Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 28 септември 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 120 во делот
2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од одредбите на членовите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, оспорениот дел: “обука на” содржан во членовите 120 и 122 од актуелниот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители, не бил дел од содржината на називот на претходниот закон на кој се упатувало во членовите 120 и 122 од актуелниот закон, што можело да се види од службените весници каде претходниот закон бил објавен, а и од службените весници каде биле објавени неговите измени и дополнувања, односно дека прописот во насловот не го содржел и оспорениот дел “обука на”. Бидејќи оспорените делови: “обука на” во одредбите на член 120 и член 122 од актуелниот закон, можеле да доведат до забуна во операционализацијата на тој закон, се предлага поведувања на постапка за оценување на нивната уставност како спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
3. Судот, на седницата утврди дека со член 120 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” број 20/2015, 192/2015 и 231/2015), се уредува дека директорот, членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет на Академијата именувани согласно со Законот за Академија за обука на судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2010, 166/2012 и 26/2013), ќе ги извршуваат нивните надлежности до избор на органите на Академијата согласно овој закон.
Со членот 122 од погоре наведниот закон е определено дека со денот на отпочнувањето на примена на овој закон престанува да важи Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2010, 166/2012 и 26/2013).
Предмет на оспорување со иницијативата е делот: “обука на” содржан во членовите 120 и 122 од Законот Академијата за судии и јавни обвинители.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Членовите 120 и 122 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители се сместени во делот од Законот кој се однесува на преодните и завршни одредби на Законот.
Со иницијативата се оспоруваат наведените членови во делот: “обука на” од актуелниот закон, бидејќи видно од објавените службени весници кои се однесувале на прописот кој претходел на актуелниот закон, тие не биле дел од содржината во називот на прописот кој е наведен во оспорените членови, што можело да доведе до забуна во операционализацијата на Законот, кое нешто не било во согласност со уставниот принцип на владеењето на правото.
Со член 120 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” број 20/2015, 192/2015 и 231/2015), се уредува дека директорот, членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет на Академијата именувани согласно со Законот за Академија за обука на судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2010, 166/2012 и 26/2013), ќе ги извршуваат нивните надлежности до избор на органите на Академијата согласно овој закон.
Со членот 122 од погоре наведениот закон, е определено дека со денот на отпочнувањето на примена на овој закон престанува да важи Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2010, 166/2012 и 26/2013).
Првиот закон кој ја регулираше материјата за работењето на Академијата за судии и јавни обвинители како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, чија суштинска цел претставува континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, како и на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, беше Законот за Академија за обука на судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 13/2006).
Погоре наведениот закон престана да важи со донесувањето на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2010, 166/2012 и 26/2013), но и овој закон престана да важи со донесувањето на сега актуелниот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” број 20/2015, 192/2015 и 231/2015).
Законодавецот при уредувањето на членовите 120 и 122 во актуелниот закон, кои се преодни и завршни одредби, цитирајќи го претходниот закон, во називот ги навел и зборовите “обука на”, кои видно од цитираните службени весници во кој бил објавен основниот текст на тој закон, како и подоцнежните негови измени и дополнувања, наведените зборови во називот на претходниот закон, не стојат. Тие зборови стоеле во називот на прводонесениот закон од оваа област, кој гласеше Законот за Академија за обука на судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 13/2006).
Во конкретниот случај, станува збор за очигледна техничка грешка, која по оцена на Судот, не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните, односно не може да предизвика забуна во однос на правилната примена на одредбите од актуелниот закон. Ова дотолку повеќе што од наведените службени весници број 88/2010, 166/2012 и 26/2013 (каде бил објавен прописот, како и неговите измени и дополнувања), јасно произлегува на кој закон се однесува уредувањето во членот 120 од актуелниот закон, односно кој закон престанува да важи со денот на отпочнувањето на примена на актуелниот закон, наведено во членот 122 од Законот.
Подносителот со иницијативата бара, Уставниот суд, преку уставните механизми, да изврши корекција на цитираниот закон, со укинување на оспорениот дел: “обука на” содржани во членовите 120 и 122 од актуелниот закон. Меѓутоа, тоа е во надлежност на законодавецот кој ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно преку своите механизми, врши и технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.
5. Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.117/2016
28 септември 2016 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева