У.бр.30/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 23 ноември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на
– делот: „со кои е извршен прекршокот“ од член 318 став 1;
– делот: „22“ од членот 321 став 1 точка 1 и
– член 321 став 7 од Законот за индустриска сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/2009, 24/2011, 12/2014, 41/2014, 152/2015 и 53/2016).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за оценување на уставноста на одредби и делови од одредби од Законот за индустриска сопственост, означени во точката 1 од ова решение.

– Според подносителот на иницијативата, доколку инспекторот утврди дека се повредени правата од индустриска сопственост привремено ќе ги одземе предметите со кои е извршен прекршокот и ќе издаде потврда за привремено одземени предмети за таксативно наведени случаи, според членот 318 став 1 од Законот за индустриската сопственост.

Надзор над примената на овој закон го вршело Министерството за економија, при што не било спорно дека со одредбите од делот XI од наведениот закон, а посебно со членот 318 ставови 2 и 3 се пропишувале административни мерки што ги презема инспекторот.

Во смисла на наведеното не било јасно зошто со наведената административна мерка се пропишувало „со кои е извршен прекршокот“ кога смислата на административните мерки била да се обезбедат докази со кои е сторен прекршокот или пак произлегле од неговото сторување, а самото преземање на таквите административни мерки претходело на поднесување на барањето за поведување на прекршочната постапка.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна пресуда. Притоа привременото одземање на предметите не морало нужно да значи дека по таквото одземање ќе се поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд, односно прекршочен орган, бидејќи тоа било состојба само кога постоело основано сомнение за сторен прекршок, но не и дека навистина бил сторен.

Оттаму, оспорениот дел од одредбата би можел да претставува прејудицирање на постоењето на прекршок што било во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3 и член 13 од Уставот.

– Од содржината на членот 2 од Законот произлегувало дека во неговиот став 2 бил предвиден исклучок од ставот 1, односно дека одредбата немало да се применува. Во наведената смисла не можел да се даде третман, а со тоа и да се пропише како прекршок одредба која во себе содржела повеќе ставови и точки, а во еден или повеќе делови да се пропишело дека еден или повеќе ставови или делови немало да се применуваат во други случаи предвидени со други одредби од закон со кој бил пропишан прекршокот.

Ова подразбирало, одредбата од прописот односно законот, чија повреда се санкционира како прекршок, требало да преставува функционална целина, без притоа во себе да содржи исклучувања на примената за случаите предвидени во други одредби.

Со оглед на тоа што со оспорениот дел од членот 321 став 1 точка 1 од Законот за индустриска сопственост се предвидувало исклучување на примената по однос на членовите 48 и 86 од истиот закон не можело да се смета дека по однос на целината на членот 22 била составена една правно функционална и логична целина од прекршочната одредба.

Според тоа оспорениот дел не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 став 1 од Уставот, а во врска со членот 5 од Законот за прекршоците.

– Подносителот на иницијативата цитира повеќе одредби од Законот за индустриска сопственост и членот 5 од Законот за прекршоците и наведува дека во оспорениот член 321 став 1 од Законот за индустриска сопственост не биле дадени обележјата на прекршокот според членот 318 од истиот закон, како што биле дадени обележјата на прекршоците содржани во членовите 22, 279, 291 ставови 2 и 3 од наведениот закон.
Имено, кога со закон се пропишувала правно санкционирачка одредба за повреда на одредба од тој закон, таа санкционирачка одредба требала во себе да го содржи описот, односно обележјето на повредата на таа одредба. Во оспорената одредба тоа не било случај по однос на обележјата на прекршокот од членот 318 од Законот. Исто така, во оспорениот член 321 став 7 не се пропишувало и тоа дека покрај глобата ќе се изрече и посебна прекршочна мерка предвидена со закон.

Оттаму, можело да се претпостави дека оспорениот член 321 став 7 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот во врска со членот 5 од Законот за прекршоците.

Врз основа на сето наведено подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, а потоа оспорените одредби и делови од одредби да ги укине.

3. Судот на седницата утврди дека според член 318 став 1 од Законот за индустриска сопственост, доколку инспекторот утврди дека се повредени правата од индустриска сопственост привремено ќе ги одземе предметите со кои е извршен прекршокот и ќе издаде потврда за привремено одземените предмети во случај кога:

– неовластено се користи заштитен пронајдок,
– неовластено се користи или имитира заштитен индустриски дизајн,
– неовластено се користи или имитира заштитена трговска марка и
– неовластено се користи или имитира добро позната трговска марка.

Одредбата се оспорува по однос на делот „со кои е извршен прекршокот“ содржана во воведната реченица на ставот 1.

Според член 321 став 1 точка 1 од Законот, глоба во износ од 6.000 евра во денарска противвредност надлежниот суд ќе му изрече на правното лице, односно трговец поединец, меѓу другото, доколку неовластено се занимава со застапување на правни и физички лица (членови 22 и 279).

Одредбата се оспорува по однос на делот „22“.

Според оспорениот член 321 став 7 од Законот, за прекршоците од членот 318 од овој закон и ставот 1 на овој член, на правното лице, одговорното лице во правното лице, одговорното лице во трговец поединец и на физичко лице ќе им се изрече посебна санкција за одземање предмети.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон.

Со Амандман XX со кој се дополнува членот 13 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка утврдени со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

– Во членот 1 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) е предвидено дека, со овој закон се уредуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции, забрзаните прекршочни постапки и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно прекршочните органи.

Според членот 5 од истиот закон, прекршокот е противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии обележја се определени со закон и за кое е пропишана прекршочна санкција.

Во главата XXIV со наслов Привремено одземање на предмети, привремени мерки и привремена забрана, меѓу другите одредби е содржан и членот 109 од Законот. Според ставот 1 од оваа одредба, предметите што можат да бидат одземени според членот 41 од овој закон можат привремено да се одземаат и пред донесувањето на одлуката за прекршокот.

Од анализата на членот 318 став 1 од Законот за индустриска сопственост, каде што е содржан оспорениот дел, произлегува дека инспекторот привремено ќе ги одземе предметите со кои е извршен прекршокот доколку утврди дека се повредени правата од индустриска сопственост во случаите кога неовластено се користи заштитен пронајдок, неовластено се користи или имитира заштитен индустриски дизајн, неовластено се користи или имитира заштитена трговска марка и неовластено се користи или имитира добро позната трговска марка. Во сите случаи инспекторот е задолжен да издаде потврда за привремено одземени предмети.

Според оцена на Судот ваквото овластување на инспекторот за привремено одземање на предметите за кои постои основано сомнение дека биле предмети со кои бил извршен прекршокот е во функција на заштита на субјектите на правата од индустриска сопственост, како и во функција на заштита на граѓаните и спречување на прометот на производите за кои постои сомнение дека не се оригинални. Притоа, решението за привремено одземање на предметите во никој случај не ја повредува презумпцијата на невиност гарантирана со членот 13 од Уставот, бидејќи со ваков вид на акти не се утврдува или потврдува вина на можниот сторител на прекршокот, туку се попречува настанување на евентуални штетни последици од натамошниот промет и се обезбедуваат материјални докази за евентуален прекршок. Во зависност од исходот на постапката привремено одземените предмети се враќаат или пак трајно се одземаат.

Ваквото законско решение според Судот е во функција на заштита на легалната сопственост на субјектите на правата од индустриска сопственост согласно членот 30 од Уставот.

Инаку, привременото одземање на предметите и тоа пред донесувањето на одлуката за прекршокот е институт застапен и утврден во членот 109 став 1 од Законот за прекршоците.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека оспорениот дел од членот 318 став 1 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 13 од Уставот.

– Во членот 321 став 1 точка 1 од Законот каде е содржан оспорениот дел „22“ е предвидена глоба во износ од 6.000 евра во денарска противвредност за правното лице, односно трговец поединец, меѓу другото, доколку неовластено се занимава со застапување на правни и физички лица (членови 22 и 279).

Според членот 22 од Законот, во постапката пред Заводот, странските правни и физички лица ги остваруваат правата од овој закон преку полномошник кој е регистриран за застапување пред Заводот согласно со одредбите од овој закон. Одредбата од ставот 1 на овој член не се применува во случаите од членовите 48 и 86 на овој закон.

Во членот 279 од Законот е утврдено, кој и под кои услови може да врши застапување на странките пред Заводот.

Од анализата на цитираните одредби од Законот произлегува дека законодавецот предвидел исполнување на јасни законски услови за полномошниците на странските физички и правни лица за остварување на нивните права пред Заводот. Притоа предвидувањето на исклучок од општите правила не е непознат начин во номотехниката на креирањето на правните норми. Но, во случајот со членот 321 став 1 точка 1 од Законот не е предвиден било каков исклучок, туку е предвидена конкретна глоба. Исклучокот е предвиден во друга норма која не е предмет на посебно оспорување.

Оттаму, според Судот оспорениот дел од членот 321 став 1 точка 1 од Законот оценуван од аспектите на иницијативата е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.

– Според оспорениот член 321 став 7 од Законот, за сите прекршоци од членот 318 на овој закон и ставот 1 на овој член, на правното лице, одговорното лице во правното лице и на физичко лице ќе им се изрече посебна санкција за одземање предмети.

Во членот 321 став 1 од Законот предвидена е глоба во износ од 6000 евра во денарска противвредност за правно лице, односно трговец поединец доколку:

1) неовластено се занимава со застапување на правни и физички лица (членови 22 и 279);
2) неовластено користи пријавен или заштитен пронајдок (член 291 став 2);
3) неовластено користи или имитира пријавен или заштитен индустриски дизајн (член 291 став 2);
4) неовластено користи или имитира пријавена или заштитена трговска марка (член 291 ставови 2 и 3) и
5) неовластено користи или имитира добро позната трговска марка (член 291 ставови 2 и 3).

Во членот 318 став 1 од Законот е определено овластување за инспекторот да донесе решение со кое ќе нареди да се повлечат производите од промет, односно опремата, средствата и документите во врска со нив, односно да определи соодветни мерки за спречување на натамошната повреда и да определи рок за нивно повлекување од промет доколку утврди дека се повредени правата од индустриска сопственост, а особено кога:
1. неовластено се користи заштитен пронајдок;
2. неовластено се користи или имитира заштитен индустриски дизајн;
3. неовластено се користи или имитира заштитена трговска марка;
4. неовластено се користи ознака ® за трговска марка што не е регистрирана;
5. неовластено се користи или имитира добро позната трговска марка и
6. неовластено се користи или имитира заштитен географски назив.

Тргнувајќи од анализата на цитираните законски одредби произлегува неоснованост на наводот од иницијативата дека во оспорениот член 321 став 7 од Законот не бил содржан опис на прекршокот на кој се однесува посебната санкција одземање на предмети. Ова од причина што оваа одредба треба да се разгледува како целина со членовите 318 и 321 став 1 од Законот, според номотехниката на создавање на нормите користена во овој закон, на кој начин се доаѓа до описот, обележјата на конкретните прекршоци на кои би се однесувала оваа санкција.

Оттаму, според Судот оспорениот член 321 став 7 од Законот оценуван по однос на аспектите од иницијативата е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 13 и членот 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.30/2016
23 ноември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски