У.бр.93/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 18 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 46 став 2 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015 и 145/2015).

2. Здружението на граѓани за заштита на човековите права „Здравје со игла не влегува“ од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба била спротивна на член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 11 став 1, член 12 став 1, член 25, член 39 став 2, член 44, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Со пропишувањето на ригорозната мерка од оспорената одредба, произлегувало дека Република Македонија не била демократска, ниту социјална држава, иако според член 1 став 1 од Уставот, била суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓaнин му се гарантирало почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Но и покрај тоа, наместо државата да добиела информирана согласност, преку репресивни мерки наметнувала медицинска интервенција без согласност од родителот со што се дерогирала слободата на граѓанинот и семејството и се загрозувала безбедноста на личноста.

Според член 39 став 2 од Уставот, граѓанинот имал право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, а од друга страна државата не сакала да одговори и го криела она што во имунологијата, односно медицината бил воспоставен факт, а во правото би се нарекувал ноторен факт, дека вакцините ја сееле болеста определен број на денови откако ќе се вакцинирало детето. Притоа, не биле ретки случаите кога децата се разболувале од болеста која вакцината требало да ја спречи, а покрај нив се разболувале и родителите.

Покрај негативното влијание на оспорената одредба врз здравјето на децата и нивните родители, преку истата државата сакала да ги исклучи децата од образовниот процес. Сите родители сакале нивното дете да биде образовано и единствено тие можеле да одлучуваат за неговото образование. Ова произлегувало од член 45 став 1 од Законот за семејството, според кој родителското право им припаѓало на мајката и таткото подеднакво, а не подеднакво на мајката, таткото и државата, за државата да може да одлучува дали детето ќе биде дел од образовниот процес.

Согласно правните начела Lex posteriori derogat priori и Lex specialis derogat legi generali, оспорената одредба била дерогирана со член 5, 6, 14 и 15 од Законот за заштита на правата на пациентите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2008, 12/2009, 53/2011 и 150/2015) и со член 5 од Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/09).

Исто така, подносителот на иницијативата укажува дека Република Македонија, како аспирант за полноправна членка на Европската Унија, требало целосно да го усогласи своето законодавство со законодавството на Унијата и засекогаш да го затвори тоа поглавје на присилба, a вакцинирањето да било факултативно, исто како во Унијата. Дали детото ќе било вакцинирано со определени вакцини или не, требало да биде одлука на родителот, а присилната вакцинација да останела таму кај што требало – во историјата, додека современата цивилизациска придобивка – образованието, да било достапно за сите граѓани како што и било предвидено со Уставот.

Како дополнителна аргументација, цитирани се меѓународни договори, документи на меѓународни организации, пресуди на Европскиот суд за човекови права, како и решенија и одлука на Уставниот суд на Република Македонија.

Така, цитирани се член 2 од Протоколот број 1 на Европската конвенција за човекови права; член 28 од Конвенцијата за правата на детето; член 13 став 1 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права; член 26 од Универзалната декларација за човекови права; член 5 од Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината; член 6 од Универзалната декларација за биоетика и човекови права на УНЕСКО од 19 октомври 2005 година; Принципите 1 и 3 од Декларацијата од Амстердам за промовирање на правата на пациентите во Европа на Светската здравствена организација од 1994 година; Пресудите на Европскиот суд за човекови права во предметите 1474/62, 1677/62, 1691/62, 1769/63, 1994/63, 2126/64 и 42197/98; и Решенијата на Уставниот суд У. бр. 28/2008 од 23 април 2008 година, У. бр. 139/2010 од 15.12.2010 година и У. бр. 30/2014 од 08.10.2014 година и Одлуката У. бр. 31/2006 од 01.11.2006 година.

Подносителот на крајот предлага оспорената одредба да се поништи, а до донесувањето на конечна одлука, да се донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија согласно член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 46 став 2 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015 и 145/2015), при запишувањето на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решението У. бр. 30/2014 од 08.10.2014 година, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на член 46 став 2 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија” бр. 103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013 и 41/2014).

Според цитираното решение, Уставниот суд оценил дека со оспорената одредба од член 46 став 2 од Законот за основното образование, не се повредуваат правото на образование и правото на избор за невакцинација на децата како што се наведува со предметната иницијатива и истата е во насока на заштита на здравјето на учениците кои се запишуваат во прво одделение и на здравјето на другите ученици во училиштето.

Имено, условувањето на упис во основно училиште, преку приложување на доказ за извршена вакцинација, не претставува дискриминација бидејќи ова е еден вид на механизам за заштита и осигурување на правото на здравје на детето. Родителите кои би запишале дете во училиште кое не ги примило потребните вакцини, би ги повредиле правото на здравје на своето дете и на другите деца кои одат во истото училиште.

Според Судот, не може да се смета дека на невакцинираните деца од предучилишна и основно-училишна возраст неоправдано им е ограничено правото на образование поради невакцинација. Станува збор за посебни права поради што целосното остварување на овој степен на развој на здравството и образованието, па и развојот на целото општество, не може да биде успешно доведено во корелација од аспект на забрана на дискриминација.

По однос на тоа, дека со оспорената одредба се повредува член 44 од Уставот и се ограничува правото на образование, наведеното условување, односно ограничување е исклучиво и единствено поради постоење на интересот на јавниот ред и мир, заштитата на здравјето, моралот и правата и слободите на другите, што значи заштитата на правата на групата над правата на поединецот. Оттука, границата помеѓу позитивните и негативните задолжувања на државата во согласност со оваа одредба од Законот не може прецизно да се дефинира, но сепак, во двата контексти државата ужива одредена слобода на проценка.

Предвидувањето на задолжителна вакцинација за одредени заразни болести е со цел за елиминација на болести на целокупната популација, а што е позитивна обврска на државата во смисла на заштита на здравјето на своите граѓани. Ова, дотолку повеќе што, со конкретното прашање се навлегува во стручната медицинска област и истото не е прашање за остварување на загарантираното право на слобода на совеста и уверувањето.

Со оглед дека во основните училишта во месец мај задолжително се запишуваат сите деца кои ги исполнуваат условите за запишување во прво одделение, евидентно е дека големиот број на ученици кои се запишуваат од различни средини (географски, социјални, етнички и други), можат да бидат потенцијална опасност за другите ученици за ширење на одредени болести, доколку истите не се вакцинирани против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб) и вирусен хепатитис Б, како што е уредено во член 33 став 2 од Законот за заштита на населението од заразни болести.

Родителите кои одбиваат да ги вакцинираат децата треба да имаат предвид дека другите родители имаат право да ги заштитат своите деца од потенцијалните ризици од тешка болест. Кај невакцинираните деца поголем е ризикот од ширење на болеста особено во детската заштита, училиштата и факултетите.

Согласно член 39 став 2 од Уставот на Република Македонија, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Согласно оваа уставна одредба, секој во Република Македонија, освен своето здравје, е должен да го чува и здравјето на останатите. Во таа насока, законодавецот, имајќи го во предвид јавниот интерес за здрава млада популација, утврдил дека при запишувањето на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа. Согласно наведеното, одредбата од членот 46 став 2 од Законот за основното образование не е противуставна, бидејќи со истата се штити здравјето и на учениците кои се запишуваат во прво одделение во основните училишта, како и здравјето на останатите ученици во училиштето.

Според член 24 од Конвенцијата за правата на детето, која е ратификувана од страна на Република Македонија, државите членки му го признаваат на детето правото на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и рехабилитација. Државите членки настојуваат ниедно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита. Државите членки истовремено се залагаат за целосно остварување на ова право. Република Македонија, како држава која ја ратификувала оваа Конвенција, исто така, има обврска да ги применува одредбите од Конвенцијата.

Наводите пак за дерогираност на оспорената одредба со член 5, 6, 14 и 15 од Законот за заштита на правата на пациентите и член 5 од Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината согласно начелата Lex posteriori derogat legi priori (Подоцнежниот закон го укинува претходниот закон, лат.) и Lex specialis derogat legi generali (Посебниот закон го укинува општиот закон, лат.), немаат влијание при оценувањето на согласноста на оспорената одредба со Уставот, ниту пак може да се прифатат како основани.

Имено, двете начела се употребуваат како теориски правила при толкувањето со цел да се утврди примената на општи правни акти од ист вид со ист предмет на уредување кои истовремено се во сила, а во случаите кога позитивното право не го уредува тоа прашање.

Според првото начело, се применува актот кој е донесен подоцна, а според второто, се применува актот кој ги уредува посебните прашања, наместо актот кој го уредува предметот општо. Притоа, за актот за кој ќе се утврди дека треба да се примени, се смета дека го дерогира другиот акт. Консеквентно, начелата се употребуваат на ист начин кога се утврдува примената на правни норми кои имаат ист предмет на уредување, а се дел од различни општи акти од ист вид.

Вака дефинирана, дерогираноста според овие начела е статус кој го има еден општ правен акт, односно норма во однос на нивната примена, при што се заменети од друг акт, односно норма.

Од друга страна, уставно-судската оцена е ограничена на проверка дали оспорената норма е спротивна на уставните норми во кои се содржани правата, односите и вредностите на нашиот уставен поредок. Прашањето за примената на законите и прописите, а во кои влегува и прашањето на евентуалната дерогираност на одредена норма како е наведено во иницијативата, не влегува во опфатот на ваквата оцена и не може да биде причина за постоење на несогласност со Уставот.

Истовремено, во конкретниот случај не може да стане збор за дерогираност на начин како што се наведува со иницијативата. Оспорениот член 46 став 2 од Законот за основното образование има сосема различен предмет на уредување (предвидува обврска за родителот за доставување на потврда за примени вакцини при запишување на детето во прво одделение), за разлика од цитираните членови од Законот за заштита на правата на пациентите. Така, член 5 од овој закон се однесува на одредени права за заштита на пациентите; член 6 на правото на пациентот на учество во одлучувањето при определена медицинска интервенција; додека членовите 14 и 15 од истиот закон, се однесуваат на правото на пациентот на прифаќање или одбивање на определена медицинска интервенција, односно на заштитата на пациент кој не е способен да даде изјава. Впрочем, овие одредби се дел од закон чиј предмет на уредување не е основното образование, туку заштитата на правата на пациентите во користењето на здравствената заштита, должностите на здравствените установи и здравствените работници и соработници, општините и фондот за здравствено осигурување во унапредувањето и заштитата на правата на пациентите, постапката за заштита на правата на пациентите, како и надзорот над спроведувањето на законот (член 1 од Законот).

Различниот предмет на уредување, го прави беспредметно разгледувањето на прашањето за дерогираност на оспорената одредба со цитираните членови од Законот за заштита на правата на пациентите, како по основ на првото, така по основ и на второто начело. Ова оттаму што употребата на двете начела е секогаш заради разрешување на нормативен конфликт кој настанал заради постоење на акти, односно норми кои уредуваат различно ист предмет, а не заради постоење на акти, односно правни норми кои имаат различен предмет на уредување, како што е овде случај.

По однос на тоа, дали постои дерогација со член 5 од Конвенцијата за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината, станува збор за норми од општи акти кои се од различен вид. Едната, (оспорената) одредба е дел од закон, додека другата е дел од меѓународен ратификуван договор.

Употребата на двете начела е ограничена на акти од ист вид, на што укажува и нивната дефинираност. Тоа значи дека според нив, закон или законска норма, во примената можат да бидат дерогирани само со друг закон, односно законска норма поради тоа што имаат иста правна сила. Според тоа, во случајот со одредбата од цитираната Конвенција, не се применливи двете начела.

Уште повеќе, односната Конвенција е меѓународен договор преку кој нашата држава презела обврски во областа на биологијата и медицината, а не во областа на образованието. Така, според член 1 став 1 од оваа Конвенција, страните потписнички на оваа Конвенција ќе го штитат достоинството и идентитетот на сите човечки суштества и ќе гарантираат секому, без никаква дискриминација почитување на правото на интегритет и други права, како и основните слободи во однос на примената на биологијата и медицината.

Бидејќи Уставниот суд веќе се произнел за уставноста на оспорената одредба, а не постојат основи за поинакво одлучување, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Притоа, Судот имаше во предвид дека содржината на оспорената одредба не е променета со измените и дополнувањата на Законот за основното образование кои се донесени по погоре цитираното Решение У. бр. 30/2014 од 08.10.2014 година на Уставниот суд на Република Македонија.

Поради ова, Судот оцени дека не се исполнети условите за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба согласно член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.93/2015
18 февруари 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева