Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 02.03.2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 110 став 1 алинеја 6 од Законот за судската служба („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 33/2015 и 98/2015).
2. Цане Божиновски и уште други дваесет и двајца граѓани од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 71 став 1 алинеја 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителите на иницијативата оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 и член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија. Имено, во одредбата се предвидувало престанок на работниот однос за судскиот службеник, по сила на закон, со навршени 64 години старост, што било во спротивност со уставните одредби и определби за еднаквост на граѓаните независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба. Со оспорената одредба таа еднаквост била нарушена затоа што не ја изедначувала старосната граница за пензионирање, која во Законот за работните односи била уредена на начин што предвидувала пензионирање на 67 години за мажи, односно 65 години за жени. Притоа, не постоел никаков аргумент зошто требало да има разграничување, кога пред Уставот и законите сите биле еднакви.
Ваквата одредба претставувала и своевидна дискрими-нација на судската служба во однос на другите професии по однос на максималната граница за стекнување на старосна пензија утврдена согласно Законот за работните односи. На овој начин се повредувало едно од основните слободи и права – еднаквоста пред Уставот и законите.
Ова законско решение било основа за внесување на дискриминација, како по однос на еднаквоста, така и по однос на професијата, ставајќи ја судската служба во понеповолна положба по однос на останатите професии во остварувањето на правото на пензија.
Врз основа на наведеното подносителите на иниција-тивата предлагаат Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, а потоа оспорената одредба да ја поништи или укине.
3. Судот на седницата утврди дека, во оспорениот член 110 алинеја 6 од Законот за судската служба е определено на судскиот службеник да му престане работниот однос по сила на закон, меѓу другото, ако наврши 64 години старост.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Репу-блика Македонија, едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Вработените во судската служба имаат третман на административни службеници, според членот 3 став 1 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014 и 154/2015). Според оваа одредба, административен службеник е лице кое засновало работен однос заради вршење на административни работи во некоја од следниве институции:
– органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон и
– институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.
Со членот 4 став 1 од Законот за административните службеници се уредува статусот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници.
Во членот 4 став 2 од Законот е предвидено дека, по исклучок од ставот 1 на овој член определени прашања во врска со работниот однос на административните службеници во судството и јавното обвинителство, дипломатијата, царинската и даночната администрација, инспекциските служби, државната ревизија и ревизијата на ИПА, регулаторните тела и Народната банка на Република Македонија, во целост или делумно, можат да бидат уредени со закон и со колективен договор, на начин различен од овој закон.
Во членот 98 став 1 алинеја 3 од истиот закон е предвидено дека на административниот службеник му престанува работниот однос, меѓу другото и по сила на закон. Во ставот 5 од истиот член од Законот е определено дека, на административниот службеник му престанува работниот однос по сила на закон, ако наврши 62, 63, 64 или 65 години старост (за жени), односно 64, 65, 66 или 67 години старост (за мажи).
Предвидената можност од членот 4 став 2 од Законот за административните службеници, за целосно или делумно поинакво уредување на определени прашања во врска со работниот однос на административните службеници во судството, односно истите да бидат уредени на начин различен од наведениот закон нашла свој одраз токму во оспорената одредба. Имено, во Законот за судската служба не е предвидена можност за продолжување на работниот однос по навршени 64 години како што предвидел членот 98 став 5 од Законот за административните службеници.
Исто така, не е дадена можност за продолжување на договорот за вработување до 67 години возраст за мажи или 65 години за жени како што предвидел членот 104 став 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“, бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015 и 129/2015). Имено, според означената одредба, работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено. Оттаму, оваа одредба има супсидијарна примена во случаите кога со друг закон истата проблематика поинаку е уредена, како што е случајот со Законот за судската служба.
Од наведеното произлегува дека, општите прописи во областа на работните односи или поточно членот 98 став 5 од Законот за административните службеници, односно членот 104 став 2 од Законот за работните односи даваат можност за продолжување на договорот за вработување по 64 години возраст или работниот однос да биде продолжен по оваа возраст, но само ако специјалниот закон не предвидел нешто друго, како што е случај со оспорената одредба.
Инаку, согласно член 18 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014 ,160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015,173/2015 и 217/2015), осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.
Од анализата на оваа цитирана одредба произлегува дека остварување на правото на старосна пензија е уредено во системскиот закон, или Законот за пензиското и инвалидско осигурување, а престанокот на работниот однос е предмет на уредување во оспорената одредба, како и во цитираните одредби од Законот за административните службеници и Законот за работните односи.
Направената анализа на цитираните законски одредби од Законот за административните службеници и Законот за работните односи ставени во корелација со оспорената одредба од Законот за судската служба покажа дека не станува збор за нееднаков третман на судските службеници по однос на останатите вработени во Република Македонија за прашањето поврзано со престанок на работниот однос со навршени 64 години возраст. Целосно или делумно поинакво уредување на правата од работен однос за различни категории на административни службеници, вклучително и престанокот на работниот однос е прашање на уредување на специјалните закони и произлегува од оставената можност во членот 4 став 2 од Законот за административните службеници. Според тоа, одредбата не може да се проблематизира по однос на нејзината согласност со членот 9 од Уставот на Република Македонија.
Судот, по однос на наводите од иницијативата дека оспорената одредба не е во согласност со членот 32 став 2 од Уставот оцени дека истата не може да биде оценувана по однос на гарантираната достапност на работните места, секому, под еднакви услови, бидејќи оваа уставна одредба наоѓа свој одраз при вработување, но не и при престанокот на работниот однос по сила на закон заради одредена возраст.
Судот, врз основа на направената анализа, оцени дека оспорениот член 110 став 1 алинеја 6 од Законот за судската служба е во согласност со членот 8 став 1 алинеи 1 и 3, членот 9 и членот 32 став 2 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.44/2015
02.03.2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева