У.бр.160/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 31 октомври 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 144 од Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 156/2014, 33/2015 и 98/2015).

2 НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 6 став 2, членот 10 став 2 точка 3, членот 21 став 2 алинеја 4, поднасловот: „Правилник за спроведување на постапката за вработување“ и членот 38, членот 39 став 5 алинеја 4, поднасловот: „Правилник за спроведување на постапката за унапредување“ и членот 44, членот 61 став 1 во делот: „или друг пропис“ и став 2 во делот: „и со друг пропис“, поднасловот: „Вредност на бодот“ и членот 68, членот 70 став 3, членот 80 став 6, членот 81 став 2, членот 86 став 8, членот 87 став 23, членот 88 став 4, членот 90 став 6, членот 97 став 12, членот 103 став 7, членот 110 алинеја 8, членот 116 став 4, членот 119 алинеја 8, членот 124 став 3, членот 129 став 3 и членот 141 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија-УПОЗ и Здружението на судска администрација на Република Македонија, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбите означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорениот член 6 став 2 од Законот за судска служба, според кој општите работни компетенции се утврдени во Рамката на општи компетенции за административни службеници, а според член 10 став 2 од истиот закон, раководниот судски службеник од категоријата Б, треба да исполни општи работни компетенции за сите нивоа на категоријата Б согласно со Рамката на општи работни компетенции, не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредувале само со закон и со колективни договори, а не и со Рамката на општите компетенции за административни службеници, како што било предвидено во оспорените законски одредби.

Во иницијативата се цитираат член 21 став 2 алинеја 4, член 119 алинеја 8 и член 129 став 3 од Законот, при што се наведува дека посебните услови за пополнување на работно место на судски службеник, за вршење на работите од судска полиција и работите под посебни услови како и додатокот на платата за посебни услови за работа можеле да се предвидуваат само со закон и со колективни договори, а не со актите за систематизација на работните места, како што било предвидено со оспорените одредби. Актот за систематизација на работните места морал да биде во согласност со Уставот и со закон, а не обратно. Според тоа, членовите 21 став 2 алинеја 4, 119 алинеја 8 и 129 став 3 од Законот за судска служба не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата се цитира содржината на оспорените член 38, член 44, член 68, член 70 став 3, член 80 став 6, член 81 став 2, член 86 став 8, член 87 став 23, член 88 став 4, член 90 став 6, член 97 став 12, член 103 став 7, член 116 став 4, член 124 став 3 и член 141 од Законот за судска служба. Се наведува дека сите 15 оспорени одредби немале основ во Уставот, затоа што остварувањето на правата на вработените и нивната положба било препуштено да се уредуваат само со закон и со колективни договори, а не со подзаконски акти како што било предвидено со оспорените одредби, кои ги пропишувал министерот за правда или Владата на Република Македонија. Според тоа, наведените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

При одлучувањето по оваа точка од иницијативата, подносителите предлагаат да се имаат во предвид одлуките на Уставниот суд на Република Македонија, и тоа: Одлука У.бр.187/2005 од 10.05.2006 година со која е укинат член 236 став 3 во делот:„и акт на министерот задолжен за работите од областа на трудот“ од Законот за работните односи и Одлуката У.бр.111/2006 од 24.01.2007 година, со која е укинат член 117 став 2 во делот:„согласно со акт на Владата на Република Македонија“ од Законот за работните односи.

Според членот 39 став 5 алинеја 4 од Законот за судска служба, на интерниот оглас може да се јави судски службеник, вработен во судот кој го објавил интерниот оглас, кој ги исполнува посебните услови за пополнување на работното место пропишани за соодветното ниво во овој закон и во актот за систематизација, како и да не му е изречена дисциплинска мерка во последната година пред објавувањето на интерниот оглас.

Со Кривичниот законик се уредувале прашањата што се однесуваат на правните последици од осудата. Со Одлука на Уставниот суд, У.бр.210/2001 од 06.02.2002 година, била укината одредбата на член 101 став 2 во делот:„и настапуваат по сила на законот со кој се предвидени“. Според член 101 став 1 од Кривичниот законик, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор, а не дисциплинска мерка, како во овој случај. Од тие причини, оспорениот 39 став 5 алинеја 4 од Законот за судска служба не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Според членот 61 став 1 од Законот, судскиот службеник е должен да ги извршува работните задачи дадени од непосредно претпоставениот судски службеник, судскиот администратор или од претседателот на судот и да постапува по нив во согласност со Уставот, закон или друг пропис. Според ставот 2 од истиот член, ако судскиот службеник смета дека дадената работна задача од ставот 1 на овој член не е во согласност со Уставот, со закон и со друг пропис е должен за тоа да му укаже на лицето кое му ја дало задачата.

Поимот „пропис“ ги опфаќал сите видови на закони и подзаконски акти, кои според своите уставни и законски овластувања ги донесуваат различни органи и тела. Оттука, произлегува дека определбата во оспорените законски делови според кои постапуваат судските службеници, и по друг пропис, претставувал премногу широк и неопределен правен поим, кој може да се подразбере дека упатува на примена на други закони, што од уставно правен аспект не е спорно, но и да се подразбере како упатување на подзаконски акти донесени во функција на разработка на одреден закон, за што нема уставна основаност. Поради наведеното, членот 61 став 1 во делот:„ или друг пропис“ и став 2 во делот:„ и со друг пропис“ од Законот за судска служба не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

Според членот 110 алинеја 8 од Законот, на судскиот службеник му престанува работниот однос по сила на закон, ако се утврди дека при вработувањето премолчил или дал невистинити податоци во однос на општите и посебните услови за вработување,

Од оваа законска одредба не можело да се разбере кој орган, во која постапка и во кој рок ќе утврди дека судскиот службеник при вработувањето премолчел или дал невистинити податоци во однос на општите и посебните услови за вработување. Тоа значело дека оспорената одредба не била јасна и прецизна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, како елемент на владеењето на правото. Потоа, вината на некое лице за давање или доставување на лажни докази можела да ја утврдува само кривичен суд, а не друг субјект во правото. Ова затоа што согласно член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна пресуда.

Според тоа, оспорениот член 110 алинеја 8 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 член 54 став 1 и Амандманот 25 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека според преодната и завршна одредба на членот 144 од Законот за судска служба, судскиот службеник кој засновал работен однос во судот заклучно со денот на започнувањето со примената на овој закон, треба да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, во рок од две години од денот на започнувањето со примената на овој закон (став 1). Судскиот службеник кој нема да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење согласно со ставот (1) на овој член, ќе биде распореден на работно место за една категорија пониско од работното место на кое бил во моментот на влегување во сила на овој закон, освен судските службеници кои на денот на отпочнување со примена на овој закон биле распоредени на работно место на влезните нивоа (став 2). Ставовите (1) и (2) на овој член не важат за судските службеници, кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон (став 3).

Обврската што со оспорениот член 144 ставовите 1 и 2 од Законот била наменета само на оние судски службеници кои имаат повеќе од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон, не била пропорционална мерка со целите за кои била утврдена, со оглед дека претставувала прекумерно ограничување на нивните слободи и права, која претставувала загрозување на нивната правна сигурност, како елемент на владеењето на правото. Затоа што оваа категорија на вработени ќе трпела последици доколку во утврдениот рок од две години од денот на започнувањето со примената на Законот не достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, кои биле наведени во оспорениот став 2 на овој член.

Со таквото законско решение се повредувало и едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот – правото на еднаквост предвидено со член 9 од Уставот, бидејќи судските службеници кои на денот на отпочнувањето со примената на овој закон биле распоредени на работно место на влезните нивоа и судските службеници кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето на примената на Законот, биле ставени во поповолна, привилегирана положба во однос на судските службеници од оспорените ставови 1 и 2 од овој член на Законот, што не било уставно дозволено.

Со оспорените ставови од членот 144 од Законот се доведувало во прашање и остварувањето на легитимните очекувања на постојните судски службеници кои тие ги имале во моментот на засновањето на работниот однос согласно со условите што во тогаш важечкиот Закон за судска служба биле утврдени за вршење на работите за кои тие и го засновале работниот однос. Ова од друга страна значело дека со оспорената законска одредба се создавала правна ситуација, односно можност Законот да се применува и на односите кои се настанати и решени пред неговото влегување во сила, со што Законот имал повратно дејство.

Со ваквото законско решение, преку воспоставување на посебни услови (доказ за познавање на странски јазик и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, соодветни за нивото на работното место во рок од две години од денот на започнувањето со примената на Законот за судска служба) се вршело повратно дејство на прописите врз судските службеници кои својот работен однос го засновале под други правила и критериуми, кои важеле пред донесувањето на Законот за судска служба, што значело дека тие не биле предвидени во законот за судска служба како критериуми при засновањето на нивниот работен однос.

Ваквото ретроактивно дејство ја нарушувало правната сигурност на граѓаните и не било во согласност со начелото на владеењето на правото. Ваквиот дополнителен услов кој им се наметнувал на веќе вработените судски службеници немал поповолно дејство, туку напротив со ваквите дополнителни услови се предвидувале репресивни мерки како што се распоредувањето на пониско работно место или намалувањето на платата на службениците. Новиот закон би можел да дејствува само врз нови правни ситуации и односи што настануваат по неговото влегување во сила, но претходно настанатите правни ситуации не можеле да запрат.

Според тоа, оспорениот член 144 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 член 52 став 4 од Уставот.

При одлучувањето по оваа точка од иницијативата, подносителите предлагаат да се имаат во предвид одлуките на Уставниот суд на Република Македонија, и тоа: Одлука У.бр.149/2001 од 18.12.2002 година, со која е укинат член 84 од Законот за државните службеници, Одлуката У.бр.70/2006 од 17.01.2007 година, со која е укинат член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование и Одлуката У.бр.212/2008 од 01.04.2009 година, со која е укинат член 181 од Законот за основното образование.

Врз основа на наведеното, подносителите на иницијативата предлагаат Уставниот суд да ги укине или поништи оспорените одредби од Законот за судска служба.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 6 став 2 од Законот за судската служба, општите работни компетенции се утврдени во Рамката на општи компетенции за административни службеници.

Според членот 10 став 2 точка 3 од Законот, раководниот судски службеник од категоријата Б треба да ги исполни следните посебни услови за работното место: општи работни компетенции за сите нивоа на категоријата Б согласно со Рамката на општи работни компетенции.

Согласно членот 21 став 2 алинеја 4 од Законот, покрај општите услови за пополнување на работно место на судски службеник од ставот (1) на овој член, кандидатот треба да ги исполни следниве посебни услови: други услови утврдени со актот за систематизација на работните места.

По насловот: „Правилник за спроведување на постапката за вработување“, следува членот 38 од Законот, според кој формата и содржината на јавниот оглас, формата, содржината и начинот на поднесување на пријавата, соодветното бодирање на меѓународно признатите сертификати, начинот на спроведување на административната селекција, на испитите, проверката на веродостојност на докази и интервјуто, тестот на личност, како и начинот на нивно бодирање и максималниот број на бодови од постапката на селекција во зависност од категориите на работни места, како и други прашања во врска со постапката на селекција, ги пропишува министерот за правда.

Во согласност со членот 39 став 5 алинеја 4 од Законот, на интерниот оглас може да се јави судски службеник, вработен во судот кој го објавил интерниот оглас, кој ги исполнува посебните услови за пополнување на работното место пропишани за соодветното ниво во овој закон и во актот за систематизација, како и да не му е изречена дисциплинска мерка во последната година пред објавувањето на интерниот оглас.

По насловот:„Правилник за спроведување на постапката за унапредување“, следува членот 44 од Законот, според кој формата и содржината на интерниот оглас, формата, содржината и начинот на поднесување на пријавата за унапредување, начинот на спроведување на административната селекција и интервјуто, како и начинот на нивното бодирање и максималниот број на бодови од постапката на селекција, во зависност од категоријата на работно место за кое е објавен интерниот оглас, ги пропишува министерот за правда.

Според членот 61 став 1 од Законот, судскиот службеник е должен да ги извршува работните задачи дадени од непосредно претпоставениот судски службеник, судскиот администратор или од претседателот на судот и да постапуваат по нив во согласност со Уставот, закон или друг пропис. Според ставот 2 од истиот член, ако судскиот службеник смета дека дадената работна задача од ставот (1) на овој член не е во согласност со Уставот, со закон и со друг пропис е должен за тоа да му укаже на лицето кое му ја дало задачата.

По насловот:„Вредност на бодот“ следува членот 68 од Законот, според кој, вредноста на бодот за пресметување на платите на судските службеници се утврдува секоја година со одлука на Владата на Република Македонија.

Според членот 70 став 3 од Законот, барањето за одобрување на додатокот на плата заради приспособување кон пазарот на трудот до Владата на Република Македонија го доставува Судскиот совет на Република Македонија.

Согласно членот 80 став 6 од Законот, начинот на организирање и спроведување на обуките ги пропишува министерот за правда.

Според членот 81 став 2 од Законот, содржината и формата на годишниот план за обуки на судските службеници во судот ги пропишува министерот за правда.

Според членот 86 став 8 од Законот, Начинот на спроведување на полугодишното интервју, како и формата и содржината на извештајот од ставот (3) на овој член, ги пропишува министерот за правда.

Согласно со членот 87 став 23 од Законот, начинот на оценување на судскиот службеник, формата и содржината на образецот за оценување од ставовите (11) и (13) на овој член, како и формата и содржината на извештајот од ставовите (20) и (21) на овој член ги пропишува министерот за правда.

Според членот 88 став 4 од Законот, формата и содржината на извештаите од ставовите (2) и (3) на овој член и начинот на оценување на судските службеници ги пропишува министерот за правда.

Според членот 90 став 6 од Законот, начинот на утврдување на висината и пресметката на бонусите и намалувањата од плата ги пропишува министерот за правда.

Според членот 97 став 12 од Законот, начинот на водењето на дисциплинската постапка за потешка дисциплинска повреда го пропишува министерот за правда.

Согласно членот 103 став 7 од Законот, начинот на водењето на постапка за уредување на материјална одговорност го пропишува министерот за правда.

Според членот 110 алинеја 8 од Законот, на судскиот службеник му престанува работниот однос по сила на закон, ако во рок од три работни дена не се врати на работа по завршувањето на неплатеното отсуство поради стручното оспособување или усовршување.

Според членот 116 став 4 од Законот, формата и содржината на обрасците за евидентирање на податоците на вработените во судската служба ги пропишува министерот за правда.

Според членот 119 алинеја 8 од Законот, за вршење на работите од судската полиција може да биде вработено лице кое покрај општите услови утврдени во членот 21 став (1) од овој закон, треба да ги исполнува и следниве посебни услови: други услови утврдени со актот за систематизација на работните места.

Во согласност со членот 124 став 3 од Законот, начинот на оценување на припадниците на судската полиција, го пропишува министерот за правда.

Според членот 129 став 3 од истиот закон, работите под посебни услови од ставот (2) на овој член се предвидуваат во актите за систематизација на работните места.

Согласно членот 141 од Законот, подзаконските акти од овој закон ќе се донесат во рок од девет месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Според членот 144 став 1 од Законот, судскиот службеник кој засновал работен однос во судот заклучно со денот на започнувањето со примената на овој закон, треба да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, соодветни на неговото работно место, на кое бил распореден на денот на отпочнување со примена на овој закон, во рок од една година од денот на пристапувањето на Република Македонија во Европската Унија. Според ставот 2 на истиот член, судскиот службеник кој нема да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење согласно со ставот (1) на овој член, ќе биде распореден на работно место за една категорија пониско од работното место на кое бил во моментот на влегување во сила на овој закон, освен судските службеници кои на денот на отпочнување со примена на овој закон биле распоредени на работно место на влезните нивоа. Согласно ставот 3 на овој член, ставовите (1) и (2) на овој член не важат за судските службеници, кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според членот 51 од Уставот во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за судска служба се уредуваат правата, должностите, одговорностите на судските службеници, системот на плати и надоместоци на плати на судските службеници (член 1).

Според членот 3 став 1 од Законот, судските службеници се лица со статус на административен службеник кои во судовите вршат стручни, административни, информатички, технички, статистичко-аналитички и материјално-финансиски работи во согласност со овој и друг закон. Судските службеници правата од работен однос ги остваруваат согласно со овој закон и колективните договори.

Во согласност со членот 4 став 1 од Законот, судските службеници работите утврдени со закон ги извршуваат врз основа на начелата на законитост, професионалност, стручност и компетентност, одговорност, ефикасност, професионална етика, непристрасност и објективност, сервисна ориентираност, транспарентност и доверливост, спречување судир на интереси и економичност. Според ставот 2 на истиот член, судските службеници во рамките на својата надлежност се должни да им обезбедат на граѓаните ефикасно и законито остварување на нивните уставни слободи, права и интереси во постапките пред судовите.

Од изнесените законски одредби произлегува дека судските службеници имаат статус на административни службеници и правата од работен однос ги остваруваат согласно одредбите на овој закон и колективните договори, како и дека со Законот се утврдени основните начела врз чија основа се остварува работата на судските службеници.

а) Во Законот, во Главата II. КЛАСИФИКАЦИЈА НА РАБОТНИ МЕСТА НА СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ, во членот 6 став 1 се пропишува дека работните места на судските службеници се класифицираат согласно со:
– одговорноста, целите, видот и сложеноста на работите и работните задачи на работното место и
– потребните стручни квалификации, работното искуство во струката, општите и посебните работни компетенции и други критериуми од значење за работното место.

Според ставот 2 на истиот член, општите работни компетенции се утврдени во Рамката на општи компетенции за административни службеници, а според ставот 3 на овој член, критериумите од ставот 1 алинеја 2 на овој член во актот за систематизација на работни места на судот, се утврдуваат како посебни услови за работното место.

Категориите на работни места на судските службеници се утврдени со член 7 од Законот, каде во ставот 1 се пропишува дека согласно критериумите од членот 6 став 2 од овој закон, работните места на судските службеници се класифицираат во четири категории, и тоа:

категорија А – судски администратор,
категорија Б – раководни судски службеници,
категорија В – стручни судски службеници и
категорија Г – помошно-стручни судски службеници.

Според ставот 2 на истиот член, во рамките на секоја категорија од ставот (1) на овој член се утврдуваат повеќе нивоа на работни места на судски службеници.

Во членот 10 став 2 од Законот, се пропишува дека раководниот државен службеник од категоријата Б треба да ги исполнува следните посебни услови за работното место: 1) потребни стручни квалификации; 2) потребно работно искуство; 3) општи работни компетенции за сите нивоа на категоријата Б, согласно со Рамката на општи работни компетенции и 4) посебни работни компетенции за сите нивоа.

Во членот 11 став 1 од Законот, се утврдуваат нивоата на работни места на судските службеници во рамките на категоријата В, а во ставот 2 на овој член се пропишува дека овие стручни судски службеници треба да ги исполнуваат следните посебни услови за работното место: 1) потребни стручни квалификации; 2) потребно работно искуство; 3) општи работни компетенции за сите нивоа на категоријата В, согласно со Рамката на општи работни компетенции и 4) посебни работни компетенции за сите нивоа.

Во членот 12 став 1 од Законот, се утврдуваат нивоата на работни места на судските службеници во рамките на категоријата Г, а во ставот 2 на истиот член се пропишува дека овие стручни судски службеници треба да ги исполнуваат следните посебни услови за работното место: 1) потребни стручни квалификации; 2) потребно работно искуство; 3) општи работни компетенции за сите нивоа на категоријата Г, согласно со Рамката на општи работни компетенции и 4) посебни работни компетенции за сите нивоа.

Според членот 5 точка 6 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014), „Работни компетенции“ се збир од знаења, вештини и способност на вработениот за да ги извршува работите и работните задачи на работното место и истите можат да бидат општи и посебни

Според членот 7 став 1 точка 7 од Законот за административни службеници, Министерството за информатичко општество и администрација ја пропишува Рамката за општи компетенции на административни службеници.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот пропишал дека судските службеници имаат статус на административни службеници, ги пропишал потребните услови за извршување на работните места на судските службеници од сите категории, при што пропишал дека сите судски службеници треба да ги исполнуваат општите работни компетенции утврдени во Рамката на општи компетенции за административни службеници.

Фактот што законодавецот не ја утврдил Рамката на општи компетенции за административни службеници, туку за тоа прашање, со Законот за административните службеници, го овластил министерот за информатичко општество и администрација, според Судот, не претставува повреда на член 32 став 5 од Уставот. Ова од причина што законодавецот дефинирал дека „Работни компетенции“ се збир од знаења, вештини и способност на вработениот за да ги извршува работите и работните задачи на работното место и истите можат да бидат општи и посебни, па имајќи во вид дека Рамката на општи компетенции се однесува на сите категории на административни службеници утврдени со закон, произлегува дека определувањето на знаења, вештини и способности за сите работни места на административните службеници е опсежна, аналитичка материја која токму поради таквата природа не е можно да биде утврдена со законска норма, туку е целисходно да се разработи со подзаконски акт донесен од надлежниот министер, на кој начин ќе се овозможи, во рамките на законот, единствен пристап кон утврдување на работните компетенции кои се задолжителни за сите административни службеници.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, со определбата на законодавецот работните места на судските службеници кои имаат статус на административни службеници, да се класифицираат согласно со Рамката на општи компетенции за административни службеници, не се повредува начелото на владеењето на правото, ниту уставната одредба според која остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, поради што Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените член 6 став 2 и член 10 став 1 точка 3 од Законот за судска служба со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

б) Со членот 21 став 1 од Законот се утврдуваат општите услови за пополнување на работно место на судски службеник, според кои кандидатот треба да е државјанин на Република Македонија, активно да го користи македонскиот јазик, да е полнолетен, да има општа здравствена способност за работното место и со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност. Со ставот 2 на истиот член се утврдува дека покрај општите услови за пополнување на работно место на судски службеник од ставот 1 на овој член, кандидатот треба да ги исполни следниве посебни услови: да има соодветни стручни квалификации потребни за работното место, да има соодветно работно искуство потребно за работното место, да поседува соодветни општи и посебни работни компетенции потребни за работното место и други услови утврдени со актот за систематизација на работните места.

Според членот 119 од Законот, за вршење на работите од судската полиција може да биде вработено лице кое покрај општите услови утврдени во членот 21 став 1 од овој закон, треба да ги исполнува и посебните услови: да не е постаро од 25 години, да е физички и психички способен за вршење на работите од судската полиција, да има соодветни стручни квалификации потребни за работното место, да има соодветно работно искуство потребно за работното место, да поседува соодветни општи и посебни работни компетенции потребни за работното место, активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски) и други услови утврдени со актот за систематизација на работните места.

Според членот 127 од Законот, платата на командантот на судската полиција, на координаторот на судската полиција, на командирот на судската полиција, на заменикот командир на судската полиција и на припадниците на судската полиција се состои од две компоненти, и тоа: основна компонента и исклучителна компонента.

Со членот 129 став 1 од Законот се утврдува дека исклучителната компонента ја сочинуваат: додаток на плата за посебни услови за работа. Во ставот 2 на овој член се утврдува дека додатокот на платата за посебни услови за работа претставува: ноќна работа, работа во смени, односно турнуси, работа изложена на висок ризик, работа за време на неделен одмор и работа за време на празници утврдени со закон. Според ставот 3 на истиот член, работите под посебни услови од ставот 2 на овој член се предвидуваат во актите за систематизација на работните места.

Според иницијативата, посебните услови за пополнување на работно место на судски службеник, за вршење на работите од судска полиција и работите под посебни услови како и додатокот на платата за посебни услови за работа можеле да се предвидуваат само со закон и со колективни договори, а не со актите за систематизација на работните места, како што било предвидено со оспорените одредби. Актот за систематизација на работните места морал да биде во согласност со Уставот и со закон, а не обратно. Според тоа, членовите 21 став 2 алинеја 4, 119 алинеја 8 и 129 став 3 од Законот за судска служба не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Ова од причина што законодавецот ги утврдил општите и посебните услови потребни за пополнување на работно место на судски службеник, односно за работите од судската полиција, при што оставил можност во актот за систематизација на работните места да се утврдат и други услови. Ваквата можност произлегува од фактот што во законската одредба со која се утврдени општите и посебните услови за пополнување на работното место за судски службеник, не е можно детално, за секое конкретно работно место, да се набројат потребното образование по вид и степен, потребното работно искуство, потребниот степен на познавање на странски јазик или други квалификации кои треба да ги исполнува лицето кое се вработува, а кои елементи се утврдуваат од страна на самиот орган кој го носи актот за систематизација на работните места во зависност од потребите и спецификата на органот. Актот за систематизација на работните места не е, ниту пак може да биде извор на правото по однос на правата на судските службеници и нивната положба, туку е интерен акт со кој се доуредуваат интерни и конкретни прашања од процесот на работата за секое конкретно работно место, но врз основа на законски уредените општи и посебни услови за вработување во судска служба, поради што Судот оцени дека со оспорената регулатива (член 21 став 2 алинеја 4 и член 119 алинеја 8 од Законот) не се повредува членот 32 став 5 од Уставот, ниту пак уставно гарантираното начело на владеењето на правото.

Во иста смисла, законодавецот со членот 129 од Законот, ги утврдил посебните услови за работа кои ја сочинуваат исклучителната компонента од која зависи платата на судскиот службеник (ноќна работа, работа во смени, односно турнуси, работа изложена на висок ризик, работа за време на неделен одмор и работа за време на празници утврдени со закон), поради што, според Судот, основано произлегува дека токму со актот за систематизација на работните места, се предвидуваат конкретните работни места во органот на кои работата се врши под таквите законски утврдени посебни услови за работа, како што пропишува оспорената одредба, со што не се повредуваат одредбите на Уставот посочени во иницијативата.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените член 21 став 2 алинеја 4, член 119 алинеја 8 и член 129 став 3 од Законот за судска служба со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 32 став 5 и членот 51 од Уставот.

в) Во Законот за судска служба, во главата VI. ВРАБОТУВАЊЕ НА СУДСКИ СЛУЖБЕНИЦИ (членови 22-38), се утврдува дека вработувањето на судски службеник се врши по пат на јавен оглас (член 25), се уредуваат податоците и условите потребни за пријавување на јавниот оглас (член 26); се пропишува составот на комисијата за селекција за вработување (член 27); се пропишува постапката за вработување (член 28); се пропишува испитот за судски службеник (член 30); се пропишува постапката на полагање на испити и тестови (член 31); изборот на кандидати (член 35); се утврдува постапката за донесување одлука за избор за вработување (член 36) и донесувањето на решение за вработување (член 37).

Според оспорениот член 38 од Законот, формата и содржината на јавниот оглас, формата, содржината и начинот на поднесување на пријавата, соодветното бодирање на меѓународно признатите сертификати, начинот на спроведување на административната селекција, на испитите, проверката на веродостојност на докази и интервјуто, тестот на личност, како и начинот на нивно бодирање и максималниот број на бодови од постапката на селекција во зависност од категориите на работни места, како и други прашања во врска со постапката на селекција, ги пропишува министерот за правда.

Во Законот, во главата VII. УНАПРЕДУВАЊЕ НА СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ (членови 39-44), се уредува постапката и условите за унапредување на судските службеници по пат на интерен оглас, при што во оспорениот член 44 се пропишува дека формата и содржината на интерниот оглас, формата, содржината и начинот на поднесување на пријавата за унапредување, начинот на спроведување на административната селекција и интервјуто, како и начинот на нивното бодирање и максималниот број на бодови од постапката на селекција, во зависност од категоријата на работно место за кое е објавен интерниот оглас, ги пропишува министерот за правда.

Според оспорениот член 68 од Законот, кој е систематизиран во главата X. ПЛАТА И НАДОМЕСТОЦИ НА ПЛАТА НА СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ (членови 65-78), вредноста на бодот за пресметување на платите на судските службеници се утврдува секоја година со одлука на Владата на Република Македонија.

Со членот 70 од Законот се уредува додатокот на плата заради приспособување кон пазарот на трудот. Така, според ставот 1 се пропишува дека судскиот службеник има право на додаток на плата заради приспособување кон пазарот на трудот. Според ставот 2 на овој член, барањето за одобрување на додатокот од ставот (1) на овој член треба да биде засновано на анализа која ќе покаже дека: платите на пазарот на трудот за таквите работни места се значително повисоки од платите на судските службеници кои извршуваат исти работи, вработувањето е отежнато или стапката на напуштање на работните места е неприфатливо висока, пазарот на трудот нуди ограничен број на квалификувани поединци за таквата работа или судските службеници биле подложени на повеќегодишно стручно усовршување и нивното напуштање на работното место би предизвикало големи фискални импликации по судот. Во согласност со оспорениот став 3 на истиот член, барањето за одобрување на додатокот од ставот (1) на овој член до Владата на Република Македонија го доставува Судскиот совет на Република Македонија.

Во Законот, во главата XI. СТРУЧНО УСОВРШУВАЊЕ НА СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ (членови 79-82) се уредува стручното усовршување на судските службеници. Според оспорениот член 80 став 6 од Законот, начинот на организирање и спроведување на обуките ги пропишува министерот за правда.

Во главата XII.УПРАВУВАЊЕ СО ЕФЕКТОТ НА СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ, се уредува системот за управување со ефектот на судските службеници (членови 83-90), при што со членот 86 се пропишува континуирано следење на ефектот и полугодишно интервју на судскиот службеник. Според оспорениот став 8 на овој член, начинот на спроведување на полугодишното интервју, како и формата и содржината на извештајот од ставот (3) на овој член, ги пропишува министерот за правда.

Според оспорениот член 87 став 23 од Законот, начинот на оценување на судскиот службеник, формата и содржината на образецот за оценување од ставовите (11) и (13) на овој член, како и формата и содржината на извештајот од ставовите (20) и (21) на овој член ги пропишува министерот за правда.

Со членот 88 ставовите 1, 2 и 3 од Законот се уредува постапка на оценување во други околности: кога судскиот службеник кој во текот на годината за која се врши оценувањето, бил отсутен од работа подолго од шест месеци, како и кога судскиот службеник кој за првпат се вработил како судски службеник и работел пократко од шест месеци во периодот за кој се врши оценувањето, нема да биде оценуван, за што се сочинува писмен извештај. Според ставот 4 на овој член, кој се оспорува со иницијативата, формата и содржината на извештаите од ставовите (2) и (3) на овој член и начинот на оценување на судските службеници ги пропишува министерот за правда.

Со членот 90 став 1 од Законот се пропишува дека судските службеници за кои годишната оцена е “особено се истакнува”, ќе бидат наградени со бонус во износ од една плата примена во последниот месец во годината во која се вршело оценувањето. Според став 2 на истиот член, на последните 5% судски службеници од ранг-листата од членот 90 став (19) од овој закон (ЗАБЕЛЕШКА: членот 90 нема став 19), ќе им престане работниот однос доколку се оценети со оцена „не задоволува“, ќе им биде намалена платата во износ од 20% во период од шест месеци доколку се оценети со оцена „делумно задоволува“ и ќе им биде намалена платата во износ од 10% во период од шест месеци доколку спаѓаат во последните 5% од ранг-листата, а не се оценети со оцена „не задоволува“ или „делумно задоволува“. Според ставот 5 на овој член (ЗАБЕЛЕШКА: во членот нема ставови 3 и 4), на судскиот службеник кој е оценет со оценка „делумно задоволува” во две последователни оценувања, ќе му престане работниот однос. Според оспорениот став 6 на истиот член, начинот на утврдување на висината и пресметката на бонусите и намалувањата од плата ги пропишува министерот за правда.

Во Законот, со главата XIII. ОДГОВОРНОСТ НА СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ, се уредува дисциплинска и материјалната одговорност на судските службеници (членови 91-106), при што во оспорениот член 97 став 12 се пропишува дека начинот на водењето на дисциплинската постапка за потешка дисциплинска повреда го пропишува министерот за правда, а во оспорениот член 103 став 7 од Законот се пропишува дека начинот на водењето на постапка за уредување на материјална одговорност го пропишува министерот за правда.

Со главата XVI. РЕГИСТАР НА СУДСКА СЛУЖБА (членови 116 и 117) се пропишува водење на Регистар на вработените во судската служба, при што во член 116 став 4, кој се оспорува со иницијативата, се определува дека формата и содржината на обрасците за евидентирање на податоците на вработените во судската служба ги пропишува министерот за правда.

Во Законот, во главата XVII. СУДСКА ПОЛИЦИЈА (членови 118-140) се уредува судската полиција надлежна да го врши обезбедувањето на објектите, имотот, лицата и одржувањето на редот во судот (член 118). Според член 124 од Законот, припадниците на судската полиција се оценуваат еднаш годишно за својата работа (став 1). На оценувањето на припадниците на судската полиција соодветно се применуваат одредбите од овој закон (став 2). Според оспорениот став 3 од овој член, начинот на оценување на припадниците на судската полиција, го пропишува министерот за правда.

Според оспорениот член 141 од Законот, кој е систематизиран во главата XVIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ, подзаконските акти од овој закон ќе се донесат во рок од девет месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Со иницијативата се оспоруваат наведените 15 законски одредби затоа што немале основ во Уставот, од причина што остварувањето на правата на вработените и нивната положба било препуштено да се уредуваат само со закон и со колективни договори, а не со подзаконски акти како што било предвидено со оспорените одредби, кои ги пропишувал министерот за правда или Владата на Република Македонија. Според тоа, наведените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Од анализата на оспорените одредби, но и на Законот во целина, произлегува дека законодавецот ги утврдил правата и обврските на вработените во судската служба, а од оспорените одредби не произлегува упатување на можност со подзаконски прописи оригинерно да се уредуваат права и обврски за вработените, туку само се упатува на доразработка со подзаконски акт на начинот на остварување на претходно утврдените права со Законот. Поради тоа, Судот оцени дека овластувањето на министерот за правда, односно на Владата на Република Македонија, да донесат подзаконски прописи во функција на операционализација на законските одредби, не излегува надвор од уставните определби, правата на вработените да се уредуваат со закон и колективни договори, поради што таквото овластување не може да се прифати како повреда на член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

Што се однесува до упатувањето со иницијативата на предметите У.бр.187/2005 и У.бр.111/2006, по кои овој суд постапувал и донел интервентни одлуки, Судот оцени дека истото е несоодветно и не може да биде од влијание при одлучувањето во овој предмет, со оглед на тоа што не се работи за иста или слична правна состојба.

Имено, Судот ја донел Одлуката У.бр.187/2005 од 10.05.2006 година со која го укинал член 236 став 3 во делот “и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот” од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 62/2005), затоа што оценил дека од формулацијата на оспорената одредба, не произлегува јасно што е предмет на уредување на актот на министерот надлежен за работите од областа на трудот, односно дали со овој акт на министерот ќе се уредат прашања поврзани со штрајкот или пак актот на министерот се однесува на постапката за помирување со цел доуредување на одделни дополнителни прашања од процедурален карактер, специфични за трудовите спорови, како дел од регулативата поврзана со законската рамка на медијацијата.

Исто така, повикувањето на Одлуката У.бр.111/2006 од 24.01.2007 година, со која е укинат членот 117 став 2 во делот: „согласно со акт на Владата на Република Македонија“ од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005), не е соодветно со конкретното уредување во оспорените законските одредби, бидејќи и во овој случај, Судот оценил дека прекувремената работа е институт кој се однесува на прашања поврзани со остварувањето на правата на вработените и нивната положба што согласно член 32 став 5 од Уставот се уредува со закон и со колективни договори. Оттука, максималното траење на прекувремената работа се однесува воопшто, па и за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени, што според Судот не може да биде предмет на уредување на подзаконски акт на Владата на Република Македонија.

г) Со членот 39 став 5 од Законот, кој е систематизиран во главата VII. УНАПРЕДУВАЊЕ НА СУДСКИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ, се утврдени посебните услови кои треба да ги исполни судскиот службеник кој сака да учествува на интерен оглас за унапредување, при што во алинејата 4 се пропишува како посебен услов, на кандидатот да не му е изречена дисциплинска мерка во последната година пред објавувањето на интерниот оглас.

Во иницијативата се наведува дека според член 101 став 1 од Кривичниот законик, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор, а не дисциплинска мерка, како во овој случај. Од тие причини, оспорениот член 39 став 5 алинеја 4 од Законот за судска служба не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Судот оцени дека ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Законодавецот поставил систем на професионален развој, мотивирање и вреднување на успехот и стручноста на судските службеници, во која смисла оценил дека и дисциплинската одговорност на судскиот службеник, исто така, има влијание на процесот на унапредување. Дисциплинската постапка и кривичната постапка се независни, посебни постапки, кои се водат пред различни органи и имаат различни последици. Дисциплинската мерка изречена како последица од непочитувањето на работниот ред и дисциплина и законските одредби на кои подлежи секој судски службеник за време на вршењето на работните обврски, не може да се изедначува со изречена судска одлука за извршено кривично дело на сторителот за кое му е изречена казна затвор, поради што и не може да се прифати дека ограничувањето за унапредување во службата поради изречена дисциплинска мерка во последната година пред објавувањето на интерниот оглас, претставува правна последица од осуда во смисла на член 101 од Кривичниот законик, како што погрешно се тврди со иницијативата. Оттука, Судот оцени дека со оспорениот член 39 став 5 алинеја 4 од Законот, не се повредува начелото на владеењето на правото, поради што не може основано да се постави прашањето за согласноста на оваа законска одредба со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

д) Според членот 61 став 1 од Законот, судскиот службеник е должен да ги извршува работните задачи дадени од непосредно претпоставениот судски службеник, судскиот администратор или од претседателот на судот и да постапуваат по нив во согласност со Уставот, закон или друг пропис. Според ставот 2 на истиот член, ако судскиот службеник смета дека дадената работна задача од ставот 1 на овој член не е во согласност со Уставот, со закон и со друг пропис е должен за тоа да му укаже на лицето кое му ја дало задачата.

Во иницијативата се наведува дека поимот „пропис“ ги опфаќал сите видови на закони и подзаконски акти, кои според своите уставни и законски овластувања ги донесуваат различни органи и тела, поради што произлегувало дека определбата во членот 61 ставовите 1 и 2, според која судските службеници се должни да постапуваат во согласност со друг пропис, претставувал премногу широк и неопределен правен поим, кој можел да се подразбере дека упатува на примена на други закони, што од уставно правен аспект не е спорно, но и да се подразбере како упатување на подзаконски акти донесени во функција на разработка на одреден закон, за што нема уставна основаност, поради што членот 61 став 1 во делот: „или друг пропис“ и ставот 2 во делот:„ и со друг пропис“ од Законот за судска служба не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани.

Во согласност со членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Од наведената уставна одредба неспорно произлегува дека во хиерархијата на правни норми покрај Уставот и законите, се содржани и сите други прописи кои треба да бидат во согласност со Уставот и законите.

Со членот 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011), се пропишува дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон. Со членот 56 од Законот се определува што се утврдува со прописите кои министерот може да ги донесе, односно дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, со наредба се наредува или забранува постапување во определена ситуација која има општо значење за извршување на законите и други прописи, со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и други прописи, како и дека со план и програма се утврдуваат и се разработуваат одделни прашања за извршување на законите и други прописи за кои е потребно утврдување на рокови и динамика на нивно извршување.

Со погоре цитираните одредби од Законот за организација и работа на органите на државната управа, уреден е видот и содржината на прописите кои може да бидат донесени од страна на законски овластените субјекти. Оттука, според Судот, прашањето кои прописи и со каква содржина може да бидат донесени во функција на извршување на законите, не е оставено на арбитрарно постапување од страна на законски овластените субјекти. Во случај на евентуално излегување надвор од уставните и законски рамки на овластениот субјект при пропишувањето на прописот, може да се активира уставниот механизам за оценување на нивната согласност со Уставот и законите.

Поради наведеното, Судот оцени дека оспорената регулатива во член 61 став 1 во делот:„ или друг пропис“ и став 2 во делот:„ и со друг пропис“ од Законот за судска служба, не може да се прифати дека претставува премногу широк и неопределен правен поим кој води до повреда на начелото на владеењето на правото, поради што не може основано да се постави прашањето за согласноста на овие законски одредби со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

ѓ) Со членот 110 од Законот за судска служба се утврдени случаите кога на судскиот службеник му престанува работниот однос по сила на закон, при што во алинејата 8 од овој член се пропишува дека таков е случајот ако се утврди дека при вработувањето премолчил или дал невистинити податоци во однос на општите и посебните услови за вработување.

Според наводите во иницијативата, од оваа законска одредба не можело да се разбере кој орган, во која постапка и во кој рок ќе утврди дека судскиот службеник при вработувањето премолчел или дал невистинити податоци во однос на општите и посебните услови за вработување. Тоа значело дека оспорената одредба не била јасна и прецизна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, како елемент на владеењето на правото. Потоа, вината на некое лице за давање или доставување на лажни докази можел да се утврдува само кривичен суд, а не друг субјект во правото. Ова затоа што согласно член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна пресуда. Според тоа, оспорениот член 110 алинеја 8 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 член 54 став 1 и Амандманот 25 од Уставот.

Во однос на ваквите наводи во иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

Во постапката за вработување на судски службеници, законодавецот пропишал постапка и рокови за проверка на веродостојноста на доказите за исполнување на условите за вработување (член 33 од Законот за судска служба), но тоа не ја исклучува можноста и во текот на траењето на работниот однос, да се дојде до сознание дека судскиот службеник премолчел или дал невистинити податоци за општите и посебните услови за вработување, што би имало за последица престанок на работниот однос. На таков начин се афирмира начелото на владеење на правото и начелото на почитување на законите во нивното спроведување, односно начелото на законитост. Притоа, од дикцијата на одредбата од членот 110 алинеја 8 од Законот, неспорно произлегува дека таквата состојба, која има за последица престанок на работниот однос, треба претходно да се утврди. Законодавецот не определил во која постапка ќе се утврди дека судскиот службеник премолчел или дал невистинити податоци за општите и посебните услови за вработување (дали тоа ќе биде во надлежност на Комисијата за селекција за вработување од член 27 на Законот или ќе биде формирана ad hoc комисија или тоа ќе се утврди на друг начин кој ќе соодветствува на случајот), ниту определил рокови во кои треба да се утврди наведената состојба, меѓутоа од оспорената одредба неспорно произлегува дека наведената состојба треба да се утврди од страна на работодавачот, што несомнено подразбира одредена постапка. Изборот на постапката е оставен да биде по оцена на работодавачот, во зависност од конкретната ситуација, за што Законот дава доволна основа. Притоа, треба да се има предвид дека против решението за престанок на работниот однос судскиот службеник има право на жалба до Советот на судската служба (член 112) и право на судска заштита пред надлежен суд (член 115).

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, оспорената одредба не треба да се гледа изолирано сама за себе, туку во контекст на целината на Законот за судска служба, поради што Судот оцени дека не може да се прифати дека одредбата не била јасна и прецизна и дека како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, како елемент на владеењето на правото. Поради наведеното, Судот не го постави прашањето за нејзината согласност со одредбите на Уставот на кои се повикува во иницијативата.

6. Оспорениот член 144 од Законот е систематизиран во главата XVIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ.

Според членот 144 од Законот:
(1) Судскиот службеник кој засновал работен однос во судот заклучно со денот на започнувањето со примената на овој закон, треба да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, соодветни на неговото работно место, на кое бил распореден на денот на отпочнување со примена на овој закон, во рок од една година од денот на пристапувањето на Република Македонија во Европската Унија.

(2) Судскиот службеник кој нема да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење согласно со ставот (1) на овој член, ќе биде распореден на работно место за една категорија пониско од работното место на кое бил во моментот на влегување во сила на овој закон, освен судските службеници кои на денот на отпочнување со примена на овој закон биле распоредени на работно место на влезните нивоа.

(3) Ставовите (1) и (2) на овој член не важат за судските службеници, кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон.

Во време на поднесување на иницијативата, членот 114 став 1 од Законот за судска служба гласеше: (1) Судскиот службеник кој засновал работен однос во судот заклучно со денот на започнувањето со примената на овој закон, треба да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, во рок од две години од денот на започнувањето со примената на овој закон.

Со член 1 од Законот за изменување на Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2015 од 15 јуни 2015 година), овој став ја добива актуелната содржина, на начин што зборовите: „во рок од две години од денот на започнувањето со примената на овој закон“ се заменуваат со зборовите: „соодветни на неговото работно место, на кое бил распореден на денот на отпочнување со примена на овој закон, во рок од една година од денот на пристапувањето на Република Македонија во Европската Унија.“ Според образложението на Предлог – законот, со извршената измена, рокот за доставување на наведените докази од две години од денот на отпочнување со примена на Законот за судска служба, се заменува со рок од една година од денот на пристапувањето на Република Македонија во Европската унија, со што се врши усогласување на Законот за судска служба со измените на Законот за административни службеници, кои се претходно донесени и влезени во сила.

Судот оцени дека измената на рокот за доставување на наведените докази, не е од влијание за правното прашање кое се поставува со иницијативата, поради што понатаму се дава уставно-судска анализа на оспорената одредба во актуелниот текст.

Оспорениот член 144 од Законот за судска служба е систематизиран во главата XVIII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ. Со него законодавецот уредил преоден режим за судските службеници кои засновале работен однос во судот заклучно со денот на започнувањето на примената на овој закон, определувајќи им рок за доставување на доказ за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, а во спротивно, доколку не го достават потребниот доказ во определениот рок, ќе бидат распоредени на работно место за една категорија пониско од работното место на кое биле во моментот на влегување во сила на овој закон. Ваквото распоредување (казнено) не се однесува на судските службеници кои на денот на отпочнување со примената на овој закон биле распоредени на работно место на влезните нивоа. Обврската за доставување на наведениот доказ и казненото распоредување доколку не се достави доказот во определениот рок, не се однесува на категоријата судски службеници кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон.

Имено, новиот Закон за судска служба, како посебни работни компетенции за сите нивоа од категориите Б (раководни), В (стручни) и Г (помошно-стручни) судски службеници, утврдува обврска за активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење и познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, француски или германски).

Вакви посебни услови при вработување не предвидувал претходно важечкиот Закон за судска служба („Службен весник на Република Македонија“ број 98/2008, 161/2008, 6/2009 и 150/10), кој престана да се применува со денот на започнувањето на примената на новиот закон. Но, претходно важечкиот закон, со член 29-а, предвидувал право и должност на судскиот службеник стручно да се оспособува и усовршува. Континуираната обука за стручно усовршување на судските службеници е со цел стекнување и постојано унапредување и стручно усовршување на теоретски и практични знаења и вештини за квалитетно, стручно и ефикасно извршување на работите и работните задачи.

Поради тие причини, со новиот Закон за судска служба, законодавецот утврдил рок во кој судските службеници кои засновале работен однос во судот заклучно со денот на започнувањето на примената на новиот закон, треба во одреден рок да достават доказ за познавање на компјутерски програми за канцелариско работење и познавање на странски јазици.

Неспорно е дека законодавецот има право да уредува нови посебни услови за работа во одделна област, во конкретниот случај областа на судската служба. Меѓутоа, преминот од стариот во новиот режим на уредување на односите во правото, треба да се обезбеди на начин кој подразбира избраните мерки, односно средства да бидат соодветни на целите и причините поради кои се предвидуваат, а притоа да не се доведе во прашање или во поголем обем да не се загрози правната сигурност и веќе стекнатите права и интереси на субјектите на кои тие се однесуваат.

Во оваа смисла, според Судот, на обврската за познавање на компјутерски програми за канцелариско работење и познавање на странски јазици соодветни за работното место (член 144 став 1 од Законот), треба да се гледа како на обврска за стручно оспособување и усовршување на судскиот службеник, во функција на квалитетно, стручно и ефикасно извршување на работите и работните задачи. Според член 55 од новиот Закон за судска служба, судскиот службеник има право и должност стручно да се оспособува и усовршува. Континуираната обука за стручно усовршување на судските службеници е со цел за стекнување и постојано унапредување и стручно усовршување на теоретски и практични знаења и вештини за квалитетно, стручно и ефикасно извршување на работите и работните задачи. Оттука, според Судот, познавањето на компјутерски програми за канцелариско работење и познавањето на странски јазици соодветни за работното место, претставуваат знаења и вештини кои се реален услов и потреба за извршување на правата, должностите и одговорностите на судските службеници од сите категории, односно како за нововработените во судската служба, така и за оние кои се веќе вработени и распоредени на соодветни работни места, вклучително и за судските службеници кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон (член 144 став 3 од Законот), и покрај тоа што таков услов не се барал при нивното вработување. Меѓутоа, условите за обезбедување на ваквата обврска за стручно оспособување и усовршување на судските службеници, особено што тоа не било услов при вработувањето на овие судски службеници, е обврска на работодавецот и не може да биде на товар на судските службеници, како што е пропишано со оспорениот член 144 став 1 од Законот, а уште помалку не може да предвидува „казнени“ мерки за тие што во определен рок нема да ја исполнат оваа обврска, како што пропишува ставот 2 на истиот член.

Имено, сo вака уреденото законско решение се создава правна ситуација, односно можност од губење на стекнато право од работен однос, со што се доведува во прашање остварувањето на легитимните очекувања на вработените кои ги имале во времето кога го засновале работниот однос под други услови и правила, пред донесувањето на новиот Закон за судска служба. Оваа категорија вработени се стекнале со права и обврски од работен однос според условите кои биле предвидени со тогаш важечкиот Закон за судска служба и веќе биле подложени на оценување по однос на нивните стручни и работни компетенции за стекнување на конкретно работно место и звање во хиерархијата на звања.

Со оспореното решение, претходно вработените, независно од дотогашните стекнати звања и стручност во работењето и независно од успешноста на извршувањето на работните задачи, се ставени во позиција на неизвесност од понатамошното уживање на своите права од работен однос, стекнати на законит начин. Ова од причина што неисполнувањето на посебните услови од новиот закон, во определениот рок, предвидува негативни последици за вработениот, кои се изразуваат во распоредување на пониско работно место, што секако значи и намалување на платата.

На ваков начин, со одредба која има преоден карактер, законодавецот веќе заснованиот работен однос го детерминира со нови услови кои се издигнати на степен на општост имајќи го во вид нивниот опфат, без да се има предвид дека во времето кога вработениот го засновал работниот однос, тие како општо задолжителни за секое работно место, не биле предвидени. Оттука, новите услови кои со Законот се предвидени како услови за вработување во судската служба, добиваат значење на услови за задржување на стекнатото звање и плата, што значи дека ваквото ретроактивно дејство на одредбата доведува до загрозување на правната сигурност и легитимните очекувања на вработените по однос на стекнатите права и обврски.

Дополнително, треба да се има предвид дека со Законот за судска служба, посебните услови познавање на странски јазици и работа со компјутерски програми за канцелариско работење, соодветно се предвидени за сите нивоа од категориите на судски службеници. Според тоа, неисполнувањето на посебните услови за конкретно работно место, може да значи неисполнување на тие услови за секое работно место, со оглед дека тие се општо предвидени за сите нивоа и звања од соодветна категорија, што значи дека распоредувањето на пониско работно место не мора да ја отстранува наведената „незаконитост“. Од содржината на оспорената законска одредба, не произлегува јасна правна ситуација по однос на прашањето дали и до каде завршува потребата за поседување на овие услови ако и на пониското рангирано место тие се бараат, а службеникот не ги остварил, а сето тоа доведува до загрозување на правната сигурност на вработениот по однос извесноста од задржување и на тоа пониско ниво на работно место, имајќи во вид дека за сите нивоа соодветно се предвидени посебните услови, што предизвикува дополнителна правна несигурност за вработените во поглед на нивниот понатамошен работен статус.

Од оспореното законско решение произлегува дека претходно вработените, кои распоредувањето на конкретното работно место го стекнале на основа на законски пропишани услови, доколку не го достават потребниот доказ за исполнување на дополнително пропишаните услови, се доведуваат до состојба на казнување, бидејќи распоредувањето на работно место во непосредно пониско ниво, односно звање, со Законот за судска служба е предвидено како дисциплинска мерка за потешка дисциплинска повреда (член 94 став 2 алинеја 2).

Оттука, во услови кога со Законот точно се прецизирани случаите на губење на постојното работно место, а тоа е исклучиво поради дејствија на сторена потешка дисциплинска повреда, произлегува дека мерката распоредување на пониско ниво на работно место поради недоставување во пропишаниот рок на доказ за познавање на странски јазик и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, повлекува исто дејство и последици како и мерката која може да се изрече само поради сторена потешка дисциплинска повреда. Притоа, треба да се има предвид дека изрекувањето на ваквата мерка во дадената ситуација е пропишана како закана од неисполнување на посебни услови кои неспорно се ретроактивно утврдени.

Според Судот, неспорно е правото на законодавецот да ги уредува условите за работа, истите да ги менува или надополнува, но не во смисла на уредување што значи негирање на претходно предвидените и исполнети услови и негирање на успешноста на дотогашното работење на вработените, какво што значење има оспореното законско решение, ако се има во вид дека неисполнувањето на нововостановените посебни услови во одреден рок, повлекува санкции за судскиот службеник кој нема да ги исполни.

Повратното важење на оспорената одредба од Законот, извесно е дека може да доведе до состојба судските службеници кои во целокупното нивно досегашно работење, совесно, ажурно, квалитетно и успешно ги извршувале и продолжуваат да ги извршуваат своите работни задачи и по влегувањето во сила на новиот закон, да бидат казнети со распоредување на пониско работно место и пониска плата, што може да има дестимулирачки ефект за вработениот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека предвидената мерка која го обезбедува преминот од стариот во новиот режим – казнено распоредување на пониско работно место, не е соодветна на целите и причините поради кои се предвидува, затоа што ги доведува во прашање и во поголем обем ги загрозува правната сигурност и веќе стекнатите права и интереси на вработените на кои се однесува.

Оттука, Судот оцени дека оспорениот член 144 од Законот за судска служба, основано може да се доведе под сомнение во однос на согласноста со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

Решението од точката 1 е донесено едногласно, а решението од точката 2 е донесено со мнозинство на гласови.

У.бр.160/2014
31 октомври 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева