У.бр.116/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 24 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 став 1 во делот

2. Димитар Апасиев од Велес до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од одредбата бил спротивен на член 20 од Уставот на Република Македонија кој на граѓаните им ја гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, како и на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 5 и 11 и став 2 од Уставот. Во иницијативата понатаму се цитираат и одредбите од член 1 став 1, член 2, член 9, член 50 став 3, член 54 ставови 1 и 2, член 51 од Уставот.

Во образложението на иницијативата се наведува дека во Република Македонија ограничувањето на општата слобода на здружување било поставено мошне рестриктивно и „по сила на Уставот” и се однесувало на три таксативно предвидени случаи: (1) да не се користи за насилно уривање на уставниот поредок на РМ; (2) да не стимулира поттикнување или повикување на воена агресија; и 3) да не се употребува во функција на разгорување на национална, верска или расна омраза или нетрпеливост.

Посебната слобода на политичко здружување и дејствување, како манифестација на демократското начело на плурализам се остварувала преку два основни и уставно гарантирани облици: 1) здруженија на граѓани, односно асоцијации или популарно наречени невладини организации т.е. НВО – како помек; и (2) политички партии – како поцврст облик на организирање, кој има за цел учество на граѓаните во власта. Поради сродноста на проблематиката, граѓанското и политичкото здружување во Уставот биле регулирани во иста одредба од членот 20 од Уставот, но постоела дискрепанца во нивното понатамошно законско регулирање. Така на пример, во Законот за здруженија и фондации воопшто не било предвидено ограничување на основачите на здруженијата тие да можат да основаат само едно здружение, поради што се поставувало прашање како е можно слободата на здружување кај здруженијата да не е ограничена во поглед на бројот на основани НВО-и, а слободата на здружување кај партиите да е ограничена само на една партија.

Подносителот наведува дека и Европската конвенција за човекови права исто така, ја гарантирала слободата на политичко здружување, со одредени разумни рестрикции кои се нужни во едно демократско општество, и укажува дека Европскиот суд за човекови права во својата судска практика имал донесено и неколку важни пресуди со кои го штити ова круцијално право како „с’рж и скелет за едно демократско општество”. Подносителот смета дека наметнувањето на противуставниот принцип „еден граѓанин – една партија” бил непропорционален и непотребен во едно современо и политички динамично европско општество и директно се косел и со судската практика на Европскиот суд за човекови права од Стразбур.

Овој услов бил противуставно наметнат и претставувал непотребна административна пречка за слободоумните граѓани кои сакаат да формираат нова партија. Имено, со ваквата непрецизна формулација се оставала огромна правна празнина, бидејќи останувало недоречено дали тоа значи дека ако еден граѓанин еднаш основал политичка партија, тоа ќе му се важи за цел живот или само одреден временски период (и колкав е тој период) и што во случај кога граѓанинот не е задоволен од политиката на водечките структури на таа партија и сака да основа друга партија – кое што право Уставот изречно и експлицитно го гарантира. Со оваа тенденциозна формулација додатно се отежнувал и така тешкиот процес на остварување на ова круцијално политичко право на граѓаните на Република Македонија, за чие остварување се барал и непотребно висок цензус од илјада граѓани (наместо дотогашните 500).

Непрецизната формулација на оспорената одредба, поради различните можности за своеволна судиска интерпретација, директно се косела со правната сигурност на граѓаните, како дел од концептот на владеење на правото, загарантиран во темелните вредности на нашиот уставен поредок, заедно со политичкиот плурализам, што било утврдено во повеќе одлуки на Уставниот суд на Република Македонија, наведени и делумно цитирани во иницијативата.

Подносителот смета дека оспорениот член внесувал огромна доза правна несигурност и бил спротивен на принципот на уставност и законитост кој што го обврзува законодавецот, при носењето закони, да конципира и формулира прецизни, недвосмислени и јасни правни норми. Само таквите норми можеле да претставуваат солидна основа за постапување од страна на судовите и судиите, односно другите државни органи и нивните службеници.

Поради наведеното, подносителот смета дека оспорената одредба била очигледно антиконституционална и конфузна, инкомпатибилна со нашиот демократски и јавен, односно уставен поредок и дека земајќи ја предвид јавната полза и правичноста, треба што побрзо да биде касирана и повеќе да не постои во нашиот правен систем – како противуставна, непотребна, крајно штетна, изразито непропорционална и недемократска.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2007) членот 11 се менува и гласи: „Политичка партија можат да основаат најмалку 1.000 граѓани на Република Македонија кои имаат избирачко право и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија. (став 1)

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорената одредба од член 1 став 1 алинеја 1 во делот: „и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија“ веќе била предмет на оценување пред Уставниот суд, кој со Решение У.бр.50/2007 од 27 јуни 2007 година не повел постапка за оценување на нејзината уставност. И тогаш одредбата била оспорена од аспект на член 20 од Уставот на Република Македонија. Судот во Решението укажал дека:

„Законското ограничување дека граѓанинот има право да го даде својот потпис за основање само на една политичка партија, кое се оспорува со иницијативата, според Судот, не претставува ограничување на остварувањето на слободата на политичкото здружување и дејствување на граѓаните, утврдено како фундаментално политичко право на граѓаните.

Имено, слободата на политичко здружување и дејствување значи право на граѓаните да формираат политички партии и други видови здруженија заради остварување на своите политички цели.

Основањето, пристапувањето и истапувањето од политичка партија претставува доброволен чин на заинтересираните граѓани и Уставот не дозволува тие да трпат последица во вид на санкција за таквото свое постапување. Уставот единствено забранува програмите и дејствувањето на политичките партии да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повик на воена агресија или разгорување на национална, верска или расна омраза или нетрпеливост.

Тоа значи дека граѓаните, заради остварување на своите политички цели, имаат слобода и право да го изразуваат политичкиот субјективитет, во која смисла имаат право да ја определуваат и менуваат својата политичка определба, слободно да основаат, пристапуваат и истапуваат од политичките партии.

Од анализата на оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, како и од целината на Законот за политичките партии, произлегува дека законодавецот го прифатил и вградил принципот на слободно политичко организирање на граѓаните во политички партии, во која смисла, во Законот пропишал услови и за основање и за пререгистрирање и за бришење на политичките партии, како резултат на промените во бројноста на членството на партиите.

Определбата дека граѓанинот може да го даде својот потпис за основање само на една политичка партија, според Судот, треба да се толкува во смисла дека граѓанинот истовремено не може да биде основач и член на две или повеќе политички партии, туку може да биде основач или член само на една политичка партија преку која ја изразува својата политичка определба. Промената на политичкиот став и определба на граѓанинот, би значело негово истапување од политичката партија во која претходно бил основач или член и негово зачленување во друга политичка партија, по сопствен избор, за што нема ограничувања.

Притоа, Судот оцени дека наведеното законско решение ја одразува смислата на постоењето на политичката партија, како форма на политичко организирање на граѓаните, според која политичката партија претставува организирана група на идејни истомисленици кои на демократски начин се борат да ја освојат државната власт на сите нивоа, или ако власта е освоена, се борат за нејзино задржување што е можно подолго време, со цел да се обезбеди владеење на идеите и интересите на нејзиното членство. Имајќи предвид дека политичките идеи и ставови се искажуваат преку програмата и статутот на одредена политичка партија, промената на овие идеи и ставови на одделни членови значи разидување со програмската определба на партијата, што логично подразбира истапување од таа политичка партија, со што се остава можност за зачленување во друга политичка партија, која посоодветно би ги одразувала политичките потреби на граѓанинот.

Оттука, Судот оцени дека законското решение според кое граѓанинот со избирачко право може да го даде својот потпис за основање само на една политичка партија, не го повредува неговото право на слободно политичко организирање, поради што не може да се доведе под сомнение во однос на согласноста со член 20 од Уставот на Република Македонија“.

Со оглед на тоа што и во предметната иницијатива делот од одредбата се оспорува од ист аспект како и во предметот У.бр.50/2007 и во отсуство на основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата врз основа на res judicata.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.116/2015
24.02.2016. гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева