У.бр.105/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 01 декември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 46 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/ 2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013).

2. Игорчо Точев од Кочани, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Законот за извршување, се уредувало дека министерот за правда, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители, требало да донесе „тарифа за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите“, а наспроти ова со членот 243 став 2 од истиот закон, било пропишано дека во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон, министерот за правда ќе донесе „тарифа по која извршителите ќе ја наплатуваат својата награда за извршените дејствија“. Од наведеното произлегувало дека со оспорената одредба од членот 46 став 2 од Законот за извршување се упатувало министерот всушност да донесе не еден туку два акта: „тарифа за награда за извршените дејствија“ и „тарифа за награда и надоместок на други трошоци“, а од членот 243 став 2 од тој закон се упатувало дека министерот во определениот рок требал да ја донесе само тарифата која е поинаку пропишана, па оттука оспорената одредба од Законот не кореспондирала со наведената одредба од истиот закон. Поради ваквата неусогласеност на нормите од истиот закон, а и од причини што министерот како дел од извршната власт требало да уредува прашања кои биле дел од надлежностите на законодавната власт, со иницијативата се наведува дека оспорената одредба од Законот не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, и се предлага Судот да поведе постапка за оценување на нејзината согласност со Уставот.

3. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Судот утврди дека оспорената законска одредба била содржана во Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/ 2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013) кој веќе не е во сила со оглед на тоа што бил донесен нов Закон за извршување објавен во ,,Службен весник на Република Македонија,, број 72/2016.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека за Законот за извршување кој се оспорува со иницијативата, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

4. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски

У.бр.105/2016
01 декември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски