У.бр.89/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 декември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 17 став 1 алинеја 3 во делот: „и други видови правна помош“ од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011).

2. Адвокатот Зоран Стојановски од Тетово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената законска одредба со која се пропишува дека Министерството за правда ги врши работите што, покрај нотарските работи и адвокатурата, се однесуваат и на „други видови правна помош“, била во директна спротивност со членот 53 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што со уставната одредба било предвидено дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши овластувања во согласност со закон. Ваквата уставна норма укажувала дека правната помош ја обезбедувала единствено адвокатурата како служба и истовремено не биле дадени овластувања за друга служба да обезбедува правна помош. Поради наведеното, оспорената одредба била во директна спротивност и со членот 51 од Уставот, каде е предвидено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во иницијативата се наведува дека во однос на исклучивоста на адвокатурата „единствено“ да обезбедува правна помош, Уставниот суд на Република Македонија се изјаснил со донесување на Одлуката У.бр.134/2002 од 22 јануари 2003 година. Според подносителот, Судот својата одлука ја засновал на погрешниот став дека „Секое толкување на членот 53 од Уставот, во смисла дека тој ја исклучува можноста правна помош да обезбедуваат и други субјекти, освен адвокатурата, според Судот би било многу рестриктивно и не би соодветствувало на значењето и уставниот третман на слободите и правата на човекот и граѓанинот.“

Подносителот изнесува свои аргументи за оспорување на наведената одлука на Судот и смета дека постојат причини за тоа Судот да го промени својот став искажан во истата, поради што предлага Уставниот суд да утврди дека оспорениот член 17 став 1 алинеја 3 во делот:„и други видови правна помош“ од Законот за организација и работа на органите на државната управа, бил во спротивност со Уставот и да го поништи или укине.

3. Судот на седницата утврди дека, според членот 17 став 1 алинеја 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, Министерството за правда ги врши работите што се однесуваат на нотарските работи, адвокатурата и други видови правна помош.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 95 став 1 од Уставот е пропишано дека државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а според ставот 3 на истиот член, организацијата и работата на органите на државнта управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011), се уредуваат организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа.

Надлежностите на Министерството за правда се утврдени со член 17 од овој закон. Така, според ставот 1 на овој член, Министерството за правда ги врши работите што се однесуваат на:

– судството, јавното обвинителство, јавното правобранителство;
– кривичната одговорност и одговорноста за прекршоци;
– нотарските работи, адвокатурата и други видови правна помош;
– наследувањето, сопственоста, стварните права и облигационите односи;
– меѓународната правна помош;
– извршувањето на санкциите за кривични дела и прекршоци;
– организацијата и управувањето со казнено – поправните и воспитно – поправните установи;
– амнестијата и помилувањето;
– судските вештачења, експертизи и супер – вештачења;
– изборниот систем, водењето евиденција на избирачкото право;
– кривичната, прекршочната, парничната, вонпроцесната, извршната постапка;
– вршењето на работите што не спаѓаат во надлежност на друг орган на државната управа и
– врши други работи утврдени со закон.

Со иницијативата се оспорува уставноста на членот 17 став 1 алинеја 3 од Законот, во делот во кој се пропишува надлежност на Министерството за правда за вршење на други видови правна помош, покрај нотарските и адвокатските работи. Имено, според подносителот на иницијативата, адвокатските работи ги опфаќале сите видови на правна помош, така што не постоела правна помош за која може да биде надлежна друга служба, освен адвокатурата, како што било пропишано со оспорената одредба. Во поткрепа на своите аргументи за оспорување на уставноста на ваквата законската одредба, подносителот на иницијативата укажува на Одлуката на Уставниот суд, У.бр. 134/2002 од 22 јануари 2003 година, со која се укинати одделни одредби од Законот за адвокатурата, која одлука, според подносителот на иницијативата била заснована на погрешни ставови на Уставниот суд, па поради постоење на причини за поинакво одлучување од тоа изнесено во Одлуката, подносителот бара од Уставниот суд да ја поништи или укине оспорената одредба од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Ваквите наводи на подносителот на иницијативата, Судот ги оцени како неосновани.

Уставниот суд, со своја Одлука У.бр.134/2002 од 22 јануари 2003 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/2003), помеѓу другото, ги укинал членот 2 став (1) во делот “единствено” и членот 6 став (1) во делот “исклучиво” од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002). Во оваа одлука Уставниот суд искажал став дека целта на член 53 од Уставот е да се утврди статусот и положбата на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, што е израз на фактот дека правната помош дадена од стручно-квалификувана, самостојна и независна служба е основна гаранција за остварување и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Меѓутоа, вклучувањето и утврдувањето на адвокатурата со означениот статус и својство, како една од уставните гаранции за основните слободи и права, не значи дека таа е и единствено надлежна за пружање и обезбедување на правна помош. Секое толкување на членот 53 од Уставот, во смисла дека тој ја исклучува можноста правна помош да обезбедуваат и други субјекти, освен адвокатурата, според Судот би било многу рестриктивно и не би соодветствувало на значењето и уставниот третман на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Поради наведеното, Судот оценил дека оспорените делови на членовите 2 и 6 од Законот не се во согласност со Уставот во целина, а посебно со член 8 алинеите 1 и 3, член 9, член 50, член 53, член 55 и член 54 став 1 од Уставот.

Во согласност со членот 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

5. Во однос на оспорената надлежност на Министерството за правда, утврдена со член 17 став 1 алинеја 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, покрај другото, да врши и работи кои се однесуваат на други видови правна помош (покрај нотарските и адвокатските работи), Судот го имаше предвид следното:

Под „други видови правна помош“, во смисла на наведената законска одредба, се подразбира обезбедување на бесплатна правна помош, уредена со Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Рeпублика Македонија“ број 161/2009, 185/2011, 27/2014 и 104/2015), со кој се уредуваат правото на бесплатна правна помош, постапката во која се остварува, корисниците, условите и начинот на неговото остварување, давателите на бесплатна правна помош, органите надлежни за одлучување, заштитата на правото на бесплатна правна помош, финансирањето и надзорот над неговото спроведување, организирање на денови на бесплатен правен совет, бесплатна правна помош во прекугранични спорови, како и надзор над примената на одредбите од овој закон (член 1).

Според членот 2 на овој закон, целта на законот е да обезбеди еднаков пристап на граѓаните и другите лица определени со овој закон до институциите на системот, за запознавање, остварување и за овозможување на ефективна правна помош, согласно со начелото за еднаков пристап до правдата. Постапката за бесплатна правна помош е итна постапка.

Во согласност со членот 4 од Законот, бесплатната правна помош, согласно со овој закон, се реализира од Министерството за правда, адвокати и од овластени здруженија на граѓани (став 1). Средствата за одобрување на бесплатната правна помош се обезбедуваат од Буџетот на Министерството за правда, како посебна програма предложена од министерот, одобрена од Владата на Република Македонија, како и од донации и други приходи во согласност со закон (став 2).

Членот 6 од Законот гласи:

(1) Бесплатната правна помош се остварува како претходна правна помош и правна помош во сите судски и управни постапки.
(2) Претходната правна помош, опфаќа:
– иницијален правен совет за правото за користење на правната помош;
– општа правна информација и
– правна помош во комплетирањето на барање за бесплатна правна помош.
(3) Претходната правна помош се дава од овластено службено лице во подрачните одделенија на Министерството и од овластени здруженија на граѓани.
(4) Правна помош во постапка пред надлежен орган и организација (во натамошниот текст: правна помош), опфаќа:
– застапување во сите степени во судски и управни постапки и
– составување на писмена во судски и управни постапки.
(5) Правната помош се реализира од адвокати.

Според членот 7 од овој закон, бесплатната правна помош предвидена со овој закон не се однесува на случаите на задолжителна одбрана предвидени во Законот за кривична постапка и Законот за малолетничка правда, ниту ослободување од плаќање на трошоците на постапката предвидени во Законот за парничната постапка и Законот за општата управна постапка.

Во согласност со членот 11 на Законот, Министерството за правда работите од областа на бесплатна правна помош ги врши во соработка со Адвокатската комора, органите на судската власт, органите на државната управа, центарот за социјални работи, здруженијата на граѓани и други органи.

Според членот 33 од Законот, надзорот над спроведувањето на одредбите од овој закон го врши Министерството за правда.

Тргнувајќи од наведената законска регулатива, произлегува дека преку бесплатна правна помош, законодавецот уредил можност на граѓаните и други правни лица да им се обезбеди еднаков пристап до институциите на системот, за запознавање, остварување и за овозможување на ефективна правна помош, согласно со начелото за еднаков пристап до правдата. Бесплатната правна помош опфаќа иницијален правен совет за правото за користење на правната помош, општа правна информација и правна помош во комплетирањето на барање за бесплатна правна помош (претходна правна помош), како и застапување во сите степени во судски и управни постапки и составување на писмена во судски и управни постапки (правна помош во постапка пред надлежен орган и организација). Претходната правна помош се дава од овластено службено лице во подрачните одделенија на Министерството за правда и од овластени здруженија на граѓани, а правната помош во постапка пред надлежен орган и организација се дава од адвокати. Надзорот над спроведувањето на одредбите од овој закон го врши Министерството за правда.

Оттука, станува збор за надлежност на Министерството за правда во делот на претходна правна помош која се дава во подрачните одделенија на Министерството и во делот на надзор над спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош, што се несомнено активности на органот на државната управа во интерес на граѓаните и другите правни лица, но кои не влијаат и не ги ограничуваат адвокатите во пружањето на нивната правна помош во судските и управните постапки, во согласност со закон.

Поради наведеното, Судот оцени дека неосновано се тврди во иницијативата дека оспорената надлежност на Министерството за правда ја повредувало адвокатурата, како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон (членот 53 од Уставот), а со тоа се повредувало и начелото на владеењето на правото, кое се обезбедува преку членот 51 од Уставот, според кој, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.89/2016
1 декември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски