Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 декември 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, донесено од раководителот на стручната служба- филијала Охрид, со пензиски бр.74300012106 од 27.08.2012 година.
2. Месад Броња од Охрид, преку полномошник Адвокат Игор Кичеец од Охрид до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспореното решение било во спротивност со Уставот на Република Македонија, како и со Законот за пензиското и инвалидско осигурување од причина што од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република . Македонија било донесено Решение (со пензиски бр.74300012106) со кое на подносителот му се признавало правото на пензија во месечен износ од 18.716 денари. Со наведеното решение на подносителот му се признавало право на пензија само за периодот кога тој работел во Република Македонија така што значителен дел од износот кој би му следувал, како лице кое исполнило услови за старосна пензија, не му се признавало. Во истото решение било наведено дека согласно позитивните прописи на Република Македонија на подносителот би му следувала пензија во месечен износ од 27.557 денари. Сето ова значело дека доколку подносителот не бил распореден во СВР Белград, туку во територијата на денешна Република Македонија тогаш тој би остварувал право на полна пензија. Всушност, фактот дека подносителот постапил согласно решението за распределба (кое било донесено спротивно на одредбите на договорот за стипендирање) се манифестирало со негативни последици за него, додека Република Македнија како сукцесор на СФР Југославија (која како таква ги презема нејзините права и обврски) се повикувала на фактот дека подносителот во предметниот период работел надвор од државата, која исто како и СР Македонија, била федерална членка на СФР Југославија. Ставот кој го заземала државата директно ги повредувала правата на подносителот бидејќи инсистира дека тој работел надвор од државата, пропуштајќи да наведе дека всушност во целиот период подносителот работел како државен службеник и како таков немал можност да бира каде ќе биде испратен т.е. распореден.
Незадоволен од Решението за определување на пензија, подносителот поднел жалба до второстепениот орган (во рамките на управна постапка) со која го побива истото решение. Жалбата завршила со неуспех на начин што била одбиена како неоснована. Понатаму, подносителот покренал управен спор, но неговата тужба била одбиена како неоснована со Пресуда У-4 бр.155/2013 на Управниот суд на Р. Македонија. Како последна инстанца во рамките на управната постапка, подносителот се обратил со жалба до Вишиот управен суд на Република Македонија кој истата со Пресуда УЖ-2 бр.154/2016 ја одбил како неоснована и ја потврдил првостепената одлука.
Во рамките на целата управна постапка (вклучувајќи го и управниот спор) со начинот на одлучување – континуирано непризнавање на правата на подносителот кои му следувале од неговиот работен однос, ефективно се конвалидира неточниот став дека подносителот дел од својот работен стаж го одработил во странство и тој се упатува остварувањето на правото на пензија да го бара во СР Југославија. Со вака утврдениот став има неколку суштински проблеми кои дополнително оневозможуваат остварување на пензиските права на подносителот. Како прво, СР Југославија во моментот на донесување на пензиското Решение (2012 година) како држава веќе не постои и како таква нема посебна релевантност за предметот. Второ, подносителот работел во рамките на службите за внатрешни работи на СФР Југославија што значи дека не е возможно да работи за странска држава бидејќи Република Македонија е правен сукцесор на СФР Југославија и како таква се смета дека постои континуитет на државата и сите права и обврски кои произлегуваат од нејзиното постоење/функционирање. Дополнително, главната причина поради која во управната постапка Република Македонија инсистира дека подносителот работел во странство е дека за тоа работење сите давачки и придонеси по повод пензија би биле исплатувани во таа држава – нешто што било апсурд имајќи ги во предвид околностите на овој случај. Фактот дека подносителот работел за службите за внатрешни работи значи дека тој бил државен службеник/работник и како таков немал удел во износот на придонесите кои се исплаќале, а исто така мора да се потенцира дека како државен службеник придонесите во секој случај се исплаќаат во централниот буџет на СФР Југославија (за периодот кога работел во ССВР – Белград). Трето, распаѓањето на една држава било непредвидлив настан (во смисла на времето кога може да настане, а исто и на начинот на кој ќе се одвива) кој подносителот не можел да го знае или со некаква прецизност да го предвиди и истиот не смее да трпи негативни последици затоа што со распадот на СФР Југославија се случило дел од својот работен век да го има поминато во територија на која сега постои друг суверен државен субјект. Ставот кој Република Македонија го застапувала во рамките на управната постапка бил апсолутно неисправен и се косел со принципот на правичност и претставувал фрапантен пример за злоупотреба на нејзината супериорна позиција во однос на подносителот со цел да се избегне парична обврска за исплаќање на пензија.
Повредата која подносителот ја претрпел се состоела од намалена пензија која доколку тој бил распореден во територијата на денешна Република Македонија би изнесувала 27.557 денари, но поради непризнавање на работниот стаж на подносителот во рамките на ССВР – Белград сега изнесувала 18.716 денари (сметано само за периодот кој подносителот работел во МВР на Република Македонија).
Понатаму во иницијативата се наведува дека како “сумација” на фактичката состојба, подносителот постапил согласно договорот, но при исполнување на услови за старосна пензија не му било признато правото на пензиски надоместок за периодот кога тој работел во рамките на ССВР-Белград на СФР Југославија и истиот се третирал како вработен во странство. Основата за дискриминација потекнувала од околностите дека доколку подносителот бил распореден во територијата на денешна Република Македонија – тогаш би уживал право на потполна старосна пензија.
Од претходно опишаната фактичка состојба било повеќе од јасно дека подносителот не добил еднаков третман во однос на сите други вработени во службите за внатрешни работи кои во текот на својот работен стаж не работеле во територија која по распадот и припаднала на две различни држави. Разликата во третманот се состои од непризнавање на дел од пензијата која му следува за периодот кога подносителот работел за ССВР – Белград (надвор од територијата на денешна Република Македонија од чиј пензиски фонд се бара исплаќање на пензијата). Всушност, во самото пензиско решение со кое се наведува износот кој му се определува на подносител на име старосна пензија е истакнато дека врз основа на позитивната регулатива на Република Македонија би му следувала пензија во висина од 27.557 денари, но со непризнавање на делот од работниот стаж кога подносител работел во ССВР – Белград му се одредува износ од 18.716 денари т.е. намалување од 32,1%. Непризнавањето на правото на пензија за периодот кога подносителот работел во ССВР – Белград е спротивно на принципот на правичност бидејќи за тој период во негово име биле исплаќани придонеси (од страна на неговиот работодавач ССВР – Белград во релевантната буџетска сметка) за кои сега нема никаков реципроцитет.
Во конкретниот случај, со значителните разлики во третманот помеѓу подносителот (како лице кое работело на две различни локации кои по распадот на СФР Југославија потпаѓаат под две суверени држави) и лице кое целиот свој работен стаж (на исто работно место – вработен во службите за внатрешни работи) го минало во локација која во рамките на СФР Југославија и припаѓала на СР Македонија и по осамостојувањето продолжила да биде дел од Република Македонија, била направена директна дискриминација во однос на правата на подносител. Дискриминацијата била директна бидејќи била направена преку управен акт (и истиот е потврден во управната постапка) каде поименично и конкретно е донесена одлука со која се повредувале правата на пензиски надоместок на подносителот.
Повредата на правата која подносителот ја претрпел се состои од намалени доходи, на име на пензија, кои се непропорционални во однос на неговиот работен стаж и придонесите кои се исплатени на негово име.
Основаноста на оваа иницијатива се базирала врз забраната за дискриминација застапена во член 54 од Уставот, дополнително поткрепено со Законот за спречување и заштита од дискриминација (член 1 – член 13), каде е предвидено дека дискриминација претставува широк поим кој е наменет да опфати што е можно повеќе ситуации (проширено дури и со ратификувани меѓународни договори). Во конкретниот случај се работело за дискриминирање во однос на правото на сопственост манифестирано како реципроцитет на исплатените придонеси од работен однос, комбинирано со начелата на социјалната правда и солидарноста (член 8 од Уставот). Правото на пензиски надоместок е директна еманација на правото на сопственост (преку исплатените придонеси за време на работниот однос кои се апсолутно задолжителни – член 1 од Законот за пензиско и инвалидскко осигурување) и истото е афирмирано со фактот дека Република Македонија е социјална држава, согласно член 1 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека со оспореното решение на Месад Броња од Охрид ул. „Стив Наумов“ бр.69-а, му се признава правот на сразмерен дел на старосна пензија во месечен износ од 18.716,00 денари, сметано од 01.08.2012 година. Тековното месечно усогласување на пензијата за 2012 година и наредните години ќе се врши по службена должност.
Висината на пензијата не може да изнесува повеќе од висината на највисокиот износ на пензија, согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Корисникот на пензија е должен да ја пријави секоја промена која е од влијание за користењето на правото на пензија.
4. Во текот на претходната постапка од увидот во приложената документација, Судот утврди дека Месад Броња од Охрид, незадоволен од Решението за определување на пензија, кое е предмет на оспорување пред овој суд, подносителот поднел жалба до второстепениот орган (во рамките на управна постапка) со која бара преиспитување на донесеното решение. Жалбата била одбиена како неоснована, а првостепеното решение било потврдено. Понатаму, подносителот на иницијативата завел управен спор, но неговата тужба била одбиена како неоснована со Пресуда У-4 бр.155/2013 на Управниот суд. Како последна инстанца во рамките на управната постапка, подносителот се обратил со жалба до Вишиот управен суд на Република Македонија кој истата со Пресуда УЖ-2 бр.154/2016 ја одбил како неоснована и ја потврдил првостепената одлука.
5. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот,како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Правните елементи што треба да ги содржи еден пропис по кој Уставниот суд е надлежен да одлучува во смисла на цитираната уставна норма се: тој да е донесен од орган на државната власт или од организација или институција во вршењето на јавните овластувања доверени со закон, односно донесен од јавно правен субјект, да содржи општи норми на однесување, односно со него да се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин на неопределен број на субјекти во правото.
Меѓутоа според Судот, оспорената одлука всушност е донесена по барање на индивидуален субјект (барател) и истото регулира inter partes односи, а не erga omnes, што упатува на констатација дека одлуката има карактер на поединечен акт, а не на општ акт, и истиот како таков не регулира односи на субјектите во правото на општ начин на неопределен број на субјекти, кој би му дал карактер на пропис по кој Уставниот суд би можел мериторно да одлучува.
Од целокупната анализа на приложената документација Судот оцени дека во конкретниов случај станува збор за акт кој се однесува и регулира исклучиво односи во правото помеѓу индивидуалец и институција, за кои односи компетенција имаат други судски институции, но не и Уставниот суд, односно правните односи од ваков вид не можат да бидат предмет на мериторно одлучување, односно основ по кој Уставниот суд ќе се впушти во уставно-судска анализа по поднесената иницијатива.
По однос на наводите во иницијативата дека со оспореното решение подносителот не добил еднаков третман во однос на сите други вработени во службите за внатрешни работи кои во текот на својот работен стаж не работеле во територија која по распадот и припаднала на две различни држави,поради што истиот бил дискриминиран, според Судот истите покренуваат прашања кои бараат утврдување на фактичка состојба за конкретниот случај и истовремено утврдување на постоење на дискриминаторски основи и други елементи кои се регулирани со Законот за спречување и заштита од дискриминација. Меѓутоа, за утврдување на наведените околности неоходно е покренување на постапка со поднесување на тужба пред редовен граѓански суд, што значи дека утврдување на ваквите околности не е во надлежност на Уставниот суд во смисла на член 110 од Уставот.
Ова дотолку повеќе што и кога би се разгледувало прашањето покренато во иницијативата од аспект на член 54 од Уставот кој уредува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, Судот оцени дека не постои ниту уставен, ниту деловнички основ за впуштање во анализа на покренатото прашање од овој аспект- дискриминација по основ на правото на сопственост, како што се потенцира во иницијативата.
Имено, според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во член 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за
одлучување на Уставниот суд.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на (1) слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, (2) политичкото здружување и дејствување и (3) забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, а не и други слободи и права на човекот и граѓанинот.
Во конкретниот случај, Судот оцени дека означеното решение не се оспорува од аспект на слободите и правата што ги штити Уставниот суд врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, туку од аспект на повреда на правото на сопственост по основ на пензија, чија заштита е надвор од делокругот на Уставниот суд.
При таква состојба, исто така и од овој аспект, според Судот Уставниот суд нема основи за покренување на уставниот механизам за анализа на покренатото прашање и впуштање во оценување на уставноста на оспорениот акт, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата од причина што Судот не е надлежен да одлучува по иницијативата бидејќи се работи за поединечен акт, а не општ пропис како бара член 11 од Деловникот на Уставниот суд.
Исто така, и по однос на наводите за дискриминирање по основ на право на сопственост, Судот оцени дека Уставниот суд нема компетенција да се впушти во мериторно постапување бидејќи истото не влегува во корпусот на барања од членот 110 став 3 од Уставот поради што и по ова прашање сметаме дека се присутни основите од член 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.
Од наведените причини во конкретниов случај во целост се исполнети условите за примена на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, односно Судот да ја отфрли иницијативата поради ненадлежност за одлучување по барањето.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.154/2016
7 декември 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски