У.бр.13/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 58 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015).

2. Дарко Јаневски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 58 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македонија. Имено, со таксативното набројување на доказни средства кои можеле да се користат во управната постапка, според оспорената одредба, се стеснувало што точно можело да се користи како доказно средство во наведената постапка. Тоа во практика би значело дека освен наведените докази не можеле да се користат други докази при утврдувањето на фактичката состојба, односно не се оставал простор за користење на други доказни средства со цел целосно и правилно утврдување на фактичката состојба. Со ова кај државните органи и правните и други лица, при вршењето на јавните овластувања, се создавал простор за „ескивирање“ и грубо кршење на уставните начела, особено на планот на заштита на човековите слободи и права и владеењето на правото, со што се доведувала во прашање согласноста на оспорената одредба со наведените уставни одредби.

Во наведената смисла подносителот на иницијативата цитира делови од решението на Уставниот суд У.бр.77/2011 од 06.07.2011 година и наведува дека постапувањето на органите на управата било уредено во членот 96 од Уставот, односно дека истите работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата. Врз основа на сето наведено во иницијативата се предлага Судот да ја прифати иницијативата, па по поведување на постапка за оценување на уставноста, оспорената одредба да ја укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 58 став 1 од Законот за општата управна постапка, доказни средства, според овој закон, се сите средства што се погодни за утврдување на фактите во одделен случај, како што се: исправи, сведочења на сведоци, изјави на странките, вештачење и увид.

4. Согласно членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно негови одделни одредби, како и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт, треба да содржи причини за нивното оспорување, одредби од Уставот, односно закон што се повредуваат со оспорените одредби и друго.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата кога постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од анализата на наводите од иницијативата произлегува дека членот 58 став 1 од Законот се оспорува поради идентични причини како во постапката по предметот У.бр.71/2015 (формиран по иницијатива на истиот подносител) која заврши со отфрлање на иницијативата согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Во иницијативата што е сега предмет на уставно-судска оценка, различно е тоа што подносителот на иницијативата наведува дека тоа што немало простор за изведување на други доказни средства, освен таксативно наброените, оставало простор за одбегнување и грубо кршење на уставните начела од страна на државните органи и правните и други лица, при вршењето на јавните овластувања. Според Судот вака изнесените наводи имаат карактер на претпоставки, а не на причини за оспорување на уставноста на одредбата. Исто така, во одделни делови наводите од иницијативата навлегуваат во конкретната примена на оспорената одредба.

Вака изнесените наводи, според оцена на Судот не претставуваат подобна основа за покренување на механизмот на уставно-судска оцена, од каде се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфлање на иницијативата. Поточно отсуството на квалитетни, правно издржани аргументи во овој случај претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.13/2016
28 септември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева