Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 11 мај 2016 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 35 став 7 од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007, 150/2007, 140/2008, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015 и 192/2015).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесени иницијативи од Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје и Зоран Стојановски адвокат од Тетово, со решение У.бр.67/2015 од 09 март 2016 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 35 став 7 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот став 7 од членот 35 од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица е предвидено дека:
Извршената услуга за упис на основање на трговец поединец и трговско друштво преку Системот за е-регистрација, регистрациониот агент ја врши без надоместок и награда.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Според став 3 на овој член, секој вработен има право на соодветна заработувачка. Согласно ставот 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.
Од содржината на член 53 од Уставот произлегува дека адвокатурата е јавна служба што обезбедува правна помош, при што таа јавна служба е самостојна и независна и врши јавни овластувања кои и се доверени со закон.
Со член 2 од Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008 и 135/2011 и 113/2012), адвокатурата е дефинирана како самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош (став 1). Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони (став 2).
Во членот 3 од Законот е определено дека правната помош се состои во давање на правни совети, застапување во водење преговори и вршење услуги од областа на деловен протокол, составување на исправи за правни дела, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи и други правни лица, одбрана на осомничени и обвинети лица и вршење на други работи на правна помош.
Во ставот 2 од членот 4 од Законот за адвокатурата е предвидено дека, во вршењето јавни овластувања адвокатот остварува службени контакти и соработка со судовите, органите за внатрешни работи, други државни органи и организации или други институции кои вршат јавни овластувања и правни лица во текот на целото работно време.
Според член 5 од Законот, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.
Според член 19 од Законот, адвокатот има право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
Од анализата на цитираните законски одредби произлегува дека адвокатот во обезбедувањето на правна помош може да преземе голем број на разновидни дејствија за кои има право на награда и надомест на трошоците за извршената работа во висина определена со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.
Според член 1 од Законот за едношалтерски систем за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2005, 13/2007, 150/2007, 140/2008, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015 и 192/2015), со овој закон се уредува/уредуваат едношалтерскиот систем, водењето на трговскиот регистар и на регистарот на други правни лица, регистарот на физички и правни лица на кои им е изречена санкција забрана за вршење професија, дејност или должност и привремена забрана за вршење одделна дејност, регистар на казни за сторените кривични дела на правни лица од страна на Централниот регистар на Република Македонија во писмена и електронска форма како и преземањето на водењето на трговскиот регистар, судскиот регистар, регистарот на водните заедници, регистарот на водостопанствата, регистарот на здруженија и фондации и регистарот на комори од надлежните судови од страна на Централниот регистар.
Во членот 34-а од Законот поместен во насловот „Критериуми за добивање на овластување регистрационен агент“ предвидено е дека:
1. За добивање на овластување за регистрационен агент, лицето треба да ги исполни следниве критериуми:
1) да е регистрирано како трговец поединец, или трговско друштво за вршење на сметководствена дејност, или да е запишан во Именикот на адвокати, или Именикот на адвокатски друштва;
2) да има вработено лицe со уверение за сметководител/овластен сметководител согласно со Законот за вршење на сметководствени работи, или да e вршител на адвокатска дејност согласно со Законот за адвокатурата;
3) да исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема соодветни за остварување на овластувањето, да има потпишано договор за користење на Системот за е- регистрација со Централниот регистар на Република Македонија и да поседува личен квалификуван дигитален сертификат, согласно со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и
4) да има потпишано изјава за заштита на личните податоци пред почетокот на работата и дека ке ги почитува правилата за поднесување пријава за упис определени со закон.
2. Централниот регистар на Република Македонија ги пропишува формата и содржината на образецот на овластувањето од овој закон.“
Во членот 34-б поместен во насловот„Трошоци за добивање на овластувањето “ е предвидено дека:
(1) Трошоците за добивање на овластувањето ги сноси барателот.
(2) Трошоците од ставот (1) на овој член ги определува Централниот регистар.
Во членот 34-в во поднасловот „Постапка за добивање на овластувањето“од Законот е предвидено дека :
(1) За добивање на овластувањето лицето поднесува барање до Централниот регистар.
(2) Со барањето од ставот (1) на овој член се приложува:
1. доказ за вработено лица со уверение за сметководител/овластен сметководител, кога се работи за трговец поединец или трговско друштво за вршење сметководствени работи.
2. изјава дека исполнува одредени техничко-технолошки услови и опрема, соодветни за остварување на овластувањето и личен квалификуван дигитален сертификат, согласно со Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис и
3. изјава за заштита на личните податоци потпишана од барателот на овластувањето и дека ќе ги почитува правилата за поднесување пријава за упис определени со закон.
(3) Барањето од ставот (2) на овој член се поднесува на два идентични обрасци со еден прилог на докази.
(4) Централниот регистар ги пропишува формата и содржината на барањето од ставот (1) на овој член.
(5) Доколку се исполнети критериумите утврдени со овој закон Централниот регистар со лицето од ставот 1 на овој член потпишува договор за користење на Системот за е- регистрација и во рок од 15 дена, од денот на поднесувањето на барањето од ставот 1 на овој член донесува решение за овластување регистрационен агент.
(6) Решението од ставот (4) на овој член се издава со трајна важност.
(7) Oвластувањето не може да се пренесува.
Од анализата на цитираните одредбите од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица недвосмислено произлегува дека регистрациониот агент за да може да ја врши оваа услуга потребно е да поседува,односно да исполнува определени услови утврдени со закон, да поднесе барање до Централниот регистар кој донесува посебно решение со трајна важност, кое не може да се пренесува, при што направените трошоци за добивање на решение за овластување регистрационен агент ги сноси подносителот на барањето.
При проучување на прашањето за тоа кој може да биде регистрационен агент и дали за вршење на со закон утврдената надлежност, односно извршената услуга за упис преку системот за е-регистација во Централниот регистар треба да прими надоместок или не како што е предвидено во оспорениот член 35 став 7 од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица се наметна потребата да се изврши увид и во Законот за трговските друштва.
Во членот 87 во насловот „Постапка за упис“ од Законот за трговските друштва е предвидено дека постапката за упис во трговскиот регистар се води според посебна управна постапка утврдена со прописите за едношалтерскиот систем.
Имено, во членот 92 од наведениот закон е предвидено дека:
(1) Постапката за упис во трговскиот регистар се поведува со поднесување на пријава на пропишан образец во која е содржано барањето за упис. Пријавата се поднесува од овластен подносител во писмена форма или во електронска форма, освен за упис на основање на ДОО и ДООЕЛ за кои пријавата се поднесува исклучиво во електронска форма, потпишана со електронски потпис согласно со Системот за е-регистрација и поднесена согласно со Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица.
(2) Пријава за упис на трговско друштво поднесува органот на управување, односно овластен член на органот на управување, освен ако со овој закон поинаку не е определено.
(3) Пријавата од ставот (2) на овој член, може да ја поднесе и полномошник со полномошно дадено од овластениот подносител, во писмена форма заверена кај нотар или дадено во електронска форма потпишано со електронски потпис согласно со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис .
(4) За вистинитоста и за законитоста на податоците одговара овластениот подносител од ставот (1) на овој член, односно лицата определени со овој закон.
Од наведените одредби произлегува дека постапката за упис во трговскиот регистар на трговското друштво се води според прописите за едношалтерскиот систем, а пријавата се поднесува од овластен подносител при што покрај фактот што како овластен подносител може да се јави законскиот застапник на трговското друштво, ополномоштено лице од него како и регистрациониот агент согласно Законот за едношалтерскиот систем ……
Притоа, според мислењето на Судот, доколку како поднесувач на пријавата за упис во Централниот регистар во системот на е-регистрација се јавува законскиот застапник на правното лице кој е во работен однос, не е логично да се очекува да се предвиди надоместок за направената услуга. Меѓутоа, ако како подносител на пријавата за регистрирање во Централниот регистар во системот на е-регистрација се ангажира регистрационен агент кој за вршење на услугата има посебно решение за овластување регистрационен агент за кое имал и посебни трошоци, Судот смета дека тој треба да добие соодветен надоместок.
Во поткрепа на наведеното стојалиште дека секое лице за својата работа има право на соодветна заработувачка зборуваат и меѓународните документи.
Така, според член 6 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, кон кој нашата држава има пристапено согласно Одлуката за пристапување на Република Македонија кон меѓународно правните документи за основните човекови права и слободи, (“Службен весник на Република Македонија” бр.57/1993), државите – страни на овој пакт го признаваат правото на работа кое го опфаќа правото што го има секое лице и можноста за заработувачка преку слободно избрана или прифатена работа и презема мерки за зачувување на ова право, а според членот 7 од овој меѓународен пакт, државите – страни го признаваат правото што го има секое лице да се користи со правичните и поволните услови за работа што особено обезбедуваат награда што им обезбедува минимум на сите работници, праведна заработувачка и еднаква награда за работа од иста вредност, како, и пристоен живот за нив и за нивното семејство, согласно со одредбите на овој пакт.
Во членот 4 од Европската социјална повелба (“Службен весник на Република Македонија” бр.89/2004) е предвидено дека со цел да обезбедат вистинска примена на правото на правична заработувачка, страните договорнички се обврзуваат, покрај другото, да им го признаат правото на работниците на заработувачка доволна за да им обезбеди, нив како и на нивните семејства, пристоен животен стандард.
Од наведените уставни одредби поместени во делот на основни економски, социјални и културни права, како и од одредбите на наведените меѓународни акти произлегува дека правото на заработувачка, односно плата е есенцијално право на работникот, а кое право нему и на неговото семејство, му овозможува пристоен животен стандард.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во конкретниов случај со исклучувањето од правото на надоместок и награда на регистрациониот агент за извршената работа, законодавецот ги надминал уставните овластувања, односно ги довел во прашање наведените уставни одредби и одредбите од меѓународните акти со кои се гарантира правото на соодветна заработувачка. Ова особено ако се има предвид дека давањето на конкретните услуги спаѓа во корпусот на услуги што вообичаено ги пружаат адвокатите и трговските друштва за што остваруваа соодветна награда. Притоа, законодавецот не пропишал дека наместо странката во чие име се дава услугата, државата ќе му исплати награда на адвокатот, односно регистрациониот агент за стручната услуга што од него се бара да ја пружи, имајќи предвид колку се строги условите за тоа кој може да биде регистрационен агент.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека членот 35 став 7 од Законот не е во согласност со одредбите на Уставот на кој се повикуваат подносителите на иницијативите.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.67/2015
11 мај 2016 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева