У.бр.63/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 25 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 11 став 8 и член 21 став 2 од Законот за спортот (“Службен весник на Република Македонија” број 29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011, 51/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2013, 42/2014, 138/2014, 177/2014, 72/2015, 153/2015, 6/2016, 55/2016 и 61/2016).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата по цитирање на содржините на членот 11 став 8 (со иницијативата погрешно го навел ставот 7), како и содржината на членот 21 став 2 од Законот за спортот, кои со иницијативата ги наведува како оспорени, како и по цитирање на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 51/2011), наведува дека оспорените одредби од Законот за спортот не биле конзистентни со одредбите на наведените измени и дополнувања на Законот за Владата на Република Македонија, конкретно со членот 1 од тој закон со кој биле избришани ставовите 2 и 3 на членот 23 од Законот за Владата на Република Македонија.

Подносителот наведува дека со бришењето на погоре наведените одредби на членот од Законот, произлегувало дека Владата на Република Македонија не можела повеќе да образува комисии за решавање во управна постапка во втор степен, а законите морале да се усогласат со ваквите измени и дополнувања на Законот до пропишаниот рок (1 септември 2011 година), меѓутоа од оспорените одредби од Законот за спортот, не произлегувало дека правото на жалба било усогласено со Закон за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија, објавен во “Службен весник на Република Македонија” број 51/2011 од 13.04.2011, кој бил со примена од 01.09.2011 година.

Од погоре изнесеното произлегувало дека оспорените одредби од Законот за спортот, не биле конзистентни со наведените измени и дополнувања на Законот за Владата на Република Македонија, со што се доведувал во прашање принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и принципот од член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот, на седницата утврди дека според оспорениот член 11 став 8 од Законот, против решението од став 2 на овој член може да се поднесе жалба до Комисијата на Владата на Република Македонија.

Судот, исто така утврди дека според оспорениот член 21 став 2 од Законот, против решението со кое се одбива барањето за утврдување на исполнувањето на условите за вршење дејност спорт, може да се поднесе жалба до Комисијата на Владата на Република Македонија.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со член 11 став 8 од Законот за спортот чија содржина се оспорува со иницијативата, е уредено дека против решението од став 2 на овој член може да се поднесе жалба до Комисијата на Владата на Република Македонија.

Со Закон за изменување и дополнувања на Законот за спортот, објавен во “Службен весник на Република Македонија” број 51/2011 од 13.04.2011 година, оспорениот член 11 став 8 од Законот, добива друга содржина и гласи: “Против решението од став 2 на овој член може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.”

Со член 21 став 2 од Законот за спортот чија содржина се оспорува со иницијативата, е уредено дека против решението со кое се одбива барањето за утврдување на исполнувањето на условите за вршење дејност спорт, може да се поднесе жалба до Комисијата на Владата на Република Македонија.

Оспорениот член 21 кој содржеше само два става, од кои подносителот со иницијативата го оспорува ставот 2 од наведениот член, со погоре наведените измени и дополнувања на Законот за спортот, членот 21 од Законот, е сосема изменет и содржи 23 става.

Подносителот на иницијативата, не земајќи ги предвид подоцнежните измени и дополнувања на Законот за спортот, во конкретниот случај оспорува претходни содржини на одредбите од член 11 став 8 и член 21 став 2 од Законот, односно оспорува содржини на одредби од закон кои не се повеќе во правниот поредок.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата, поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.63/2016
25 мај 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева