Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 7 декември 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 97 став 3 и член 98 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија”, број 69/2015, 227/2015, 177/2016 и 197/2016).
2. Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Колективниот договор, означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата, а по претходно цитирање на содржините на одредбите од оспорениот член 97 став 3 и оспорениот член 98 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 69/2015), подносителот наведува дека тие биле незаконски одредби, поради што ја поднесува иницијативата за оценување на нивната уставност и законитост.
Имено, ако се имал во предвид членот 184 став 2 од Законот за работни односи, со кој Синдикатот се дефинира како самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси, произлегувало дека Синдикатот по автоматизам се грижел за правата на работниците кои ги застапувал. Според оспорениот член 97 став 3 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, министерот со претходно мислење на Синдикатот, донесува правилник за организациските единици во Министерството и издвоените објекти на Министерството кои работат во смени и системот на работата во смени. Оттука, доколку Синдикатот воопшто контактирал со било кој од вработените, ќе видел дека истите воопшто не се согласувале со уредувањето содржано во оспорениот член 98 од Колективниот договор, кое се однесува за работа во смени, поради што бараат да се почитуваат одредбите од Законот за работните односи кои се однесуваат за работа во смени.
Во продолжение на иницијативата се цитирани содржини на повеќе одредби од Законот за работни односи, во однос на кои, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 98 од Колективниот договор, бил во колизија.
Иницијативата завршува со барање Уставниот суд по спроведување на нужната постапка, оспорените членови од Колективниот договор да ги укине како незаконски.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 97 став 3 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, министерот со претходно мислење на Синдикатот, донесува правилник за организациските единици во Министерството и издвоените објекти на Министерството кои работат во смени и системот на работата во смени.
Судот, исто така утврди дека според оспорениот член 98 од Колективниот договор, во организациските единици на Министерството каде работата од страна на работникот се извршува со непрекинат престој во одредени издвоени објекти на Министерството подолго од 24 часа, работењето се организира на начин што работното време е во траење од најмногу 12 часа редовна работа и 12 часа одмор на работникот во објектот (став 1). За секои 24 часа непрекинат престој на работникот од ставот 1 на овој член, му следува еден слободен ден, кој се користи непосредно по завршување на престојот во објектот (став 2). Издвоените објекти на организациските единици од ставот 1 на овој член, се утврдени во прописот од членот 97 став 3 од овој колективен договор (став 3).
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Предмет на оспорување со иницијативата се погоре цитираните одредби од член 97 став 3 и член 98 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, склучен помеѓу Македонскиот полициски синдикат и Министерството за внатрешни работи, објавен во “Службен весник на Република Македонија” број 69/2015.
Подносителот во иницијативата цитира членови од Колективен договор на Министерството за внатрешни работи, објавен во “Службен весник на Република Македонија” број 69/2015, кои ги наведува како оспорени, а цитира и повеќе членови од Законот за работни односи, наведувајќи дека оспорените членови од Колективниот договор биле во колизија со членовите од Законот кои ги посочува, поради што тие биле незаконски.
Во иницијативата нема образложени аргументи за причините поради кои подносителот смета дека одредбите содржани во оспорените членови од Колективниот договор, се спротивни на членовите од Законот за работните односи, туку само укажување дека доколку Синдикатот ги контактирал вработените во Министерството, ќе се видело дека тие воопшто не се согласувале со одредбите за работа во смена, поради што бараат да се почитуваат одредбите од Законот за работните односи кои се однесуваат за работа во смени. Подносителот со иницијативата се повикува и на неуставност на оспорените членови од Колективниот договор, меѓутоа не ги наведува одредбите од Уставот со кои оспорените членови од Колективниот договор се во спротивност.
Со иницијативата се наведува дека спорно за вработените било уредувањето со оспорениот член 98 од Колективниот договор, конкретно пропишувањето кое се однесува на правата и обврските на вработените кои работат во издвоените објекти на Министерството, од каде произлегува дека во суштина се оспорува уредувањето со членот 98 од Колективниот договор, а не уредувањето во член 97 став 3 од Колективниот договор, кој исто така е наведен како оспорен и кој се однесува на правото на министерот, а по претходно мислење на Синдикатот, да донесува правилник за организациските единици во Министерството и издвоените објекти на Министерството кои работат во смени и системот на работата во смени.
По поднесувањето на иницијативата (20.08.2015), Судот утврди дека Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 69/2015), претрпел три измени и дополнувања, објавени во “Службен весник на Република Македонија” со број 227/2015, број 177/2016 и број 197/2016.
Исто така, Судот утврди дека со последната измена и дополнување на предметниот колективен договор, односно со член 1 од Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 197/2016), потписниците на договорот постигнале согласност за друга содржина на членот 98 од Колективниот договор.
Имајќи предвид дека подносителот со иницијативата, по наведување на содржините на оспорените членови 97 став 3 и 98 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 69/2015) и наведување на содржини на членови од Законот за работни односи, ги оспорува истите како неуставни и незаконити, без притоа да даде аргументирани наводи и образложени причини за нивната несогласност со Уставот и Законот, што е процесна пречка за одлучување по иницијативата, а имајќи предвид дека со подоцнежни измени и дополнувања на Колективниот договор (“Службен весник на Република Македонија” број 197/2016), оспорениот член 98 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 69/2015), има изменета содржина, што претставува уште една процесна пречка за одлучување по иницијативата, Судот утврди дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки за мериторно впуштање по иницијативата.
5. Со оглед на претходно наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.76/2015
7 декември 2016 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски