Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 14 став 1 од Законот за државјанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/1992, 8/2004, 45/2004, 98/2008 и 158/2011).
2. Иван Дургутов и Тамара Велковска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата го оспорува член 14 став 1 од Законот за државјанството на Република Македонија.
Имено, оспорената одредба била во спротивност со членот 4 од Уставот на Република каде што се наведува дека на државјанин на Република Македонија не може да му биде одземено државјанството, ниту да биде протеран или предаден на друга држава.
Понатаму во иницијативата се спомнува дека со конкретниот (оспорениот) управен акт, односно решението за стекнување државјанство на Република Македонија кое го донел министерот за внатрешни работи, лицето молител за стекнување државјанство на Република Македонија по пат на природување како еден од законски предвидените начини за стекнување на државјанство на Република Македонија, по правосилноста на истото, се стекнал со државјанство на Република Македонија и истото било во согласност со членот 4 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, и истото не можело да му биде одземено.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 14 став 1 од Законот за државјанството на Република Македонија се наведува дека Решението за прием на државјанство на Република Македонија може да се поништи по врачувањето, ако се утврди дека странецот при поднесувањето на барањето за прием на државјанство со природување дал невистинити или неточни податоци, односно се користел со лажни исправи.
Во ставот 2 од овој член се наведува дека Решението од став 1 се поништува во рокот предвиден за застареност на кривичното гонење за кривично дело од став 1 на овој член.
Според ставот 3 овој член, во случај од ставот 1 на овој член се поништува и решението за прием на државјанство на Република Македонија на малолетните деца кои стекнале државјанство истовремено со нивните родители, согласно со одредбите од овој закон.
4. Според член 4 став 1 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на Република Македонија. Според Амандманот XXXII на Уставот, со кој е заменет ставот 2 на членот 4 од Уставот, на државјанин на Република Македонија не може да му биде одземено државјанството, ниту може да биде протеран од Република Македонија. Државјанин на Република Македонија не може да биде предаден на друга држава, освен врз основа на ратификуван меѓународен договор, со одлука на суд. Според став 3 на истиот член, државјанството на Република Македонија се уредува со закон.
Согласно член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Европската конвенција за државјанство ратификувана од Собранието на Република Македонија на 18 февруари 2002 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2002), ги утврдува начелата и правилата во врска со државјанството на физичките лица и правилата во врска со регулирањето на воената обврска во случаите на повеќе државјанство, со кои треба да се усогласи внатрешното законодавство на земјите потписнички (член 1).
Во членот 7 од Европската конвенција за државјанство е уредено губењето на државјанството ex lege или на иницијатива на државата пристапничка.
Согласно точката 1 од овој член државата пристапничка во своето внатрешно законодавство не може да предвиди губење на нејзиното државјанство ex lege или на иницијатива на земјата пристапничка освен во таксативно наброени случаеви, и тоа:
а) доброволно стекнување на друго државјанство;
б) стекнување на државјанство на државата пристапничка по пат на измама, лажни податоци или прикривање на било кој релевантен факт што може да се припише на барателот;
в) доброволно служење во странска војска;
г) однесување што сериозно ги загрозува виталните интереси на државата;
д) непостоење на вистинска врска меѓу земјата и државјанинот со постојан престој во странство;
ѓ) кога во текот на малолетништвото на детето ќе се утврди дека предусловите предвидени со внатрешното законодавство кои довеле до стекнување со државјанство на земјата ex lege повеќе не се исполнуваат;
е) усвојување на дете ако детето се стекне или поседува странско државјанство на еден или двајцата родители што го усвоиле.
Според член 8 точка 1 од оваа конвенција, секоја држава пристапничка ќе дозволи отпуст од државјанство доколку засегнатото лице не остане притоа без државјанство.
Според член 1 од Законот за државјанство на Република Македонија, со овој закон се уредуваат начинот и условите за стекнување и престанување на државјанството на Република Македонија, утврдување на државјанството, надлежниот државен орган за решавање во овие случаи, докажување на државјанството и водење на евиденција на државјаните на Република Македонија. Државјанството е правна врска меѓу лицата и државата и не го означува етничкото потекло на лицата.
Според член 2 став 1 на овој закон, државјанин на Република Македонија може да има и државјанство на друга држава. Согласно ставот 2 на овој член, државјанин на Република Македонија кој има државјанство на друга држава, во Република Македонија се смета исклучиво за државјанин на Република Македонија, ако со меѓународен договор поинаку не е определено.
Согласно член 14 став 1 на овој закон, решението за прием во државјанство на Република Македонија може да се поништи по врачувањето, ако се утврди дека странецот при поднесувањето на барањето за прием на државјанство со природување дал невистинити или неточни податоци, односно се користел со лажни исправи.
Според ставот 2 на овој член, решението од став 1 се поништува во рокот предвиден за застареност на кривичното гонење за кривично дело од став 1 на овој член.
Согласно ставот 3 на овој член, во случај од став 1 на овој член се поништува и решението за прием во државјанство на Република Македонија на малолетните деца кои стекнале државјанство истовремено со нивните родители, согласно со одредбите од овој закон.
Тргнувајќи од наведеното, произлегува дека врз основа на изреченото уставно овластување со закон да се уреди државјанството на Република Македонија и согласно одредбите и начелата на Европската конвенција за државјанство, донесен е Законот за државјанство на Република Македонија.
Со Законот, покрај другото, е утврдено кога и како може да се поништи решението за прием на државјанство на Република Македонија. Од оваа одредба произлегува дека уставотворецот со овластувачка норма предвидува прашањето за државјанството на Република Македонија да се уреди со закон, при што му препуштил на законодавецот да го уреди ова прашање.
Како што се гледа од изнесеното, оспорената одредба од Законот за државјанството на Република Македонија не е во спротивност со членот 4 од Уставот на Република Македонија од причина што законодавецот ги уредил причините за поништување на решението за стекнување државјанство. Во тој случај не се работи за одземање на државјанството како што е наведено со поднесената иницијатива, туку се работи за поништување, имено со решението се смета дека лицето никогаш нема ни стекнато државјанство.
Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 14 став 1 од Законот за државјанството на Република Македонија со член 4 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.32/2016
28 септември 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева