У.бр.92/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 05 октомври 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 13 став 2 од Правилникот за критериумите, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи (”Службен весник на Република Македонија” број 90/2013).

2. Адвокатот Зоран Стојановски од Тетово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одредба од Правилникот, спротивно на членот 232 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/2015 и 226/2015), се пропишувала нова обврска за граѓаните и правните лица на начин што се барало вработувањето на возач-инструктор задолжително да биде со полно работно време. Ова затоа што во наведената законска одредба, било предвидено возачот-инструктор да ги исполнува општите услови за засновање на работен однос, односно не постоела забрана за некое од вработувањата или начините на засновање на работен однос предвидени со Законот за работните односи.

Оспорената одредба од Правилникот била во директна спротивност со членот 32 од Уставот, кој предвидувал дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Исто така, поради спротивноста со одредбата од членот 232 став 4 од Законот за безбедноста во сообраќајот на патиштата, оспорената одредба од Правилникот не била во согласност и со членот 51 од Уставот, каде е предвидено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во иницијативата се укажува дека со членот 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа било пропишано дека со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, додека во членот 61 став 1 од истиот закон било пропишано дека со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да утврди дека оспорената одредба од Правилникот е во спротивност со Уставот и Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и истата да ја поништи или укине.

3. Судот на седницата утврди дека според член 13 став 2 од Правилникот за критериумите, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи, заради сложеноста и спецификата на работата, возачот-инструктор се ангажира од страна на автошколата на определено или неопределено работно време со полно работно време, согласно закон.

4. Според членот 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Правилникот за критериумите, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи, е донесен врз основа на членот 422 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ број 54/2007, 86/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009, 36/2011, 51/2011 и 114/2012), од страна на министерот за образование и наука, во согласност со министерот за внатрешни работи.

Овој закон престанал да важи со влегувањето во сила на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/2015). Според член 396 алинеја 1 од новиот закон, се овластува министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за образование и наука, да донесе поблиски прописи за поблиските критериуми, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат авто-школите за оспособување на кандидати за возачи. Во преодните и завршни одредби на новиот закон (член 403) се пропишува дека подзаконските прописи предвидени со овој закон, ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, освен подзаконскиот пропис од членот 394 алинеја 13, кој ќе се донесе во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 1). До донесувањето на прописите од членовите од 394, 395, 396, 397, 398, 399, 400 и 401 од овој закон, ќе се применуваат постојните прописи (став 2).

Од напред наведеното произлегува дека новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата пропишува дека треба да се донесе нов правилник за поблиските критериуми, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи, кој правилник треба да биде донесен од министерот за внатрешни работи, во согласност со министерот за образование и наука. Законскиот рок за донесување на новиот правилник е шест месеци од денот на влегувањето во сила на Законот, со тоа што е пропишано дека до донесувањето на новиот пропис, ќе се применуваат постојните прописи.

Со оглед дека рокот од шест месеци е изминат, а сеуште не е донесен новиот пропис, произлегува дека сеуште е во примена Правилникот донесен врз основа на претходниот закон.

Оспорената одредба од член 13 став 2 од Правилникот за критериумите, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи, веќе била предмет на оценување пред Уставниот суд, кој со Решение У.бр.94/2013 од 15.10.2014 година, не повел постапка за оценување на нејзината уставност и законитост. Во наведеното решение, Судот оценил дека:

„Во оспорениот член 13 став 2 од Правилникот е утврдено дека возачот–инструктор е ангажиран од страна на автошколата на определено или неопределено работно време со полно работно време и тоа претставува операционализација на членот 121 од Законот за работните односи и на членот 247 став 1 алинеја 2 и член 248 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, бидејќи само дополнително се допрецизира работното време за кое го засновал работниот однос возачот-инструктор во автошколата, поради природата, сложеноста и спецификата на работата, која бара целосна посветеност за успешно реализирање на работните обврски.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби наспрема целината на Правилникот и неговите оспорени одредби Судот констатира дека не се основани наводите во иницијативите дека со оспорените одредби од Правилникот се уредува работното време на возачите-инструктори, без притоа подетално да биле прецизирани критериумите и причините поради кои истите морале задолжително да бидат ангажирани на определено или неопределено работно време со полно работно време и дека поради тоа биле доведени во нерамноправна положба, од причина што дотогаш биле ангажирани од автошколите врз основа на договори за вработување во согласност со член 121 од Законот за работни односи.

Исто така, Судот утврди дека не се основани наводите во иницијатива дека оспорениот член 13 став 2 од Правилникот не бил во согласност со член 247 став 1 алинеја 2, член 248 став 4 и член 422 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и членот 48 од Законот за работните односи, и поради тоа бил неуставен, без прецизно утврдени причини за нивната неуставност.

Имено, право е на законодавецот да цени и по потреба да ги менува, дополнува или укинува условите за вработување и да го допрецизира работното време за кое го засновал работниот однос возачот-инструктор во авто-школата, поради природата, сложеноста и спецификата на работата, која бара целосна посветеност за успешно реализирање на работните обврски. Едукацијата на кандидатите за возачи од областа на сообраќајните правила и прописи претставува битен сегмент од неформалното образование и стекнувањето со сообраќајна култура на однесување на патиштата што придонесува за поголема безбедност на учесниците и намалување на сообраќајните незгоди.

Оттука, Судот оцени дека нема повреда на уставните норми на кои се повикуваат иницијаторите, од причина што интенција, а и право на законодавецот е да ги определи прецизно посебните услови како за основање така и за работа на автошколите, особено од кадровски аспект, оценувајќи ја како целисходна потребата од ваквото решение во однос на регулирањето на работното време заради практичното функционирање на автошколите во процесот на оспособување на кандидатите за возачи, кое овозможува кандидатите за возач да се стекнат со потребните знаења од теоретски и практичен аспект со предавачите односно возачите-инструктори.“

Со сега доставената иницијатива, оспорената одредба од Правилникот се оспорува од исти причини како во претходно наведеното решение. Со оглед дека нема аргументи кои би влијаеле на промена на ставот на Судот по однос на изнесеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.92/2016
05 октомври 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева