18/2016-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 25 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 187/2013).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2015).

3. Игорчо Точев од Кочани и Љубица Стојковска Перковска од Скопје, до Уставниот суд на Реублика Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбите означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорената одредба од членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17/2013), како и Законот за изменување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/2015) биле спротивни на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1 и член 52 став 4 (во иницијативата погрешно стои член 54 став 4, но видно од образложението, очигледно станува збор за член 52 став 4) од Уставот на Република Македонија.

Во образложението на иницијативата се наведува дека:

I. Според член 62 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.44 од 05.04.2011 година), одредбите на членовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 9, 10, 16, 17, 18, 19, 20, 21, 24, 25, 26, 27, 28, 40, 43, 44, 45, 46, 47, 49, 50, 51, 55, 59, 60, 61 и 62 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2012 година.

Овие измени и дополнувања на Царинскиот закон влегле во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, односно на 05.04.2011 година.

II. Со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012), членот 62 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2011) се менува и гласи: „Одредбите на членовите 24, 25, 26, 27, 28, 44, 45, 46 и 47 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 01 јули 2012 година, а одредбите на членовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 9, 16, 17, 18, 19 и 61 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2013 година.“

Оваа измена и дополнување на Царинскиот закон влегла во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, односно од 24.01.2012 година (во иницијативата е погрешно наведено 24.01.2014 година).

III. Со членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.171/2012), во Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012), во членовите 3 и 4 датата „од 1 јануари 2013 година“ се заменува со датата „од 1 јануари 2014 година“.

Во иницијативата се наведува дека членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2011 година), според наведената измена би гласел:

„Членот 62 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2011 година), се менува и гласи: „Одредбите на членовите 24, 25, 26, 27, 28, 44, 45, 46 и 47 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 1 јули 2012 година, а одредбите на членовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 9, 16, 17, 18, 19 и 61 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2014 година.“

IV. Со членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013), во Законот за изменување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.171/2012), во членот 1, датата „од 1 јануари 2014 година“ се заменува со датата „од 1 јануари 2015 година“.

Подносителите на иницијативата наведуваат дека членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2011), според наведената измена би гласел:

„Членот 62 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2011), се менува и гласи: „Одредбите на членовите 24, 25, 26, 27, 28, 44, 45, 46 и 47 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 1 јули 2012 година, а одредбите на членовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 9, 16, 17, 18, 19 и 61 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2015 година.“

V. Наведената измена и дополнување на Царинскиот закон влегла во сила на 07.01.2014 година, а од содржината на наведениот член произлегувало дека одредбите на членовите 24, 25, 26, 27, 28, 44, 45, 46 и 47 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 1 јули 2012 година, со што за наведените одредби се воспоставувала ретроактивна примена. Не било јасно дали ваквата ретроактивна примена на одредбите била поповолна за граѓаните. Доколку била поповолна, во тој случај истата би била во согласност со член 54 став 4 од Уставот. Доколку не била, тогаш би била спротивна на уставниот поредок во Република Македонија.

VI. Според членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2015), во Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/2010) одредбите на членовите 5, 7, 8 10 и 13, како и во Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 44/11) одредбите на членовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 9, 16, 17, 18, 19 и 61, нема да се применуваат од денот на влегување во сила на овој закон до влегувањето на Република Македонија во Европска Унија.

Наведените измени и дополнувања на Царинскиот закон влегле во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ односно на 02.02.2015 година.

Дополнително, со оглед дека со оспорената измена на Царинскиот закон објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2015, не се определувало што се случува со постапките кои биле поведени согласно одредбите од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/2010) и Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2011), односно дали тие се запираат или доколку биле донесени одлуки по веќе поведени постапки, истите се ставаат вон сила или пак доколку биле поведени, истите ќе се завршат во определен рок како што тоа, на пример, било направено со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2015), со кој член 3 биле додадени два нови члена 95-а и 95-б.

Ова посебно затоа што со член 5 од измената и дополнувањето на Царинскиот закон објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 48/2010, се пропишувале нови одредби и тоа: членови 46-а, 46-б и 46-в, од кои во истата измена и дополнување со членот 13 се пропишувал прекршок и прекршочна одговорност за лице кое постапува спротивно на членот 46-а од истите измени и дополнувања.

Подоцна, со членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2011), наведената одредба на членот 46-а била изменета целосно, а со член 61 од истите измени и дополнувања на Царинскиот закон, точката 5 од ставот 1 од членот 264 била изменета и со наведената точка од наведениот став и член од оваа измена и дополнување било санкционирано постапувањето на лице односно лица спротивно на одредбата од членот 46-а.

Исто така, со членот 16 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2011) се пропишувала нова одредба член 192-а за кој, со истите измени и дополнувања на Царинскиот закон, во членот 61 се пропишувала прекршочна одговорност за секој оној кој ќе постапи спротивно на одредбата од членот 192-а.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, по што истите ќе ги укине или поништи како спротивни на Уставот.

VII. Исто така, се предлага, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе времена мерка со која ќе се запрат од извршување поединечните акти донесени врз основа на Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/2010) и Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2011) во врска со оспорената одредба и оспорениот Закон за изменување на Царинскиот закон.

4. Судот на седницата утврди дека, според членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“, бр.187/2013 година), во Законот за изменување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 171/12), во членот 1 датата „од 1 јануари 2014 година“ се заменува со датата „од 1 јануари 2015 година“.

Според членот 1 од Законот за изменување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“, бр.15/2015 година), во Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 48/10), одредбите на членовите 5, 7, 8, 10 и 13, како и во Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 44/2011) одредбите на членовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 9, 16, 17, 18, 19 и 61, нема да се применуваат од денот на влегување во сила на овој закон до влегувањето на Република Македонија во Европска Унија.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во согласност со членот 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 39/2005, 4/2008, 48/2010, 158/2010, 44/2011, 53/2011, 11/2012, 171/2012, 187/2013, 129/2015, 154/2015, 192/2015 и 23/2016) се уредуваат правата и обврските на лицата и царинските органи во врска со стоката во патничкиот и стоковиот промет меѓу царинското подрачје на Република Македонија и странските царински подрачја (член 1 став 1).

Со иницијативата се оспорува уставноста на членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 187/2013), во врска со членот 62 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/2011), поради тоа што со оспорената одредба се пропишувало повратно дејство на Законот, спротивно на член 52 став 4 од Уставот.

Во одговор на ова правно прашање, Судот оцени дека треба да се има предвид следното:

1) Според членот 62 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/2011) , одредбите на членовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 9, 10, 16, 17, 18, 19, 20, 21, 24, 25, 26, 27, 28, 40, 43, 44, 45, 46, 47, 49, 50, 51, 55, 59, 60, 61 и 62 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2012 година.

2) Со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“, бр.11/2012) членот 62 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 44/2011) се менува и гласи: „Одредбите на членовите 24, 25, 26, 27, 28, 44, 45, 46 и 47 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 01 јули 2012 година, а одредбите на членовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 9, 16, 17, 18, 19 и 61 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2013 година.“

3) Со членот 1 од Законот за изменување на Царинскиот закон („Службен весник на Република. Македонија“, бр.171/2012), во Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија” број 11/2012), во членовите 3 и 4, датата: „од 1 јануари 2013 година” се заменува со датата: „од 1 јануари 2014 година”.

4) Со членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013), во Законот за изменување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 171/12), во членот 1 датата: „од 1 јануари 2014 година“ се заменува со датата: „од 1 јануари 2015 година“.

Од анализата на овие одредби произлегува дека според членот 62 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 44/2011), одредбите на членовите 24, 25, 26, 27, 28, 44, 45, 46 и 47 од овој закон, ќе започнат да се применуваат од 01 јули 2012 година. Наведениот датум за започнување на примената на овие одредби не бил предмет на измени во натамошните измени и дополнувања на Царинскиот закон, односно не е променет.

Со членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 187/2013), утврден е датумот на примената (1 јануари 2015 година) на членовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 9, 16, 17, 18, 19 и 61 од Законот. Овој датум претходно неколку пати бил предмет на измена.

Оттука, неспорно произлегува дека со членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 187/2013) не се опфатени членовите 24, 25, 26, 27, 28, 44, 45, 46 и 47 од овој закон, како што погрешно се наведува во иницијативата, поради што и погрешно се тврди дека со оспорениот член 33 од Законот за овие одредби се воспоставувало повратно дејство.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го прифати како основан наводот во иницијативата дека оспорениот член 33 од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 187/2013), заради причините изнесени во иницијативата, не бил во согласност со членот 52 став 4 од Уставот.

6. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во однос на делот од иницијативата кој се однесува на оспорувањето на уставноста на Законот за изменување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2015), Судот го имаше предвид следното:

Оспорениот закон има два члена.

Според членот 1 од Законот, во Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 48/10), одредбите на членовите 5, 7, 8, 10 и 13, како и во Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ број 44/11), одредбите на членовите 2, 3, 4, 5, 6, 7, 9, 16, 17, 18, 19 и 61, нема да се применуваат од денот на влегување во сила на овој закон до влегувањето на Република Македонија во Европска Унија.

Според член 2 на истиот закон, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Тоа значи дека со наведените законски измени се утврдува дека точно наведени одредби од Царинскиот закон, нема да се применуваат од денот на влегување во сила на овие законски измени (2 февруари 2015 година), до влегувањето на Република Македонија во Европската Унија. Ставањето во мирување на примената на одредени законски одредби, сметано од денот на влегување во сила на законот со кој се утврдува таквата состојба, до точно определен иден момент, не значи воведување на повратно дејство на Законот, поради што не може да се прифати дека ваквите законски измени не биле во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

Дополнително, со иницијативата се оспоруваат овие законски измени од причина што со нив не се определувало што се случува со постапките кои биле поведени согласно одредбите од Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/2010) и Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2011), односно дали тие се запираат или доколку биле донесени одлуки по веќе поведени постапки, дали истите се ставаат вон сила или пак доколку биле поведени, дали истите ќе се завршат во определен рок како што тоа, на пример, било направено со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2015).

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека во суштина подносителите на иницијативата го оспоруваат Законот поради тоа што не содржи нешто што според нив би требало да постои или на одреден начин да биде регулирано, а што е прашање во надлежност на законодавецот.

Согласно уставно утврдените надлежности, Уставниот суд ја оценува согласноста на законските одредби со Уставот онакви какви што се дадени и нема надлежност да одлучува за тоа што еден закон или пропис не содржел, а требало да содржи, на што впрочем се однесува барањето во предметната иницијатива.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за прифаќање на предлогот на подносителите на иницијативата, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/2010) и Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2011) во врска со оспорените одредби на Царинскиот закон.

8. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.18/2016
25 мај 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева