Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 9 ноември 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на делот
2. Народно движење за Македонија, преку претседателот д-р Јанко Бачев од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање оценување на уставноста на членот 196-д од Изборниот законик означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот се поставувало прашањето за согласност на оспорениот дел од законската одредба со цитираните член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 23, член 32 став 2, член 33 и член 51 од Уставот на Република Македонија поради повеќе причини образложени во иницијативата.
Имено, од анализата на уставните одредби произлегувало дека граѓаните се еднакви и рамноправни од секој аспект поврзан со правото на вршење на јавни функции и достапноста на работното место под еднакви услови и оттука не можело да се дискриминираат на начин што четири политички партии, односно СДСМ, ДПА, ДУИ и ВМРО се поистоветувале со државата и определувале членови на Привремената комисија за следење на медиумското претставување по основ на уставно непознати термини како што биле: „двете политички партии во опозиција со најголем број пратеници и двете политички партии на власт со најголем број пратеници“.
Со оспорениот дел од одредбата граѓаните се ставале во нерамноправна положба во однос на можноста да претендираат на вршењето на јавна функција и достапноста на секое работно место под еднакви услови, со што се нарушувал принципот на еднаквост и забрана на дискриминација по основ на политичко уверување имплицирајќи правна несигурност, различно применување и интерпретирање и со тоа повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Во наведениот контекст дискриминацијата можела да се толерира единствено ако била објективна и пропорционална на целта што требало да се постигне, односно изборот на членовите на наведената комисија да го вршел надлежен орган и истиот да бил објективен одраз на знаењето и постигнатиот успех и пропорционален на целта за обезбедување на стручни кадри во Комисијата. Во наведените рамки оспорениот дел од одредбата отстапувал од наведениот уставен концепт и од одделни уставни гаранции за функционирање на кадровското пополнување на Привремената комисија и потребата од развивање на таква постапка за селекција, која би била транспарентна, отворена со јасни правила, при што преку јавен оглас, како отворен натпревар на кој би се верификувале способностите и професионалните капацитети на потенцијалните членови на Комисијата, врз основа на нивната способност, знаење и достигнување.
Исто така, од изнесените уставни одредби произлегувало дека со оспорениот законски дел се уредувало прашање кое излегувало од предметот на уредување на Изборниот законик, кој имал уставен основ да го уредува начинот, условите и постапката за избор на пратеници, начинот и постапката за евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функциони-рање на избирачките места, а не да ги селектира и рангира граѓаните по партиска линија и уставно нејасните и непознати поими, дотолку повеќе, еднаквоста и рамноправноста на граѓаните била веќе уставно уредено прашање.
Дејствувањето на граѓаните било слободно и под еднакви услови и таа слобода и еднаквост се изразувале и во делот на правото да учествуваат во вршењето на јавни функции и достапноста на секое работно место под еднакви услови кои спаѓале во категоријата на основни слободи и права на човекот и граѓанинот како темелна вредноста на уставниот поредок на Република Македонија, поради што нивното остварување било уставно заштитено.
Подносителот на иницијативата поаѓајќи од уставните одредби кои се однесуваат на основните слободи и права поставува прашање дали со оспорената определба на законодавецот да ги стави во нееднаква правна положба граѓаните по основ на тоа дали се или не се членови на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, кои ги определуваат членовите во Привремената комисија, а при еднаква обврска на граѓаните да плаќаат данок и други јавни давачки, всушност значело нарушување на еднаквоста и рамноправноста со што се попречувало остварувањето на демократскиот карактер на нашето општество во еден од суштинските аспекти (право на секој граѓанин да учествува во вршењето на јавна функција/достапност на секое работно место под еднакви услови) на рамноправност во услови на гарантирана еднаквост пред Уставот и законите.
Оттаму, целта на било кој закон во едно демократско општество секогаш била создавање на услови за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, а не негово ограничување, што значело дека целта на овој закон морала да биде пропишување, но и обезбедување на услови за еднаков и рамноправен пристап на граѓаните до јавните функции и достапност на секое работно место, а не преку утврдување на дискриминаторски услови по основ на политичко уверување и нееднакво третирање, што било недозволено во едно демократско општество.
Врз основа на наведеното подносителот предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата како спротивен на уставните одредби означени во иницијативата, а потоа истиот да го поништи. Воедно, поради фактот што оспорениот дел од одредбата бил во директна корелација со изборите најавени за 11.12.2016 година, а со цел попречување на настанување на тешко отстранливи последици подносителот на иницијативата предлага донесување на решение, согласно членот 27 од Деловникот на Судот, за запирање на извршувањето на дејствијата што се превземаат врз основа на оспорениот дел од одредбата.
Од анализата на наводите во иницијативата Судот утврди дека предмет на оспорување не е целината на членот 196-д од Изборниот законик, туку само означениот дел кој е поместен во ставот 1 од наведената одредба.
3. Судот на седницата, утврди дека според член 196-д од Изборниот законик, Привремената комисија е составена од пет члена, од кои четири члена ги определуваат двете политички партии во опозиција со најголем број пратеници и двете политички партии на власт со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, по претходна консултација со релевантните професио-нални организации, од кои најмалку еден член е од редот на припадниците на најголемата немнозинска заедница во Република Македонија, во рок од седум дена од денот на влегување во сила на овој закон (став 1).
Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги именува четирите члена на Привремената комисија, веднаш а најдоцна во рок од еден ден од денот кога биле определени (став 2).
Петтиот член на Привремената комисија, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го именува по
претходен предлог усвоен со консензус од четирите члена од ставот 2 од овој член, во рок од 15 дена од нивното именување (став 3).
Мандатот на Привремената комисија трае до завршува-њето изборниот процес на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат во 2016 година (став 4).
Одредбата се оспорува во делот: „од кои четири члена ги определуваат двете политички партии во опозиција со најголем број пратеници и двете политички партии на власт со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија,“ од членот 196-д став 1 од Изборниот законик.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во членот 23 од Уставот е определено дека, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому под еднакви услови му е достапно секое работно место (став 2).
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Тргнувајќи од анализата на цитираните член 23 и член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, произлегува дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции, како и тоа дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а секое работно место му е достапно секому под еднакви услови. Ваквата определба не значи дека претендентите за вршители на јавни функции, како и претендентите за работните места не треба да исполнуваат законски определени критериуми, туку напротив уставотворецот остава слобода на законодавецот за секоја одделна јавна функција или работно место со посебен закон, според конкретната специфика, да ги определи соодветните услови и критериуми.
Исто така, ако се има предвид дека повремени работни тела или пак повремени комисии (исклучок е членот 76 ставови 1 и 2-собраниските повремени работни тела и анкетни комисии) не се предмет на уставно уредување произлегува дека е оставена слобода на законодавецот да утврди точно во кој закон и од која област ќе ги уреди прашањата по однос на основањето и функционирањето на ваков вид на тела, кога за тоа ќе се јави потреба.
Според тоа наводот од иницијативата дека регулативата за Привремената комисија не би смеела да биде предмет на уредување во Изборниот законик е неоснован.
Основната функција на Привремената комисија е следење на медиумското преставување во точно утврден период (8 август 2016-ден кога влегол во сила Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик „Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2016 до завршување на изборниот процес на предвремените избори).
Ако се има предвид дека медиумското претставување е предмет на уредување во повеќе одредби од Изборниот законик како што се: член 2 точки 22, 27 и 28; поднасловот: „2.Медиумско преставување“ со членовите 75, 75-а, 75-б, 75-в, 75-г, 75-д, 76-в и 76-г; потоа членовите 196-в, 196-г, 196д, 196-ѓ, 196е, 196-ж, 196-з, 196-ѕ, 196-и и 196-ј и други произлегува дека оспорената проблематика по однос на Привремената комисија има поголем број допирни точки со изборната материја уредена во конкретниот законик. Притоа означените одредби не се предмет на оспорување во иницијативата од наведените аспекти.
Инаку, законодавецот се определил за Привремена комисија составена од пет члена, од кои четирите ги определуваат двете политички партии во опозиција со најголем број пратеници и двете политички партии на власт со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, а петтиот член е од редот на припадниците на најголемата немнозинска заедница во Македонија.
Според оцена на Судот вака креираната норма е јасна и недвосмислена, крајно избалансирана и истата не остава простор за различна интерпретација или пак примена како што неосновано се тврди во иницијативата. Определбата за мешан состав на Привремената комисија (спротивставени политички опции, односно преставници од опозициските партии, партиите на власт и припадник на најголемата немнозинска заедница) од друга стана го задоволува и уставниот принципот за еднаквост на граѓаните од членот 9 од Уставот.
Исто така, проблематиката покрената во иницијативата по однос на составот на Привремената комисија не може да се доведе во корелација со членот 33 од Уставот, кој определува должност за плаќање данок и други јавни давачки и учество во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Врз основа на сето наведено Судот оцени дека оспорениот дел од членот 196-д став 1 од Изборниот законик е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 23, член 32 ставови 1 и 2, член 33 и член 51 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.144/2016
9 ноември 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски