Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 декември 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УЕ-4, дел од Блок 15 – општина Струга, бр.07-2960/6 од 12.08.2014 година донесена од Советот на општина Струга, објавена во „Службен гласник на општина Струга“ бр.8 од 14 август 2014 година.
2. Џеладин Белица од Струга до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука било донесено решение со кое на подносителот на иницијативата му се затворал влезот во неговиот објект кој имал статус на деловен објект со што му било оневозможено непречено и нормално користење и функционирање на предметниот објект каде вршел занаетчиска дејност.
Подносителот на иницијативата, понатаму наведува дека на тој начин му било повредено основното начело на Уставот на Република Македонија, бидејќи делот кој го користел за пристап до неговиот деловен простор урбанистички бил припоен кон градежната парцела на неговиот сосед на КП.бр.2384/2-КО Струга, со што тој повеќе немал пристап до објектот. По однос на ова проблематика била водена и граѓанска постапка, во која на подносителот на иницијативата му е
утврдено правото на службеност. Но, општина Струга при донесување на оспорената одлука не ги имала во предвид овие околности, односно немала ажурирана подлога, поради што била повредена постапката за донесување на урбанистичкиот план, како што тоа било предвидено во позитивните законски прописи кои ја уредувале постапката за донесување и измена и дополнување на урбанистичките планови. Од увидот во копието од катастарскиот план видна била фактичката состојба на лице место и воедно било евидентно дека навистина со таквото урбанистичко решение на градежната парцела на неговиот сосед, се попречувало нормалното користење на неговиот објект и вршењето на неговата занаетчиска дејност.
При вака изнесените аргументи, подносителот на иницијативата смета дека постојат основи за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 1 од оспорената одлука, со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за УЕ-4, дел од Блок 15, општина Струга, со плански период 2012 – 2017, со плански опфат (14.36 ха), изработен од ИН-ПУМА – Скопје, со технички број 133-2012 од мај 2014 година.
Според член 2 од Одлуката, урбанистичкиот план содржи: графички дел, текстуален дел, стручна ревизија, одговор на стручна ревизија и извештај од стручна консултација.
Во член 3 од Одлуката се предвидува дека извештајот од стручната консултација е составен дел на Одлуката.
Согласно член 4 од Одлуката деталниот урбанистички план за УЕ-4, дел од Блок 15, ќе го спроведе Општинската администрација на општина Струга, врз основа на Согласност бр.14-9150/2 од 11.07.2014 година издадена од страна на Министерството за транспорт и врски на Република Македонија.
Според член 5 од оспорената одлука детален урбанистички план се заверува со печат и потпис од Градоначалникот на општина Струга, со назначување на бројот и датумот на седницата на која е донесен.
Во член 6 од Одлуката се предвидува дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Струга“.
4. Судот во фаза на претходна постапка од увидот во списите содржани во предметот, ја утврди следната фактичка состојба:
– Програма за изработка, измени и дополнувања на Урбанистички планови за 2012 и 2013 година,
– Планска програма изработена од ИН-ПУМА – Скопје, септември 2012 година,
– Предлог-план изработен од Институт за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА-Скопје, со тех.бр.133/2012 од мај 2014 година,
– Извештај од извршена Стручна ревизија изготвена од ПРОСТОР- Куманово, од октомври 2012 година,
– Извештај за постапување по забелешките од Стручната ревизија, од изготвувачот на планот, од февруари 2010 година,
– Решение за формирање Комисија за давање мислење на Нацрт-урбанистички план, согласно член 17 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, бр.09-3224/1 од 16.10.2012 година,
– Мислење на Нацрт-планот од Комисијата, бр.09-3224/3 од 18.10.2012 година,
– Одлука за утврдување на Нацрт-планот од Советот на општината, бр.07-3264/13 од 30.10.2012 година,
– Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета по планот, бр.09-3447/1 од 6.11.2012 година,
– Соопштение за организирање на јавна анкета и јавна презентација по планот, бр.09-3447/2 од 6.11.2012 година, со потврди од две јавни гласила,
– Решение за формирање на Стручна комисија за изработка на Извештај од јавна анкета, бр.09-34475/5 од 14.11.2012 година,
– Записник од јавна презентација, бр.09-34475/6 од 20.11.2012 година,
– Извештај од јавна анкета и јавна презентација по Нацрт-план, бр.09-3447/8 од 28.12.2012 година и Записник од јавна анкета, бр.09-3447/7 од 7.12.2012 година,
– Известување за постапување по Извештајот од спроведената јавна анкета и јавна презентација, бр.09-3447/9 од 4.01.2013 година,
– Заклучок од Стручна комисија за изработка на Извештај од јавна анкета, бр.09-3447/10 од 10.07.2014 година,
– Мислења од соодветни надлежни органи, институции, други субјекти, согласно член 29 од Законот,
– Мислење од Министерство за култура – Управа за заштита на културното наследство, бр.17-3126/4 од 28.12.2012 година,
– Мислење од Дирекција за заштита и спасување, ПО за заштита и спасување Струга, бр.10-181/2 од 25.12.2012 година,
– Известување по Извештај за Стратегиска оцена на животната средина од Министерство за животна средина и просторно планирање, Арх.бр.15-12105/2 од 31.12.2012 година,
– Стручно мислење на планот од ЕВН Македонија, бр.24-3619/2 од 28.12.2012 година,
– Согласност на планот од МЈП „ПРОАКВА“ Струга, бр.03-1537/2 од 28.12.2012 година,
– Мислење на планот од Македонски Телеком, арх.бр.25-485168/2 од 28.12.2012 година.
– Согласност на Предлог ДУП за УЕ 4 дел од Блок 15, општина Струга, со плански период од 2012-2017, со плански опфат (14,36 ха), изработен од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА – Скопје, со тех.бр.133/2012 од мај 2014 година издадена од Министерството за транспорт и врски, бр.14-9150/2 од 11.07.2014 година
5. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 6 и 10 од Уставот на Република Македонија, се правната заштита на сопственоста и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Имено, условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исправка, 91/2009 и 124/2010, 18/2011, 53/2011 и 144/2012) во чие време на важење е донесена оспорената одлука.
Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека израбо-тувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.
Според член 4 став 1 од Законот, со просторното и урбанистичкото планирање се одредуваат основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот. Начела во процесот на планирање и уредување на просторот се: рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работа на граѓаните, надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет, одржлив развој, заштита и унапредување на животната средина и природата, заштита на недвижното културно наследство, заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки катастрофи и хаварии, јавност во постапка за донесување и спроведување на плановите и усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирањето и уредувањето на просторот.
Во членот 5 од Законот е содржано значењето на изразите што се употребуваат во Законот.
Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.
Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.
Според ставот 7 од членот 11 од Законот, деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.
Согласно член 14 став 1 од Законот, сите постојни надземни и подземни градби во рамките на планскиот опфат се евидентираат на ажурирана геодетска подлога во документационата основа на планот, а на ажурираната геодетска подлога врз основа на која се изработува генерален урбанистички план се евидентира само постојната надземна и подземна примарна инфраструктура. Во документационата основа се обележуваат сите заштитени добра коишто имаат статус на културно наследство според заштитно конзерваторските основи (став 3). Во документационата основа на планот на ажурирана геодетска подлога се евидентираат сите градби кои до почетокот на изработката на урбанистичкиот план се изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и Законот за градење (став 4).Во планските решенија на урбанистичките планови со плански одредби се уредуваат условите за градење само за градби кои ќе се градат по донесувањето на планот. За легално изградените градби на чиешто место со планот не се предвидуваат услови за градење за нови градби или за доградба и надградба на старите, не се предвидуваат услови за градење, туку градбите само се потврдуваат како постојни (став 5). Во планските решенија на урбанистичките планови не може да се утврдуваат услови за градење со кои се врши вклопување во планот на градби кои до почетокот или за време на изработката на урбанистичкиот план биле изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и на Законот за градење, освен за градбите за кои согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти е донесено решение за утврдување на правен статус(став 6).
Во член 15-б став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, при изработка на урбанистичките планови со кои се уредува просторот за градби со намена домување во станбени куќи процентот на изграденост на градежната парцела треба да изнесува 70%, а висината на градбата изразена во метри до венец 10,2 метри. За градби со намена домување во станбени згради процентот на изграденост треба да изнесува 70%, а висината на градбата изразена во метри до венец за градежни парцели со површина од 500 до 1.000 м2 треба да изнесува најмалку 25,2 метри, а за градежни парцели со површина поголема од 1.000 м2 треба да изнесува најмалку 30 метри. Површината на градежната парцела за градби со намена домување во станбени згради треба да изнесува најмалку 500 м2(став 2).
Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и Градот Скопје донесуваат годишна Програма. Во ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и Градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.
Согласно член 19 став 1 од Законот, урбанистичките планови и државната урбанистичка планска документација, локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон. Континуираното ажурирање на геодетските подлоги е обврска на донесувачот на планот кој ги сноси и трошоците за ажурирањето (став 2).
Според членот 21 став 1 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на Градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на Градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.
Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).
Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
Доколку комисијата од ставот 6 на овој член од Законот оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета (член 24 став 9).
Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот. Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот (став 11).
Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.
Во членот 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање.
Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и од увидот и анализата на доставената документација до Судот, во делот што се оспорува со иницијативата, Судот оцени дека општината Струга како орган за донесување на наведената одлука ги спровела законски определените дејствија во постапката за донесување на истата.
Во врска со уставноста на Одлуката во однос на членот 30 од Уставот, според Судот наводите во иницијативата се неосновани, бидејќи со оспорената одлука не се уредуваат прашања на сопственост на конкретни физички лица (во случајов право на сопственост и користење на предметен објект–деловен објект) како што наведува подносителот на иницијативата.
Оттука, Судот оцени дека оспорената одлука не може да се оценува од аспект на нејзината согласност со член 30 од Уставот, поради што има процесни пречки за постапување по тој дел од иницијативата.
Уставниот суд ја цени исклучиво законитоста на постапката од аспект на фазите за донесување на планот, а не и од аспект на содржината на планот. Ова од причина што Уставниот суд нема надлежност да го преиспитува работењето на субјектите кои одлучувале за целисходноста и оправданоста на предложените плански решенија од граѓаните, како и на нивните забелешки по однос на нацрт – планираните решенија, туку Стручната комисија која е надлежна да постапува по забелешките и предлозите од граѓаните по однос на нацрт–плановите и да одлучува за нивната оправданост или неоправданост. Имено, клучно за постапката во која е донесен оспорениот план е транспарентноста во смисла на запознавање на граѓаните со планските решенија во нацрт-планот, заради овозможување граѓаните преку анкетни листови да достават свои предлози и забелешки на нацрт планот.
По однос на наводите дека планирањето на просторот со конкретната одлука не се засновало на ажурирани геодетски подлоги, поради што оспорената одлука била донесена на начин кој не соодветствувал со барањето на подносителот на иницијативата, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што видно од записникот од спроведената јавна анкета во кој се содржани образложени причини за прифатените, односно неприфатените забелешки, изготвен од Стручната комисија бр.09-3447/7 од 07.12.2012 година децидно е наведена забелешката истакната од подносителот на иницијативата,на која и сега во иницијативата се укажува (губење на можноста за користење на единствениот можен влез), но од страна на Стручната комисија која е надлежна за постапување по забелешките е даден одговор дека барањето е делумно прифатено, а решението ќе се обезбеди со соодветен пристап при што мора да се запазат прописите за слепи улици. Оттука, Стручната комисија според одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање одлучува за забелешките на граѓаните и истата ја цени нивната оправданост, односно неоправданост, со што се почитува транспарентноста во постапката. Поради наведеното, Судот оцени дека и овој навод на подносителот на иницијативата е неоснован, бидејќи Советот на општина Струга и во овој дел од постапката постапувал во рамките на овластувањата содржани во Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој важел во време на донесување на оспорената одлука.
Од изнесената правна и фактичка состојба, произлегува дека оспорената одлука е донесена во целост во постапка како што е предвидено со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 6 и 10, и член 30 од Уставот, како и со одредбата на член 14 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
6. Врз основа на изнесеното Судот оцени како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.70/2016
27 декември 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски