У.бр.4/2015-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 47 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 5 октомври 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2011).

2. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Дарко Јаневски од Скопје, со Решение У.бр.4/2015 од 23 декември 2015 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот наведен во точката 1 на ова решение, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

3. Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 22 јули 2015 година донесе нов Закон за општата управна постапка и тој беше објавен во “Службен весник на Република Македонија” број 124/2015 од 23 јули 2015 година.

Во член 140 од преодните и завршните одредби на Законот е предвидено дека со денот на отпочнување со примена на овој закон, престанува да се применува Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005, 110/2008 и 51/2011).

Во член 141 од наведениот закон е утврдено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе отпочне да се применува една година од денот на влегување во сила (освен одделни одредби кои се однесуваат на комуникацијата по електронски пат), додека во членот 140 од Законот, е утврдено дека со денот на отпочнување со примена на овој закон, престанува да се применува Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ брoj 38/2005, 110/2008 и 51/11).

Согласно наведените одредби, новиот Закон за општата управна постапка влегол во сила на 31 јули 2015 година, а започнал да се применува една година по неговото влегување во сила, значи на 31 јули 2016 година, кога и престанала примената на стариот Закон за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/2005, 110/2008 и 51/2011).

Од наведеното може да се заклучи дека Законот за изменување и дополнување на Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2011) во кој е содржана одредбата од членот 2, за која е поведена постапка за оценување на уставноста, не е повеќе во сила ниту во примена, односно оспорената одредба не е повеќе во правниот поредок.

4.Согласно член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2011) престанала да важи во текот на постапката за оценување на неговата уставност и повеќе не е во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од член 47 од Деловникот на Уставниот суд за запирање на постапката.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.4/2015
05.10.2016 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева