Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 31 мај 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 7-а став 2 од Законот за јавна чистота (“Службен весник на Република Македонија” број 111/2008, 64/2009, 88/2010, 114/2010, 23/2011, 53/2011, 80/2012, 163/2013, 44/2015 и 147/2015).
2. Игорчо Точев од Кочани и Љубица Стојковска Перковска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, содржината на оспорениот член 7-а став 2 од Законот за јавна чистота била нејасна и контрадикторна. Оспорениот став 2 на членот 7-а од Законот регулирал право на поднесување на жалба до Управен суд, против решение од став 2 на истиот член од Законот, која содржина била контрадикторна сама на себе, бидејќи оспорениот став 2 на членот 7-а од Законот, регулирал право на жалба, а не донесување на решение кое е регулирано со ставот 1 на членот 7-а од Законот. Согласно Законот за управните спорови, Управниот суд одлучувал по тужби против управни акти, односно управен спор се поведува со тужба, а со оспорениот став 2 на членот 7-а од Законот, не се пропишувало поднесување на тужба до Управен суд, туку се регулирало право на поднесување на жалба до Управен суд, оспорената законска одредба и од овој аспект била нејасна и контрадикторна, што било спротивно на уставниот принцип на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
3. Судот, на седницата утврди дека оспорениот член 7-а став 2 од Законот за јавна чистота уредува дека против решението од ставот 2 на овој член може да се поднесе жалба со кое се одбива барањето за добивање дозвола во рок од 15 дена од приемот на решението до Управен суд.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оспорениот член 7-а став 2 од Законот за јавна чистота се уредува дека против решението од ставот 2 на овој член со кое се одбива барањето за добивање дозвола, може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од приемот на решението до Управен суд.
По поднесувањето на иницијативата (25.11.2015 година), Судот утврди дека Собранието на Република Македонија на седница одржана на 16 февруари 2016 година, донело Закон за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота (“Службен весник на Република Македонија” број 31/2016), каде со член 2 од наведениот закон, оспорениот став 2 на членот 7-а од Законот за јавна чистота, добива друга содржина и гласи: „Против решението од ставот 1 на овој член може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.“
5. Имајќи предвид дека оспорениот член 7-а став 2 од Законот за јавна чистота, не е повеќе во правниот поредок, Судот оцени дека согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.113/2015
31 мај 2016 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева