У.бр.132/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 ставовите 4 и 5 од Законот за спортска академија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2014 и 129/2015).

2. М-р Томе Весев од Струмица до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените ставови 4 и 5 на членот 9 од Законот за спортска академија не биле во согласност со член 44 од Уставот во кој било утврдено уставно загаранираното право на образование под еднакви услови за сите.

Подносителот на иницијативата смета дека од содржината на одредбите на членовите 55 и 56 од Законот за средното образование во кои биле определени општите услови за сите ученици во средно обраование, каде децидно биле утврдени условите за престанок на статусот на ученик во средно обрзование и вреднувањето на оценките со кој е утврдено дека само оценката недоволен 1 е непреодна, произлегувало дека со утврдувањето во ставот 4 на оспорената одредба од Законот за спортска академија, на ученик во спортската академија да му престанува статусот на ученик доколку не постигнел успех од најмалку многу добар (4) од изборниот предмет, тренинг од избраниот спорт и најмалку општ успех 3,5 на крајот на учебната година кое резултира со престанок на статус на ученик, учениците во средното образование во спортската академија се ставале во нееднаква положба со другите ученици во средно образование.

Од наведените причини се предлага оспорениот член од Законот да се укине бидејќи истиот не бил во согласност со член 44 од Уставот. Истовремено, подносителот на иницијативата предлага Судот да изрече и времена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 9 ставови 4 и 5 од Законот за спортска академија се предвидува дека на ученик во спортска академија му престанува статусот на ученик доколку не постигнал успех од најмалку многу добар (4) од изборниот предмет тренинг од избраниот спорт и најмалку општ успех од 3,5 на крајот на учебната година (став 4) и ученикот од став (4) на овој член го продолжува своето средно образование во друго средно училиште, согласно Законот за средно образование ( став 5).

4. Според член 44 од Уставот на Република Македонија секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Средното образование во Република Македонија е уредено со Законот за средно образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995…30/2016, 120/2016 и 127/2016). Така, со член 1 од истиот закон се предвидува дека со Законот за средното образование се уредува организацијата, функционирањето и управу-вањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието.

Во членот 3 од овој закон се утврдува дека секој под еднакви услови утврдени во овој закон, има право на средно образование. Не се дозволени дискриминации засновани на пол, раса, боја на кожата, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотна и општествена положба.

Во делот V на Законот за средно образование во насловот „Ученици“ во членот 55 е утврдено дека:

Статусот на редовен ученик во јавното училиште престанува ако ученикот:

– го заврши средното образование,
– не се запише во роковите што се определени со статутот,
– се испише,
– неоправдано не ја посетува наставата континуирано 25 наставни дена во текот на наставната година,
– е на издржување на казна затвор во траење подолго од шест месеци и
– двапати повторува во текот на средното образование.

Со посебен акт на приватното училиште се определуваат условите за престанок на статусот на ученик.

Во членот 56 е утврдено: Учениците се оценуваат по наставните предмети што ги изучуваат. Оценките на ученикот во јавните училишта се утврдуваат како: одличен (5), многу добар (4), добар (3), доволен (2) и недоволен (1). Сите оценки се преодни освен оценката недоволен (1). Следењето и вреднувањето на напредокот и постигнувањето на учениците може да се врши со интерно и екстерно проверување и оценување. Интерното проверување и оценување го вршат наставниците во училиштетот, а екстерното го врши Бирото за развој на образованието и училиштето.

Постигнувањето на учениците по задолжителните изборни програми во гимназиското образование и задолжителните активности во стручното образование се следат и вреднуваат согласно со наставните програми. За постигнувањата на учениците од став 3 на овој член мислење дава наставникот кој ја реализира програмата. Мислењето се заведува во соодветна педагошка документација и не влијае на општиот успех на ученикот. Начинот на проверување и оценување на учениците од став 2 на овој член го пропишува министерот.

Законот за спортска академија ги уредува организацијата, функционирањето и реализацијата на воспитно-образовниот процес во спортската академија (член 1).

Според член 2 од овој закон, за прашањата што не се уредени со овој закон, а се однесуваат на спортската академија, се применуваат одредбите од Законот за спортска академија.

Согласно член 4 од Законот, спортска академија е државно средно училиште и се основа само за остварување на планови и програми за гимназиско образование на одредени категории на ученици за кои државата има посебен интерес (став 1).

Дејноста што се остварува во спортската академија е од јавен интерес и се врши како јавна служба (став 2).

Во членот 8 од Законот се предвидува дека во спортската академија се запишуваат редовни ученици кои завршиле основно образование, се стекнале со соодветен успех во основното образование кој се утврдува во конкурсот за запишување на ученици во јавните средни училишта во Република Македонија и имаат потврда за способности за спортски вештини за спортот за кој ученикот е подготвуван согласно со членот 9 став 2 од овој закон.

Според член 9 од овој закон:

(1) Статус на ученик во спортска академија се стекнува со запишување во спортска академија.
(2) На ученикот кој се запишува во спортска академија задолжително му се врши проверка на способностите за спортски вештини.
(3) Посебните критериуми за запишување на учениците во спортска академија ги утврдува министерот на предлог на национални спортски федерации, утврдени во Законот за спорт, а по претходно мислење на Бирото за развој на образованието.
(4) На ученик во спортска академија му престанува статусот на ученик доколку не постигнал успех од најмалку многу добар (4) од изборниот предмет тренинг од избраниот спорт и најмалку општ успех од 3,5 на крајот на учебната година.
(5) Учениот од став (4) на овој член го продолжува своето средно образование во друго средно училиште, согласно Законот за средното образование.

Тргнувајќи од анализата на цитираните уставни и законски одредби vis a vis наводите во иницијативата, според Судот, истите се неосновани од следниве причини:

Спортската академија е средно државно училиште кое е основано исклучиво за образование на одредени категории на ученици за кои државата има посебен интерес, поточно за ученици кои имаат талент и интерес за спорт. Токму поради ваквите разлики, законодавецот предвидува во оспорените ставови поинакви, различни услови од оние на другите редовни ученици,а се со цел во спортската академија да се запишат ученици кои се со спортски предиспозиции и талент, кои подоцна треба да го докажат преку постигнување на одреден успех од изборниот предмет тренинг од избраниот спорт и посебен општ успех на крајот од учебната година, како што уредува ставот 4 на член 9 од Законот.

Имено, подносителот на иницијативата погрешно го толкува поимот ученик и истиот не прави разлика помеѓу ученик во средно училиште и ученик во спортската академија каде на ученикот му се дава друга димензија, од причина што истата се основа исклучиво и само за остварување на планови и програми за гимназиско образование на одредени категории на ученици за кои државата има посебен интерес. Ваквата квалификација на поимот ученик всушност е од суштинско значење за дистинкцијата на поимот, а со тоа и за определување на статусот на ученик во средно училиште и ученик во спортска академија.

Тргнувајќи од тоа дека ученик во средно училиште и ученик во спортска академија немаат ист статус, односно не се наоѓаат во иста правна положба, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените ставови 4 и 5 од членот 9 на Законот за спортска академија со член 44 од Уставот. Ова дотолку повеќе што, право на законодавецот е да ја цени целисходноста на различните законски решенија (Законот за средно образование vis a vis Законот за спортска академија) за различни субјекти во правото кои немаат ист статус (ова со оглед на посебниот карактер на воспитно-образовниот процес во спортската академија) што е неспорно и во изнесените законски одредби во однос на учениците во средните училишта и учениците во спортската академија, за кои законодавецот определил и различни услови за престанок на статусот ученик. Оттука не постојат уставни пречки за предметното регулирање во оспорените ставови 4 и 5 од членот 9 од Законот, ниту од наводите во иницијативата може да се доведе во прашање согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот.

Според Судот, исто така, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член од Законот се повредува Уставот на начин што со одредените законски мерки се повредува правото на задолжително средно образование. Ова, од причина што со оспорената одредба се предвидува дека ученикот кој нема да ги исполни наведените услови има право да го продолжи своето средно образование во друго средно училиште, со што не се повредува правото на задолжително средно образование кое е утврдено во член 3 од Законот за средното образование.

5. Врз основа на наведеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.132/2016
16 ноември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски