У.бр.52/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 31 октомври 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 3, во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 став 4, во делот: „паричната казна, односно“ од Законот означен во точка 1 од ова решение.

3. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се изнесува содржината на член 2 од Законот, како и содржината на членовите 2, 3 и 4 од Законот за дополнување на Законот за даночна постапка објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010 според кои предметите што се наоѓале кај Државното правобранителство на Република Македонија заради извршување на неплатените јавни давачки ќе биле пренесени во надлежност на Управата за јавни приходи. Потоа се изнесува содржината на членовите 330-334 од Законот за извршување на санкциите („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2006, 57/2010, 170/2013, 43/2014, 166/2014, 33/2015, 98/2015 и 11/2016) кои се однесувале на наплата на парична казна изречена на правни лица од страна на суд, при што со нив се определувало дека по правосилноста на пресудата и по истекот на рокот за доброволно плаќање на паричната казна како и по доставувањето на опомена до правното лице, првостепениот суд доставувал налог до банката во која правното лице има сметка заради ставање на товар на средствата на правното лице до целосно намирување на изречената парична казна. Овие одредби не предвидувале Управата за јавни приходи да ја наплатуваат паричната казна изречена на правните лица од страна на суд.

При таква состојба, како и непредвидувањето, во член 2 став 4 од Законот за даночна постапка, на правните лица да не им се наплатува судски изречената парична казна од страна на Управата за јавни приходи, според подносителот на иницијативата значело дека оспорените делови од член 2 ставовите 3 и 4 на Законот за даночна постапка не биле конзистентни со наведените одредби од Законот за извршување на санкциите, а тоа доведувало до слабеење на принципот на владеење на правото предвиден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, поради што се предлага укинување на оспорените законски одредби.

4. Судот на седницата утврди дека член 2 од Законот за даночна постапка се однесува на примената на овој закон, при што во став 1 се определува дека „овој закон се применува на даноците и другите јавни приходи како и на споредните даночни давачки кои ги управува Управата за јавни приходи“, а во став 2 се пропишува дека „овој закон се применува и на други јавни давачки, доколку истите со закон се доверени да ги управува Управата за јавни приходи.“

Според член 2 став 3 од Законот, „овој закон се применува и на паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија.“ Според член 2 став 4, „одлуката со која се утврдува паричната казна, односно глобата и трошоците изречени во корист на Република Македонија од ставот 3 на овој член, се доставува до Управата за јавни приходи од страна на судот или од надлежниот орган кој ја донел.“ Инаку, содржината на член 2 ставовите 3 и 4 е утврдена со член 1 од Законот за дополнување на Законот за даночна постапка објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010.

5. Спoред членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија која се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот а другите прописи со Уставот и законите, како и така што секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Исто така произлегува дека секој е должен да ги плаќа даноците и другите јавни давачки утврдени со закон и на начин уреден со закон.

Во конкретниот случај, со оспорените одредби од Законот за даночна постапка се определува дека овој закон се применува и на паричните казни изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија, при што постапката на наплата на паричната казна се врши така што одлуката со која се изрекува паричната казна судот или надлежниот орган ја доставуваат до Управата за јавни приходи заради извршување. Таквите законски решенија имаат основа во член 33 од Уставот, па со тоа и во член 51 и член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а истовремено оспорените законски одредби не се неконзистентни со одредбите од Законот за извршување на санкциите на кои упатува подносителот на иницијативата со оглед дека двете постапки за наплата на изречените парични казни се во функција на наплата на јавните давачки и уредени се со закон согласно на Уставот.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 2 став 3, во делот: „и на паричните казни“ од Законот за даночна постапка, со наведените уставни одредби.

6. Во однос на оспорениот дел од член 2 став 4 на Законот, имајќи предвид дека таа одредба беше оценувана на 1 февруари 2012 година по предметот У.бр.39/2011, кога Уставниот суд не поведе постапка за целината на тој став вклучувајќи го и сега оспорениот дел од ставот, како и дека сега нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 на Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.52/2016
31 октомври 2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева