У.бр.122/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 30 март 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 46 став 2 алинеја 3 и член 82 – б точките 3 и 9 од Законот за надворешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 46/2006, 107/2008, 26/2013, 39/2014, 61/2015, 103/2015 и 226/2015).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на иницијативата во однос на член 46 ставови 2 и 3 од Законот, на сторителот на кривичното дело можело да му се изрече казна што за тоа дело била утврдена со закон или со друг пропис и дека казната можело да се изрече само со судска одлука, што всушност значело дека други и идни последици од осудата за стореното дело, Уставот согласно член 14 став 2, не допуштал. Оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, членовите 13, 14, 51 и 54 на Уставот .

Во однос на оспорениот член 82-б точка 3 од овој закон, според кој на дипломат му престанува вработувањето по сила на закон ако биде осуден за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за дипломат – со денот на врачувањето на правосилната пресуда, во иницијативата е наведено дека оваа одредба била слична со член 36 став 1 алинеја 6 од Законот за надворешни работи која одредба била укината со Одлука У.бр. 80/2006 од 7 ноември 2007 година. Оттука, во иницијативата е наведено дека постојат истите причини за укинување на оспорената законска одредба, особено затоа што не биле конкретно наведени кривичните дела, ниту била изречена казна за нив, а тоа го правело лицето недостоен за дипломат. Оспорената законска одредба не била во согласност со одредбите од членовите 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4, членовите 9 став 2, 13 став 1, 23, 25, 51, 54 став 1 и 112 став 3 од Уставот.

Според наводите во иницијативата оспорениот член 82-б точка 9 од овој закон, според кој на дипломат му престанува вработувањето по сила на закон ако наврши 64 години старост не бил во согласност со членот 104 став 2 од Законот за работните односи каде било предвидено дека работникот со писмена изјава до работодавачот можел да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години стаж за маж, односно до 65 години возраст за жена. Оспорената законска одредба била во спротивност со основните слободи и права на човекот и граѓаните признати со меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото од членовите 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

Со иницијативата се предлага укинување и поништување на оспорените одредби и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија кои што можат да се преземат врз основа на оспорените одредби од Законот.

3. Судот на седница утврди дека согласно член 46 став 1 од Законот за надворешни работи, лицето именувано за амбасадор стекнува дипломатско звање амбасадор. Еднаш стекнатото дипломатско звање амбасадор не се губи со престанокот на неговиот мандат, независно од неговиот иден работен ангажман. Звањето амбасадор може да биде одземено со указ на претседателот во следниве случаи: ако амбасадорот самиот тоа го побара; ако претседателот, претседателот на Владата и министерот се согласат дека со своето дејствување им причинува штета на интересите на државата; ако е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку две години и по правосилна пресуда на меѓународните судови основани со меѓународен договор на кои Република Македонија е членка. (став 2) Указот од ставот 2 на овој член се објавува во „Службен весник на Република Македонија”.(став 3)

Според член 82-б од овој закон, на дипломат му престанува вработувањето по сила на закон: ако со конечен акт на надлежен орган биде одбиено барањето за издавање на соодветен безбедносен сертификат, со конечноста на актот; ако ја загуби работната способност – со денот на доставувањето на правосилно решение за утврдување на изгубената работна способност; ако биде осуден за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за дипломат; со денот на врачувањето на правосилната пресуда; поради издржување казна затвор подолго од шест месеци – со денот на стапувањето на издржување на казната; неоправдано отсуствува од работа најмалку
три дена последователно во еден месец; ако му престане државјанство на Република Македонија, со денот на доставувањето на решението за отпуст од државјанство на Република Македонија; се утврди дека при вработувањето премолчил или дал невистинити податоци во однос на општите и посебните услови за вработување; органот на државната управа надлежен за инспекција на трудот во рок од една година утврди дека дипломатот е вработен спротивно на одредбите од овој закон и ако наврши 64 години старост.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ја оценува согласноста на законите со Уставот, а од изнесените одредби од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, Судот веќе одлучувал за согласноста на член 46 став 2 алинеја 3 и 82-б точка 3 од Законот за надворешни рабити, при што со Решение У.бр.33/2007 од 30 мај 2007 година и со решение У.бр.46/2013 од 12 февруари 2014 година одлучил да не поведе постапка за оценување на нивната согласност со Уставот, а со конкретната иницијатива нема основи за поинакво одлучување, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата во тој дел.

Во однос, пак, на член 82-б точка 9 од Законот, имајќи предвид дека таа одредба престанала да важи, односно истата е избришана со член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи (“Службен весник на Република Македонија” број 226/2015), произлегува дека има процесни пречки за одлучување по тој дел од иницијативата, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање и на тој дел од иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.122/2015
30.03.2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева