У.бр.95/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 05 октомври 2016 година,донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка бр.08-510/1, 08-511/1, 08-512/1, 08-513/1, 08-514/1, 08-515/1, 08-516/1, 08-517/1, 08-518/1, 08-519/1, 08-520/1, 08-521/1, 08-522/1, 08-523/1, 08-524/1, 08-525/1, 08-526/1, 08-527/1, 08-528/1, 08-529/1, 08-530/1, 08-531/1, 08-532/1, 08-533/1, 08-534/1, 08-535/1, 08-536/1, 08-537/1, 08-538/1, 08-539/1, 08-540/1, 08-541/1, 08-542/1, 08-543/1, 08-544/1, 08-545/1, 08-546/1, 08-547/1, 08-548/1, 08-549/1 и 08-550/1, донесени на 12.04.2016 година од Претседателот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016).

2. Коле Илијев од Виница и Марјанчо Ангеловски од Куманово до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијатвата Коле Илијев оспорените одлуки не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 8 став 2, член 25 од Уставот на Република Македонија не биле во согласност со член 6 став 1 и член 17 став 1 од Европската конвенција за човекови права, како и со член 1 од Законот за помилување.

Според подносителот неспорно било дека Претседателот на Република Македонија согласно член 84 од Уставот има уставна надлежност да дава помилување во согласност со закон. Законот за помилување во член 1 пропишува дека Претседателот дава помилување само за поименично определени лица и за кривични дела предвидени со закон на Република Македонија согласно одредбите од Кривичниот законик.

Во конкретниов случај Претседателот го искористил правото пропишано со Уставот, меѓутоа со одлуките не биле поименично определени лицата со конкретно наведување на поименично определени лица како и конкретно за кое кривично дело станува збор и за кои дејствија. Ова од причини што институцијата помилување се дава на поименично определено лице во фаза од кривична постапка, но и во која кривична постапка односно кое кривично дело. Непостапувањето со наведување на конкретни лични атрибути доведува до злоупотреба и повреда на достоинството и угледот на лица кои се среќаваат со исти конкретни имиња и презимиња и место на живеење.

Според подносителот на иницијативата, со донесување на одлуките Претседателот излегол надвор од своите службени надлежности содржани во член 84 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, односно со донесените одлуки не се врши само помилување на осудени лица за одредени кривични дела, туку де факто дава амнестија на одреден број на лица по негов избор за непознати кривични дела и за кои воопшто не е покренато обвинение за гонење пред надлежниот суд од страна на Основното јавно обвинителство или Специјалното јавно обвинителство, ниту е поведена било каква постапка од органите за прогон согласно Законот за кривична постапка, кое право за давање на амнестија е исклучиво дозволено од законодавната власт односно Собранието на Република Македонија согласно член 68 став 1 алинеја 18 од Уставот.

Според наводите на иницијативата поднесена од Марјанчо Ангеловски со оспорените одлуки со кои се помилуваат еднократно или повеќекратно 56 лица, најмногу за непознати кривични дела со ослободување од гонење независно во која фаза на постапка е предметот и одлуките кои се донесени без запазување на предвидената постапка за помилување согласно Законот, Претседателот на Република Македонија грубо ги прекршил темелните вредности од член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 84 став 1 алинеја 9 од Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија бр.52/1991 и 91/2001) и членовите 9 и 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993), а во врска со член 114 став 1 од Кривичниот законик, Претседателот на Република Македонија на 12. 04. 2016 година ги донел одлуките: бр.08-510/1, 08-511/1, 08-512/1, 08-513/1,08-514/1, 08-515/1, 08-516/1, 08-517/1, 08-518/1, 08-519/1, 08-520/1, 08-521/1, 08-522/1, 08-523/1, 08-524/1, 08-525/1, 08-526/1, 08-527/1, 08-528/1, 08-529/1, 08-530/1, 08-531/1, 08-532/1, 08-533/1, 08-534/1, 08-535/1, 08-536/1, 08-537/1, 08-538/1, 08-539/1, 08-540/1, 08-541/1, 08-542/1, 08-543/1, 08-544/1, 08-545/1, 08-546/1, 08-547/1, 08-548/1, 08-549/1 и 08-550/1 („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016).

Во секоја од наведените одлуки било предвидено ослободување од гонење, без спроведување на постапка на поименично наведени лица. Секоја од наведените одлуки е објавена во „Службен весник на Република Македонија“. Истовремено, на истиот датум Претседателот на Република Македонија за секое поименично наведено лице донел и посебни решенија кои не се објавени.

Во секое решение покрај поименично наведеното име и презиме на лицето утврдено е во која фаза на постапката кое кривично дело и одредба од Кривичниот законик за кое се товари лицето, притоа решенијата не се објавени во „Службен весник на Република Македонија“.

Претседателот на Република Македонија, врз основа на член 84 став 1 алинеја 9 од Уставот на Република Македонија, член 1 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија бр.20/1993) и член 11-а став 1 и 2 од Законот за дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2016), а во врска со член 114 став 1 од Кривичниот законик во два наврати и тоа: на 27 мај 2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.102/2016) и на 7 јуни 2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.108/2016) донел одлуки за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење, без спроведување на постапката, за сите поименично наведени лица за кои претходно имаше донесено одлуки за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка кои одлуки се оспорени со иницијативите.

Од наведеното јасно произлегува дека оспорените одлуки не се во правниот поредок, односно престанале да важат од кои причини не постојат процесни претпоставки Судот да се впушти во уставно судска анализа на истите.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согла- сноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби и пред се фактот што оспорените одлуки по поднесување на иницијативите престанале да важат и не се дел од правниот поредок, Судот утврди дека не постојат процесни претпоставки за нивно оценување, односно не можат да бидат предмет на оцена на уставноста пред Уставниот суд.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.95/2016
05.10.2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева