Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 31 мај 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 231 алинеја 2 и член 281 став 7 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на Република Македонија”, број 169/2015).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 233 став 1 алинеја 3 и член 284 ставови 1 и 2 од Законот означен во точка 2 од Решението.
3. Рајко Домазетоски од Охрид, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од членовите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, оспорените законски одредби биле избрзани и дискриминирачки за субјектите на кои тие се однесувале, а и контрадикторни со веќе донесени законски решенија кои произлегувале од Законот за следење на комуникациите и Законот за заштита на личните податоци, што ги правело неодржливи од уставно-правен аспект. Имено, спротивно на наведените закони, со оспорените законски одредби со кои се пропишувала обврска за воспоставување механизми за аудио и видео снимање, се овозможувало без наредба на надлежен суд следење на комуникации на граѓани, а и обработка на нивни лични податоци без нивна согласност, што доведувало до правна несигурност на граѓаните.
Оспорените законски одредби биле спротивни и на членовите 6 и 9 од Законот за работни односи со кои се забранувало било кој вид на вознемирување и дискриминирање на работникот на работното место, а биле и спротивни на членовите 35 и 43 од тој закон, кои наложувале обврска за чување на деловна тајна и обврска на работодавецот за штитење на личноста на работникот.
Подносителот на иницијативата цитирајќи го Амандманот XIX со кој е заменет членот 17 од Уставот на Република Македонија со кој се гарантира слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација, односно дека само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдени со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и на сите други облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката, наведува дека во конкретниот случај кога се во прашање оспорените одредби од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, ниеден од предусловите од цитираниот амандман не биле исполнети, така што секоја можност за снимање била беспредметна и противзаконита.
Оттука, оспорените законски одредби не биле во согласност со споменатите закони и уставниот Амандман, бидејќи со истите се овозможувало противуставно и противзаконско снимање на секоја комуникација во сите правни субјекти кои што се дел од системот на оспособување на кандидати за возачи, вклучително и кандидатот за возач и возачот-инструктор во фазата на подготовка на кандидатот за практично оспособување и така снимениот материјал и да се архивирал, што било спротивно на уставниот Амандман, бидејќи противуставно се нарушувала и загрозувала приватноста. Покрај наведеното, Законот во кои се содржани оспорените одредби, не бил ниту донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници како што пропишувал Амандманот.
Оспорените законски одредби биле спротивни и на членот 18 од Уставот со кој се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци, односно на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците, а исто така и спротивни на членот 11 став 1 од Уставот каде е наведено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени и на член 25 од Уставот според кој на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Според подносителот на иницијативата, во конкретниот случај очигледно било дека со оспорените законски одредби се повредувала приватноста на личноста како на кандидатот исто така и на инструкторот кој го врши обучувањето на кандидатот за возач, што не било во согласност ниту со членот 54 став 1 од Уставот бидејќи слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а не и со оспорените законски одредби како што тоа било сторено во конкретниот случај.
Подносителот на иницијативата, повикувајќи се и на член 17 од Европската конвенција за човекови права, наведува дека оспорените законски одредби не биле во согласност ниту со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, односно основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право од член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 како и со член 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Меѓутоа, законодавецот при нормирањето на оспорените законски одредби не го почитувал Уставот на Република Македонија.
Неспорен бил фактот дека со воведувањето на аудио и видео снимање во процесот на оспособување на кандидатите за возачи во сите фази и сегменти, законодавецот планирал да се зголеми квалитетот и нивото на обука што би резултирало до еден нов квалитет на обука и оспособување на идните кандидати за возачи, меѓутоа со самиот факт дека треба да се снима секој чекор на кандидатите за возачи и нивните инструктори, секое нивно движење и нивен разговор и комуникација, кое го налагале оспорените законски одредби, се задирало во нивната приватност, а влијаело и на концентрацијата на кандидатите за возачи со воспоставените уреди за снимање, што можело да биде штетно по надворешната околина и останатите учесници во сообраќајот, а во секој случај на обуката.
Според подносителот на иницијативата, камерите биле апсолутно непотребни, а со нивното воведување само ќе се отвореле проблеми во поглед на заштитата на приватноста на кандидатот за возач и личноста и интегритетот на возачот-инструктор и нивната меѓусебна комуникација. Проверката на веродостојноста на квалитетот на снимениот материјал и неговото префрлување во архивата, како и начинот на кој истиот ќе бил чуван, отворало многу можности за бројни манипулации и злоупотреби на снимениот материјал, со можни и несогледливи последици по интегритетот на личноста на кандидатот за возач, возачот инструктор и автошколата во целина, што во суштина немало да го подобрат квалитетот, а напротив ќе предизвикало контра-ефекти.
Во продолжение на иницијативата, подносителот посочува техничка грешка во уредувањето на оспорениот член 284 став 1 алинеја 2 од Законот, која требало да се исправи за да не предизвикувала непотребни забуни.
Од погоре наведените причини, подносителот смета дека оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11, член 11 став 1, Амандманот XIX, член 18, член 25, член 51 и член 54 од Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 231 алинеја 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, за оспособување на кандидати за возачи, автошколата задолжително треба да има опремена просторија (училница) од најмалку 20 м2 со видео надзор, а според оспорениот член 233 став 1 алинеја 3 од Законот, возилата од членот 231 став 1 алинеја 5 од овој закон, задолжително треба да бидат опремени со соодветен уред (камера со двострано снимање со сопствен извор на напојување) кој овозможува видео и аудио запис со можност за архивирање и документирање на снимените податоци кои се чуваат во автошколата 90 дена од денот на издавањето на потврдата за оспособеност на кандидатот за возач.
Според оспорениот член 281 став 7 алинеја 1 од Законот, за добивање на овластувањето согласно со ставот 6 на овој член, Црвениот крст на Република Македонија, односно здравствената установа задолжително треба да располага со просторија од најмалку 20 м² опремена со соодветен уред (камера) кој овозможува видео и аудио запис со можност за архивирање и документирање на снимените податоци кои се чуваат 90 дена од денот на спроведување на наставната програма за укажување на прва помош на лица повредени во сообраќајна незгода на кандидатот за возач.
Судот исто така утврди дека според оспорениот член 284 ставови 1 и 2 од Законот, автошколата е должна за време на оспособувањето на кандидатот за возач, да има вклучено камера во просторијата од членот 231 алинеја 2 од овој закон и возилото од членот 241 став 1 алинеја 5 од овој закон, како и дека автошколата е должна за време на оспособувањето на кандидатот за возач, во случај кога во просторијата и возилото од ставот 1 на овој член, не се вклучени камерите или истите се исклучиле, односно не постои соодветен доказ дека е спроведено оспособување, истото по тој наставен час од програмата ќе се повтори на товар на автошколата.
5. Според член 8 став 1 алинеja 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се уредува безбедноста и заштитата на патиштата, основните начела и меѓусебните односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци, опремата и сигнализацијата на патиштата, должностите во случај на сообраќајна незгода, кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центри и возачки дозволи, оспособувањето за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца, посебните мерки на безбедност, организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата, евиденциите и заштитата на податоците, прекршочните одредби и овластувањата за подзаконски прописи.
Оспорените законски одредби се систематизирани во глава VI. КАНДИДАТИ ЗА ВОЗАЧИ, ВОЗАЧИ, АВТОШКОЛИ, ИСПИТНИ ЦЕНТРИ И ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ.
Со членот 231 од Законот се пропишани условите кои задолжително треба да ги исполни автошколата за оспособување на кандидати за возачи, а помеѓу другите услови законодавецот со оспорената алинеја 2 на членот од Законот, пропишал и дека автошколата треба да има опремена просторија (училница) од најмалку 20 м2 со видео надзор.
Исто така, законодавецот со членот 281 од Законот кој се однесува за оспособувањето на кандидатот за возачот, уредил и дека оспособувањето на кандидат за возач е наставен процес кој задолжително се спроведува според Наставен план за обука на кандидати за возачи, како и дека Наставниот план, помеѓу другото, задолжително го опфаќа и укажување на прва помош на лица повредени во сообраќајна незгода.
Во врска со наведеното, законодавецот со членот 281 став 7 алинеите 1 и 2 од Законот, ги пропишал условите кои задолжително треба да ги исполни Црвениот крст на Република Македонија, односно здравствената установа во врска со обучувањето на кандидати за возачи во делот од Наставниот план кој го опфаќа укажување на прва помош на лица повредени во сообраќајна незгода, односно со оспорената алинеја 1 од ставот 7 на членот 281 од Законот пропишал дека, Црвениот крст на Република Македонија, односно здравствената установа задолжително треба да располага со просторија од најмалку 20 м² опремена со соодветен уред (камера) кој овозможува видео и аудио запис со можност за архивирање и документирање на снимените податоци кои се чуваат 90 дена од денот на спроведување на наставната програма за укажување на прва помош на лица повредени во сообраќајна незгода на кандидатот за возач.
Со иницијативата во суштина се оспорува обврската од погоре наведените оспорени законски одредби за воспоставување на соодветен уред (камера) од страна на автошколите и Црвениот крст, односно здравствената установа во просториите каде ќе се спроведува обуката на кандидатите-возачи, бидејќи тоа било спротивно на повеќе одредби од Уставот, со кои на граѓаните им се гарантира неповредливост на писмата и сите други облици на комуникација, од кои права можело да се отстапи само во случаите наведени во Амандманот XIX, се повредувале уставните гаранции за сигурноста и тајноста на личните податоци, како и уставните гаранции на граѓаните за почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот, односно воопшто правото на нивната приватност и тајност на лични податоци било доведено во прашање со така пропишаните оспорени законски решенија, наспроти утврдените уставни гаранции, меѓународни конвенции и закони од нашиот правен поредок со кои се регулира прашањето за следење на комуникациите и заштитата на личните податоци.
Од анализата на оспорениот член 231 алинеја 2 и оспорениот член 281 став 7 алинеја 1 од Законот, произлегува дека законодавецот во функција на повисока објективност и непристрасност во полагањето на возачкиот испит, оценил за потребно воведување на видео надзор во училниците каде ќе се спроведува оспособувањето на кандидатите за возачки испит, како и полагање на теоретскиот дел од обуката, а исто така со цел и да се избегнат одреден број на пропусти и злоупотреби во работењето на субјектите вклучени во обуката како што се автошколите и Црвениот крст на Република Македонија, односно здравствена установа.
Според Судот, оспорените законски решенија од член 231 алинеја 2 и член 281 став 7 алинеја 1 од Законот, не можат да се доведат под уставно сомнение од аспект на наводите изнесени во иницијативата, имајќи предвид дека членот 18 од Уставот со кој се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци, како и гаранциите за заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информациите за нив преку обработка на податоците, е операционализиран во Законот за заштита на личните податоци (“Службен весник на Република Македонија” број 7/2005, 103/2008, 124/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014 и 153/2015).
Со наведениот закон се уредува заштитата на личните податоци како основни слободи и права на физичките лица, а особено правата на приватност во врска со обработка на лични податоци, а исто така со наведениот закон пропишан е начинот на кој се врши обработка на лични податоци при вршењето на видео надзор, водејќи сметка за приватноста на субјектот на личните податоци, како и обврската на контролорот снимките од вршење на видео надзор да се чуваат до исполнување на целите за кои се врши.
Конкретно согласно член 5 став 1 алинеите 1 и 2 од Законот за заштита на личните податоци, личните податоци се обработуваат правично во согласност со закон и се собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели и се обработуваат на начин што е во согласност со тие цели, а согласно член 6 став 1 алинеја 3 од Законот, обработката на лични податоци се врши за исполнување на законска обврска на контролорот. Контролор е физичко или правно лице, орган на државна власт или друго тело, кое самостојно или заедно со други ги утврдува целите и начинот на обработка на личните податоци. Кога целите и начинот на обработка на лични податоци се утврдени со закон или друг пропис, со истиот закон, односно пропис се определуваат контролорот или посебните критериуми за негово определување (член 2 точка 5 од Законот за заштита на личните податоци).
Со членот 9-а од Законот за заштита на личните податоци, одредбите од овој закон се применуваат и на обработката на личните податоци преку вршење на видео надзор, освен ако со друг закон поинаку не е предвидено. Контролорот кој врши видео надзор е должен да истакне известување. Известувањето мора да биде јасно, видливо и истакнато на начин што им овозможува на субјектите на лични податоци да се запознаат со вршењето на видео надзорот. Известувањето од ставот 2 на овој член содржи информација дека се врши видео надзор, информација за името на контролорот кој го врши видео надзорот и за начинот на кој може да се добијат информации за тоа каде и колку време се чуваат снимките од системот за видео надзор. Субјектот на лични податоци е информиран за обработката на личните податоци согласно со членовите 10 и 11 на овој закон, ако е истакнато известување согласно со ставовите 2 и 3 на овој член. Контролорот може да врши видео надзор само на просторот кој е доволен за исполнување на целите за кои е поставен. Снимките направени при вршење на видео надзор се чуваат до исполнување на целите за кои се врши, но, не подолго од 30 дена, освен ако со друг закон не е предвиден подолг рок.
Од погоре наведеното произлегува дека обврската од оспорените одредби од член 231 алинеја 2 и член 281 став 7 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а за воспоставувањето на видео надзор во училниците на автошколите и Црвениот крст на Република Македонија, односно здравствена установа, не е во колизија со Законот за заштита на личните податоци кој децидно уредува дека одредбите од Законот за заштита на личните податоци се применуваат и на обработката на личните податоци преку вршење на видео надзор.
Тоа значи дека субјектите од наведените оспорени одредби од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, кои го воспоставуваат и вршат видео надзорот во своите училници, се должни истото да го вршат согласно одредбите од Законот за заштита на личните податоци, односно на начин кој ќе обезбеди личните податоци да се обработуваат правично во согласност со закон, односно истите да се собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели и да се обработуваат на начин што е во согласност со тие цели, водејќи сметка за приватноста на субјектот на личните податоци, како и обврската на контролорот снимките од вршење на видео надзор да се чуваат до исполнување на целите за кои се врши.
Имајќи го предвид погоре наведеното, според Судот, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 231 алинеја 2 и член 281 став 7 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.
Според оспорениот член 233 став 1 алинеја 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возилата од членот 231 став 1 алинеја 5 од овој закон, задолжително треба да бидат опремени со соодветен уред (камера со двострано снимање со сопствен извор на напојување) кој овозможува видео и аудио запис со можност за архивирање и документирање на снимените податоци кои се чуваат во автошколата 90 дена од денот на издавањето на потврдата за оспособеност на кандидатот за возач.
Според оспорениот член 284 ставови 1 и 2 од Законот автошколата е должна за време на оспособувањето на кандидатот за возач, да има вклучено камера во просторијата од членот 231 алинеја 2 од овој закон и возилото од членот 241 став 1 алинеја 5 од овој закон, како и дека автошколата е должна за време на оспособувањето на кандидатот за возач, во случај кога во просторијата и возилото од ставот 1 на овој член, не се вклучени камерите или истите се исклучиле, односно не постои соодветен доказ дека е спроведено оспособување, истото по тој наставен час од програмата ќе се повтори на товар на автошколата.
По повод претходно поднесена иницијатива, Судот со Решение У.бр.109/2015 од 13.04.2016 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 233 став 1 алинеја 3 и член 284 ставови 1 и 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, бидејќи оценил дека истите не се во спротивност со одредбите на Уставот, со следното образложение:
“Според член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според став 2 од истиот член слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека пазарот и претприемништвото се слободни и дека нив законодавецот може да ги ограничи со закон во ситуација кога тоа е потребно за одбрана на државата, зачувувањето на природата, зачувувањето на животната средина или за зачувувањето на здравјето на луѓето. Притоа, обемот на опфатот на законодавецот во ограничувањето на слободата на пазарот и претприемништвото, според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, го определува самиот законодавец.
Со оглед на тоа што содржината на оспорениот член 233 став 1 алинеја 3 од Законот всушност значи обврска за автошколата, како правно лице кое врши оспособување на кандидати за возачи, да обезбеди видео и аудио запис како доказ дека спровела оспособување на кандидатот за возач, што во поширока смисла значи автошколата да обезбеди доказ за грижата за зачувување на здравјето на луѓето, на животната средина и на природата, Судот оцени дека таквата законска одредба има уставна основа во наведените одредби од Уставот. Исто така, содржината на оспорениот член 284 ставовите 1 и 2 од Законот значи обврска за автошколата, како правно лице кое спроведува практично оспособување на кандидатите за возачи, да обезбеди видео и аудио запис како доказ дека спровела оспособување, а ако нема таков доказ автошколата има обврска на свој товар да го повтори наставниот час од програмата, што повторно во поширока смисла значи да обезбеди доказ за грижата за зачувување на здравјето на луѓето, на животната средина и на природата, Судот оцени дека и овие законски одредби имаат уставна основа во наведените одредби од Уставот. Оттука, Судот оцени дека оспорените законски одредби не се во несогласност ниту со другите уставни одредби наведени во иницијативата.”
Со оглед дека за наведените оспорени одредби од Законот, Судот веќе одлучувал, а во конкретниот случај, нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека во однос на оспорениот член 233 став 1 алинеја 3 и член 284 ставови 1 и 2 од Законот се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата во овој дел.
6. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 231 алинеја 2 и оспорениот член 281 став 7 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата, а по однос на оспорениот член 233 став 1 алинеја 3 и оспорениот член 284 ставови 1 и 2 од Законот, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во тој дел.
7. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.120/2015
31 мај 2016 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева