Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 15 јуни 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2008).
2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.
Во иницијативата подносителот го цитира членот 14 од основниот текст на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002), наведувајќи дека во основната форма овој член содржел четири става. Подносителот ги наведува подоцнежните измени на членот 14, поточно измената од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004) со која бил додаден нов став 4, при што дошло до поместување на ставовите, односно поранешниот став 4 станал став 5, а по ставот 5 биле додадени уште три нови ставови 6,7 и 8.
Подносителот потоа во иницијативата ја дава содржината на членот 14, во целина, согласно направените измени и дополнувања и укажува дека со Одлука на Уставниот суд У.бр.196/2004 од 14 септември 2005 година, Уставниот суд го укинал член 4 став 1 и член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004). Со таа одлука всушност била укината одредбата од ставот 4 што била додадена со измената на Законот во 2004 година која што гласела: „спортските дисциплини кои произлегуваат од ист вид на спорт и кои меѓу себе се разликуваат според правилата и системот на натпреварување, можат да основаат државна спортска федерација во соодветната спортска дисциплина“.
Во иницијативата се наведува дека со оспорениот член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2008) била изменета одредба што со наведената одлука на Уставниот суд била отстранета од правниот поредок како неуставна, бидејќи со неа се предвидува измена во ставот 4, кој како таков не постои повеќе во правниот поредок. Подносителот наведува дека изменувањето и дополнувањето на одредена одредба може да настане само доколку таа одредба или одредби се дел од правниот промет, поради што подносителот бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот објавен во „Службен весник на Република Македонија бр.81/2008 и истата да ја укине.
3. Судот на седницата утврди дека според член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2008), во членот 14 став 4 зборовите: „надлежен основен суд“ се заменуваат со зборовите: „Централниот регистар“.
4. Во однос на точната содржина на членот 14 од Законот за спортот, Судот го утврди следново:
Во основниот текст на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002) членот 14 имал четири става и тој гласел:
1) Спортските клубови од ист спорт, како и од училишниот, студентскиот и спортот на инвалидизираните лица, можат да се здружуваат во соодветна национална спортска федерација на Република Македонија, заради:
– поттикнување и унапредување на соодветниот спорт;
– реализирање на утврдената програма за развој на спортот;
– усогласување и координирање на програмските активности на здружените членки;
– организирање и спроведување на системот на натпревари;
– унапредување на стручната работа.
2) Националната спортска федерација на Република Македонија (во натамошниот текст: Национална спортска федерација), покрај работите од ставот 1 на овој член, ги составува и се грижи за државните репрезентации.
3) Во еден спорт може да се основа само една национална спортска федерација.
4) Решение за запишување во Регистарот на здруженијата на граѓани и фондациите на националната спортска федерација, надлежниот основен суд носи по претходно прибавено позитивно мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот.
Со членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2004) е предвидено дека во членот 14 по ставот 3 се додава нов став 4 кој гласи:
“Спортските дисциплини кои произлегуваат од ист вид на спорт и кои меѓу себе се разликуваат според правилата и системот на натпреварување, можат да основаат државна спортска федерација во соодветната спортска дисциплина.”
Ставот 4 станува став 5.
По ставот 5 се додаваат три нови ставови 6, 7 и 8.
“Државна спортска федерација е онаа федерација во која се здружени повеќе од половината спортски клубови во Република Македонија кои имаат решенија за вршење дејност од ист вид на спорт.
Федерацијата ја претставува лице кое е избрано со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Собранието на федерацијата од ставот 6 на овој член.
Федерацијата од ставот 6 на овој член го известува органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот за лицето од ставот 7 на овој член”.
Уставниот суд со Одлука У.бр.196/2004 од 14 септември 2005 година, меѓу другото, го укинал член 4 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот (“Службен весник на Република Македонија” бр.66/2004), со кој бил додаден нов став 4 по ставот 3 на членот 14 од изворниот текст на Законот за спортот.
Со оспорениот член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2008) е определено дека: „Во членот 14 став 4 зборовите: „надлежен основен суд“ се заменуваат со зборовите: „Централниот регистар“.
Од наведеното се заклучи дека ставот 4 на членот 14 од основниот текст на Законот за спортот, поради измените на Законот и додавањето на нови ставови, всушност станал став 5 и дека, поради укинувањето на подоцна додадениот став 4 во Законот, практично членот 14 останал без став 4, така што и оспорената измена би требало да се однесува на текстот што е содржан во ставот 5, а не во ставот 4.
Очигледно се работи за технички пропуст на законодавецот при означувањето на оспорената одредба од член 5 во Законот за измени и дополнувања на Законот за спортот од 2008 година.
5. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од изнесената фактичка состојба, произлегува дека во оспорената одредба на членот 14 погрешно е означен ставот на кој би требало да се однесува измената на Законот, односно наместо ставот 4 би требало да стои став 5, бидејќи првобитниот став 4 на членот 14 од основниот текст на Законот најпрвин го променил редоследот и станал став 5 по додавањето на нов став 4 со измените на Законот за спортот од 2004 година.
Имајќи ја предвид досегашната уставно-судска практика во слични случаи кога биле констатирани технички грешки при означувањето на законските одредби и при состојба кога иницијативата не содржи доволно квалитетни аргументи за покренување на механизмот за уставно-судска оцена, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот, исправањето на сторени технички грешки при изготвување на оспорените акти не е надлежност на Уставниот суд, поради што одлучи дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.62/2016
15.06.2016 гoд.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева