давачка и учеството во намирувањето на јавните расходи, како и уставните одредби со кои се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот и мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Повредата на уставниот принцип на владеењето на правото, произлегувало од нејасното, непрецизно и непотполно уредување на содржината на сите одредби содржани во оспорените членови 36-а и 42-г од Законот за акцизите, со посочување дека нејасното, непрецизно и непотполно уредување во став 1 на оспорените членови од Законот, влијаело на јасноста и прецизноста и на останатите одредби содржани во оспорените членови од Законот.

Конкретно, со формулацијата во став 1 на оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, односно со употребата на сврзникот “или”, јасно не произлегувало во кои акцизни складови и простории, производителите и увозниците на алкохол и алкохолни пијалоци, односно на тутунски добра, требало да извршат попис на затечени залихи, што создавало правна несигурност за субјектите во спроведувањето на обврската, а се доведувала во прашање и уставноста на одредбата од став 3 на оспорениот член 36-а Законот и став 3 на оспорениот член 42-г од Законот, односно до нејаснотии и во однос на начинот на пресметување на вкупно затечените залихи, од кои причини било невозможно да се утврди вкупно затечената залиха на наведените акцизни добра.

Од анализата на содржината на одредбите од став 1 на оспорените членови од Законот, според Судот, не произлегуваат нејаснотии во однос на местата каде обврзаните субјекти се должни да извршат попис на затечени залихи од акцизните добра кои тие ги складирале.

Од целината на содржината на оспорените членови од Законот, како и од целта на нивното уредување, произлегува дека употребената формулација “или”, не е уредена во смисла на дејства кои алтернативно треба да бидат преземени, односно дејства кои се исклучуваат, туку во смисла на дејства кои не се исклучуваат, имајќи предвид дека суштината на уредувањето на оспорените членови од Законот, е да се утврдат вкупно затечените количини на залихи од предметните акцизни добра и тоа на секое место каде тие се наоѓаат, што значи пописот се прави на секое место каде постојат залихи на денот на почетокот на примена на зголемената акциза, а не само на некои места по избор на производителот и увозникот, како што смета подносителот дека можело да се подразбере. Ова дотолку повеќе што Законот (во член 2 точка в) ги дефинирал одделните поими употребени во овој закон, меѓу кои и дефинирал што означува поимот акцизен склад, односно дека тоа е секое место, на кое под услови утврдени со овој закон, во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг од страна на имател на акцизна дозвола се произведува, складира, прима или испраќа добро подлежно на акциза, од кои причини Судот оцени дека не може да се доведе во прашање уставноста на предметните законски одредби од аспект на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Уредената законска обврска за спроведување на попис на затечени залихи на акцизни добра во складови и простории од страна на субјектите наведени во ставовите 1 и 2 од оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, која подносителот на иницијативата ја оспорува како неуставна, се однесува на случаите кога настанува зголемување на акцизата. Меѓутоа тука треба да се има во предвид дека согласно Законот, имателите на акцизни дозволи се во обврска за евиденција и попис на акцизни добра, не само во случај на зголемување на акциза, туку во континуитет за определени временски периоди. Така со член 9 став 1 точки 1), 2) и 3) од Законот се уредени обврските на имателите на акцизните дозволи, меѓу кои: да води евиденции на залихи на акцизни добра по видови и количества и евиденции за движењето на акцизните добра за секој акцизен склад и до Царинската управа да доставува тримесечен попис на залихи, а и во секој случај, обврска за попис, а во функција на спроведување на евиденциска активност, имателите на акцизна дозвола обврската за попис ја имаат и согласно член 52 (евиденциски обврски) од Законот за акцизите.
Според подносителот на иницијативата, оспорените членови 36-а и 42-г од Законот биле спротивни на членот 9 од Уставот, содржан во дел II од Уставот, кој е посветен на основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Во конкретниот случај, од содржината на одредбите од став 1 и став 2 на оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, вклучително и останатите нивни одредби, не произлегува уредување на права и обврски за граѓани, па оттука оспорените законски членови не може да се разгледуваат од аспект на членот 9 од Уставот, со кој се прокламира еднаквоста на граѓаните на Република Македонија пред Уставот и законите во практикувањето на нивните слободи и права независно од нивната припадност на пол, раса, боја на кожата, националното и социјалното потекло, како и независно од нивното политичко и верско уверување, имотната и општествена положба.

Од анализата на одредбите содржани во став 1 и 2 на оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, вклучително и останатите нивни одредби, по оцена на Судот, исто така не произлегува содржина со која се повредува уставната гаранција на слободата на пазарот и претприемништвото, еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, или содржина која предизвикува монополска положба и монополското однесување на субјектите на пазарот, поради следното:

Според член 1 од Законот за акцизите, со овој закон се уредуваат акцизите кои се наплаќаат посредно или непосредно за потрошувачка на територијата на Република Македонија (во натамошниот текст: акцизна територија), на:

-минерални масла,
-алкохол и алкохолни пијалаци,
-тутунски добра и
-патнички автомобили.

Оттука, според Законот за акцизите, на акциза подлежат:

-сите видови на минерални масла кои се утврдени со Законот за акцизи, кои се наброени по одделни тарифни броеви и подброеви, за кои се утврдени проценти и апсолутни износи за плаќање на акцизата, како и ослободувањето по таа основа;

-сите видови на алкохол и алкохолни пијалоци кои се утврдени со Законот за акцизи;

-сите видови на тутунски добра кои се утврдени со Законот за акцизи, кои се наброени по одделни тарифни броеви и подброеви, за кои се утврдени процентите и апсолутните износи за плаќање на акцизата, комбинираната акциза, како и ослободувањата по таа основа и

-сите видови на патнички автомобили кои се утврдени со Законот за акцизи, кои се набројани по одделни тарифни броеви и подброеви, за кои се утврдени процентите и апсолутните износи за плаќање на акцизата, специфичната акциза како и ослободувањата по оваа основа.

Од погоре наведеното произлегува дека согласно Законот за акцизите, акцизите се групираат според видот на производот на кој се однесуваат, односно за производот за кој се наплатуваат, а следствено на групирањето на акцизите со Законот, се врши групирање и на вршителите на дејности во категории на субјекти во зависност од видот на акцизното добро со кое нивната дејност е поврзана, што наметнува посебни правила за вршителите на дејности поврзани со конкретна акцизна стока. Конкретно за секоја од овие посебни групи на акцизни добра, законодавецот за вршителите на дејност чии активности се поврзани со конкретното акцизно добро, пропишал посебни правила за утврдување и наплата на акциза, односно посебни специфики во начинот на плаќање на акцизите, висината на акцизата, а и други правила и инструменти за кои законодавецот ќе оцени за потребно да ги уреди во Законот, во насока на зајакнување, заштита и обезбедување на целта заради која се плаќа данокот-акцизата за акцизните добра, кои се наречени и специфични добра, пред сe поради нивните посебни карактеристики (луксузни производи, штетни производи, нивниот ограничен број и слично).

Во оваа смисла, карактеристично за акцизните добра алкохол и алкохолни пијалоци и тутунските добра, е начинот на плаќање на акцизата за овие акцизни добра, а тоа е со користење на контролни маркички.

Имајќи предвид дека акцизните обврзници опфатени со Законот, припаѓаат на различна категорија на субјекти, односно станува збор за субјекти како вршители на дејности чии активности се поврзани со различни акцизни добра, а уставниот принцип на еднаквост наложува еднакво постапување со еднаквите, односно со правни или физички лица кои се во иста правна ситуација, да се постапува на ист начин, а со субјекти кои се во различна правна ситуација на различен начин, од анализата на ставовите 1 и 2 на оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, не произлегува уредување на обврски за субјектите опфатени во наведените законски одредби кои ги става во нееднаква правна положба на пазарот, туку напротив, законодавецот водејќи сметка за наведениот уставен принцип, уредил исти обврски за субјектите кои припаѓаат на иста категорија на односи во правото, односно се наоѓаат во иста правна ситуација.

Во конкретниот случај во иста правна ситуација се субјектите од ставовите 1 и 2 на оспорениот член 36-а од Законот, а тоа се производителот, увозникот и нивните овластени дистрибутери, бидејќи нивната дејност е поврзана со иста категорија на акцизна стока, а тоа се алкохол и алкохолни пијалоци, а исто така во иста правна ситуација се субјектите од ставовите 1 и 2 на оспорениот член 42-г од Законот, а тоа се производителот, увозникот и нивните овластени дистрибутери, бидејќи нивната дејност е поврзана со иста категорија на акцизна стока, а тоа се тутунските добра.

Законодавецот оценил за потребно дополнително уредување на правила во Законот во однос на акцизните добра опфатени со оспорените членови од Законот, со цел спречување на тенденциозно и од користољубие создавање на залихи од предметните акцизни добра, заради брза и лесна добивка, односно да се спречи одбегнување на плаќање на акцизи преку создавање на големи количини на залихи на акцизни добра пред да настапи зголемување на акцизната стапка или промена на малопродажната цена на тутунските добра, односно преку создавање на големи количини на меѓупроизводи и етил алкохол при промена на износот на акцизата.

Така, со ставовите 1 и 2 на оспорениот член 36-а од Законот, законодавецот уредил подеднакви обврски во случај на зголемување на акциза за сите вршители на дејност чии активности се поврзани со меѓупроизводи и етил алкохол (производител на меѓупрозиводи и етил алкохол, увозник на меѓупрозиводи и етил алкохол и нивни овластени дистрибутери), а исто така и со ставовите 1 и 2 на оспорениот член 42-г од Законот, законодавецот уредил подеднакви обврски во случај на зголемување на акциза за сите вршители на дејност чии активности се поврзани со тутунски добра (производител на тутунски добра, увозник на тутунски добра и нивни овластени дистрибутери).

Имајќи предвид дека законодавецот ваквата обврска ја уредил подеднакво за сите кои произведуваат, увезуваат, односно дистрибуираат меѓупроизводи и етил алкохол, односно за сите кои производуваат, увезуваат, односно дистрибуираат тутунски добра, Судот оцени дека од аспект на наводите од иницијативата за воспоставен нееднаков и привилегирачки однос помеѓу субјектите на кои се повикува подносителот со иницијативата, не може да се постави прашањето за согласноста на одредбите од став 1 и 2 содржани во оспорените членови 36-а и 42-г од Законот со член 55 став 2 од Уставот.

Акцизата како индиректен данок на потрошувачка со кој се оданочува потрошувачката на едно или на неколку добра, е јавна давачка, меѓутоа во конкретниот случај од содржината на оспорените членови кои ги уредуваат ситуациите во случај на зголемување на акцизата, односно пропишаните обврски за постапување на конкретните субјекти во такви случаи, со крајна цел да се доплати разликата меѓу платената акциза и зголемената акциза, при промена на акцизата или промена на малопродажната цена, воопшто не ја повредува обврската за плаќање на даноци и јавни давачки од член 33 од Уставот.

Дополнително, неосновани се и наводите дека со оспорените членови од Законот, се кршела слободата на пазарот и претприемништвото. Од содржината на оспорените законски одредби не прозлегува попречување на функционирањето на деловните субјекти на пазарот и вршењето на нивните деловни активности, бидејќи со оспорените законски одредби не се забранува на било кој начин субјектите да вршат производство, увоз или дистрибуција за било кој вид на акцизни добра.

Од анализата на одредбите содржани во став 3, став 4 и став 5 на оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, произлегува дека производителот и увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол од оспорениот член 36-а од Законот, односно производителот и увозникот на тутунски добра од оспорениот член 42-г од Законот, се субјекти кои се обврзани да направат пресметка на зголемената акциза на вкупната затечена залиха од ставовите 1 и 2 на оспорените членови 36-а и 42-г од Законот (став 3 на оспорените членови 36-а и 42-г).

Упатувањето на ставовите 1 и 2 на оспорените законски членови, значи дека обврската за пресметка на зголемената акциза, не ја вклучува само залихата која производителите и увозниците ја затекнале во нивните складови и простории, туку ја вклучува и залихата чувана во складовите и просториите на овластените дистрибутери и на со нив поврзаните друштва, а која самите овластени дистрибутери претходно се во обврска да ја попишат согласно став 2 на оспорените законски членови.

Понатаму, производителот и увозникот како акцизни обврзници доставуваат барање за доплата на акциза до Царинската управа (став 4 на оспорените членови 36-а и 42-г), во кое барање, производителот и увозникот ја доставуваат пресметката која тие ја направиле, а и сите записници направени од обврзаните субјекти од ставовите 1 и 2 на оспорените членови 36-а и 42-г од Законот.

Царинската управа донесува решение за доплата на разликата меѓу платената акциза и зголемената акциза при промена на акциза (став 5 на оспорениот член 36-а од Законот), односно решение за доплата на разликата меѓу платената акциза и зголемената акциза при промена на акциза или промена на малопродажна цена (став 5 на оспорениот член 42-г од Законот).

Од погоре наведеното, јасно произлегува дека производителот и увозникот на акцизните добра од оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, како акцизни должници, вршат доплата на разликата меѓу платената акциза и зголемената акциза при промена на акцизата кај акцизните добра-меѓупроизводи и етил алкохол, односно доплата на разликата меѓу платената акциза и зголемената акциза при промена на акцизата или промена на малопродажната цена кај тутунските добра.

Според подносителот на иницијативата, уредената обврска за доплата на разлика меѓу платена акциза и зголемена акциза, не била уставна, со наводи дека со платена акциза за акцизно добро со користење на контролна маркичка, даночниот обврзник ја исполнил даночната обврска, така што според него, доколку во меѓувреме дојде до зголемувањето на акцизата за акцизното добро, тоа зголемување не можело да наметне повторно плаќање на акциза, а бидејќи тоа произлегувало од оспорените законски одредби се повредувале одредбите на Уставот, наведени во иницијативата.

Според Судот, во конкретниот случај не станува збор за повторно плаќање на веќе платен данок-акциза, туку за доплата на разлика на акциза за оној дел колку што изнесува разликата меѓу платената акциза и зголемената акциза при промена на акцизата за меѓупроизводите и етил алкохол од оспорениот член 36-а од Законот, односно за доплата на разлика на акциза за оној дел колку што изнесува разликата меѓу платената акциза и зголемената акциза при промена на акцизата или промена на малопродажната цена кај тутунските добра од оспорениот член 42-г од Законот.

Конкретно станува збор за доплата на разлика од претходно платената пониска акциза и повисоко утврдената акциза за наведените акцизни добра, а ваквата обврска за доплата на разлика во акцизи, има за цел реална наплата на акцизата, како специфичен вид на давачка и остварување на значајната улога на државата во регулирањето на економските токови во државата, што значи оспорените одредби претставуваат и заштитни мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Имајќи предвид дека зголемувањето на акцизата, се знае однапред, отсуството на одредби какви што се оспорените законски решенија, неспорно може да доведе до тенденциозно трупање на залихи од акцизни добра за кои е пресметана пониска акциза, односно можност од злоупотреба преку создавање на шпекулативни залихи на овие производи на пазарот, што негативно влијае на постигнувањето на предвидливоста на јавните приходи и стабилност на пазарот. Оттука, нивното уредување е битно заради одбегнување на потенцијална можност од тенденциозно чување на залихите заради брза и лесна добивка, односно за да се спречи евентуално одбегнување на плаќање на акцизи преку создавање на големи количини на залихи на акцизни добра пред да настапи зголемување на акцизната стапка или промена на малопродажната цена на тутунските добра, односно преку создавање на големи количини на меѓупроизводи и етил алкохол при промена на износот на акцизата.

Ова дотолку повеќе што во случај на зголемување на акцизата кое се знае однапред (како што е случајот со член 42-в ставови 5 и 6 од Законот), со кои е предвидено зголемување на специфичната и минималната акциза на секој 1 јули заклучно со 2023 година, постои опасност на трупање на залихи кај ексклузивниот дистрибутер и со него поврзани друштва со цел да се избегне плаќање на акциза по новиот износ, особено имајќи ги предвид ексклузивните договори на увозниците и производителите со дистрибутерите.

Во однос на наводите од подносителот на иницијативата дека интенцијата на законодавецот да ги пропише ваквите одредби од оспорените членови, била данокот-акциза да го поистовети со данокот на додадена вредност, според Судот, ваквите наводи се неиздржани. Наведеното од причини што, иако се работи за ист тип на даноци, односно за индиректни даноци кои на крај ги плаќа крајниот потрошувач, истите се со различен предмет на оданочување врз основа на кои се утврдува даночната основа како и со различни категории на обврзници.

Што се однесува до наводите изразени преку прашањето што ќе се случело и како понатаму ќе постапувале надлежни органи во случај на зголемување на акцизите на наведените акцизни добра, тоа е прашање кое навлегува во сферата на фактичката примена на уредените членови во Законот, за што се надлежни соодветните органи кои го применуваат Законот, а не Уставниот суд кој одлучува за согласноста на законите со Уставот, односно одлучува дали конкретно уредената содржина на неговите норми, повредуваат или не повредуваат одредени одредби од Уставот.

Според одредбите содржани во став 3, став 4 и став 5 на оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, законска обврска за производителот и увозникот е да извршат доплата на разлика во акциза и тоа не само за залихите кои биле затечени во нивните складови и простории, туку во доплатата е вклучена и разликата во акциза за залихите кои биле затечени во складовите и просториите на овластениот дистрибутер и на со нив поврзаните друштва. Тоа е така затоа што согласно Законот, производителот и увозникот се субјекти од кого може да се бара плаќање на акциза, а во случајот и доплата на акциза. Меѓутоа, законодавецот водел сметка за околноста дека станува збор за залихи кои тие (производителот и увозникот) не ги чувале, односно не биле затечени во нивните складови и простории, туку кај овластените дистрибутери и на со нив поврзаните друштва, така што со одредбите од став 6 на оспорените членови од Законот, уредил должност за овластените дистрибутери, на производителите и увозниците на акцизните добра од наведените оспорени законски членови, да им ја надоместат разликата во акцизата а за залихите кои биле чувани во складовите и просториите на овластените дистрибутери и на со него поврзаните друштва.

Имено, согласно став 6 на оспорениот член 36-а од Законот, овластениот дистрибутер е должен да му ја надомести разликата во акцизата на производителот и увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол за залихата од ставот 2 на овој член, што е во неговите складови и во други свои простори, како и во складовите и просторите на со него поврзани друштва, при нејзината промена во рок од 30 дена од денот на извршениот попис, а согласно став 6 на оспорениот член 42-г од Законот, овластениот дистрибутер е должен да му ја надомести разликата во акцизата на производителот и увозникот на тутунски добра за залихата од ставот 2 на овој член, што е во неговите складови и во други свои простори, како и во складовите и просторите на со него поврзани друштва, при нејзината промена во рок од 30 дена од денот на извршениот попис.

Погоре наведените законски решенија, со иницијативата се оспоруваат како неуставни, со наводи дека јасно се знаело кои субјекти биле даночни должници согласно закон, а во конкретниот случај, спротивно на законските правила во однос на легитимираните субјекти за плаќање на данок, со оспорените законски решенија од став 6 на оспорениот член 36-а и оспорениот член 42-г од Законот, се креирала обврска за плаќање на данок-акциза и за овластениот дистрибутер, иако тој не бил даночен должник, туку производителот и увозникот на акцизни добра.

Според Судот од аспект на ваквите наводи не може да се доведат под уставно сомнение оспорените законски решенија содржани во став 6 на оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, поради следното:

Од уредените законски решенија, не произлегува содржина која го доведува во прашање легитимитетот на субјектите во однос на обврската за плаќање на данок, а со тоа и повреда на принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните во поглед правата и обврските кои произлегуваат од законските норми. Ова од причини што оспорените законски решенија воопшто не уредуваат обврска за овластениот дистрибутер да изврши доплата на разлика во акциза на Царинската управа, туку обврска тој да им го надомести на производителот и увозникот, износот како разлика во акциза за залихите кои тој ги чувал во неговите складови и простории, односно во складовите и простории на со него поврзаните друштва, а која разлика претходно ја платиле субјектите кои според закон се легитимирани за плаќање на данок-акциза, а тоа се производителот и увозникот на акцизни добра.

Значи обврската за надомест на разлика во акциза, не е упатена према Царинскиот орган, туку спрема производителот и увозникот, со оглед дека тие во барањето за доплатата на разлика во акциза до Царинската управа, ја вклучиле и пројавената разлика во акциза, а за залихите кои претходно ги попишал и е должен да ги попише овластениот дистрибутер согласно став 2 на оспорените членови од Законот, бидејќи се работи за залихи во негови складови и простории и на со него поврзаните друштва.

Според тоа, со наведените оспорени законски решенија, на овластениот дистрибутер, не му се дава субјективитет на даночен должник, туку на субјект кој треба да изврши регрес на износ кој друг го платил (производителот и увозникот), што според Судот, е логично и справедливо законско решение, имајќи во вид дека во доплатата која е на товар на производителот и увозникот, е пресметана и вклучена разликата во акциза како последица од состојба (трупање на залихи) предизвикана од дејствија на овластениот дистрибутер и на со него поврзаните друштва, конкретно залихи чувани во складови и простории кај овластениот дистрибутер и на со него поврзаните друштва.

Според став 7 на оспорениот член 36-а од Законот, поврзано друштво за целите на ставот 2 на овој член е правно лице со регистрирано седиште во Република Македонија кое е поврзано друштво во смисла на одредбите од Законот за трговските друштва со дистрибутерот на меѓупроизводи и етил алкохол и кое е овластено да врши трговија на големо со меѓупроизводи и етил алкохол во согласност со закон, а според став 7 на оспорениот член 42-г од Законот, поврзано друштво за целите на ставот 2 на овој член е правно лице со регистрирано седиште во Република Македонија кое е поврзано друштво во смисла на одредбите од Законот за трговските друштва со дистрибутерот на тутунски добра и кое е овластено да врши трговија на големо со тутунски добра во согласност со закон.

Со иницијативата се оспоруваат наведените законски одредби со наводи дека тие биле нејасни, непрецизни, непотполни и од уставно-правен аспект неодржливи норми, затоа што терминот поврзано лице се дефинирал на погрешен и неправилен начин и во целост бил спротивен на одредбите од Законот за трговски друштва.

Според Судот од аспект на овие наводи, не може да се постави прашањето за согласноста на наведените одредби содржани во оспорените законски членови. Одредбата јасно упатува на Законот за трговски друштва повикувајќи се на поимот “поврзано друштво” кој го употребил за целите на ставот 2 од оспорените законски членови.

Имено, подносителот на иницијативата погрешно заклучил дека законодавецот со став 7 на оспорените законски членови, извршил дефинирање и толкување на терминот поврзани лица спротивно на Законот за трговските друштва. Ова од причини што во Законот за акцизите само се врши појаснување за целите на став 2 содржан во оспорените законски членови, односно дека поврзано друштво е правно лице со регистрирано седиште во Република Македонија кое е поврзано друштво во смисла на одредбите од Законот за трговските друштва со дистрибутерот на меѓупроизводи, етил алкохол и на тутунски добра и кое е овластено да врши трговија на големо со овие производи во согласност со закон. На овој начин се идентификуваат лицата кои спаѓаат во опсегот на овие членови, со исклучок на оние кои истиот не ги опфаќа (на пример, сите складови на дистрибутерот кои се наоѓаат надвор од Република Македонија). Оттука, во оспорените законски членови 36-а и 42-г се дефинирани два услови кои мора да бидат исполнети за да се смета за поврзано друштво, односно мора да бидат прво исполнети условите за поврзано друштво согласно Законот за трговските друштва и истовремено да е овластен за вршење трговија на големо со меѓупроизводи, етил алкохол и на тутунски добра, на кој начин се постигнува токму спротивното, а тоа е унифициран пристап во поглед на дефинирањето на поимот поврзани друштва кој како таков е веќе опфатен со Законот за трговските друштва, со што истовремено се обезбедува правна сигурност во примената на регулативата воопшто.

Одредбите од став 8 на оспорените членови 36-а и 42-г од Законот, според кои формата и содржината на барањето од ставот 4 на овој член ги пропишува министерот за финансии, како и одредбите од став 9 на оспорените законски членови, според кои Царинската управа одлучува по барањето од ставот 5 на овој член во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето, се во врска со уредувањето од ставовите 4 и 5 на оспорените членови 36-а и 42-г, во чие уредување Судот не наоѓа спротивност на одредбите од Уставот, а во иницијативата нема ниту наводи за нивна уставна неиздржаност.

Подносителот на иницијативата при наведувањето на членовите од Уставот за кои тој смета дека се повредени со членовите 36-а и 42-г од Законот за акцизите, без никакви аргументи го набројува и членот 52 од Уставот, кој се однесува на должноста од објавувањето на законите, роковите на објавување, влегувањето во сила на законите и забраната од нивна ретроактивна примена, освен во наведениот исклучок кога тоа е поповолно за граѓаните.

Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите (“Службен весник на Република Македонија” број 23/2016), со чиј член 11 се уредува нов член 36-а во Законот за акцизите, а со член 14 се менува содржината на постојниот член 42-г од Законот за акцизите, е објавен на 10.02.2016 година, а влезен во сила осмиот ден од денот на објавувањето.

Со член 26 став 2 од наведените измени на Законот, се предвидува одложна примена на оспорените членови, конкретно дека членот 11 со кој се додава нов член 36-а и членот 14 од овој закон со кој се менува членот 42-г, ќе отпочнат да се применуваат од 1 јули 2016 година, што значи по овој период отпочнува со примена на оспорените членови во чија содржина се уредува обврска за попис на затечени залихи во случај на зголемување на акцизата и доплата на пројавена разлика.

Оттука, измените и дополнувањата на Законот со кој се воведува оспорениот член 36-а и изменува содржината на постојниот оспорен член 42-г, воопшто нема ретроактивно дејство, бидејќи пропишаните обврски од оспорените законски членови, не се однесуваат на период пред донесување на Законот, туку по неговото донесување и тоа со одложена примена на оспорените членови од Законот.

5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот членови 36-а и 42-г од Законот за акцизите со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.79/2016
27 декември 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски