У.бр.59/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 29 јуни 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на „АКСА“ДООЕЛ – Скопје за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот во однос на уверувањето за правилна примена на законите и постапување во рамките на своите надлежности од страна на Управата за јавни приходи со преземање дејство на изготвување и доставување на опомена за плаќање на парична казна.

2. „АКСА“ ДООЕЛ – Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот во однос на уверувањето за правилна примена на законите и постапување во рамките на своите надлежности од страна на Управата за јавни приходи со преземање дејство на изготвување и доставување на опомена за плаќање на парична казна.

Во писмениот поднесок доставен до Судот, подносителот на барањето наведува дека со Решението бр.28-035815/09-0019 (ПРК.бр.1490/09) од 20.06.2013 година на правното лице му била изречена глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност од 308.000 денари.

Против наведеното решение заведен е управен спор,при што Управниот суд ја уважил тужбата и со пресуда УПР.бр.2739/13 од 17.10.2013 во делот на глобата го поништил Решението и изрекол глоба во износ од 1.705 евра во денарска противвредност од 104.805 на правно лице и 853 евра во денарска противвредност од 52,460 денари на одговорно лице.

По правосилноста на пресудата Комисијата побарала извршување на Решението бр.28-035815/09-003 (ПРК.бр.1490/09) од 09.11.2010 година до Управата за јавни приходи по што наведеното решение на Комисијата било поништено со пресуда УПР.бр.2069/2010 од 04.04.2012 година.

Управата за јавни приходи донела Решение бр.2010-104/1536 од 21.12.2015 година со кое наложила извршувањето на Решението бр.28-035815/09-003 (ПРК.1490/09) од 09.11.2010 година иако тоа решение повеќе не постоело.

Против Решението од 21.12.2015 година, правното лице поднело тужба до Управниот суд, кој ја уважил тужбата, го поништил Решението и издал времена мерка. Управниот суд го поништил Решението со образложение дека Управата за јавни приходи не постапила според член 121 од Законот за даночна постапка.

По пресудата, Управата за јавни приходи доставила опомена бр.2010-104/1536-0 од 17.03.2016 година.

Со преземање на дејствието на изготвување и доставување на опомената од страна на Управата за јавни приходи како ненадлежен орган за доставување на таква опомена според подносителот е повредена слободата на уверувањето.

Според подносителот на барањето, Управата за јавни приходи требало да го врати барањето на прекршочниот орган кој ќе го врати на Управниот суд како првостепен суд до спроведување на пресудата така што Судот ќе достави опомена за плаќање на парична казна но тоа не било сторено.

Според Законот за извршување на санкциите, паричните казни изречени против правни лица ги извршува првостепен суд.

Со тоа Управата за јавни приходи, според подносителот, со изготвувањето и доставувањето на опомената за плаќање на казната изречена со пресуда на надлежен суд го зазела местото на Управниот суд како првостепен суд кој според Законот за извршување на санкции единствено може да спроведе извршување на парична казна изречена со пресуда.Според подносителот прво Управниот суд требало да достави опомена до правното лице за плаќање на паричната казна и откако тоа ќе остане без успех ќе ја достави пресудата за извршување до банката да стави забрана на средствата.

Според подносителот со ваквото постапување на Управата за јавни приходи е повредена слободата на уверување од член 110 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата, а од увидот во документацијата доставена од Управата за јавни приходи го утврди следното:

Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа на Република Македонија, одлучувајќи повторно во прекршочна постапка во прв степен по барање бр.21-5594/5 од 22.12.2009 година на Царинската управа, поведена против сторителот на царински прекршок „АКСА“ ДООЕЛ од Скопје како правно лице и Керим Акташи од Скопје како одговорно лице во правното лице за царински прекршок од член 263 став 1 точка 6 од Царинскиот закон, врз основа на член 10-а став 2 од Законот за царинската управа и член 61 од Законот за прекршоците на 20.06.2013 година донела Решение бр. ПРК.бр.1490/9 со кое 1. „АКСА“ ДООЕЛ од Скопје со седиште во Скопје се утврдува дека е сторител на прекршокот по член 263 став 1 точка 6 од Царинскиот закон, 2. Керим Акташи од Скопје како одговорно лице во правно лице е сторител на прекршокот по член 263 став 2 во врска со став 1 точка 6 од Царинскиот закон затоа што: На 14.12.2009 година на ЦИ Трубарево поднел ЕЦД за увоз бр. С-2943 од 14.12.2009 година, за спроведување на постапка за увозно царинење, при што биле пријавени 457 колети разна стока со вредност од 3257,00 американски долари утврдено по фактура бр.2354682597 од 01.10.2009 година издадена од Фирмата „Ел Емене“ Традинг од Кина наменети за правното лице„ АКСА“ ДООЕЛ Скопје.

По извршениот преглед од страна на царинските службеници било констатирано дека покрај пријавената стока има и непријавена стока во вредност од 97.900 денари. На ваков начин пријавените не ја опфатиле сета стока која требало да се стави во царинска постапка со што сториле царински прекршок. Со оглед на наведеното на правното лице „АКСА“ ДООЕЛ Скопје му се изрекува глоба во износ од 5000,00 евра во денарска противвредност, а на одговорното лице глоба во износ од 1000,00 евра во денарска противвредност. Согласно член 267 став 1 од Царинскиот закон на сторител на царинскиот прекршок му се изрекува и посебна мерка одземање на стоката.

Решавајќи по тужбата на тужителот „АКСА“ ДООЕЛ како правно лице и Керим Акташи од Скопје како одговорно лице во правното лице, Управниот суд со Пресуда УПР.бр.2739/2013 од 17.10.2013 година тужбата на тужителот„ АКСА“ ДООЕЛ Скопје и Керим Акташи од Скопје ја уважил, оспореното решение на Комисијата за одлучување по прекршоци при Царинската управа ПРК 1490/09 од 20. 06.2013 година во делот на паричната казна го поништил и одлучил:

На тужениот „АКСА“ДООЕЛ како правно лице за сторен прекршок му се изрекува глоба во висина од 1705 евра во денарска противвредност, додека на тужениот Керим Акташи како одговорно лице во правното лице за сторен прекршок му се изрекува глоба во износ од 853 евра во денарска противвредност.

Врз основа на член 2 и член 140 став 1 точка 1 и став 2 од Законот за даночната постапка , а постапувајќи по барање поднесено од Царинската управа, Управата за јавни приходи на 21.12.2015 година донела Решение за присилна наплата од паричните средства бр.2010-104/1536, со кое се става забрана на пренос на парични средства од сметката на должникот, заради наплата на долг, до целосно намирување на долгот на должникот „АКСА“ ДООЕЛ Скопје.

Против наведеното решение,тужителот „АКСА“ ДООЕЛ од Скопје поднел тужба до Управниот суд, кој на 03.02.2016 година донел Пресуда и Решение У-5.бр.187/2016 и У-5.бр.188/2016. Со пресудата тужбата на тужителот „АКСА“ДООЕЛ Скопје СЕ УВАЖУВА.

Оспореното Решение бр.2010-104/1536 од 21. 12. 2015 на Управата за јавни приходи – Генерална дирекција Скопје СЕ ПОНИШТУВА .

Со Решението на Управниот суд барањето на тужителот „АКСА“ДООЕЛ Скопје за одлагање на извршувањето на Решението бр. 2010-104/1536 од 21. 12. 2015 година,на Управата за јавни приходи во делот за износ од 202.150,00 денари на име парична казна глоба и еднократна посебна такса од 5% во износ од 10.157,00 денари СЕ УВАЖУВА до правосилно завршување на спорот.

По донесената пресуда од страна на Управниот суд, Управата за јавни приходи – Генерална дирекција Скопје, врз основа на членот 121 од Законот за даночната постапка на 17.03. 2016 година, донела Опомена за плаќање на неплатен долг и истата ја доставила до „АКСА“ДООЕЛ Скопје,со барање во рок од една седмица од приемот на опомената да изврши плаќање на паричен долг во висина од 104.850,00 денари,а доколку во предвидениот рок не се изврши уплата на наведената обврска, долгот ќе се зголеми за еднократна посебна такса за присилна наплата во висина од 5%, согласно членот 131 став 2 од Законот за даночната постапка.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од одредбите од членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членот 51 од Деловникот на Уставниот суд произлегува дека како подносител на барање за заштита на слободи и права пред Уставниот суд може да се јави само физичко, а не и правно лице.

Со оглед на фактот што во конкретниот случај, подносител на барањето е правно лице кое согласно наведените уставни и деловнички одредби не може да се јави како подносител на барање за заштита на слободите и правата кои се во надлежност на Уставниот суд, како наводите изнесени во барањето според кои постои повреда на слободата на уверувањето која била направена со преземање на дејствие на изготвување и доставување на опомена од страна на Управата за јавни приходи за плаќање на казна изречена со пресуда на надлежен суд, наместо тоа да го стори надлежниот суд кој ја изрекол глобата, Судот оцени дека во суштина барањето се сведува на барање Уставниот суд да се впушти и утврди дека Управата за јавни приходи ги пречекорила своите законски надлежности што не е во надлежност на Уставниот суд, поради што исполнети се условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д- р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.59/2016
29 јуни 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева