Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 09 март 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 33 ставовите 2 и 3 и член 101 ставовите 3 и 4 од Законот за договорите за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2013 и 156/2015).
2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорените законски одредби немале основ во Уставот на Република Македонија, бидејќи пропишаните солидарни обврски и солидарна одговорност, не можеле да постојат во правниот поредок на Република Македонија, ако се почитуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во член 8 став 1 алинеја 1, 3, 6 и 7, членот 30, членот 51 и членот 55 од Уставот.
Поставеноста на одредбите од членот 33 став 1 и членот 101 став 1 и 2 од оспорениот закон, кои претходеле на оспорените членови, не дозволувала основи за постоење на солидарна обврска, односно солидарна одговорност, од причина со нив можело да се утврди поединечна одговорност за неисплата на договорената превознина на стока. Подносителот на иницијативата упатува на член 195 став 1 од Законот за облигационите односи во кој се предвидува дека за штетата што ја причинувале повеќе лица заедно, сите учесници одговараат солидарно, а согласно ставот 3 на овој член, солидарно одговараат за причинетата штета и лицата кои ја причиниле работејќи независно едно од друго, ако не можат да се утврдат нивните удели во причинетата штета. Меѓутоа, според иницијативата, од содржината на оспорените одредби не произлегувала никаква штета, туку само што договорот не бил извршен во определениот рок во членот 104 ставовите 5 и 6 од Законот, поради што не можело да постои солидарна одговорност.
Подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски одредби се негирале веќе склучените договори за превоз на стока во патниот сообраќај, поради што истите не биле соодветни на целите и причините поради кои биле предвидени и не претставувале пропорционална мерка со целите за кои биле утврдени и истовремено претставувале прекумерно ограничување на правото и слободите на граѓанинот и правните лица, како и загрозување на нивните имотни права и правната сигурност, како елемент на владеењето на правото.
Оспорените законски одредби биле нејасни и непрецизни и како такви, во практиката, неизвршливи, бидејќи не биле конкретно наведени учесниците во процесот на превоз на стока.
Од наведените причини на Уставниот суд му се предлага да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените членови од Законот, и истовремено во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд да изрече и времена мерка.
3. Судот на седницата утврди дека според член 33 од Законот ,со договор за превоз на стока превозникот се обврзува да прими и да ја превезе стоката до местото на истовар и во тоа место да ја предаде на примачот или друго овластено лице што ќе го одреди примачот, а испраќачот и/или организаторот на превоз се обврзува на превозникот да му ја исплати договорената превознина.
Обврската за исплата на договорената превознина преминува како обврска на примачот на стоката во случај испраќачот и/или организаторот на превоз на стоката да не ја исплати договорената превознина во рокот од членот 104 ставовите 5 и 6 од овој закон.
Обврската за исплата на договорената превознина од налогодавачот преминува како солидарна обврска на другите учесници и во процесот на превоз на стока во случај на неисполнување на договорните обврски согласно со членот 104 ставовите 5 и 6 од овој закон.
Во член 101 од Законот се предвидува дека височината на превознината се одредува со договор за превоз.
Испраќачот и/или примачот и/или организаторот на превоз е должен да му ги исплати на превозникот надоместокот за превоз и други непредвидени трошоци кои се направени во текот на вршењето на превозот.
Во случај на неисполнување на обврските од ставот 2 на овој член од страна на субјектите одредени за исплата на надоместоците за извршен превоз на стока, солидарно обврската за исплата на надоместок за превоз се пренесува на испраќачот и/или примачот и/или организаторот на превоз.
За ништовни се сметаат сите одредби во договорот за превоз кои го лимитираат правото на солидарна одговорност од ставот 3 на овој член.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.
Согласно член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Во членот 51 од Уставот, се предвидува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Законот за договорите за превоз во патниот сообраќај ги регулира односите кои произлегуваат од договорите за превоз на патници и стока во внатрешниот и во меѓународен патен сообраќај, ако со меѓународен договор поинаку не е уредено (член 1).
Во членот 3 од Законот се предвидува дека со општите услови на превозот или со други договорни одредби меѓу превозникот и патникот, односно испраќачот на стока и/или организатор на превоз, не можат да се предвидат одредби со кои превозникот, наполно или делумно, се ослободува од одговорноста предвидена со овој закон, да се префрлува товарот на докажувањето на превозникот или се предвидуваат ограничувања на одговорноста поповолни за превозникот од ограничувањата предвидени со овој закон.
Корисникот на превозот и/или организаторот на превоз со договорните одредби презема обврски кои не може да се поповолни од договорните одредби за превозникот, мора да ги исполнува и применува одредбите од овој закон кои се однесуваат на постапките за спроведување на тендери за избор на најповолен превозник, како и да ги почитува определените рокови за исплата на надоместок за извршениот превоз во патниот сообраќај.
Според член 3-а од истиот закон, договор за превоз или налог за утовар на стока мора да биде напишан јасно и лесно разбирлив. Двосмислени или неразбирливи договорни одредби се толкуваат во полза на превозникот.
За нечесна се смета одредба во договор за превоз со која се забранува на превозникот да го раскине договорот, ако корисникот на превозот и/или организаторот на превозот не ги исполнил своите обврски.
За нечесна се смета одредба од договор за превоз што го обврзува превозникот да ги извршува своите обврски од договорот и покрај тоа што корисникот на превозот и/или организаторот на превозот не ги извршил или доцни со извршување на своите обврски.
За нечесна се смета одредба во договор за превоз со која се овластува корисникот на превозот и/или организаторот на превозот еднострано да го раскине или да го менува договорот,без образложение, без обесштетување, освен во случаи на крајна нужда.
За нечесна се смета одредба во договор за превоз со која се ослободува корисникот на превозот и/или организаторот на превоз или нивните вработени од одговорност за штета во случај на вина или од одговорност во случај на неисполнување на обврската што претставува основен елемент на договорот.
За нечесна се смета одредба од договорот за превоз со која корисникот на превозот и/или организаторот на превозот се ослободуваат од одговорност за правните и скриените материјални недостатоци на истиот.
За нечесна се смета одредба во договор за превоз со која се определува неразумен рок во кој превозникот треба да го изврши превозот или да достави документација како доказ за извршена услуга кога примачот на стоката е истовремено и нарачател на превозот.
За нечесни одредби во договор за превоз се сметаат и оние со кои во случај на спор:
– се ограничуваат доказните средства што може да ги користи превозникот,
– го принудуваат превозникот да се откаже од своите правни средства против корисникот на превозот и/или организаторот на превозот и
– му дозволуваат на корисникот на превозот и/или организаторот на превозот, избор на определено место за седиште или живеалиште што е наведено во договорот, својата тужба да ја изјави во место што е различно од важечките домашни прописи за стварна и месна надлежност.
За нечесна се смета одредба во договор за превоз со која однапред апстрактно се утврдува износот на надоместок на штета, што може да се бара во случај на неисполнување или доцнење при извршување на обврските на превозникот преземени со договорот што очигледно го надминуваат обемот на штетата што корисникот на превозот и/или организаторот на превозот може да ја претрпи заради неисполнување или доцнење на превозникот.
За нечесна се смета одредба во договор за превоз со која на корисникот на превозот и/или организаторот на превозот му се дозволува во случај на неисполнување или раскинување на договорот да ги задржи износите кои требало да ги плати утврдени со договорот без во исто време да се утврди правото на превозникот да наплати еквивалентен износ од корисникот на превозот и/или организаторот на превозот во случај на негово неисполнување или раскинување на договор.
За нечесна се смета одредба во договор за превоз кога превозникот има право да го раскине договорот без претходна најава.
За нечесна се смета одредба во договор за превоз со која на несоодветен начин се исклучуваат или ограничуваат законските права и должности на превозникот во однос на корисникот на превозот и/или организаторот на превозот, во случај на целосно или делумно неисполнување на договорните обврски од страна на корисникот на превозот и/или организаторот на превозот.
За нечесна се смета одредба во договорот за превоз со која на несоодветен начин се исклучуваат или ограничуваат законските права и должности на превозникот во однос на организаторот на превозот, со плаќање на оштета, во случај кога превозникот презема договорни обврски со друг организатор на превоз за корисник на превоз кој претходно имал потпишани договори со првиот организатор на превоз.
При оценување на одредба од договор за превоз дали е чесна или не, ќе се земе предвид карактерот и видот на превозот предмет на договорот, сите околности пред и при склучување на договорот, другите договорни одредби, важечките законски одредби во националното законодавство како и традиционалните деловни обичаи за превоз во патниот сообраќај.
За нечесна ќе се смета одредба во договорот за превоз со која не се дозволува да се оценува дали се чесни договорните одредби за услугата и цената, доколку тие одредби се јасни и лесно разбирливи.
Нечесната договорна одредба е ништовна. Ништовноста на одделни одредби/одредба од договорот не повлекува ништовност и на самиот договор, доколку истиот може да опстане без ништовната одредба/одредби од договорот.
Во глава IV, со наслов: Превоз на стока и поднаслов: Договор за превоз на стока содржан е оспорениот член 33, со кој се предвидува дека обврската за исплата на договорената превознина преминува како обврска на примачот на стоката во случај испраќачот и/или организаторот на превоз на стоката да не ја исплати договорната превознина во рокот од членот 104 ставови 5 и 6 од овој закон. Обврската за исплата на договорената превознина од налогодавачот преминува како солидарна обврска на другите учесници во процесот на превоз на стока, во случај на неисполнување на договорните обврски согласно со членот 104 ставови 5 и 6 од овој закон.
Во членот 104 од Законот се предвидува дека неисполнување на обврска од договорот за превоз се смета дека настанала, ако во рок од 30 и/или 60 дена од извршувањето на превозот не е платена договорената превознина.
Доколку однапред не е определен рок за исплата на превознина од 60 дена од денот на истоварот на стоката, се смета дека обврската без претходна опомена во кој било облик на известување настапува за рок не подолг од 30 дена од денот на истоварот.
Според оспорениот член 101 од Законот, височината на превознината се одредува со договор за превоз.
Испраќачот и/или примачот и/или организаторот на превоз е должен да му ги исплати на превозникот надоместокот за превоз и други непредвидени трошоци кои се направени во текот на вршењето на превозот.
Во случај на неисполнување на обврските од ставот 2 на овој член од страна на субјектот одреден за исплата на надоместоците за извршениот превоз на стока, солидарно обврската за исплата на надоместок за превоз се пренесува на испраќачот и/или примачот и/или организаторот на превоз.
За ништовни се сметаат сите одредби во договорот за превоз кои го лимитираат правото на солидарна одговорност од ставот 3 на овој член.
Од анализата на цитираните уставни и законски одредби vis a vis наводите во иницијативата, Судот оцени дека не може да се доведе под сомнение уставноста на оспорените одредби од Законот.
Според Судот со предвидувањето на солидарни обврски, односно одговорност за исплата на договорената превознина во случај кога истата не е исплатена во предвидениот рок, не се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 7 од Уставот. Ова, од причина што со одредбите од Законот за договорите за превоз во патниот сообраќај се регулираат односите кои произлегуваат од договорите за превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај. Во Законот, исто така, децидно се утврдени општите услови на превозот или со други договорни одредби помеѓу превозникот и патникот,односно испраќачот на стока и организаторот на превоз, да не можат да се предвидат одредби со кои превозникот се ослободува од одговорноста предвидена со овој закон.
Предвидувањето на солидарната обврска,односно одговорност за исплата на договорената превознина од страна на другите учесници во процесот на превоз на стока во случај на неисполнување на договорните обврски согласно со членот 104 ставови 5 и 6 од истиот закон, според Судот, е со цел поефективно вршење на дејноста на транспортерите, односно превозниците и подобрување на можностите за судска заштита на превозниците и патниците.
Ваков вид на одговорност, не е новина и истиот всушност е предвиден во Законот за облигационите односи, каде во член 195 став 1 се предвидува дека за штета што ја причинувале повеќе лица заедно, сите учесници одговараат солидарно. Ваквата солидарна одговорност на сите лица што учествувале во причинувањето на штетата (во случајов истата е настаната со доцнењето на испораката) имаат за цел да го обезбеди обештетувањето на оштетениот во секој случај, без оглед на тоа дали некое од тие лица е способно да плати, а особено на она со чие дејствие штетата е непосредно причинета. Имено, според правилата на солидарната одговорност оштетениот има право да бара од било кој од штетниците надомест на целокупниот износ на штетата, независно од степенот на нивното учество во нејзиното предизвикување.
Тргнувајќи од анализата на целината на Законот, Судот оцени дека законските решенија предвидени во оспорените одредби се со цел обезбедување на учесниците во прометот, а особено на вршителите на дејноста–превоз на патници и стока и исплата на висината на договорената превознина. Предвидените законски решенија, според Судот, се пропорционални и соодветни на целите и причините поради кои се предвидени и истите се адекватни заради заштита на имотот и имотните права и правната сигурност на учесниците во превозот, како елемент на владеењето на правото. Основната и главна причина за воведување на солидарниот начин на исплата, во случај кога тоа не го сторил нарачателот на превозот е правната сигурност и заштита на имотните права на превозникот, што според Судот, не може да се доведе под сомнение по однос на уставните норми.
По однос на наводите во иницијативата дека со оспорениот став 4 од членот 101 од Законот, се доведувала под сомнение неговата согласност со Уставот, од причина што недопуштено било за ништовни да се сметаат одредбите во договорите за превоз кои го лимитираат правото на солидарна одговорност од ставот 3 на овој член, според Судот, се неосновани. Ова од причина што правото на солидарна одговорност е институт кој е регулиран и утврден со Законот за облигационите односи, и како таков е недопуштено да се ограничува неговата примена, поради што доколку се стори тоа со одредена законска одредба, логично е истата да биде ништовна, односно да не произведува правно дејство.
Подносителот на иницијативата упатува на член 401 од Законот за облигационите односи, но во конкретниов случај истата не наоѓа примена односно не е соодветна од причина што таа обработува претпоставка за солидарноста и се однесува само на случај кога се работи за пасивна делива обврска, т.е. кога има повеќе должници во некоја делива обврска, што не е случај во конкретно оспорените членови од Законот.
Поради наведените аргументи, Судот оцени дека не се исполнети условите за примена на член 27 од Деловникот на Уставниот суд за донесување на решение за запирање на извршувањето на сите дејствија преземени врз основа оспорените одредби од Законот.
Во иницијативата подносителот упатува на околноста Судот при одлучувањето да ја има во предвид Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.287/1995 од 17.01.1996 година, меѓутоа, според Судот, истата не соодветствува на правното прашање што е предмет на уставно-судска анализа во конкретниов предмет.
Имајќи ја во вид направената уставно-судска анализа, Судот оцени дека во случајов оспорените членови од Законот за договорите за превоз во патниот сообраќај, се во согласност со член 8 став 1 алинеја 1, 3, 6 и 7, член 30, член 51 и член 55 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.6/2016
09 март 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева