Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 31 октомври 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1, членовите 3 и 4, член 5 ставовите 1-5 и 7-12 и член 14 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2014).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 5 став 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Томе Костадиновски од Скопје преку полномошник Бобан Богдановски-адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорените законски одредби се воспоставувало паралелно законодавство во врска со утврдувањето на правниот статус на бесправно изградените објекти во Република Македонија со оглед дека таа материја претходно во 2011 година била уредена со Законот за постапување со бесправно изградени објекти така што бил определен рокот за поднесување на барање, доказите кои се приложуваат кон барањето утврдени со Законот, органот кој одлучува по барањето (органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, за објектите од значење за Републиката, односно единиците за локална самоуправа, за објектите од локално значење), начинот на постапувањето на надлежниот орган (1. изготвување на записник за извршен увид на самото место; 2. утврдување: дали бесправниот објект претставува градежна и функционална целина, дали ги исполнува стандардите за геомеханика, дали се наоѓа на трасата на која се предвидува проширување на патната и железничката инфраструктура, дали може да се вклопи во урбанистичко-планската документација чии стандарди ги определува министерот кој раководи со органот надлежен за уредување на просторот, дали има согласност од Управата за заштита на културното наследство, од Министерството за економија, Агенцијата за цивилно воздухопловство, МВР и од Министерството за одбрана; 3. изготвување на заклучок за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект) и начинот на одлучувањето (одобрение или одбивање на барањето). Наспроти таквата постапка пропишана во Законот за постапување со бесправно изградени објекти, оспорените законски одредби предвидувале поинаква постапка: 1. правниот статус на овие бесправни објекти да го утврдува суд во вонпарнична постапка; 2. доказите врз основа на кои судот одлучувал биле: правосилно решение за отворање на стечајна постапка, изјава на стечајниот управник дека не се водат други постапки во врска со бесправниот објект, доказ за било каков комунален приклучок или изјава од стечајниот управник дека објектот е изграден пред отворањето на стечајната постапка, и геодетски елаборат за фактичката состојба; 3. судот одлучувал за утврдувањето на правниот статус на бесправниот објект без стечајниот должник да требало да обезбеди урбанистичка согласност и без да плати било каков надоместок за тоа, како и без претходно да плати надоместок за утврдувањето на правниот статус (овие трошоци биле помали од 2.000 денари) и само да плати надоместок за изработка на геодетски елаборат после неговата изработка од Агенцијата за катастар на недвижности. Покрај тоа, судската пракса овозможувала стечајниот должник да може да покрене постапка за утврдување на правен статус на бесправен објект во секое време после отворањето на стечајната постапка, а не само во рок од 15 дена од влегувањето во сила на Законот за заклучување на стечајните постапки како што пропишувал член 3 став 2 од тој закон, со што разликата во постапката станувала уште поголема. На сето тоа, оспорениот член 14 од Законот определувал обврска за стечајниот управник да го повлече барањето во рок од три дена од влегувањето во сила на Законот за заклучување на стечајните постапки ако поднел барање за утврдување на правен статус на бесправен објект според Законот за постапување со бесправно изградени објекти и ако не било донесено решение по тоа барање.
Со таквите правила содржани во оспорените законски одредби се создавала нееднаквост меѓу граѓаните, од една страна, и правните лица и поединците кои вршат трговска дејност а над кои е отворена стечајна постапка, од друга страна, во врска со утврдување на правен статус на бесправен објект, поради што оспорените законски одредби не биле во согласност со член 9 став 2 од Уставот. Освен тоа, оспорениот член 14 од Законот создавал нееднаквост меѓу стечајните должници кои спровеле постапка за утврдување на правен статус на бесправен објект според Законот за постапување со бесправно изградени обjекти, од една страна, и стечајните должници кои не спровеле постапка според тој закон или кои во иднина ќе спровеле таква постапка според Законот за заклучување на стечајните постапки, од друга страна, што значело нееднаков третман на првите во однос на вторите стечајни должници. Посебно проблематичен бил член 5 став 6 од Законот за заклучување на стечајните постапки според кој против првостепеното решение на вонпарничниот суд не е дозволена жалба, што не било во согласност со Амандман XXI на Уставот.
Во иницијативата се наведуваат и примери кои можеле да се случуваат во практиката (како на пример, правното лице бесправно, односно без одобрение за градење, да изградило незавршен колективен станбен објект со средства од граѓани, па потоа да се довело во состојба на неликвидност и да била отворена стечајна постапка), стечајниот управник можел да ги уценува купувачите на становите, кои не ги презеле недоизградените станови или кои немаат имотни листови и благовремено не го пријавиле своето побарување кон стечајниот должник, така што ќе постапел според правилата од Законот за заклучување на стечајните постапки и ќе го запишал бесправниот објект како имот на стечајниот должник, со што оспорените законски одредби овозможувале тие да бидат злоупотребувани односно генерирале криминал.
Врз основа на изнесеното, се смета дека оспорените законски одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, поради што се предлага поништување или укинување на наведените одредби од Законот.
4. Судот на седницата утврди дека во член 1 од наведениот закон се определува дека со Законот се уредуваат постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка на имот на стечајниот должник, потоа постапката за впаричување на имотот, и условите за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација („Службен лист на СФРЈ“ број 84/89), Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ број 55/97, 53/2000, 37/2002 и 17/2004) и Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ број 34/2006, 126/2006, 84/2007 и 47/11).
Во оспорениот член 2 став 1 од Законот се определува дека „Предмет на постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка претставува недвижниот имот кој го презел стечајниот управник по отворањето на стечајната постапка, а кој не е впишан во јавните книги во кои се врши запишување на правата на недвижностите.“
Според оспорениот член 3 од Законот, „Постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка се поведува со поднесување на предлог во вонпарнична постапка до вонпарничниот оддел во судот на чие подрачје се спроведува стечајната постапка“ (став 1). „Предлогот од ставот 1 на овој член го поднесува стечајниот управник или лице определено со планот за реорганизација на стечајниот должник, во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон“ (став 2).
Во оспорениот член 4 од Законот се пропишува дека „Предлогот за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка содржи означување на судот, назив и седиште на стечајниот должник со податоци од тековната состојба од надлежниот орган, име и презиме на стечајниот управник, односно контакт телефон, електронско сандаче за прием на писмена регистрирано согласно со закон, опис на недвижниот имот за кој се предлага утврдување на правен статус на бесправен објект“ (став 1). „Кон предлогот се доставува: алинеја 1-правосилно решение за отворање на стечајната постапка или решение за одобрен план за реорганизација; алинеја 2-доколку се поведени постапки за утврдување на правото на сопственост од оспорени излачни права се доставува доказ за истите, односно изјава заверена кај нотар под морална и кривична одговорност дека не се водат вакви постапки; алинеја 3-доказ за приклучок на комунална инфраструктура и/или сметки за јавни услуги (струја, вода итн.), со датум пред отворањето на стечајна постапка, а доколку недвижниот имот нема инфраструктурни приклучоци изјава заверена кај нотар дадена под кривична и материјална одговорност со која стечајниот управник ќе потврди дека недвижниот имот е изграден пред отворање на стечајната постапка; и алинеја 4-геодетски елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект со имотен лист за земјиштето на кое е изграден објектот“ (став 2).
Според оспорениот член 5 од Законот, „По приемот на предлогот, судијата во рок од три дена ја испитува уредноста на барањето и доставените докази и доколку утврди дека предлогот не е уреден или дека недоставуваат потребните докази, ќе го повика предлагачот да го уреди предлогот во рок од осум дена од денот на приемот на писменото за уредување на предлогот“ (став 1). „Доколку кон предлогот не е приложен геодетски елаборат, односно земјиштето на кое е изграден објектот е со неутврдени права, судијата по службена должност ќе поднесе барање до Агенцијата за катастар на недвижности за изработка на геодетски елаборат за недвижниот имот, односно за изложување на предметното земјиште“ (став 2). „Агенцијата за катастар на недвижности е должна да постапи по барањето на судот од ставот 2 на овој член во рок од не подолг од 30 дена од денот на приемот на барањето“ (став 3). „Судот заедно со поднесеното барање до Агенцијата за катастар на недвижности издава наредба до стечајниот управник, односно лицето определено со планот за реорганизација за овозможување на непречен пристап за извршување на потребните дејствија од страна на Агенцијата за катастар на недвижности во предметниот недвижен имот“ (став 4). „Доколку предлогот е уреден, односно по уредување на предлогот согласно со ставовите 1, 2 и 3 на овој член, судијата во рок од три дена ќе донесе решение со кое ќе утврди правен статус на објект во стечајната постапка“ (став 5). „Против решението од ставот 5 на овој член не е дозволена жалба“ (став 6). „Судот правосилното решение од ставот 5 на овој член по службена должност го доставува до Агенцијата за катастар на недвижности најдоцна во рок од три дена од неговото донесување, заради запишување на правото на сопственост во јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижностите“ (став 7). „Во случај ако за објектот или за дел од објектот за кој се води постапка за утврдување на правен статус на бесправен објект, се воделе сопственички тужби или тужби за излачување на објектот или дел од објектот од стечајната маса, судијата во решението за утврдување на правен статус на бесправен објект ќе наложи бришење на евидентираните кориснички права на стечајниот должник на градежно изградено и неизградено земјиште и земјоделско земјиште и прибележување во имотниот лист на заведени сопственички тужби или тужби за излаќување на објектот или дел од објектот од стечајната маса се до моментот на правосилно завршување на предметните спорови, односно завршувањето на постапката по покренат вонреден правен лек“ (став 8). „При запишувањето на правото на сопственост на објектот во јавната книга за запишувањето на правата на недвижностите се прибележуваат споровите од ставот 8 на овој член“ (став 9). „Запишаното на правото на сопственост на стечајниот должник согласно со овој закон нема влијание на започнатите спорови и не претставува нов доказ за започнатите спорови од ставот 8 на овој член“ (став 10). „Објектот односно дел од објектот кој се стекнал со правен статус на бесправен објект, а за кој постои прибелешка од ставот 9 на овој член не може да бидат предмет на впаричување во стечајната постапка до правосилно завршување на постапките и по евентуално покрената постапка за вонреден правен лек“ (став 11). „По правосилно завршување на споровите, односно по завршувањето на постапката покрената по вонреден правен лек, кои се воделе за утврдување на правото на сопственост на објектот, односно дел од објектот кој е предмет на постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект, судот по службена должност ја доставува пресудата заради бришење на прибелешка во имотниот лист, односно упис на правото сопственост во јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижност“ (став 12).
Во оспорениот член 14 од Законот се определува дека „доколку стечајниот управник има поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправен објект, а не е донесено решение по барањето согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ број 23/11, 54/11, 155/12 и 72/13), пред влегувањето во сила на овој закон поднесеното барање заради постапување согласно со членот 3 став 2 од овој закон ќе го повлече од органот каде што е поднесено барањето во рок од три дена од влегувањето во сила на овој закон“ (став 1). „Органот каде што е поднесено барањето, по поднесеното барање за повлекување на барањето од ставот 1 на овој член е должен да постапи во рок од три дена од денот на поднесеното барање“ (став 2).
5. Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони.
Во член 1 на Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ број 23/2011, 54/2011, 155/2012 и 72/2013) се определува дека овој закон ги уредува условите, начинот и постапката за евидентирање, утврдување на правен статус и санкционирање на бесправно изградените објекти, при што во член 3 од Законот се определува дека под утврдување на правен статус на бесправен објект се подразбира запишување на бесправните објекти од значење за Републиката, бесправните објекти од локално значење и бесправните објекти на здравствени установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита во јавната книга за запишување на правата на недвижности и вклопување на истите во урбанистичко-планската докумeнтација.
Во член 1 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“бр.12/2014) се определува дека овој закон ја уредува постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка на имот на стечајниот должник, потоа постапката за впаричување на имотот, и условите за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација („Службен лист на СФРЈ“ број 84/89), Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ број 55/97, 53/2000, 37/2002 и 17/2004) и Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ број 34/2006, 126/2006, 84/2007 и 47/11).
Од изнесената уставна одредба произлегува дека Собранието на Република Македонија донесува закони, со што ги уредува односите во сите сфери на општествениот живот. Од изнесените одредби на Законот за постапување со бесправно изградени објекти произлегува дека тој закон го уредува евидентирањето, утврдувањето на правниот статус на бесправните објекти и санкционирањето на бесправно изградените објекти, при што под утврдување на правен статус на бесправен објект се подразбира запишување во јавните книги и вклопување во урбанистичко-планска документација на бесправните објекти кои се од значење за Републиката, од локално значење или на бесправни објекти на здравствени установи од примарна, секундарна и терцијална здравствана заштита. Од изнесената одредба, пак, на Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај, произлегува дека тој закон ја уредува постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка кој е имот на стечајниот должник и над кој стечаен должник е отворена стечајна постапка според Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација од 1989 година или според Законот за стечај од 1997 година или според Законот за стечај од 2006 година. Според тоа, Законот за постапување со бесправно изградени објекти се однесува на утврдувањето на правниот статус на бесправните објекти изградени од било кои субјекти, со што тој закон има карактер на lex generalis, а Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај се однесува на утврдувањето на правниот статус на бесправен објект изграден од стечаен должник над кој е отворена стечајна постапка според законите за стечај од 1989, 1997 и 2006 година, со што овој закон има карактер на lex specijalis.
Имајќи ја предвид изнесената разлика во содржината меѓу двата закони, Судот оцени дека законодавецот има уставна основа во член 68 став 1 алинеја 2 да пропише различни правила за различни субјекти при утврдување на правниот статус на бесправно изградените објекти, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
6. Во однос на прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со член 9 став 2 од Уставот, имајќи предвид дека таа уставна одредба определува еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите а со иницијативата се покренува прашање за еднаквост меѓу различни субјекти (физичkи и правни лица) и меѓу исти субјекти (правни лица) но во различен правен режим (пред и по влегувањето во сила на оспорените законски одредби), Судот оцени дека таа уставна одредба не се однесува на материјата уредена со оспорените законски одредби, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на наведените законски одредби со член 9 став 2 од Уставот.
7. Во врска со оспорениот член 5 став 6 од Законот, имајќи предвид дека таа законска одредба е укината со Одлука У.бр.90/2015 донесена од Уставниот суд на 30 март 2016 година, со што тоа правило не е повеќе во правниот поредок, Судот утврди дека има процесни пречки за одлучување по тој дел од иницијативата, поради што оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 на Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во тој дел.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.117/2015
31 октомври 2016 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Републикa Македонија
Елена Гошева