У.бр.101/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 ноември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Прилогот 1 и Прилогот 2 од Правилникот за начин и услови за регулирање на тарифи за пренос, управување со системот за пренос и дистрибуција на природен гас, донесен од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија (”Службен весник на Република Македонија” број 151/2011 и 160/2011).

2. Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје и Друштвото за производство на топлинска енергија ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА БАЛКАН ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје, преку полномошник Адвокатско друштво Пепељугоски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на прилозите означени во точката 1 на ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорените прилози од Правилникот за начин и услови за регулирање на тарифи за пренос, управување со системот за пренос и дистрибуција на природен гас, не биле во согласност со одредбите од самиот правилник, со одредбите од Законот за енергетика и со член 55 од Уставот на Република Македонија.

Правилникот за начин и услови за регулирање на тарифи за пренос, управување со системот за пренос и дистрибуција на природен гас бил донесен од Регулаторната комисија за енергетика, врз основа на членот 22 став 1 алинеја 3 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2011). Составен дел на Правилникот бил Прилог 1, насловен како Методологија за пресметка на просечна тарифа за регулирана дејност пренос на природен гас, и Прилог 2, насловен како Методологија за пресметка на тарифа за регулирана дејност управување со системот за пренос на природен гас.

Во иницијативата се наведува дека Регулаторната комисија за енергетика, постапувајќи во согласност со членот 22 став 1 алинеја 4 од Законот за енергетика и членот 23 ставовите 1 и 2 од Правилникот за начин и услови за регулирање на тарифи за пренос, управување со системот за пренос и дистрибуција на природен гас, користејќи ги методологиите и начинот на достава на податоци опишан во самиот правилник и Прилогот 1 и Прилогот 2, донела Одлука за одобрување на регулирани максимални приходи и тарифи за вршење на дејностите пренос на природен гас и управување со системот за пренос на природен гас.

Утврдените регулирани максимални приходи утврдени со оваа одлука, а кои биле утврдени врз основа на методологиите утврдени во Прилогот 1 и Прилогот 2 од Правилникот, директно влијаеле на цената на производите на претпријатијата кои ги користат системот за пренос на гас и биле приклучени на системот за пренос на природен гас, а со тоа начинот на утврдување на цените директно влијаел и на крајната цена која ја плаќаат потрошувачите и корисниците на природниот гас.

Според подносителите на иницијативата, методологиите утврдени во Прилог 1 и Прилог 2 од Правилникот, не соодветствувале со реалната ситуација на пазарот на природен гас во Република Македонија и истите биле спротивни на членот 55 од Уставот на Република Македонија, спротивни на Законот за енергетика и спротивни на самиот правилник чиј составен дел биле.

Понатаму, во иницијативата се цитираат членот 55 од Уставот, членовите 9, 24, 85 и 86 од Законот за енергетика и членовите 2, 9 и 10 од Правилникот за начин и услови за регулирање на тарифи за пренос, управување со системот за пренос и дистрибуција на природен гас, па се наведува дека имајќи ги предвид тие одредби кои јасно укажувале дека треба да се обезбеди конкурентност, недискриминација и слобода на претприемништвото, произлегувало дека оспорените Прилог 1 и Прилог 2 биле во спротивност со цитираните одредби и истите биле дискриминаторски, не се обезбедувало урамнотежнување на интересите на вршителите на енергетските дејности и потрошувачите, не се заштитувале потрошувачите и корисниците од злоупотреба на доминантната положба на ГА-МА како оператор кој управувал со системот за пренос на природен гас заради што му се давало за право да наплаќа неоправдано високи цени и тарифи. Заради тоа се овозможувало создавање на неконкурентен пазар и не се создавале услови за развој на претприемништвото.

Спротивноста на овие методологии со уставно декларираните одредби за развој на претприемништвото, заштита од монополската положба кои биле преземени во начелата на Законот за енергетика кој нормирал развој на конкуренцијата на транспарентен начин, најдобро се гледала со регулираните максимални тарифи кои согласно овие методологии ги донесувала Регулаторната комисија за енергетика во нејзините одлуки. Како пример се наведува последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика од 25 декември 2015 година, за одобрување на регулирани максимални приходи и тарифи за вршење на дејностите пренос на природен гас и управување со системот за пренос на природен гас за 2016 година на АД ГА-МА Скопје.

Оспорените Прилог 1 и Прилог 2 од Правилникот не ја поттикнувале конкурентноста, заштитата на потрошувачите, биле дискриминаторски и не служеле за поттикнување на претприемништвото, поради што биле спротивни на Законот за енергетика и особено на членот 55 од Уставот, од причина што:

– Трошоците за амортизација на системот за пренос и управување со природен гас не биле утврдени согласно реалната искористеност на самиот систем;
– Годишниот принос на регулирани средства за вршење на регулираната дејност не биле определени во согласност со искористеноста на системот од претходната година;
– Трошоците за тековно одржување не биле определени во согласност со трошоците за амортизација согласно искористеноста на системот;
– Трошоците за дозволени технички загуби и трошоците за залиха на природен гас не биле определени на начин што да ја имаат во вид цената на природниот гас.

Согласно наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Прилогот 1 и Прилогот 2 од Правилникот и истите да ги поништи или укине.

3. Судот на седницата утврди дека Прилогот 1 – Методологија за пресметка на просечна тарифа за регулирана дејност пренос на природен гас и Прилогот 2 – Методологија за пресметка на тарифа за регулирана дејност управување со системот за пренос на природен гас, се составен дел на Правилникот за начин и услови за регулирање на тарифи за пренос, управување со системот за пренос и дистрибуција на природен гас, донесен од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Во Прилогот 1, кој е насловен како: Методологија за пресметка на просечна тарифа за регулирана дејност пренос на природен гас, како посебни поднаслови, дополнително разработени преку соодветни формули, се определени: просечна тарифа за пренос, регулиран приход на оператор на преносната мрежа, оперативни трошоци (О), даноци, придонеси и други давачки кои зависат од резултатот (Т), амортизација (D), принос од регулирани средства (RA), просечна вредност на средствата со кои се врши регулираната дејност (регулирани средства – RAB), оправданост на инвестициите, пондерирана просечна цена на капитал (WACC), цена на сопствен капитал (Ке), цена на долг (Кd) и примена на приносот од регулираните средства (RA).

Во Прилогот 2, кој е насловен како: Методологија за пресметка на тарифа за регулирана дејност управување со системот за пренос на природен гас, како посебни поднаслови, дополнително разработени преку соодветни формули, се определени: регулирана тарифа, регулиран приход, оперативни трошоци (О), даноци, придонеси и други давачки (Т), амортизација (D), принос од регулирани средства (RA), просечна вредност на средствата со кои се врши регулираната дејност (регулирани средства–RAB), оправданост на инвестициите, пондерирана просечна цена на капитал (WACC), цена на сопствен капитал (Ке), цена на долг (Kd) и распределба на регулираниот приход.

4. Во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 1 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“број 16/2011, 136/2011, 79/2013, 164/2013, 41/2014, 151/2014, 33/2015, 192/2015, 215/2015 и 6/2016), со овој закон се уредуваат:
1) целите на енергетската политика и начинот на нејзината реализација;
2) енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности;
3) изградбата на енергетските објекти;
4) статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија;
5) пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија;
6) условите за остварување на енергетска ефикасност и промоција на користењето на обновливите извори на енергија и
7) други прашања од значење за енергетиката.

Со членот 9 став 2 од овој закон се пропишува дека со енергетската политика треба да се обезбеди:
1) безбедно, сигурно и квалитетно снабдување на потрошувачите со сите видови на енергија и енергенти;
2) создавање на транспарентни и стабилни услови за конкурентен и економски функционален енергетски сектор;
3) унапредување на пазарната конкурентност при обезбедување на енергетски услуги, врз основа на принципите на недискриминација и транспарентност;
4) ефикасно обезбедување на услуги за потрошувачите;
5) интегрирање на енергетските пазари во Република Македонија во регионалните и меѓународните енергетски пазари;
6) користење на енергетските извори на начин кој обезбедува одржлив енергетски развој;
7) унапредување на енергетската ефикасност;
8) поттикнување на користење на обновливи извори на енергија;
9) заштита на животната средина од штетните влијанија при вршење на енергетските дејности;
10) исполнување на обврските кои произлегуваат од ратификувани меѓународни документи и
11) мерки за заштита на граѓаните од енергетска сиромаштија.

Според членот 15 став 1 од Законот, регулирањето на прашањата поврзани со вршењето на енергетските дејности определени со овој закон го врши Регулаторната комисија за енергетика. Согласно ставот 2 на истиот член, Регулаторната комисија за енергетика е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со овој закон.

Со членот 22 од Законот се пропишува дека заради обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречено функционирање на енергетските пазари, Регулаторната комисија за енергетика ги има следниве надлежности:
1) го следи функционирањето на енергетските пазари заради обезбедување на сигурно снабдување со енергија и енергенти;
2) донесува прописи и тарифни системи и донесува или одобрува методологии за формирање на тарифи за регулираните енергетски дејности;
3) донесува прописи, методологии за формирање на цени и тарифни системи за испорака на одделни видови на енергија и/или енергенти за тарифните потрошувачи;
4) донесува одлуки за цени и тарифи врз основа на соодветните прописи, методологии и тарифни системи;
5) донесува пропис за начинот на формирање на цените за нафтените деривати и за горивата за транспорт и одлуки за цените за нафтените деривати и за горивата за транспорт, наведени во членот 24 став (3) од овој закон, во согласност со обврските преземени од Република Македонија;
6) ги одобрува мрежните правила што ги донесуваат операторите на енергетските системи, водејќи сметка за нивната усогласеност со обврските кои Република Македонија ги презела со меѓународни договори или обврските на операторите на енергетските системи што произлегуваат од членството во меѓународните асоцијации; 7) на предлог на операторите на соодветните енергетски системи, ги одобрува условите и надоместоците за приклучување и пристап до соодветните преносни или дистрибутивни системи;
8) донесува правила за снабдување со електрична енергија, правила за снабдување со топлинска енергија и правила за снабдување со природен гас;
9) донесува правила за снабдување во краен случај со електрична енергија и правила за снабдување во краен случај со природен гас;
10) донесува правила за пазарот на електрична енергија и правила за пазарот на природен гас;
11) по потреба бара од надлежните оператори на системите или операторот на пазарот на електрична енергија да ги променат условите, тарифите, правилата, механизмите и методологиите за приклучување, пристап, урамнотежување или користење на соодветните системи или пазар;
12) одлучува по барања за изземање од обврската за овозможување на пристап на трети страни до енергетските системи или нови интерконективни гасоводи;
13) води регистар на повластени производители и донесува одлука за стекнување на статус на повластен производител;
14) се грижи за заштита и унапредувања на правата на потрошувачите на енергија и енергенти и корисниците на енергетските системи;
15) предлага мерки за поттикнување на конкуренцијата на енергетските пазари;
16) ги пропишува условите, начинот и постапката и донесува одлуки за издавање, менување, пренесување, суспендирање, одземање и престанок на лиценци за вршење на одделни дејности од областа на енергетиката и го следи извршувањето на обврските утврдени со лиценците за вршење одделни дејности од областа на енергетиката;
17) ги одобрува плановите за развој и изградба на преносните и дистрибутивните мрежи и го следи нивното навремено донесување и спроведување;
18) ги одобрува и го следи спроведувањето на програмите за усогласување на операторите на соодветните енергетски системи со кои се обезбедува нивна целосна правна, финансиска, управувачка и функционална независност од работењето на вертикално интегрираните енергетски претпријатија кон кои припаѓаат, како и од поврзаните енергетски претпријатија;
19) решава спорови кои настанале меѓу вршителите на регулираните дејности и нивните корисници, вклучувајќи ги и прекуграничните спорови;
20) соработува со надлежните државни органи, органите на единиците на локалната самоуправа, вршителите на енергетски дејности, корисниците на енергија и други организации и институции;
21) доставува предлог до надлежните органи за преземање на мерки во согласност со нивната надлежност и во постапка пропишана со закон, кон субјектите кои дејноста ја вршат спротивно на овој закон;
22) покренува иницијативи и предлага донесување на нови и изменување на постојните закони и други прописи од областа на енергетиката;
23) учествува во соодветни регионални и меѓународни организации и соработува со други регулаторни тела со цел да придонесе кон развојот на регионалните пазари на енергија, во согласност обврските преземени со ратификуваните меѓународни договори;
24) донесува деловник и други интерни акти за својата работа и
25) врши други работи во согласност со овој закон.

Според членот 24 од Законот за енергетика:
(1) Со прописите и методологиите за формирање на тарифите за услугите за регулираните енергетски дејности, Регулаторната комисија за енергетика ги уредува и начинот на пресметка, одобрување и контрола на остварувањето на приходите за вршењe на регулираните енергетски дејности.
(2) Со прописите за формирање на цените на електрична енергија или природен гас за потрошувачите што се снабдуваат преку снабдувач во краен случај Регулаторната комисија за енергетика го уредува начинот на формирањето, одобрувањето и контролата на крајната цена на електричната енергија или природен гас што треба да ја плати потрошувачот, а во која се вклучени производната, односно набавната цена на електричната енергија или природниот гас, соодветните тарифи за користење на енергетските системи и пазари, трошоците за урамнотежување, надоместокот за услугата снабдување, како и финансиските и другите форми на компензации коишто се доделуваат заради исполнување на обврските за обезбедување на јавна услуга.
(3) Со прописот и методологијата за формирање на цените на нафтените деривати и горивата за транспорт, Регулаторната комисија за енергетика го уредува начинот на формирање, одобрување и контрола на рафинерските и малопродажните цени на моторните бензини, дизел горивата, екстралесното масло и мазутот, како и малопродажните цени на мешавините од фосилни горива и биогорива наменети за транспорт.
(4) Прописите од ставовите (1), (2) и (3) на овој член треба да се засновани на начелата на објективност, транспарентност и недискриминаторност и со нив треба да се обезбеди:
1) урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и потрошувачите;
2) заштита на потрошувачите и корисниците од злоупотреба на доминантна позиција на пазарот и неоправдано високи цени и тарифи;
3) креирање на мерки за поттикнување на ефикасно работење на вршителите на регулираните енергетски дејности;
4) вршителите на соодветните енергетски дејности да ги повратат оправданите трошоци за вршење на енергетската дејност, како и соодветен поврат на капиталот;
5) тарифите за пренос и дистрибуција и соодветните методологии треба да овозможат со неопходните инвестиции во системите да се обезбеди одржливо функционирање на системите и
6) отстранување на вкрстените субвенции меѓу групите потрошувачи и прелевање на приходите и трошоците при вршење на регулираните и/или нерегулираните енергетски дејности.
(5) Со прописите од ставовите (1) и (2) на овој член треба да се утврдат објективни и недискриминаторски критериуми за процена на оправданоста на трошоците неопходни за вршење на регулираните енергетски дејности, водејќи сметка за зголемувањето на ефикасноста на работењето на вршителите на регулираните енергетски дејности.
(6) Со прописите за формирање на тарифата за пренос и тарифите за дистрибуција на енергија или природен гас, трошоците за набавка на енергија или природен гас за покривање на загубите во соодветниот енергетски систем се утврдуваат и се признаваат имајќи ја предвид динамиката за намалување на загубите според плановите за намалување на загубите што операторите на системите ги доставуваат за одобрување до Регулаторната комисија за енергетика.
(7) Во прописите од ставот (1) на овој член треба да се земат предвид:
1) приходите остварени од операторите на преносните системи по основ на прекугранични текови на електрична енергија, односно природен гас и надоместоци за справување со загушувањата во преносните системи и тие приходи:
– да имаат соодветен третман при определување на тарифите за користење на преносните системи или
– да се користат за одржување или инвестирање во зголемувањето на интерконективните капацитети;
2) приходите и трошоците остварени од операторите на преносните системи по основ на урамнотежување и
3) трошоците за набавка на системските услуги, трошоците за покривање на одобрените загуби на енергија или природен гас и други трошоци утврдени во согласност со соодветните методологии.
(8) Во прописите од ставот (1) на овој член што се однесуваат на користењето на електропреносниот и електродистрибутивните системи, Регулаторната комисија за енергетика, за потрошувачите приклучени на електродистрибутивните системи може да предвиди комбинирана тарифа за секое напонско ниво, во која ќе биде вградена и тарифата за користење на електропреносниот систем. При определувањето на комбинираната тарифа за користење на електропреносниот и електродистрибутивниот систем треба да се води сметка за произведената електрична енергија од производителите на електрична енергија приклучени на електродистрибутивната мрежа.

Со членот 27 од Законот се пропишува дека Регулаторната комисија за енергетика донесува правила за пазар на електрична енергија и правила за пазар на природен гас, засновани на принципите на транспарентност и недискриминација на корисниците на пазарите на електрична енергија и природен гас.

Според членот 33 од Законот:
(1) Учеството на заинтересираните субјекти и јавноста во постапката за одлучување на Регулаторната комисија за енергетика, се остварува преку присуство на подготвителни седници и на друг начин пропишан од Регулаторната комисија за енергетика.
(2) Регулаторната комисија за енергетика е должна да ги повика на подготвителна седница заитересираните субјекти, особено во постапките за:
1) донесување прописи за формирање на цени на одделни видови енергија и енергенти и тарифи за услуги во врска со вршењето на одделни енергетски дејности;
2) одобрување правила изготвени од носителите на лиценци;
3) донесување тарифни системи за електрична енергија и природен гас;
4) донесување одлуки за цени на одделни видови на енергија или енергенти и тарифи, во согласност со прописите за формирање на цени и тарифните системи на одделни видови на енергија, услуги во врска со вршењето на одделни енергетски дејности и
5) донесување одлуки за издавање, менување, пренесување, престанок, суспендирање и одземање на лиценци за вршење енергетска дејност.
(3) Регулаторната комисија за енергетика со деловникот за работа поблиску ги уредува постапката и начинот на свикување и одржување на подготвителните седници од ставот (1) на овој член, како и другите начини за учество на заинтересираните субјекти и јавноста во постапката за одлучување.

Врз основа на членот 22 став 1 алинеја 3 од Законот за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика има донесено Правилник за начин и услови за регулирање на тарифи за пренос, управување со системот за пренос и дистрибуција на природен гас („Службен весник на Република Македонија“ бр. 151/2011, 160/2011 и 166/2012).

Со овој правилник се уредува начинот и условите за формирање, одобрување и контрола на тарифите (во понатамошниот текст: регулирање на тарифи) со кои се остварува регулираниот максимален приход за вршење на регулираните дејности од областа на природен гас (член 1 став 1). Одредбите на овој правилник се однесуваат на претпријатијата кои имаат обврска да обезбедат јавна услуга за пренос, управување со системот за пренос на природен гас и дистрибуција на природен гас (во понатамошниот текст: регулирани дејности)(член 1 став 2). Под регулирани дејности од областа на природен гас во смисла на став 2 од овој член се подразбираат: пренос на природен гас, управување со системот за пренос на природен гас и дистрибуција на природен гас (член 1 став 3). Претпријатијата кои ги вршат регулираните дејности од став 3 на овој член, се должни да ги формираат тарифите согласно соодветната методологија утврдена со овој правилник (член 1 став 4).

Според членот 2 на Правилникот, регулирањето на тарифите, согласно начинот и постапката утврдени со овој правилник има цел да обезбеди:
– создавање на стабилни и предвидливи услови за работење на регулираните претпријатија при вршење на регулираните дејности од член 1 на овој Правилник;
– заштита од злоупотреба на доминантна и монополска положба на претпријатијата кои вршат регулирани дејности;
– урамнотежување на меѓусебните интереси на претпријатијата кои вршат регулирани дејности од член 1 од овој Правилник и на корисниците на регулираните дејности;
– поттикнување на ефикасното работење на регулираните претпријатија;
– создавање услови за развој и одржување на постојните и изградба на нови капацитети за пренос и дистрибуција со природен гас;
– обезбедување на сигурно, континуирано и безбедно снабдување со природен гас;
– надоместување на оправданите трошоци коишто регулираните претпријатија ги имаат во вршењето на регулираната дејност, како и разумен принос на капиталот;

– подобрување на квалитетот на услугите кои ги даваат претпријатијата; – недискриминаторски третман на регулираните претпријатија и примена на објективни критериуми и транспарентни методи и постапки за регулирање на цените на природниот гас и
– заштита и унапредување на животната средина во вршењето на регулираните дејности.

Според членот 9 став 1 од Правилникот, регулираниот приход на операторот на преносната мрежа за услугата пренос на природен гас, треба да ги покрие оправданите трошоци за пренос, како и да обезбеди соодветен принос на капиталот, а се определува на начин и постапка со примена на методологијата и критериумите дадени во Прилог 1 кој што е составен дел на овој правилник. Според ставот 2 на истиот член, надоместокот наменет за пренос на природен гас, од член 8, став 1, алинеја 1, се определува врз основа на вкупните потребни приходи на сите оператори на преносните мрежи определени врз основа на став 1 на овој член.

Со членот 10 став 1 од Правилникот се уредува дека регулираната тарифа за услугата на претпријатието кое врши управување со системот за пренос на природен гас, треба да ги покрие оперативните трошоци за работење на системот за пренос на природен гас, трошоците за одржување на средствата што не се во сопственост на операторот на системот за пренос на природен гас и да обезбеди соодветен принос на капиталот, а се определува на начин и постапка со примена на методологијата и критериумите дадени во Прилог 2 кој што е составен дел на овој правилник. Според ставот 2 на овој член, регулираната тарифа од став 1 на овој член треба да ги покрие трошоците за: – управување, работење и одржување на системот за пренос ; – организација на пазарот на природен гас; – воспоставување, организирање и контрола на тргувањето со природен гас, системски услуги и прекугранично тргување ; – природен гас за покривање на загубите на системот за пренос и – доделување на расположливите преносни капацитети и разрешување на преоптоварувањата во преносната мрежа.

Прилогот 1, кој е составен дел на Правилникот, е насловен како: Методологија за пресметка на просечна тарифа за регулирана дејност пренос на природен гас. Во Прилогот, како посебни поднаслови, дополнително разработени преку соодветни формули, се определени: просечна тарифа за пренос, регулиран приход на оператор на преносната мрежа, оперативни трошоци (О), даноци, придонеси и други давачки кои зависат од резултатот (Т), амортизација (D), принос од регулирани средства (RA), просечна вредност на средствата со кои се врши регулираната дејност (регулирани средства – RAB), оправданост на инвестициите, пондерирана просечна цена на капитал (WACC), цена на сопствен капитал (Ке), цена на долг (Кd) и примена на приносот од регулираните средства (RA).

Прилогот 2, кој исто така, е составен дел на Правилникот, е насловен како: Методологија за пресметка на тарифа за регулирана дејност управување со системот за пренос на природен гас. Во Прилогот, како посебни поднаслови, дополнително разработени преку соодветни формули, се определени: регулирана тарифа, регулиран приход, оперативни трошоци (О), даноци, придонеси и други давачки (Т), амортизација (D), принос од регулирани средства (RA), просечна вредност на средствата со кои се врши регулираната дејност (регулирани средства–RAB), оправданост на инвестициите, пондерирана просечна цена на капитал (WACC), цена на сопствен капитал (Ке), цена на долг (Kd) и распределба на регулираниот приход.

Од анализата на наведената регулатива произлегува дека право е на законодавецот да основа органи што вршат јавни овластувања, во конкретниов случај Регулаторната комисија за енергетика, и да ги утврди нејзините надлежности и овластувања за работи кои се однесуваат на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности. Во таа смисла, со Законот за енергетика е пропишано дека регулирањето на прашањата поврзани со вршењето на енергетските дејности определени со овој закон, ги врши Регулаторната комисија за енергетика, која е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со Законот. Со цел да се создадат услови за обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречено функционирање на енергетските пазари, Регулаторната комисија за енергетика е овластена да донесува соодветни прописи, тарифни системи, методологии за формирање на цени, одлуки за цени.

Во оваа смисла, Регулаторната комисија за енергетика го има донесено Правилникот за начин и услови за регулирање на тарифи за пренос, управување со системот за пренос и дистрибуција на природен гас, чиј составен дел се оспорените Прилог 1 и Прилог 2, со кои е пропишана методологија за пресметка на просечна тарифа за регулирана дејност пренос на природен гас и методологија за пресметка на тарифа за регулирана дејност управување со системот за пренос на природен гас.

Со иницијативата се оспоруваат наведените прилози на Правилникот, затоа што не ја поттикнувале конкурентноста, заштитата на потрошувачите, биле дискриминаторски и не служеле за поттикнување на претприемништвото, поради што биле спротивни на Законот за енергетика и особено на членот 55 од Уставот, од причина што:

– Трошоците за амортизација на системот за пренос и управување со природен гас не биле утврдени согласно реалната искористеност на самиот систем;
– Годишниот принос на регулирани средства за вршење на регулираната дејност не биле определени во согласност со искористеноста на системот од претходната година;
– Трошоците за тековно одржување не биле определени во согласност со трошоците за амортизација согласно искористеноста на системот;
– Трошоците за дозволени технички загуби и трошоците за залиха на природен гас не биле определени на начин што да ја имаат во вид цената на природниот гас.

Имајќи ги предвид ваквите наводи во иницијативата, според Судот, произлегува дека подносителите на иницијативата се незадоволни од пропишаните методологии во оспорените прилози и нивната примена при донесување на конкретни одлуки од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Во суштина, произлегува дека подносителите бараат поинакви методологии за пресметка на просечните тарифи за регулираната дејност пренос на природен гас и за регулираната дејност управување со системот за пренос на природен гас, од сега пропишаните (незадоволни се од начинот на пресметка на трошоците за амортизација на системот, начинот на определување на годишниот придонес на регулирани средства за вршење на регулираната дејност, начинот на определување на трошоците за тековно одржување, начинот на определување на трошоците за дозволени технички загуби и трошоците за залиха на природен гас), притоа не укажувајќи конкретно во што се состои незаконитоста на сегашните методологии, кои се стручна разработка на одредбите од Законот за енергетика, туку паушално, генерално оценувајќи дека така пропишаните методологии не го одразуваат духот на Законот за енергетика, кој имал за цел поттикнување на конкурентноста, заштитата на потрошувачите и поттикнувањето на претприемништвото.

За измена на постојните методологии за пресметка на просечните тарифи за регулираната дејност пренос на природен гас и за регулираната дејност управување со системот за пренос на природен гас, надлежна е Регулаторната комисија за енергетика, а Законот за енергетика пропишува постапка за учество на заинтересираните субјекти и јавноста во постапката за донесување на прописите во надлежност на ова регулаторно тело (член 33).

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Отсуството на аргументи во иницијативата за тоа во што конкретно се состои незаконитоста на содржината на оспорените прилози, претставува постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.101/2016
9 ноември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски