У.бр.125/2015-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 25 мај 2016 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Милена Карталова од Скопје за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на недискриминација по основ на социјална припадност повредено со

Решение на министерот за правда бр.09-2457/1 од 29.07.2015 година за престанување на службата нотар,

Пресуда на Управниот суд во Скопје У-5 бр.1081/2015 и У-5. бр.1082/2015 година и У-5.бр.1082/2015 од 03.09.2015 година и

Пресуда на Вишиот Управен суд УЖ-3. бр.448/2015 од 20.10.2015 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Милена Карталова од Скопје преку полномошникот – адвокат Игор Спировски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија достави барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на недискриминација по основ на социјална припадност повредено со актите означени во точката 1 од оваа одлука.

Во поднесокот за заштита на правото на недискриминација се наведува дека подносителката на барањето била родена на 15.08.1951 година и истата со Решение на министерот за правда бр.04-522/1 од 23.02.1998 година била именувана за нотар на подрачјето на основните судови во Градот Скопје.

Понатаму, во барањето подносителката ги цитира одредбите од член 14 став 1 точка б) од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007, 86/2008, 139/2009 и 135/2011) „Службата на нотарот престанува …….. со исполнување на условите за старосна пензија, согласно со закон“, член 18 од Законот за пензиско и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 44/2014, 97/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015 и 61/2015) и член 104 став 1 од Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005 ………..106/2008 и 113/2014).

Подносителката на барањето наполнила 62 години старост и 15 години пензиски стаж на 15.08.2013 година, меѓутоа министерот за правда тогаш не донел решение за престанување на нејзината служба нотар и таа продолжила да ја врши службата иако ги исполнила условите од член 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

На 03.07.2015 година, а врз основа на член 104 став 2 и 3 од Законот за работни односи, еден месец пред да наполни 64 години возраст, подносителката го известила министерот за правда дека сака да продолжи со работа до 65 години возраст.

Министерот за правда ја известил дека барањето за продолжување на договор за работа согласно Законот за работни односи не може да се примени во нејзиниот случај, од причина што Законот за нотаријатот поинаку ги уредува условите под кои престанува службата и најавил дека ќе донесе решение за престанок на службата нотар со денот на наполнување на 64 години.

Со Решение на министерот кое е оспорено, министерот утврдил дека на подносителката на барањето Милена Карталова од Скопје и престанува службата на нотар поради исполнување услови за старосна пензија согласно закон.

Во Решението бр.09-2457/1 од 29.07.2015 година министерот за правда се повикал на член 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување од причина што подносителката на 15.08.2015 година наполнила 64 години живот и 15 години пензиски стаж, па со примена на член 14 став 1 точка б) од Законот за нотаријатот одлучил да и престане службата нотар поради исполнување услови за старосна пензија.

Според подносителката на барањето во наведеното решение немало објаснување зошто министерот се повикува на невистинито тврдење дека Милена Карталова според член 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување ги исполнила условите за старосна пензија кога наполнила 64 години, а не 62 години живот и затоа одбил да го примени член 104 став 2 од Законот за работните односи.

Во тужбата во управен спор против решението на министерот за правда подносителката истакнала два базични аргументи за незаконитост на решението и ефекти врз исклучување од правото да продолжи да работи до 65 години возраст, затоа што е нотар со што е повредено уставното право на работа под еднакви услови:

– прво, дека токму отсуството на решение за престанок на службата нотар кога подносителката на барањето наполнила 62 години живот и 15 години пензиски стаж, нејзе објективно и дало до знаење дека членот 14 став 1 точка б) од Законот за нотаријатот се применува, и во нејзиниот случај е применет, во врска со член 104 од Законот за работни односи и создало легитимно очекување дека ќе може да ги користи правата од член 104 од Законот за работни односи и тоа не само правото да продолжи да ја врши службата до навршување 64 години возраст (став 1), туку и правото да бара да продолжи да ја врши службата до навршени 65 години, како и сите оние за кои важи основната одредба дека им престанува работата кога ќе ги исполнат условите за старосна пензија. Фактот што членот 104 од Законот за работни односи во суштина бил применет во два наврати налага поради принципот на еднаквост во постапувањето, тој доследно да се примени и во ситуација кога подносителката побарала да продолжи со работа до 65 години возраст и

– второ, дека член 14 став 1 точка б) од Законот за нотаријат и член 104 од Законот за работни односи утврдуваат суштински исти услови за престанок на службата, односно работата (поради исполнување на услови за старосна пензија, со тоа што член 104 став 1 од Законот за работни односи обезбедува еднаквост на мажите и жените при престанување на работата), па оттаму ограничувањето односно исклучувањето на подносителката од правото да продолжи со работа како нотар токму поради тој статус, не може објективно и различно да се оправда и претставува повреда на нејзиното уставно право на работа.

Во однос на Пресудата на Управниот суд У-5.бр.1081/2015 и У-5.бр.1082/2015 од 03.09.2015 година, подносителката наведува дека Управниот суд ја одбил тужбата на подносителката на барањето како неоснована и покрај тоа што не одговорил на клучни правни прашања и во предметот го оправдал решението на министерот со сфаќањето дека „институцијата нотар не може да се подведе под поимот работник“ како и тоа дека примената на член 104 како sui generis е исклучена со став 2 од самата одредба и во конкретниов случај упатува на Законот за нотаријат и Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Со тоа Управниот суд на кристално јасен начин го поставил професионалниот статус на подносителката како основа на ограничувањето на нејзиното право на работа, без да ги согледа суштинските релации помеѓу означениот закон и важноста на уставното право на работа под еднакви услови. За жал и во оваа пресуда како и во решението се истакнува невистинитото тврдење дека подносителката на барањето „со полни 64 години старост ги исполнила условите за старосна пензија“ и не одговорил на прашањето кој бил правниот основ нејзе да не и престане службата кога наполнила 62 години старост.

Подносителката на барањето во жалбата против наведената пресуда ја нападнала дискриминаторската основа за оправдување на престанокот на нејзината служба како нотар, односно исклучувањето од правото да продолжи да ја врши службата до 65 години старост истакнувајќи дека единствената разлика помеѓу вработени во државни институции што „настануваат во име на државата“, а кои имаат право да продолжат да работат под услови од член 104 од Законот за работни односи и нотарите е во тоа што нотарите не се вработени во државна служба туку ја вршат службата како јавно овластување во приватен аранжман, надвор од државен орган. Оттука, нотарите се во битно слична положба со означените вработени во државните органи, па нивниот различен третман во поглед на остварување на правото да продолжат со работа само поради нивниот професионален статус се појавува како дискриминаторски затоа што не може објективно и различно да се оправда. Подносителката на барањето се повикала и на праксата на Европскиот суд за човекови права кои што зборува во прилог на суштински, а не формалистички пристап при одлучување за вакви прашања.
Истовремено подносителката на барањето во жалбата го повикала Вишиот Управен суд да одговори на прашањето кој бил правниот основ нејзе да не и престане службата нотар,кога наполнила 62 години возраст, туку такво решение да се донесе кога наполнила 64 години живот.

Вишиот Управен суд со пресуда УЖ-3.бр.448/2015 од 29.10.2015 годија ја одбил жалбата како неоснована. Овој суд го повторува ставот на првостепениот Управен суд дека институтот нотар не може да се подведе под поимот работник, дека нотарот не склучува договор за вработување со министерот за правда, дека била именувана со решение на министерот, дека по исполнување на условите за престанок на службата нотар пропишани со Законот за нотаријат и дека врз нотарите не може да се применуваат одредби од Законот за работни односи. Искажувајќи го наведеното според подносителката, Вишиот Управен суд не одговорил на прашањето што било поставено во жалбата. Имено ако требало да се прифати одредбата од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој е правниот основ тие да не се прифатат кога на подносителката на барањето не и престанала службата кога наполнила 62 години живот и 15 години пензиски стаж и кој бил основот таа да продолжи со работа до 64 години. Судот го констатирал тоа прашање но не дал одговор на ниту еден друг жалбен навод и аргумент.

Подносителката на барањето смета дека со означените акти на министерот за правда и пресудите на управните судови со кои што решението на министерот станало правосилно и е повредено правото да продолжи со работа до 65 години возраст, односно уставното право на работа од член 32 од Уставот, врз основа на различен дискриминаторски третман по основ на нејзиниот професионален статус (социјална припадност) во однос на вработените во државни органи со кои е во битна слична ситуација спротивно на член 9 од Уставот, во врска со член 1 од Протоколот бр.12 кон Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Понатаму подносителката ги цитира одредбите од член 8 алинеја 1, член 9, член 32 од Уставот, како и член 110 алинеја 3 од Уставот според кој Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во понатамошниот текст од барањето се наведува дека оспореното решение на министерот за правда и пресудите на управните судови се засноваат на основниот став дека нотарот не може да се подведе под поимот работник, со оглед на тоа што условите за именување и престанок на службата се утврдени во Законот за нотаријат во врска со Законот за пензиско и инвалидско осигурување и дека затоа не е можно во случајот на подносителката да се примени членот 104 став 2 од Законот за работни односи за продолжување на правото на работа. Со други зборови оспорените поединечни акти сугерираат дека таков е „законот“! Меѓутоа, работата е што ниту е таков Законот, ниту Законот е извор на дискриминација, туку дека тоа е формалистичка и арбитрарна интерпретација на законите содржана во оспорените поединечни акти и целосно отсуство на суштински пристап кон оцена на правниот однос за кој што тие органи одлучувале и неговото значење за остварување на уставно право на подносителката на барањето од член 32 и член 9 од Уставот од причини што:

Законот за нотаријат не ги уредува целосно условите за престанок на службата поради исполнување на условите за старосна пензија, туку самиот упатува на комплементарна примена на одредби од други закони што несомнено го вклучува и Законот за работни односи, особено што член 14 став 1 точка б) од Законот за нотаријат и член 104 од Законот за работни односи утврдува суштински исти услови за престанување на службата односно работата поради исполнување на услови за пензија.

Понатаму, подносителот на барањето се повикува на Одлуката на Уставниот суд У.бр.161/2005 година со која Судот го поништил ставот 1 на член 104 од Законот за работните односи, како резултат на таа одлука сегашната формулација води кон тоа да се изедначат условите за престанок на вработувањето на маж и жена, односно да се изедначат условите за остварување на правото на работа.

Изедначувањето на условите за остварување на правото на работа не е направено со воведување на нов критериум, туку суштински е задржан критериумот врзан со исполнување на услови за остварување старосна пензија за маж со навршување 64 години возраст и 15 години работен стаж. Оттука, според подносителката нотарите се наоѓаат во суштински иста положба во однос на остварувањето на правото на работа како и вработените лица во поглед на првичниот услов од член 104 став 1 од Законот за работни односи за престанување на работа со 64 години возраст и 15 години пензиски стаж. Токму затоа и било можно подносителката валидно да продолжи да работи и по навршување на 62 години возраст се до наполнување на 64 години возраст, без оглед на тоа што управните судови одбиваат да дадат одговор на тоа кој бил правен основ да „не“ и престане службата кога наполнила 62 години возраст, туку такво решение да се донесе кога наполнила 64 години возраст.

Исто така во барањето се наведува дека иако и нотарите и вработените во смисла на Законот за работните односи се во иста положба во поглед на условите за престанок на работата, односно службата која е тогаш основата што може да оправда на едните да им се признае правото да го продолжат својот работен век, а на други не. Во конкретниов случај управните судови заземале позиција дека различниот третман на нотарите и вработените е последица на различниот статус утврден во закон. Притоа, Вишиот Управен суд наведува дека нотарите ја вршат службата за време за кое се именувани што е погрешно ако со тоа се имплицира мандат или само старосна граница за вршење на службата. Во случајот не постои временски мандат на нотар како критериум за престанок на службата, туку услов за старосна пензија, во согласност со закон.

Токму, ваквиот различен неповолен третман врз основа на професионалниот статус на подносителката на барањето (нотарот не е работник!) во однос на вработените во државни органи што настапуваат во име на државата на кои несомнено се применуваат членот 104 став 2 од Законот за работни односи, нема објективно и различно оправдување и затоа е дискриминаторски.

Во поднесокот на барањето, подносителката се повикува на пресуда на Европскиот суд за човекови права во случајот Vilho Eskelinen V. Finland, во која судот ја напуштил својата претходна пракса и отвара нов пристап заснован врз природата на споровите што настануваат помеѓу државните службеници „што настапуваат во име на државата“ од една и државата од друга страна, во врска со работата (плати, надоместоци итн.). Во тие прашања, државните службеници што настапуваат во име на државата и „обичните“ вработени во државна служба и во приватниот сектор не може да се третираат различно од гледиште на член 6 односно од аспект на правото на суд, со оглед на тоа што се работи за иста суштина на спорот.

Иако, според подносителката пресудата на Европскиот суд за човекови права се однесува на членот 6 од Конвенцијата, таа, со својата анализа на суштинските обележја на еден правен однос независно од работниот статус е инструктивна и во конкретниов случај грижливо треба да се оценува суштинската природа на правниот однос и потребата од еднаква заштита на правата на поединците.

Според подносителката членот 104 од Законот за работните односи е применлив како општ пропис еднакво и врз вработените во приватниот и во јавниот сектор, вклучително и врз вработените во државата што „настапуваат во име на државата“. Нотарите, пак, вршат јавни овластувања во служба на државата, настапуваат во име на државата, но не се вработени во државни органи во смисла на член 3 од Законот за работните односи. Меѓутоа, природата на службата на вработените во државните органи кои „настапуваат во име на државата“ и нотаријат во основа е исто, со тоа што нотарот ја врши како јавно овластување, самостојно и надвор од државен орган во приватен аранжман.

Според тоа со оспореното решение на министерот, на подносителката на барањето и е скратено правото од член 104 став 2 од Законот за работни односи да продолжи со вршење на службата до 65 години возраст и ако таа можност ја користат оние вработени во државните органи кои настапуваат во име на државата.

Од интерпретацијата на судовите дека „нотарот не е работник“, па затоа членот 104 не е применлив произлегува дека кога би постоела нотарска служба како државна институција за управните судови членот 104 став 2 од Законот за работни односи несомнено би бил применлив и врз нотарите и ако природата на нивната работа би останала иста. Според тоа, јасно е дека основаноста за различниот третман е само професионалниот статус, односно социјалната припадност на подносителката на барањето.

Ваквиот исход се разбира, се заснова врз формалистички и дискриминаторски основ што не може да најде поткрепа ни во член 32 и член 9 од Уставот на Република Македонија ни во европската правна традиција. Како што Европскиот суд за човекови права постојано повторува, за да се смета дека разликата во третманот кулминира со повреда на член 14 (односно член 1 од Протоколот бр.12) од Конвенцијата „мора да биде утврдено дека други лица што се наоѓаат во иста или слична ситуација имаат повластен третман и дека таа разлика е дискриминаторска. Разликата во третманот е дискриминаторска ако не постои објективно и разумно оправдување. Постоењето на вакво оправдување мора да биде утврдено во релација со принципите кои нормално преовладуваат во демократско општество“ (Weller V. Hungary на 44399/02 од 03.03.2009 година).

Со оглед на изнесеното, според подносителката не може да се види како формалистичкиот пристап на управните судови за апсолутно исклучување на примената на Законот за работни односи врз нотарите, со кој ја афирмираат законитоста на побиваното решение на министерот за правда може „објективно и разумно“ да го оправда различниот неповолен третман на подносителката на барањето во однос на остварувањето на правото да продолжат со вршење на службата до 65 годишна возраст, кога веќе било дозволено да ја врши службата до 64 годишна возраст и како решението на министерот и пресудите на управните судови би можеле да бидат во согласност со владеењето на правото во ваква околност. Освен тоа ваквото ограничување на правото на работа на подносителката е непринципиелно со оглед на тоа што и ја одрекува општата старосна граница на работоспособноста што ја утврдува членот 104 став 2 од Законот за работни односи само поради нејзиниот статус, а ваквото ограничување не служи на ништо што би можело да биде легитимна цел, туку само на ограничување на нејзиното уставно право на работа.

Со оглед на наведеното, подносителката на барањето смета дека оспореното решение на министерот и оспорените пресуди на управните судови го повредуваат нејзиното право на недискриминација при остварување на правото на работа од член 32 од Уставот и се спротивни на член 9 од Уставот, во врска со член 1 од Протоколот бр.12 кон Европската конвенција за заштита на човекови права и основни слободи.

Поради тоа, се предлага Уставниот суд да донесе одлука со која ќе утврди дека на Милена Карталова од Скопје и е повредено правото на недискриминација по основ на социјална припадност кон група со одреден професионален статус и да ги поништи актите со кои е сторена дискриминацијата.

Подносителката на иницијативата во март дополнително достави допис во прилог на аргументите изнесени во барањето за заштита на правото на недискриминација по основ на професионален статус (социјална припадност) на Милена Карталова. Во прилог на дописот достави копија од приказот на македонски јазик на Пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот Fabijan V. Hungary 78117/13 од 15.12.2015 година објавен во „Правник“ бр.285 од јануари 2016 година, при што наведува дека Судот би требало да забележи релевантноста на сфаќањето во таа пресуда за оценување на правната ситуација во конкретниов случај на подносителката на барањето.

4. Судот на седницата, а од увидот во документацијата доставена од министерот за правда и од управните судови утврди дека:

Врз основа на член 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011) и член 14 став 1 точка б) и став 2 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007, 86/2008, 139/2009 и 135/2011), министерот за правда на 29.07.2015 година донел Решение за престанување на службата нотар. На нотарот Милена Карталова од Скопје именувана на подрачјето на основните судови на Град Скопје и престанува службата нотар поради исполнување на условите за старосна пензија согласно со закон.

Решението влегува во сила на 15.08.2015 година.

Во образложението на решението е наведено дека со Решение бр.04-522/1 од 23.02.1998 година Милена Карталова од Скопје е именувана за нотар на подрачјето на основните судови на Град Скопје. Нотарот Милена Карталова од Скопје родена на 15.08.1951 година, ги исполнува условите за старосна пензија согласно член 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015 и 61/2015) од причина што на ден 15.08.2015 година наполнува 64 години живот и 15 години пензиски стаж.

Согласно наведеното, а врз основа на член 14 став 1 точка б) и став 2 од Законот за нотаријатот, министерот за правда одлучи како во диспозитивот на ова решение.

Против ова решение може да се поведе управен спор пред Управниот суд во рок од 30 дена од денот на приемот на решението.

Управниот суд одлучувајќи по тужбата на тужителот Милена Карталова од Скопје, изјавена преку полномошникот Игор Спировски, адвокат од Скопје против решението на министерот за правда на Република Македонија за престанување на службата нотар и барање судот да донесе решение за одлагање на извршувањето на оспореното решение на 03.09.2015 година донел: Пресуда со која тужбата на тужителот Милена Карталова од Скопје против решението на министерот за правда на Република Македонија бр.09-2457/1 од 29.07.2015 година се одбива како неоснована и Решението со кое барањето на тужителот Милена Карталова од Скопје, судот да донесе времена мерка со која ќе го одложи извршувањето на решението бр.09-1457/1 од 29.07.2015 година на министерот за правда, се до правосилно завршување на управниот спор се одбива како неосновано.

Во образложението на пресудата се наведува дека полномошникот на тужителот со тужбата ја оспорува законитоста на Решението бр.09-2457/1 од 01.10.2014 година поради исполнување на услови за старосна пензија за престанок на службата нотар поради неправилна примена на законот во постапката која му претходела на актот, поради тоа што фактичката состојба не била правилно утврдена. Со оспореното решение не бил правилно применет член 14 став 1 точка б) од Законот за нотаријатот, од причина што во истиот е наведено дека престанок на службата нотар треба да е во „согласност со закон“, со Законот за нотаријатот, туку и во согласност со друг или други закони и доколку се применува членот 18 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување на тужителот требало да и престане работниот однос со 62 години возраст, а не на 64 години, па со примена на Одлуката на Уставниот суд У.бр.161/2005 од 21.12.2005 година е извршено изедначување на условите за остварување на правото на работа помеѓу мажот и жената, па тоа значи дека во конкретниов случај е применет член 104 став 1 од Законот за работни односи и ако тоа изречно не е наведено, па поради тоа требало да се примени истиот член кога тужителката побарала да и продолжи вршењето на службата во согласност со тој член.

Со тужбата тужителката поднела и посебно барање за времена мерка со кое бара судот да го задолжи тужениот да го одложи извршувањето на решението бр.09-1457/1 од 29.07.2015 година се до правосилно завршување на управниот спор.

Тужениот орган на 02.10.2015 година до Управниот суд доставил одговор на тужбата и останал на своето решение и предлогот тужбеното барање да се одбие како неосновано. Тужениот орган кон одговорот приложил и мислење на Министерството за труд и социјална политика по нивно барање. Според Министерството за труд и социјална политика не постои можност да се примени одредба од член 5 од измените и дополнувањата на Законот за работните односи, од кои причини негативно е одговорено на тужителката на барањето и донесено е оспореното решение. Тужениот орган доставил и одговор на барањето на тужителот за донесување на времена мерка за одлагање на извршувањето на Решението бр.09-2457/1 од 29.07.2015 година на министерот за правда.

Управниот суд постапувајќи по тужбата, го испитал оспореното решение во границите на тужбеното барање па во смисла на член 37 од Законот за управни спорови, по оцена на тужбените наводи, одговорот на тужбата и списите на предметот оценил дека тужбата на тужителката е неоснована.

Воедно, од списите Управниот суд утврдил дека тужителката Милена Карталова како нотар за подрачјето на основните судови во Скопје, доставила писмен допис до Министерството за правда, во кое согласно член 104 од Законот за работните односи побарала да продолжи со работа до 65 годишна возраст. Министерството за правда постапило по барањето и изготвило одговор до нотарот Милена Карталова во вид на известување бр.09-2314/2 од 20.07.2015 година со содржина дека согласно Законот за нотаријат, службата нотар престанува со исполнување на условите за старосна пензија согласно закон, па со оглед дека на 15.08.2015 година подносителката полни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, министерот ќе донесе решение за престанок. Истовремено министерот за правда ја известил тужителката дека во конкретниов случај не може да се применат одредбите од член 104 став 2 од Законот за работните односи, затоа што во Законот за нотаријат се одредени условите под кои престанува службата нотар.

Министерот за правда донел Решение бр.09-2457/1 од 29.07.2015 година со кое на нотарот Милена Карталова и престанува службата нотар поради исполнување на условите за пензија и решението влегува во сила на 15.08.2015 година.

Управниот суд постапувајќи по тужбата на подносителот која повела управен спор, утврдил дека тужениот орган министерот за правда со оспореното решение не го повредил Законот на штета на тужителот поради следното:

Согласно член 2 став 1 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 150/2010) во управен спор се одлучува за законитоста на поединечните акти донесени во изборната постапка и на поединечните акти за избори, именувања и разрешувања на носители на јавни функции ако тоа е определено со закон, како и за актите за именување, назначување и разрешување на раководни државни службеници, ако поинаку не е определено со закон.

Согласно член 8 став 1 од наведениот закон, управен спор може да се води против управен акт, донесен во втор степен (конечен управен акт).

Согласно член 1 од Законот за работните односи со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Согласно член 104 став 1 и 2 од истиот закон, работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж. Работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договор најмногу до 67 години возраст (маж) односно до 65 годни возраст (жена) доколку со закон поинаку не е утврдено.

Согласно член 1 од Законот за нотаријат („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007, Одлука на Уставниот суд У.бр.134/2007, Одлука У.бр.125/2007, Одлука на Уставниот суд У.бр.17/2007, Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријат бр.86/2008, 139/2009 и 135/2011) нотаријатот е самостојна независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други заинтересирани институции. Нотарот ја врши својата служба како основно занимање за времето за кое е именуван (2).

Според член 14 став 1 од истиот закон за причини за престанување на службата на нотарот под точка б) од истиот став. Службата на нотар претставува: б) со исполнување на условите за старосна пензија, согласно со закон.

Согласно член 14 став 2 од истиот закон во случаите од ставот (1) на овој член престанокот на службата го утврдува министерот со решение.

Согласно член 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2014, 43/2014, 44/2014 и 97/2014) осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж) односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Судот при одлучувањето првенствено извршил толкување на општите одредби од Законот за управните спорови, Законот за работните односи и Законот за нотаријатот со цел да изврши правилна примена на одлуката.

Управниот суд нашол дека во општите правила на Законот за работните односи е наведено дека се уредуваат работните односи помеѓу работниците и работодавачите и истиот се применува и врз категорија други вработени согласно член 3, но само доколку со друг закон поинаку не е определено. Врз основа на наведеното, Управниот суд утврдил дека ниту во општа смисла на толкување на Законот за работните односи институцијата нотар не може да се подведе под поимот работник. Согласно Законот за нотаријатот, нотаријатот претставува самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државни органи, правните лица и други заинтересирани институции, па во таа смисла нотарот ја врши својата служба како основно занимање за вршење за кое е именуван. Со Законот за нотаријатот во глава II „Именување и разрешување на нотарите“ се уредува постапката за именување и разрешување на нотарите, нивниот делокруг на работа и овластувања, па во член 14 се наведени условите за престанок на службата нотар и тоа во став 1 под точка б) како основ за престанок на нотарската служба е исполнување на условите за старосна пензија согласно со закон.

Управниот суд имал предвид дека законодавецот во членот 14 став 1 точка б) од Законот за нотаријатот исполнувањето не го претставува преку броен израз, но неспорно е за случаи, дека условите за исполнување на институтот старосна пензија се предвидени во член 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

При одлучувањето, Судот ги имал предвид наводите на полномошникот на тужителката дадени во тужбата за селективна примена на член 104 од Законот за работните односи, но нашол дека истите се неосновани од причина што примената на истиот како sui generis и примена на Законот за нотаријатот како lex specialis престанокот на службата нотар е исполнување на услови за старосна пензија. Судот го ценел и тужбениот навод дека правото на старосна пензија е лично право, па оттаму неспорно било дека тужителката по слободна волја можела правото да го оствари и со полни 62 години старост, но со полни 64 години старост таа ги исполнила условите за старосна пензија и не може да ја остварува нотарската служба, а доколку има волја може да поднесе барање за стекнување на статус пензионер.

При вака утврдена фактичка и правна состојба на работите, Судот смета дека оспореното решение е законито.

Судот, барањето за донесување на времена мерка го оцени како неосновано имајќи ги предвид одредбите од член 14 ставовите 1 и 2 и член 15 став 1 од Законот за управните спорови.

Во смисла на цитираните одредби, одлуката на извршување на управниот акт против кој е поведен управен спор може да се донесе само на барање на тужителот, при што треба да бидат исполнети определени претпоставки, а тоа со управниот акт на странката – тужителот да му била утврдена наредбодавна обврска која во моментот на поведување на управниот спор не е извршена, да тужителот во рок го повел управниот спор против управниот акт што е во идентична врска со управниот акт кој е предмет на управниот спор, да постои уверување дека со извршувањето на управниот акт што се оспорува на тужителот ќе му се поднесе штета која тешко би се поправила, одложувањето на управниот акт не е спротивно на јавниот интерес ниту со одложување на извршувањето би му се нанела ненадоместлива штета на спротивната страна. Сите овие претпоставки мораат кумулативно да бидат исполнети за да може да биде усвоено барањето до завршување на спорот.

При одлучувањето, Судот ги ценел наводите на полномошникот на тужителот изнесени во барањето за штетните последици по однос на бројот на клиентите, поради објавување на решението во „Службен весник на Република Македонија“, десет дена порано, при што не нашол дека истите се нерелевантни поради фактот што оспореното решение е донесено на 29.07.2015 година, но е извршно со денот на влегување во сила на 15.08.2015 година. При одлучувањето, судот ја имал предвид веројатноста за настапување на штета на тужителката и веројатноста на настапување на штета на спротивната страна и заштита на јавниот интерес, па со оглед што не се исполнети сите кумулативни услови предвидени во Законот за управните спорови барањето на тужителката за донесување на времена мерка и одлагање на оспореното решение е неосновано.

При вака утврдена фактичка и правна состојба на работите, Судот оцени дека оспореното решение е законито и одлучи како во точката 1 од пресудата, а по однос на барањето за времена мерка нашол дека не се исполнети законските претпоставки од Законот за управни спорови и одлучи со решение како во точката 2 од изреката на предметот.

Вишиот управен суд,по предметот У.Ж-3.бр.448/2015 година, решавајќи по жалбите на тужителката нотар Милена Карталова од Скопје, изјавени преку полномошникот Игор Спировски адвокат од Скопје, против Пресудата и Решение на Управниот суд У-5 бр.108/2015 и У.бр.55 бр.1082/2015 за престанување на службата нотар на 20 октомври 2015 година донел Пресуда со која жалбата на тужителката нотар Милена Карталова од Скопје се одбива како неоснована Пресудата на Управниот суд У-5 бр.1081/2015 и У-5 бр.1082/2015 се потврдува.

Решение со кое жалбата на тужителот нотар Милена Карталова од Скопје се одбива како неоснована, Решение на Управниот суд У-5 бр.1081/2015 и У-5 бр.1082 од 30.09.2015 година се потврдува.

Во образложението на пресудата и решението Вишиот управен суд наведува дека против наведените пресуди и решение тужителката изјавила посебни жалби поради суштествена повреда на постапката, погрешна и нецелосна утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право и предлага жалбата на тужителката да се уважи, пресудата на Управниот суд да се преиначи на начин што оспореното решение ќе се поништи и ќе се утврди дека тужителката има право да ја врши службата до навршување на 65 години старост, или жалбата да се уважи, укине и предметот да се врати на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд. Истовремено предлага жалбата на тужителката против решението да се уважи, решението да се преиначи на начин што ќе се уважи барањето на тужителката за донесување на времена мерка или жалбата да се уважи, решението на судот да се укине и да се врати на повторно разгледување и одлучување пред првостепениот суд.

Вишиот управен суд по проучување на списите по предметот ценејќи ги наводите во жалбата, испитувајќи ја побиваната пресуда во смисла на член 354 став 1 од Законот за парнична постапка нашол дека жалбите се неосновани.

Во натамошното образложение Вишиот управен суд ги цитира одредбите од член 1, член 104 став 1 и 2 од Законот за работните односи, член 2 и член 14 ставовите 1 и 2 од Законот за нотаријатот како и член 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, фактичката состојба која била утврдена од страна и на Управниот суд, дејствијата што ги презема Министерството за правда, како и актите кои биле предмет на оценување на законитоста по повод жалбите на тужителката.

Вишиот управен суд имајќи го предвид наведеното нашол дека пресудата на Управниот суд и решението се правилни и законити.

Понатаму, Вишиот управен суд дава мислење на општите одредби од Законот за работни односи кој коментар е истоветен како и на Управниот суд.

Според Вишиот управен суд институцијата нотар не може да се подведе под поимот работник бидејќи нотарот претставува самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други институции од што произлегува дека врз нотарите не можат да се применуваат одредбите од Законот за работните односи кој се однесува на престанок на службата, туку треба да се прифатат одредбите од Законот за пензиско и инвалидско осигурување кои се однесуваат на правото на остварување на старосна пензија.

Од горенаведеното произлегува дека донесената пресуда на Управниот суд е законита.

Во однос на решението на Управниот суд со кое било одбиено барањето на тужителката за определување на времена мерка Вишиот управен суд нашол дека истото било законито. Ова од причина што во времето на одлучувањето судот ги ценел околностите изнесени од страна на тужителката поради кои барал да се одложи извршувањето на решението донесено од министерот за правда како и член 14 став 1 и 2 и член 15 од Законот за управните спорови, воедно, судот имал предвид дека барањето за определување на времена мерка е во функција на тужбата, па со оглед дека судот правилно ја одбил како неоснована, правилно донел и решение со кое го одбил барањето за определување на времена мерка.

Вишиот управен суд при одлучувањето ги ценел наводите изнесени во жалбата на тужителката дека во ниту еден закон не постои ограничување кое се однесува на продолжување на работата на нотарите, дека погрешно се толкува член 18 од ЗПИО, дека не било јасно зошто е дозволено нотарот да ја извршува службата до 64 годишна возраст, дека не се води сметка за уставното право на работа на тужителката, дека нотарите кои вршат јавни овластувања во службата на државата и настапуваат во име на државата се дискриминирани во однос на вработените во државните органи, дека погрешно се применува член 104 од Законот за работни односи. Судот сметал дека ваквите наводи не се основа за донесување на поинаква одлука од страна на судот.

Имено, Вишиот управен суд смета дека Министерот за правда не е работодавач на нотарите и не склучува договор за вработување со нотарите, Министерот за правда ги именува нотарите за определено подрачје доколку ги исполнуваат условите од Законот за нотаријат, а на истите им престанува нотарската служба, ако се исполнети условите за престанок на служба, како што е во конкретниов случај поради исполнување на услови за старосна пензија. Во однос на останатите жалбени наводи овој суд нашол дека од страна на судот и тужениот орган правилно е применето материјалното право, односно Законот за нотаријатот како lex specialis каде е определено дека причина за престанување на службата нотар е исполнување на услови за старосна пензија кои се предвидени во Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Судот имајќи го предвид наведеното, согласно член 357 од Законот за парнична постапка, а во врска со член 7-а од Законот за управните спорови одлучил како во изреката на пресудата.

5. Со член 1 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007, 86/2008, 139/2009 и 135/2011) се уредува постапката за именување и разрешување на нотарите, нивниот делокруг на работа и овластувања, составување на нотарски исправи и постапувањето со нив по упразнување на нотарското место, организацијата на нотаријатот и неговите органи, нотарите како повереници на судовите и другите органи, надзорот врз работењето на нотарите и дисциплинската одговорност.

Според член 2 од овој закон нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други заинтересирани институции. Нотарот ја врши својата служба како основно занимање за времето за кое е именуван.

Според член 3 од Законот, нотарот нотарските работи ги врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на Уставот, закон, ратификувани меѓународни договори и други прописи и општи акти засновани врз закон.

Според член 5 од Законот, нотарските работи се вршат со примена на начелата на гарантирање на законито вршење на работите, одговорност за причинета штета во вршењето на нотарските работи, диспозиција и неспорност на правниот однос, надзор над законитоста во вршење на нотарски работи и надоместок за извршена работа.

Причини за престанување на службата на нотарот член 14 (1) Службата на нотарот престанува: а) со смрт; б) со исполнување на условите за старосна пензија, согласно со закон; в) по негово барање; г) ако е осуден со правосилна судска одлука за кривично дело од користољубие, за кое се гони по службена должност, или ако е осуден на безусловна казна затвор над шест месеца, или ако му е изречена забрана за вршење на службата; д) ако без оправдани причини не започне со работа во рок од три месеца од денот на објавувањето на неговото именување во “Службен весник на Република Македонија” и ѓ) со разрешување. (2) Во случаите од ставот (1) на овој член престанокот на службата го утврдува министерот со решение. Барање за престанок на вршење на службата член 15 (1) Нотарот може во секое време да побара да му престане службата.

Условите за стекнување на старосна пензија се уредени со членот 18 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 173/2015 и 217/2015), според кој осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Исполнувањето на условите за старосна пензија се утврдуваат со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, од каде произлегува дека наведената законска одредба според која нотарската функција престанува ако нотарот ги исполни условите за старосна пензија, упатува за ова прашање да се примени Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според кој, пак, условите за стекнување старосна пензија се различни за мажите и жените. Меѓутоа, и покрај фактот што од наведената одредба, произлегува, дека на нотарот жена ќе и престане функцијата со навршени 62 години живот, а на нотарот маж ќе му престане функцијата со навршени 64 години живот во конкретниов случај со оспореното решение министерот за правда,почитувајќи го начелото на еднаквост, на подносителката на барањето и овозможил да ја врши нотарската служба до навршување на 64 годишна возраст.

Имајќи го предвид наведеното, неспорно е дека остварувањето на правото на старосна пензија е уредено со Законот за пензиското и инвалидското осигурување кое право е резултат на остврување на правото на работа како основно егзистенцијално право, утврдено со Уставот.

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, како и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор (став 5).

Во член 51 од Уставот, е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 104 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015 и 33/2015) на кој се повикува подносителот на барањето е предвидено дека:

(1) Работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж.
(2) Работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено.

(3) Писмената изјава од ставот (2) на овој член, работникот ја дава најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување од ставот (1) на овој член, а за секое натамошно продолжување на договорот за вработување од ставот (2) на овој член изјавата ја дава еднаш годишно а најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување за наредната година.
(4) Работодавачот е должен по дадената изјава од ставот (2) на овој член да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена).

Од наведената одредба од Законот за работните односи произлегува дека со неа се уредува прашањето на престанок на работниот договорен однос меѓу работодавачот и работникот во стопанството односно во приватниот сектор и остварување на правото на пензија, а додека во областа на јавниот сектор прашањето на престанок на работниот однос и остварувањето на правото на пензија е утврдено во посебни закони во зависност од тоа за каква именувана служба се работи (нотари, извршители), за која изборна функција се работи или за која област од јавен интерес се работи.

Имено, престанокот на работниот однос и остварувањето на правото на пензија во наведените области е уредено на следниот начин:

Престанок на работниот однос по сила на закон

Во Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“) бр.52/2010) е предвидено дека:

Член 67 став 1 алинеја 6 на јавниот службеник работниот однос му престанува со навршување на 64 години старост.

Со Законот за изменување и дополнување („Службен весник на Република Македонија“) бр.132/2014 член 67 алинеја 6 се менува и гласи: на јавниот службеник работниот однос му престанува со 62, 63, 64 или 65 ( жени) односно 64, 65, 66 или 67 години старост (мажи).

Во Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“) бр.27/2014 е предвидено дека:

Член 98 став 1 точка 3 на административниот службеник по сила на закон му престанува работниот однос со навршување на 64 години старост.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за административните службеници член 98 став 5 алинеја 6 на административниот службеник му престанува работниот однос по сила со навршување на 62, 63, 64 или 65 (жени), односно 64, 65, 66 или 67
(мажи).

Во Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008 и 150/2010).

Согласно член 73 став 1 алинеја 3 на судијата му престанува работниот однос кога ќе ги исполни условите за старосна пензија, односно со навршување на 64 години старост.)

Во Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007) во член 66 став (1) точка 3 на јавниот обвинител функцијата му престанува:
– ако ги исполни условите за старосна пензија (64 години старост)

Во случаите од ставот (1) на овој член престанокот на функцијата јавен обвинител го утврдува Советот на јавни обвинители на Република Македонија.

Во Законот јавното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“) бр.87/2007 и 104/2015 во членот 23 став 1 точка 3 е предвидено дека на јавниот правобранител му престанува функцијата поради исполнување на услови за стекнување на правото на старосна пензија.

Во Законот за судскиот совет („Службен весник на Република Македонија“) бр.60/2006, 150/2010, 100/2011, 20/2015 и 61/2015) во членот 30 став 1 точка 3 е предвидено дека на член на судскиот совет по сила на закон му престанува работниот однос со исполнување на услови за старосна пензија согласно со закон.

Во Законот за судска служба („Службен весник на Република Македонија“) бр. 43/2014 и 98/2015 во членот 107 став 1 точка 3 и член 110 став 1 точка 6 е предвидено дека на судскиот службеник по сила на закон му престанува работниот однос со наполнување на 64 години возраст.

Од анализата на наведените закони произлегува дека законодавецот прашањето на престанок на работниот однос и остварувањето на правото на старосна пензија на вработените во стопанството го уредил со Законот за работните односи и Законот за пензиското и инвалидското осигурување и тие според наше мислење за разлика од подносителот на барањето се однесуваат на оваа категорија на вработени, а за вработените во државниот сектор односно јавниот сектор наведеното прашање го уредил со посебните закони, при што во некои од нив се повикува дека на вработениот му престанува работниот однос со исполнување на услови за старосна пензија.

Ваквата законска регулатива ни дава за право спротивно на подносителот на барањето да тврдиме дека членот 104 од Законот за работните односи не може да се применува за сите вработени во сите области на општествениот живот од причини што од неговата содржина јасно произлегува дека тој има супсидијарна примена во случаи кога со друг закон истата проблематика е уредена поинаку, како што е во случајов со Законот за нотаријат, на наводите на кои пак се повикува на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Тргнувајќи од наведеното тврдење во барањето, според кое оспореното решение, а, следователно на тоа и пресудите на управните судови треба да се засноваат на ставот дека лицата што работат во јавниот и во приватниот сектор треба да бидат во еднаква положба кога се работи за остварување на одредени права, па и на правото на остварување на старосна пензија во поглед на годините на старост според мислењето на Судот е погрешен став.

Во поткрепа на тврдењето дека лицата што работат во јавниот и во приватниот сектор треба да бидат во еднаква правна положба, и да го остварат правото на старосна пензија со достигнување на ист број на години на старост, подносителот на барањето се повикува на пресуда на Европскиот суд за човекови права во случајот Vilho Eskelinen v. Finland, бр.63235/00 од 19.04.2007 година, во која судот ја напуштил претходната пракса во која ја исклучувал примената на членот 6 од Конвенцијата за државните службеници кои вршат јавни овластувања поради „јавниот“, а не „граѓанскиот“ карактер на тие овластувања и отворил нов пристап заснован врз природата на споровите што настануваат помеѓу државните службеници што настапуваат во име на државата од една страна и државата од друга страна во врска со работата (плати, надоместоци). Во тие прашања вработените во државната служба и приватниот сектор не може да се третираат различно од гледиште на членот 6 од аспект на правото на суд, со оглед на тоа што се работи за иста суштина на спорот.

Понатаму, подносителот на барањето, наведува дека и ако пресудата се однесува на членот 6 од Конвенцијата, таа по својата анализа на суштинските обележја на еден правен однос независно од работниот статус е инструктивна и во конкретниов случај потребно е грижливо да се оцени суштинската природа на правниот однос и потребата од еднаква заштита на правата на поединците.

На 01 март 2016 година, подносителот на барањето со писмен допис, а во прилог на аргументацијата за заштита на правото на недискриминација достави копија од приказот на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот Fabijan v.Hungaru, 78117/13 од 15.12. 2015 година, објавен во „Правник“ бр.285 од јануари 2016 година.

Судот повикувајќи се на член 14 и член 1 од Протоколот кон Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи утврдил дека „Забраната за исплата на старосната пензија само на пензионерите што одново се вработиле во јавниот сектор, а не и на пензионерите што се вработиле во приватниот сектор претставува различен третман до ниво на дискриминација по основ на „друг статус“ што не може објективно и разумно да се оправда кога целта на тоа ограничување било да се намали јавната потрошувачка.

Дискриминација постои и кога оваа забрана се однесува само на некои,а не и на сите категории јавни службеници.

При проучување на прашањето дали во конкретниов случај може да стане збор за дискриминација по основ на социјален (професионален) статус, покрај, наведените уставни одредби, анализата на законското уредување на прашањето на пресанок на работниот однос поради исполнување на услови за старосна пензија беше земена во предвид и Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.

Според членот 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, уживањето на правата и слободите признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло на раѓање или кој и да е друг статус. Законот за ратификација на означената конвенција е објавен во (“Службен весник на Република Македонија” бр.11/1997.)

Во членот 1 од Протоколот број 12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи е предвидено дека: „Уживањето на секое право предвидено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз било која основа како пол, раса,боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со националното малцинство, имотот, раѓање или друг статус“.

„Никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по било која основа наведена во став 1“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.30/2004).

Тргнувајќи од сето досега изнесено, а притоа не занемарувајќи ги пресудите на Европскиот суд за човекови права кои според нас не може да бидат аргумент дека во конкретниов случај постои повреда односно, дискриминација по основ на социјален (професионален) статус, од причини што според ставот на подносителот вработените во јавниот и приватниот сектор имаат еднаква положба, не произлегува од Уставот ни во генерална смисла, ни во смисла на остварување на правото на старосна пензија. Она што го бара Уставот во член 32 е правата на вработените и нивната положба да бидат уредени со закон и со колективни договори. Меѓутоа таа одредба не е основ да се тврди дека лицата кои вршат јавна служба пренесена од државата или во име на државата и вработените во стопанството имаат или треба да имаат иста, односно еднаква положба.

Еднаквоста, сепак, подразбира дека со еднаквите се постапува еднакво, а со нееднаквите нееднакво.

Според правната наука, јавните овластувања се функции на државата чие вршење се доверува на установи, организации и заедници и најчесто се однесува на одделни односи од пошироко значење (решавање во поединечни управни работи, водење на евиденција, издавање на јавни исправи и слично). Правото на овие субјекти да вршат јавни овластувања се пренесува со закон. По пренесувањето на јавното овластување, државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кои им е доверено тоа овластување.

Имајќи го предвид наведеното, пренесувањето на јавните овластувања во делот на вршењето на нотарските работи од судовите, неминовно подразбира државата со закон јасно и прецизно да ги утврди условите под кои нотарите ќе ги вршат овие овластувања, како и нивните права, обврски и одговорности, вклучувајќи ја постапката за нивно именување и условите потребни за вршење и престанок на оваа функција.

Притоа, треба да се има предвид дека аргументот за различниот социјален (професионален статус) на подносителот на барањето, сам по себе, не доведува до дискриминација по автоматизам, а изразот дискриминација подразбира секое разликување, исклучување или предност заснована врз раса, боја на кожа, пол, вероисповед, политичко мислење, национално или социјално потекло, кои доведуваат до уништување или намалување во поглед на можностите или третманот на граѓаните во определена работа во определена област, пред надлежни органи и други организации, институции или слично.

Самиот статус на граѓаните по некои од наведените основи, сам по себе не имплицира дискриминација, туку нееднаквиот и различен третман и постапување во еднакви случаеви, што во секој случај треба да се докаже.

Според мислењето на Судот, во конкретниов случај не може да стане збор за дискриминација по основ на социјален професионален статус од причина што прашењето на престанок на работниот однос поради исполнување на услови за пензија е уредено со закон, што престанокот на работниот однос на подносителката на барањето не било единствено само за неа во вакви случаи туку се однесувало и за сите останати именувани нотари кои ги исполниле законските услови како што е наведено и во одговорот на доносителот на решението. Исто така, и праксата покажала и покажува дека на сите именувани нотари со исполнување на условите за старосна пензија од 14.08.2014 година им престанала нотарската служба.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека со оспореното решение на министерот за правда и со пресудите на управните судови не е направена дискриминација по основ на социјален (професионален) статус на подносителката на барањето.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.125/2015
25 мај 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева