У.бр.74/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 25 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА ПОСТАПКА за оценување на уставноста на член 108 и член 109 од Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр. 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015 и 5/2016).

2. Народниот правобранител на Република Македонија од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот, означен во точката 1 од решението.

Според наводите од иницијативата, Народниот правобранител водејќи се од принципот на забрана на ретроактивно дејство на законите, согласно член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, каде е утврдено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок во случаите кога тоа е поповолно за граѓаните, ги оспорува членовите 108 и 109 од Законот за административни службеници, со наводи дека преку воспоставување на посебни услови се врши повратно дејство на прописите врз административни службеници кои својот работен однос го засновале под други услови и правила, пред донесувањето на Законот за административни службеници.

Наведеното од причини што овие услови претходно не биле предвидени во Законот за државни службеници и Законот за јавните службеници, а преку оспорените членови од Законот, се предвидувале дополнителни услови за вработените административни службеници кои не постоеле во времето кога истите се вработувале.

Подносителот на иницијативата наведува и дека во анализите на Синдикатот на УПОЗ, исто така стоело дека “Ваквото ретроактивно дејство на веќе стекнато право од работниот однос, ја нарушува правната сигурност на граѓаните на Република Македонија и не е во согласност со начелото на владеењето на правото и претставува директно кршење на основните темелни права загарантирани со Уставот на Република Македонија”.

Дополнителниот услов кој се наметнувал за веќе вработените административни службеници, не само што немал поповолно дејство согласно Уставот, туку напротив во оспорениот член 108 став 2 од Законот, се утврдувале и мерки на распоредување на пониско работно место или намалување на платата од 10%.

Истовремено во став 3 од оспорениот член 108 од Законот со уредувањето дека посебните услови не важат за административните службеници кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон, се доведувала во прашање еднаквоста на граѓаните во поглед на воспоставувањето посебни услови.

Исто така, противуставен бил и оспорениот член 109 од Законот со кој се бара потврда за испит за административно управување и за административен службеник кој засновал работен однос заклучно со денот на влегување во сила на Законот. Ова од причини што и со овој оспорен член од Законот, се наметнувале услови кои не постоеле пред донесувањето на Законот и кои не биле поповолни за граѓаните, бидејќи со нивното неисполнување административните службеници ќе се соочат со распоредување на пониско работно место, а со тоа и со помал личен доход.

Со иницијативата, се посочува и став на Уставниот суд, кој го зазел при одлучување по предметот У.бр.104/2012 година, каде со Одлука У.бр.104/2012 од 16 јануари 2013 година, го укинал членот 28 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем (“Службен весник на Република Македонија” број 80/2012), бидејќи Судот утврдил дека со укинатиот член од Законот се предвидувало повратно дејство, со образложение дека “Новиот закон може да дејствува само врз новите правни ситуации и односи што настануваат по неговото влегување во сила, но претходно настанатите ситуации не можат да запрат”.

Поради изнесеното Народниот правобранител, предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените членови од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 108 од Законот, административниот службеник кој засновал работен однос во институцијата заклучно со денот на започнувањето со примената на овој закон треба до секретарот, односно раководното лице на институцијата во која не се назначува секретар, да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, соодветни на нивото на неговото работно место, на кое бил распореден на денот на започнување со примена на овој закон, во рок од една година од денот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија (став 1).

Според ставот 2 на оспорениот член 108 од Законот, административниот службеник кој нема да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење согласно со ставот 1 на овој член со решение на секретарот, односно раководното лице на институцијата во која не се назначува секретар, ќе биде распореден на работно место за едно ниво пониско од работното место на кое бил во моментот на влегување во сила на овој закон, освен административните службеници кои на денот на започнувањето со примената на овој закон биле распоредени на работно место од влезно ниво на кои ќе им биде намалена платата во износ од 10%.

Со ставот 3 на оспорениот член 108 од Законот е определено дека административниот службеник на кој согласно со ставот 2 на овој член платата му била намалена во износ од 10% може во секој момент да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење до раководното лице на институцијата по што секретарот, односно раководното лице на институцијата во која не се назначува секретар носи решение со кое решението за намалувањето на платата престанува да важи.

Според ставот 4 на оспорениот член 108 од Законот, ставовите 1 и 2 на овој член не важат за административните службеници кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон.

Со ставот 5 на оспорениот член 108 од Законот, е определено дека Државниот управен инспекторат, во рок од три месеци по истекот на рокот од ставот 1 на овој член, ќе изврши надзор над спроведувањето на ставовите 1 и 2 на овој член во сите институции од членот 3 став 1 од овој закон.

Судот, исто така утврди дека според оспорениот член 109 од Законот, потврдата за испит за административно управување ќе стане посебен услов за вработување на административни службеници од категоријата Б две години од денот на започнувањето со примената на овој закон (став 1). Административниот службеник од категоријата Б, кој засновал работен однос во институцијата заклучно со денот на влегувањето во сила на овој закон, треба да достави потврда за положен испит за административно управување, најдоцна во рок од две години од денот на започнувањето со примената на овој закон, во спротивно, ќе биде распореден на работно место од категоријата В (став 2). Ставот 2 на овој член не важи за административните службеници од категоријата Б кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон (став 3). Државниот управен инспекторат, во рок од три месеци по истекот на рокот од ставот 2 на овој член, ќе изврши надзор над спроведувањето на ставот 2 на овој член во сите институции од членот 3 став 1 од овој закон (став 4).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 9 од Уставот, е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 3 февруари 2014 година, донесе Закон за административни службеници, објавен на 5 февруари 2014 година во “Службен весник на Република Македонија” број 27/2014.

Законот влезе во сила на 13 февруари 2014 година, а неговата примена е започната на 13 февруари 2015 година.

Законот за административни службеници од неговото донесување има претрпено неколку измени и дополнувања, објавени во “Службен весник на Република Македонија” број 199/2014, “Службен весник на Република Македонија” број 48/2015, “Службен весник на Република Македонија” број 154/2015 и “Службен весник на Република Македонија” број 5/2016, но, истите не се од влијание по однос оспорените членови од Законот.

Прашањата кои се однесуваат на административните службеници во Република Македонија, пред донесувањето на новиот Закон за административни службеници, беа уредувани со два закони и тоа со Законот за државните службеници и Законот за јавните службеници.

Со денот на започнувањето со примената на новиот закон престанаа да важат Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009, 35/2010, 167/2010, 36/2011, 6/2012, 24/2012, 15/2013, 82/2013 и 106/2013) и Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 52/2010, 36/2011, 6/2012, 24/2012, 15/2013, 82/2013 и 106/2013).

Со новиот закон за административни службеници, се воведуваат нови посебни услови за вработување во административната служба како што се поседување на соодветни посебни работни компетенции и тоа: активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење и активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски), а за раководните административни службеници и потврда за положен испит за административно управување.

Од содржината на оспорениот член 108 став 1 од Законот, произлегува дека административниот службеник кој засновал работен однос во институцијата заклучно со денот на започнување со примената на овој закон (13 февруари 2015 година), потребно е да достави докази (потврди) дека ги исполнува новововедените посебни услови како што се активно познавање на странски јазик и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, соодветни на нивото на неговото работно место, на кое бил распореден на денот на започнувањето со примена на овој закон, во рок од една година од денот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија.

Од анализата на вака уредената оспорена законска одредба, произлегува дека Законот има повратно дејство. Ова од причини што нововостановените посебни услови за вработување се однесуваат и за административните службеници вработени до 13 февруари 2015 година, така што и веќе вработените административни службеници ќе бидат под режимот на новововедените посебни услови за вработување, иако нивниот работен однос веќе бил остварен под условите и правилата кои биле предвидени со тогаш важечките закони.

Уставот на Република Македонија со членот 52 став 4, го забранува повратното дејство на законите и другите прописи, освен во случаите кога тоа е поповолно за граѓаните. Тоа значи дека со Уставот по исклучок се дозволува повратно дејство на законите, а тоа е само во случаите доколку тоа е поповолно за граѓаните.

Меѓутоа, она што произлегува од анализата на ставот 2 на оспорениот член 108 од Законот, е дека повратното дејство на Законот во конкретниот случај, не е поповолно за граѓаните, бидејќи според оваа оспорена законска одредба, административниот службеник е подложен на трпење на мерки во вид на распоредување на пониско ниво на работно место и намалување на плата, доколку во определениот рок со Законот, нема да достави докази за исполнување на новопредвидените посебни услови.

Според тоа, со така уредените оспорени законски решенија, се создава правна ситуација односно можност од губење на стекнато право од работен однос (стекнато работно место, звање и плата), со што се доведува во прашање остварувањето на легитимните очекувања на веќе вработените административни службеници кои ги имале во времето кога го засновале работниот однос под други услови и правила, пред донесувањето на Законот за административни службеници.

На овој начин, според Судот, се доведува во прашање уставната основаност на така уредените оспорени законски решенија поради следното:

Пред донесувањето на Законот за административните службеници, вработените во администрацијата беа под режимот на Законот за државните службеници и Законот за јавните службеници, кои беа во важност до започнувањето со примена на Законот за административни службеници. Вработените во администрацијата се стекнале со права и обврски од работен однос според условите и правилата кои биле предвидени со овие закони. Согласно со тогаш бараните услови, вработените веќе биле подложени на вреднување по однос на нивните стручни и работни компетенции и квалификации за стекнување на конкретно работно место и звање во хиерархијата на звања.

Со повратното дејство на Законот, вработените административни службеници, независно од дотогашните стекнати звања и стручност во работењето, реализирани со годините на стаж во институциите, се ставени во позиција на неизвесност од понатамошно уживање на своите права од работен однос, стекнати на законит начин, поради нивно ставање под режимот на новиот закон кој предвидува нови посебни услови, а кои не постоеле во претходните закони. Неповолното дејство на ретроактивното важење на Законот се согледува во можноста од губење на веќе стекнати права од работен донос, како последица од неисполнување на посебните услови од новиот закон.

Конкретно, негативните последици од недоставувањето на докази за исполнување на ново предвидените посебни услови, се изразени како можност од прераспоредување на работно место за едно ниво пониско од работното место кое вработениот го имал на 13 февруари 2014 година (ден на влегување во сила на новиот закон), што значи вработениот во вакви случаи го губи звањето кое го имал не само до отпочнување на примената на Законот (13 февруари 2015 година), туку и она звање кое го имал пред тоа до влегувањето во сила на Законот (13 февруари 2014 година), а кое вработениот го стекнал на законит начин.

За вработениот во службата кој го имал најниското звање во хиерархијата на звања на денот на отпочнување на примена на овој закон (13 февруари 2015 година), доколку не ги исполни новите посебни услови, со оспорените законски одредби се предвидуваат последици од намалување на платата во износ од 10%, бидејќи не може да добие пониско работно место. Конкретно ова се однесува за административните службеници распоредени на работно место од влезно ниво В4 (помлад соработник кое е најниско ниво од категоријата на стручни административни службеници) и Г4 (помлад референт кое е најниско ниво од категоријата помошно-стручни административни службеници).

Оттука произлегува дека вработените како последица од промената на звањата од повисоко во пониско звање, како и оние со најниско звање, сите ќе добијат намалување на платата како директна последица од евентуалното недоставување на докази за исполнување на новите посебни услови.

Со ваквата определба на законодавецот регулирана со оспорените законски одредби, веќе заснованиот работен однос се детерминира, односно се условува со нови посебни услови кои се издигнати на степен на општост имајќи го во вид нивниот опфат, без да се има предвид дека во времето кога вработениот го засновал работниот однос, тие како општо задолжителни за секое работно место, не биле предвидени. Оттука, новите посебни услови кои со Законот се предвидени како посебни услови за вработување во административната служба, од аспект на така уредените законски решенија, добиваат значење на услови за задржување на стекнатото работно место, звање и плата, што доведува до загрозување на правната сигурност и легитимните очекувања на вработените по однос на нивните стекнати права.

Со овие оспорени законски решенија, според Судот, административниот кадар, вработен пред 13 февруари 2015 година, по однос на нивните стручни способности, надградувани со стекнатото искуство во текот на целокупниот работен стаж, се става во една друга димензија на опсервација на законодавецот, дека тие се автоматски квалитативно зависни од исполнување на новите законски посебни услови, со степен на опфат за сите вработени (освен за административните службеници кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон), од што произлегува дека нововостановените посебни услови, значат враќање на административниот службеник кој е веќе вработен, во состојба пред стекнување на нивните права од работен однос во минатото.

Ваквиот пристап на законодавецот, да задира со нови посебни услови за вработување и на веќе вработени, чии правни односи од сферата на административното работење се настанати и реализирани во минатото, и чие неисполнување значи менување на правосилно окончани постапки од работен однос (вработување, распоредување на конкретно работно место и звање), според Судот, доведува до загрозување на правната сигурност на граѓаните, што е во спротивност на принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Понатаму, оспорениот член 108 став 3 од Законот уредува дека намалувањето на платата во износ од 10% за административните службеници од влезно ниво, во секој момент може да се надмине, односно повторно службеникот да се стекне со износот кој го примал на име плата пред намалувањето, доколку во иднина ги приложи бараните докази за исполнетост на посебните услови утврдени со новиот закон.

Со оваа оспорена законска одредба, законодавецот уредил можност од воспоставување на поранешна состојба во поглед на платата за овој дел од административните службеници, а ваквата можност не се однесува и за административните службеници кои поради неисполнување на новите посебни услови се распоредени на пониско ниво на работно место, а со тоа и на пониска плата, при состојба доколку и тие како и административните службеници од влезно ниво, успеат да ги исполнат посебните услови.

На овој начин административните службеници се ставени во нееднаква правна положба по однос на можностите за повторно стекнување на изгубени права, при состојба на подеднакво делување на административните службеници, како што е дополнително исполнување на посебни услови.

Со Законот за административни службеници, посебните услови познавање на странски јазици и работа со компјутерски програми за канцелариско работење, се предвидени во целост за сите нивоа од категориите на административни службеници. Според тоа, неисполнувањето на посебните услови за конкретно работно место, во суштина значи неисполнување на тие услови за секое работно место, со оглед дека тие се општо предвидени за сите нивоа и звања од соодветна категорија.

Оттука, од содржината на вака уредените оспорени законски решенија, не произлегува јасна правна ситуација по однос на прашањето дали и до каде завршува потребата за поседување на овие услови ако и за пониско рангираното место тие се бараат, а кадарот не ги остварил. Ваквата состојба, според Судот, доведува до загрозување на правната сигурност на вработениот по однос извесноста од задржување и на тоа пониско ниво на работно место, имајќи во вид дека за сите нивоа соодветно се предвидени посебните услови, што предизвикува дополнителна правна несигурност за вработените во поглед на нивниот понатамошен работен статус.

Она што за Судот неспорно произлегува од содржината на оспорените законски одредби е дека мерката која може да се изрече поради неисполнување на предвидените посебни услови, е од суштинско влијание по однос стекнатите права на вработените, кои неспорно е дека ги стекнале врз основа со закон пропишани услови, а на овој начин, тие се доведуваат до состојба на казнување, бидејќи распоредувањето на пониско работно место, всушност со Законот е предвидено како мерка за сторен дисциплински престап. Имено, со Законот за административните службеници (член 74 став 2 алинеја 2) “распоредувањето на работникот во непосредно пониско ниво”, е предвидена како дисциплинска мерка за сторен дисциплински престап, поради случаите наведени со член 73 од Законот (исто и со претходните прописи од оваа област).

Оттука, во услови кога со Законот точно се прецизирани случаите на губење на постојното работно место, како што се дејствија на сторен дисциплински престап во работењето, произлегува дека мерката распоредување на пониско ниво на работно место во случај на неисполнување на новововедените посебни услови, повлекува исто дејство и последици како и мерката која може да се изрече поради сторен дисциплински престап. Од наведеното произлегува дека можноста од изрекувањето на мерката распоредување на пониско ниво на работно место поради неисполнување на новите посебни услови, всушност има значење на закана од неисполнување на ретроактивно уредените посебни услови, што за последица повлекува и помал личен доход.

Принципите на ефикасно и квалитетно вршење на работите и работните задачи во административната служба, се основни принципи во сите закони од сферата на административното работење, вклучително и новиот закон. Согласно член 18 од претходно важечкиот Закон за државните службеници, државниот службеник е должен работите да ги врши совесно, стручно, ефикасно, уредно и навремено во согласност со Уставот и со закон. Овие основни принципи, како принципи беа уредени и во Законот за јавни службеници (Дел II Заеднички начела на системот на јавни службеници, членови 5-12). Оттука, предвидените мерки содржани во оспорениот член 108 од Законот за административни службеници, според Судот не е оправдана и легитимна мерка и не е пропорционална со целите заради која таа може да се изрече со решение на одговорното лице. Ова од причини што неисполнувањето на новите посебни услови од страна на веќе вработените административни службеници, не ги ослободува од нужната обврска своите работи и работни задачи тие да ги исполнуваат ефикасно, успешно, навремено, квалитетно и севкупно во согласност со Уставот и законите. Тие и понатаму се во обврска совесно, квалитетно, ажурно, односно како и дотогаш да ги извршуваат своите работни задачи, меѓутоа, со така уредените оспорени законски решенија, за вработените претстои можност од казнување, доколку не ги исполнат и новопредвидените посебни услови.

Прописите од областа на државната и јавната служба кои со влегувањето во сила на новиот Закон за административни службеници, се уште беа во важност, содржеа одредби кои се однесуваа на тековното оценување на вработените, заради следење на успешноста во реализацијата на нивните работи и работни задачи. Во оваа смисла со предвидените мерки од оспорените одредби од новиот Закон за административни службеници, однапред се прејудицира дека админстративниот службеник од моментот на влегување во сила на новиот закон, нема да може успешно да ги извршува своите работи и работни задачи на работното место на кое се затекнал, па оттука произлегува дека мерката која може да се изрече поради неисполнување на новопредвидените посебни услови, се изрекува поради претпоставка од можно идно неквалитетно и неефикасно вршење на работните обврски и задачи од страна на веќе вработениот административен службеник, заради околноста што тој не ги поседува доказите за бараните вештини, воведени со новиот закон.

Во услови кога и со новиот закон се предвидени одредби за оценување за тековното работење на административните службеници, преку што се следи нивното успешно реализирање на нивните работни обврски, со оспорените законски одредби се создава состојба однапред да се прејудицира дека неисполнувањето на новоуредените посебни услови, ќе значат послаб квалитет во нивното работење, без да се има предвид околноста дека и со претходните закони од областа на администрацијата, тие исполниле услови потребни за непречено вршење на обврските во зависност од спецификата на конкретното работно место уредено со актот за систематизација на работните места.

Во оваа смисла, според Судот, неспорно е правото на законодавецот да ги уредува условите за работа, истите да ги менува или надополнува, но, не во смисла на уредување што значи негирање на претходно предвидените и исполнети услови и стекнати права и негирање на успешноста на дотогашното работење на вработените, а ако се има предвид дека неисполнувањето на нововостановените посебни услови, повлекува санкции за административниот службеник кој нема да ги исполни, наведеното всушност води кон таква состојба.

Повратното важење на оспорените одредби од Законот, извесно е дека може да доведат до состојба за административните службеници кои во целокупното нивно досегашно работење, совесно, ажурно, квалитетно и успешно ги извршувале и продолжуваат да ги извршуваат своите работни задачи и по влегувањето во сила на новиот закон, да бидат казнети со распоредување на пониско работно место и пониска плата, што може да има дестимулирачки ефект за вработениот.

Што се однесува до мислењето доставено од предлагачот на Законот, дека оспорените два члена од Законот за административни службеници, воопшто не се во спротивност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија доколку во целост е прифатена сервисната ориентација на администрацијата, како еден од темелните принципи на кои се базира системот на административното право, според Судот, неспорно е дека принципот на сервисна ориентација е значаен за граѓаните за да се овозможи тие ефикасно да ги остваруваат своите права. Меѓутоа, Судот смета дека воспоставувањето на ново предвидените услови со Законот и на односи во правото кои значат стекнати права на административните службеници по основ на претходно исполнети услови, не го оправдуваат нивното понеповолно дејство.

Принципот на сервисна ориентација спрема граѓаните, според Судот, не се исцрпува во целост со воведувањето на потребата од доставување на доказите за исполнување на новите посебни услови и за веќе вработените, ако се има во предвид дека нужноста од поседување на овие вештини уредени со новиот закон, во отсуство на други потребни квалификации и вештини на вработениот (квалитетно, стручно, ажурно остварување на работни цели, креативност, иницијативност и заинтересираност во работата, организациски вештини и друго), сами по себе не можат да бидат исклучителна гаранција за успешно и ефикасно работење, туку напротив мерките намалување на висината на личниот доход поради распоредување на пониско ниво на работно место и намалување на личниот доход од 10% за веќе вработените од најниско влезно ниво, според Судот, може да води кон тенденција од намалување на мотивираноста на вработените во администрацијата при извршувањето на нивните работни задачи.

Поаѓајќи од сето погоре наведено, според Судот, законодавецот има право да уредува нови посебни услуви за работа во одделна област, во конкретниот случај областа на административната служба, меѓутоа, преминот од стариот во новиот режим на уредување на односите во правото, треба да се обезбеди на начин кој подразбира избраните мерки, односно средства да бидат соодветни на целите и причините поради кои тие се предвидуваат, а притоа да не се доведе во прашање, или во поголем обем да не се загрози правната сигурност и веќе стекнатите права и интереси на субјектите на кои тие се однесуваат.

Понатаму, според Судот, законодавецот, исто така, треба да има ист однос, односно ист пристап при уредување на преодниот режим во сите идентични или слични случаи, односно прашања од сферата на административната служба.

Раководејќи се од наведеното, а не навлегувајќи во целисходноста на посебните услови утврдени со новиот закон, според Судот обврската што со оспорениот член 108 став 1 од Законот им се наметнува на постојните вработени во административна служба, не е пропроционална мерка со целите за кои е утврдена, со оглед дека претставува прекумерно ограничување на нивните права и слободи, а и загрозување на нивната правна сигурност, како елемент на владеењето на правото, ако се има предвид последицата што оваа категорија на вработени ќе ја трпи доколку во утврдениот рок не се стекнат со бараните сертификати со кои се докажува исполнување на новопредвидените посебни услови.

Понатаму од анализата на ставот 4 од оспорениот член 108 од Законот, произлегува исклучок од примена на одредбите од ставовите 1 и 2 од овој оспорен член од Законот. Исклучокот се заснова на должината на рокот во кој административниот службеник ќе оствари право на пензија, односно дека обврската за доставување докази за исполнетост на посебните услови, не важи за административните службеници кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон.

Според Судот, законодавецот во конкретниот случај, различно постапил за вработени кои се во еднаква правна положба во однос на обврската за исполнување на посебните услови предвидени со новиот закон, односно нееднакво постапил за лица со ист статус и правна состојба (сите се активно вработени во административната служба и сите имаат стекнати права од работен однос).

Со ваквите законски решенија се врши внатрешна поделба на единствената административна служба-активно вработени, врз основа на периодот до пензионирање, на начин што законодавецот едните ги издвоил, овозможувајќи им и понатаму да ги вршат работите на работните места на кои се затекнати, што не се однесува за останатите вработени, а и тие како и претходните, вршат работи на работните места на кои се затекнати пред воведувањето на новите посебни услови со Законот.

Во оваа смисла Судот смета дека должината на рокот за остварување на право на пензија, не може да биде оправдан и легитимен основ за различен третман на административните службеници во поглед на воспоставувањето на новите посебни услови. Пропишаниот рок до остварување на правото на пензија, во случајов создава неоснована категоризација на единствената активна административна служба, а со тоа и нелегитимно спречување на едните да можат исто како и другите да ги уживаат стекнатите права од работен однос, пред воведувањето на новите посебни услови со Законот.

Оттука, според Судот, со ставот 4 на оспорениот член 108 од Законот, се повредува и едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот, односно правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, утврдено со член 9 од Уставот на Република Македонија.

Од анализата на оспорениот член 109 од Законот, произлегува дека новоуредениот посебен услов-потврда за испит за административно управување, кој е пропишан како посебен услов за вработување на раководни административни службеници, а тоа се административни службеници од категоријата Б (државен советник, раководител на сектор, помошник раководител на сектор и раководител на одделение), ќе стане посебен услов за вработување, две години од денот на започнувањето со примената на овој закон.

Понатаму од анализата на овој оспорен член од Законот, произлегува дека вработениот кој пред влегувањето во сила на новиот закон бил раководен административен службеник, е должен да достави потврда за положен испит за административно управување, најдоцна во рок од две години од денот на започнувањето со примена на новиот закон. Доколку вработениот административен службеник, не го исполни овој посебен услов за вработување на административен службеник од катагоријата Б, ќе биде распореден на работно место од категоријата В-стручни административни службеници (советник, виш соработник, соработник, помлад соработник).

Со оглед дека и во овој случај Законот има повратно дејство, односно со оглед дека и со ставот 2 на оспорениот член 109 од Законот се предвидува можност од губење на стекнато право од работен однос, како и ставање на граѓаните во нееднаква правна положба пред Уставот и законите, што произлегува од ставот 3 на оспорениот член 109 од Законот, погоре изнесеното правно мислење по однос на оспорениот член 108 од Законот, соодветно се однесува и за оспорениот член 109 од Законот.

По однос на ставот 5 од оспорениот член 108 и ставот 4 од оспорениот член 109 од Законот, со кои се уредува рокот во кој Државниот управен инспекторат ќе врши надзор врз спроведувањето на одредбите од оспорените законски членови, тие се како целина и во врска со одредбите од оспорените членови од Законот, следствено на што тие ја следат нивната правна судбина, од кои причини Судот не се впушти во нивна посебна елаборација по однос нивната уставна оправданост.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, со основ се постави прашањето за опстојувањето на оспорениот член 108 и оспорениот член 109 од Законот за административни службеници во правниот поредок, бидејќи по оцена на Судот, тие не се во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 и член 52 став 4 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од решението.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.74/2014
25 мај 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева