Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 септември 2016 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА членот 71 став 5 од Законот за Кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2010 и 100/2012).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.2/2016 од 31 мај 2016 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 71 став 5 од Законот за Кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2010 и 100/2012), затоа што основано се постави прашањето за согласноста на одредбата со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 71 став 5 од Законот за кривичната постапка, за кривични дела за кои може да се изрече казна затвор во траење од најмалку десет години, бранител може да биде адвокат со искуство од најмалку пет години по положување на правосудниот испит.
5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Во согласност со членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Врз основа на членот 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Со членот 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Во согласност со ставот 3 на истиот член, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Според членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот, се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Со Европската конвенција за заштита на човековите права (ратификувана со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997), се пропишува дека секој обвинет, како минимално право, има право да се брани самиот или со помош на бранител по свој избор, а доколку не располага со средства да плати бранител, да добие бесплатен службен адвокат кога тоа го наложуваат интересите на правдата (член 6 став 3 точка в).
Според членот 2 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011, 113/2012 и 148/2015), адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош (став 1). Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони (став 2).
Во согласност со член 10 став 1 од истиот закон, правото на вршење адвокатска дејност согласно со овој закон се стекнува со упис во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија. Според ставот 2 на истиот член, по уписот во Именикот на адвокати на Адвокатската комора на Република Македонија на впишаниот адвокат му се издава лиценца за работа.
Според член 12 од овој закон, во Именикот на адвокатите може да се запише лице, државјанин на Република Македонија, кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, дипломиран правник со положен правосуден испит и кој ужива углед за вршење адвокатска дејност.
Законот за кривичната постапка ги утврдува правилата со кои се овозможува правично водење на кривичната постапка, така што никој невин да не биде осуден, а на сторителот на кривичното дело да му се изрече кривична санкција под условите предвидени во Кривичниот законик и врз основа на законито спроведена постапка (член 1).
Правото на бранител во кривичната постапка се уредува со членот 71 од овој закон. Така, според ставот 1 од овој член, секое лице осомничено или обвинето за кривично дело има право на бранител во текот на целата кривична постапка против него. Според ставот 4 на истиот член, бранител може да биде само адвокат, а според ставот 5 на овој член, за кривични дела за кои може да се изрече казна затвор во траење од најмалку десет години, бранител може да биде адвокат со искуство од најмалку пет години по положување на правосудниот испит.
При постоење на наведената уставна и законска регулатива, со иницијативата се оспорува уставноста на законската определба од членот 71 став 5 од Законот за кривичната постапка, според која за кривични дела за кои може да се изрече казна затвор во траење од најмалку десет години, бранител може да биде адвокат со искуство од најмалку пет години по положување на правосудниот испит, како несогласна со членовите 8, 9, 51, 53, 55 и 118 од Уставот на Република Македонија.
Во однос на ваквите наводи во иницијативата, Судот го имаше предвид следното:
Од наведената уставна и законска регулатива произлегува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош во согласност со закон. Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со Законот за адвокатура и други закони.
Адвокат е лице, државјанин на Република Македонија, кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, дипломиран правник со положен правосуден испит и кој ужива углед за вршење адвокатска дејност. Адвокатот се запишува во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија, по што на впишаниот адвокат му се издава лиценца за работа.
Со Законот за кривичната постапка се пропишува дека како бранител во кривична постапка може да се јави само адвокат, но за кривични дела за кои може да се изрече казна затвор во траење од најмалку десет години, бранител може да биде адвокат со искуство од најмалку пет години по положување на правосудниот испит.
Оттука, произлегува дека правото на бранител во кривичната постапка е резервирано само за адвокат, а за одредени кривични дела, односно за кривични дела за кои може да се изрече казна затвор во траење од најмалку десет години, бранител може да биде адвокат со искуство од најмалку пет години по положување на правосудниот испит.
Според мислењето на Владата на Република Македонија, доставено до Уставниот суд по однос на наводите во иницијативата (акт бр. 42-386/4 од 27.01.2016 година), со оспорената одредба не се повредувало правото на одбрана на обвинетиот загарантирано со членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права, туку со членот 71 од Законот за кривичната постапка ова право било целосно гарантирано и биле уредени модалитетите на неговото остварување. Оспорената одредба не била дискриминаторска, туку напротив, обезбедувала дополнителна заштита за граѓаните. Причината за воведување на ваквата одредба била да се подигнат стандардите и квалитетот на одбраната на обвинетите за посериозни кривични дела, со што се заштитувале интересите на обвинетите и им се обезбедувала поквалитетна одбрана.
Според Судот, наведеното образложение за целисходноста на оспорената одредба, не може да биде оправдување за неуставноста на истата. Имено, со наведената одредба несомнено се прави дискриминација помеѓу адвокатите, во зависност од нивното искуство по положувањето на правосудниот испит, од причини што, се занемарува фактот дека со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија, секој адвокат во Република Македонија добива лиценца за работа со која стекнува право да дава правна помош на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи и други правни лица, на територијата на целата Република. Оттука, правото на избор на бранител од редот на адвокатите не може да биде условувано од страна на законодавецот со пропишување на дополнителни, посебни услови различни од условите за добивање на лиценца за работа, како што е случај со оспорената одредба, туку тоа е единствено право на избор на странката за тоа кој адвокат ќе ја застапува во конкретна судска постапка. Обезбедување на стандардите и квалитет на одбраната се остварува токму со пропишувањето дека во кривичната постапка бранители можат да бидат само адвокати, но според Судот, дополнително пропишување на други услови за адвокатите во одредени процесни постапки, различни од условите за добивање лиценца за работа, ги става во нееднаква положба адвокатите и води кон нарушување на еднаквата положба на сите субјекти на пазарот, спротивно на уставните одредби.
Пропишаниот услов е недоволно јасен и е неоснован и ги става адвокатите во нееднаква положба, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Поради наведеното, Судот оцени дека членот 71 став 5 од Законот за кривичната постапка не е во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 став 2 од Уставот.
6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.2/2016
28 септември 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева