Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 28 септември 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 64 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 55/2013, 33/2015 и 104/2015).
2. Ванчо Ристески од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата со изменувањето на содржината на членот 64 од основниот текст на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” број 20/1998), а со измените донесени во 2010 година, законодавецот ги ставил во понеповолна и дискриминирачка положба граѓаните кои ги поднеле своите барања после 7 мај 2003 година, бидејќи граѓаните имале помалку права во однос на граѓаните кои ги поднеле барањата за денационализација пред 07.05.2003 година, иако пред истекот на рокот не биле предупредени, ниту известени за правните последици кои би можеле да ги трпат.
Условениот рок до 07.05.2003 година во оспорениот член од Законот, бил со ретроактивно дејство, односно се однесувал и за оние баратели кои своите барања ги поднеле пред измените на членот од Законот, така што тие ниту знаеле, ниту можеле да знаат дека со актуелната содржина на членот 64 од Законот, нема да ја имаат правната заштита на имотот која пред тие измени и дополнувања ја имале кога не било дозволено располагање со имотот што бил предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот, така што тие биле ставени во понеповолна и дискриминирачка положба во однос на граѓаните кои ги поднеле барањата за денационализација пред 07.05.2003 година, што било спротивно на член 9 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Од овие причини, подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста на актуелната содржина на членот 64 од Законот за денационализација, за што предлага членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” број 44/2007) и членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” број 72/2010), со кои е менуван членот 64 од Законот, да бидат поништени, а да остане да важи членот 64 кој бил предвиден во основниот текст на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” 20/1998).
3. Судот, на седницата утврди дека оспорениот член 64 од Законот уредува дека во период од пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон заклучно со 7 мај 2003 година, не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот (став 1). По истекот на периодот од ставот 1 на овој член, без оглед кога е поднесено барање за денационализација, располагањето со имотот што е предмет на денационализација како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот, е дозволено (став 2). Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот од ставот 1 на овој член, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни, само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација (став 3).
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека за содржината на членот 64 од Законот за денационализација, која се оспорува со иницијативата, Судот веќе постапувал и одлучувал по повод претходно поднесени иницијативи.
Имено, постапувајќи по предметите У.бр.115/2010, У.бр.120/2010 и У.бр.123/2010, Судот со Одлука У.бр.115/2010 од 12 јануари 2011 година, го укинал членот 64 став 3 во делот: „само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација“ од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007 и 72/2010).
Во наведените предмети Судот изнел свој став за согласноста на целината на оспорениот член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2010), односно за целината на членот 64 од интегралниот текст на Законот со одредбите на Уставот, но, не донел формална одлука за останатите одредби на членот 64 од Законот, од причини што Судот оценил дека акцентот во иницијативите бил ставен на несогласноста на делот од ставот 3 на членот 64 од Законот, кој со наведената одлука го укинал, меѓутоа по повод подоцна поднесена иницијатива, Судот и со формална одлука се произнел за уставноста на содржината на останатите одредби на членот 64 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 31/2000, 42/2003, 44/2007, 20/2007, 14/2009, 20/2009 и 72/2010).
Имено, со Решение У.бр.82/2011 од 18 мај 2011 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 64 став 1, став 2 и став 3 во делот: „Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот од ставот 1 на овој член, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни“ од Законот, бидејќи оценил дека истите не се во спротивност со одредбите на Уставот, додека ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 64 став 3 во делот: “само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација“ од Законот, поради одлучена работа.
Подносителот на иницијативата во предметот У.бр.82/2011, повикувајќи се на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” број 72/2010), со кој се менувал членот 64 од Законот, навел дека со оспорената одредба граѓаните се ставале во нееднаква положба, се предвидувало ретроактивно-повратно дејство со кое се намалувале правата на граѓаните и тоа не по вина на граѓаните, туку по вина на државата, од што произлегувало дека оспорениот член 4 од Законот не бил во согласност со членот 9 став 2, членот 30 став 3, членот 51 и членот 52 став 4 од Уставот.
Во конкретниот случај, со предметната иницијатива, повторно се оспорува истата и актуелна содржина на членот 64 од Законот за денационализација, а и причините за оспорување на членот од Законот, се исти како и во иницијативата од погоре наведениот предмет.
Актуелниот и оспорен член 64 од Законот, претходно два пати претрпел измени на својата содржина и тоа со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 44/2007) и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2010).
Содржината на членот 64 од Законот, кој ја добил со член 3 од измените и дополнувањата на Законот во 2007 година, била ценета од страна на овој суд во рамките на оцената на целината на Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 44/2007), односно Судот со Решение У.бр.143/2007 од 14 мај 2008 година, не повел постапка за оценување на уставноста на наведениот закон.
Како што погоре е наведено, Судот се произнел и за содржината која членот 64 од Законот која ја добил со член 4 од измените и дополнувањата на Законот од 2010 година, постапувајќи по предметите У.бр.115/2010, У.бр.120/2010 и У.бр.123/2010, а подоцна и по предметот У.бр.82/2011.
Во образложението на Судот по наведените предмети, каде се оспорувал членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2010) со кој е изменет членот 64 од основниот текст на Законот, за кој Судот оценил дека не е во спротивност со одредбите на Уставот (со исклучок на укинатиот дел од став 3 на членот 64 од Законот), Судот го изнел следното правно мислење:
“Согласно Законот, барањата за денационализација може да се поднесат заклучно со 31 декември 2007 година. За барања поднесени до 7 мај 2003 година (пет години по влегување во сила на Законот), може да се врати имот или да се даде надомест. За барања поднесени по 7 мај 2003 година (заклучно со 31 декември 2007 година), може да се бара надоместок, а имот ќе се врати само доколку не настапиле правни и фактички пречки до денот на мериторното одлучување од органот за денационализација, односно судот. До 7 мај 2003 година не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот. Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот до 7 мај 2003 година, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни. За периодот после 7 мај 2003 година, и покрај фактот што барања за денационализација можат да се поднесат заклучно со 31 декември 2007 година, располагање со имот кој е предмет на денационализацијата, е дозволено.
Судот, утврдувајќи дека и според последната измена на членот 64 од Законот, располагањето со имот предмет на денационализацијата или искористување на таков имот во периодот до 7 мај 2003 година и понатаму не било дозволено, а склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја заклучно до 7 мај 2003 година, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни, во однос на уставната оправданост на членот 64 од Законот, со исклучок на укинатиот дел од став 3 на членот од Законот, Судот го зазел следното гледиште: “За уставносудската анализа на оспорените одредби од Законот, битно е дека денационализацијата претставува мерка на државата, изразена преку законски акт со која се враќа во сопственост некој претходно одземен имот, односно се враќа правото на сопственост, при што доколку враќањето е невозможно (поради тоа што на тој имот во меѓувреме бил утврден јавен интерес или тој воопшто не може да се врати поради тоа што престанал да постои), државата обезбедува надомест.”
Од погоре изнесеното произлегува дека Судот веќе одлучувал за уставноста на содржината на целината на оспорениот член 64 од Законот, односно со Решение У.бр.82/2011 од 18 мај 2011 година, Судот одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на ставовите 1, 2 и ставот 3 во делот: „Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот од ставот 1 на овој член, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни“ од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 20/2007 и 171/2010), со оцена дека тие не се во спротивност со одредбите на Уставот, како и дека со интервентна одлука на овој суд под У.бр.115/2010, У.бр.120/2010 и У.бр.123/2010 од 12 јануари 2011 година, укинат е ставот 3 на членот 64 од Законот во делот: “само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација“, поради што истиот не е повеќе во правниот поредок.
5. Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека во конкретниот случај нема услови за мериторно одлучување по иницијативата, односно се исполнети условите од член 28 алинеја 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата, бидејќи во однос на став 1, став 2 и дел од став 3 на членот 64 од Законот, Судот веќе одлучувал, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, а за укинатиот дел од став 3 на членот 64 од Законот, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, бидејќи не е повеќе во правниот поредок.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.125/2016
28 септември 2016 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева