У.бр.61/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 31 октомври 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 17 алинеја 2 и член 98 став 5 алинеја 3 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016 и 142/2016).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се изнесува содржината на член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51, член 54 став 1 од Уставот и од Амандман XXV на Уставот, а потоа се наведува дека со оспорените законски одредби се пропишувале правни последици за кривично дело кои се состоеле во губење на стекнато право на вршење на службата директор на Агенцијата или заменик на директорот, како и престанок на работниот однос на административниот службеник по сила на закон, и тоа независно од природата или тежината на кривичното дело. Ваквите законски формулации не биле во согласност со Уставот бидејќи разрешувањето или престанокот на работниот однос можеле да бидат предвидени како правна последица само ако осуденоста се однесува за конкретно дефинирано кривично дело за кое на сторителот му е изречена казна од најмалку шест месеци, а со оспорените одредби тоа не било определено. Непрецизноста на оспорените законски одредби можела да доведе до ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со натамошното вршење на должноста директор или заменик на директор да биде основа за нивно разрешување, односно до престанок на работниот однос на административниот службеник, што значело дека наведените формулации биле недоволно прецизни и јасни, и не обезбедувале правна сигурност што е дел од принципот на владеењето на правото. Ако се имале предвид казните определени во Глава XIII од Кривичниот законик што се однесуваат на кривичните дела против службената должност, а тие можеле да бидат и парична казна или условна осуда, ваквите судски осуди можеле да предизвикаат исто така разрешување или престанок на работниот однос иако кривичното дело немало никаква врска со натамошното вршење на административната служба, поради што оспорените законски одредби не биле во согласност со напред наведените уставни одредби.

Во иницијативата се предлага Судот да има предвид три конкретни одлуки при одлучувањето за оваа иницијатива, како и да поведе постапка, а потоа да ги укине или поништи оспорените законски одредби.

3. Судот на седницата утврди дека во член 17 од Законот се определува дека „директорот на Агенцијата, односно неговиот заменик може да биде разрешен и пред истекот на мандатот за кој е именуван и во следниве случаи: алинеја 2 – ако со правосилна судска одлука е осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци“.

Според член 98 став 5 од Законот, „на административниот службеник му престанува работниот однос по сила на закон, ако: алинеја 3 – биде осуден за кривично дело во врска со службената должност, со денот на правосилноста на пресудата“.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд ја оценува уставноста на законите и уставноста и законитоста на подзаконските прописи и колективните договори. Од изнесената одредба на Деловникот на Судот произлегува дека ако Уставниот суд веќе одлучувал за определена одредба и ако нема основи за поинакво одлучување од претходно одлученото, ќе ја отфрли иницијативата.

Во конкретниот случај, Судот веќе одлучувал за уставноста на член 17 алинеја 2 и член 98 став 5 алинеја 3 од Законот за административни службеници. Во однос на член 17 алинеја 2 од Законот, Судот на 18 февруари 2016 година донесе Решение У.бр.147/2014 со кое не поведе постапка, а на 30 март 2016 година донесе Решение У.бр.158/2014 со кое ја отфрли иницијативата за оценување на истата законска одредба како res judicata. Во однос на член 98 став 5 алинеја 3 од Законот, пак, Судот на 28 мај 2014 година донесе Решение У.бр.36/2014 со кое исто така не поведе постапка за оценување на уставноста на наведената законска одредба.

Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста на член 17 алинеја 2 и член 98 став 5 алинеја 3 од Законот за административни службеници, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите определени во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.61/2016
31 октомври 2016 г.
С к о п ј e

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева