У.бр.31/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 05 октомври 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 алинеја 3 и член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Државниот универзитет во Тетово („Службен весник на Република Македонија“ бр.226/2015).

2. Државниот универзитет во Тетово-Правен факултет проф. д-р Ферат Полиси, проф. Милаим Фејзиу од Гостивар, подржувачите на иницијативата проф. д-р Абдула Алиу, д-р. доц. Арсим Синани и Фадил Џелили адвокат од Гостивар до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативите кои се идентични во однос на оспорениот член 5 од Законот се наведува дека, законодавецот на флагрантен начин ги повредува основните темелни вредности од член 8 став 1 алинеја 4, член 46 и член 51 од Уставот на Република Македонија. Понатаму, во иницијативите се потенцира дека со оспорените одредби од Законот се вршат статусни промени на Државниот универзитет во Тетово која е прва државна високообразовна институција во Македонија основана со закон за образование на настава на албански јазик. Статусните промени се вршеле на начин што се укинувал Факултетот за применети науки и шест студиски програми на Факултетот за применети науки.

Со одредбата од членот 5 кој е оспорен со двете иницијативи се уредува преодниот режим на постојните студиски промени до започнување на промена на член 2 став 3, како и тоа каде ќе го продолжат своето образование затекнатите студенти.

Според подносителите со решенијата содржани во оспорениот член 5 со кој се врши статусна промена на Универзитетот во Тетово се загрозува правниот субјективитет на Универзитетот од формално правен и материјално правен аспект.

Формално правниот аспект на повреда на Уставот според подносителите се однесува и претставува последица на самата постапка за донесување на Законот, од причина што при донесување на Законот воопшто не било прибавено мислење од ниту еден орган од компетентните органи на Универзитетот (сенат, ректорска управа, наставно научен совет ниту од кој било друг орган), ниту при донесување на Законот бил известен Универзитетот.

Цитираните законски решенија кои се оспоруваат со иницијативата се во директна спротивност со уставните одредби во смисла на материјално правна природа со кои се повредува автономијата на Универзитетот и правниот субјективитет на Универзитетот како правно лице и покрај фактот што Факултетот за применети науки и шесте студиски програми ги исполнуваат потребните услови за неговото функционирање кое нешто подносителите на иницијативата подетално го наведуваат.

Понатаму, подносителите на иницијативата наведуваат од кои причини произлегува дека со оспорените законски одредби се повредува член 8, член 9, член 46 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Покрај наведеното, подносителите на иницијативата даваат осврт и на Законот за високото образование како матичен закон, односно одредбите од член 8, 11, 39 и 40 кои не биле применети при донесување на оспорените членови од Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Државниот универзитет во Тетово.

Од наведените причини подносителите на иницијативата предлагаат судот да поведе постапка, а потоа да ги укинел или поништи оспорените одредби, а до донесување на конечна одлука да изрече времена мерка.

3. Судот на седницата утврди дека со член 2 алинеја 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Државен универзитет во Тетово е предвидено дека алинејата 11 која е оспорена со иницијативата се брише, или поточно речено со оспорената алинеја Факултетот за применети науки се укинува.

Понатаму, Судот утврди дека во оспорениот член 5 од наведениот Закон е предвидено:

Постојните студиски програми за градежништво, архитектура, мехатроника, сообраќајно-транспортно инженерство, геодезија и геоинформатика и економско инженерство од Факултетот за применети науки на Универзитет во Тетово, до започнувањето на примената на одредбите од членот 2 став 3 од овој закон, ќе продолжат да се остваруваат до започнувањето на академската 2019/2020 година.

Затекнатите студенти на студиските програми за градежништво, архитектура, мехатроника, сообраќајно-транспортно инженерство, геодезија и геоинформатика и економско инженерство од Факултетот за применети науки на Универзитетот во Тетово, со денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе го продолжат своето образование на Универзитет во Тетово според студиската програма по која ги започнале студиите, најдоцна до започнувањето на академската 2019/2020 година.

Студентите од ставот 2 на овој член, кои нема да го завршат своето образование во рокот од ставот 2 на овој член, може да го завршат своето образование на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје или на друга високообразовна установа на соодветна акредитирана студиска програма.

Судот, исто така утврди дека на 28 јуни 2016 година Собранието на Република Македонија донесе Закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Универзитет во Тетово („Службен весник на Република Македонија“ бр.120/2016 год.).

Во членот 1 од наведениот Закон е предвидено:

Во Законот за основање на Универзитет во Тетово („Службен весник на Република Македонија” број 8/2004, 81/2008 и 226/15), во членот 1 алинеја 11 сврзникот „и” се заменува со запирка.

Во алинејата 12 точката на крајот се заменува со сврзникот „и” и се додава алинеја 13, која гласи:

„- Факултет за применети науки”.

Во членот 2 од Законот, пак, е предвидено дека во Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Државен универзитет во Тетово („Службен весник на Република Македонија” бр.226/15) членовите 5 и 6 се бришат,

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согла- сноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од суштината на член 110 од Уставот произлегува дека Судот ја оценува уставноста само на оние закони кои што се дел од правниот поредок на Република Македонија, што со други зборови значи дека Уставниот суд е надлежен да ја оценува уставноста само на оние закони кои се во правна сила, односно важат и се применуваат на територијата на Република Македонија, а не и на закони кои што престанале да важат.

Притоа, во член 47 алинеја 1 од Деловникот, постои исклучок од вака определената надлежност и тоа за случаите кога Судот ќе најде основи за оценување на уставност во времето на важење на оспорените акти, но само под услов актот да престанал да важи во текот на постапката пред Уставниот суд за оценување на неговата уставност, а не и пред тоа, што овде не е случај.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби и пред се фактот што со оспорената одредба од член 2 алинеја 3 како дел од Законот за изменување и дополување на Законот за основање на Државниот универзитет во Тетово алинејата 11 со која било предвидено постоење на Факултет за применети науки во моментот на поднесување на иницијативата била избришана, односно наведениот факултет требало да престане на функционира, од кои причини е поднесена и иницијативата, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за оценување на оспорениот член.

Во однос на оспорениот член 5 од Законот со кој се уредувало прашањето на преодниот режим на запишаните студенти на Факултетот за применети науки и шесте студиски програми на наведениот факултет,Судот утврди дека со влегувањето во сила на Закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Универзитет во Тетово („Службен весник на Република Македонија“ бр.120/2016 год.), тој е избришан, односно повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија,од кои причини Судот оцени дека и овој член не може да биде предмет на уставно – судска оцена пред Уставниот суд.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.31/2016
05.10.2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева