У.бр.115/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992) на седницата одржана на 18 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за употреба на знамето на албанската етничка заедница во јавниот и службениот живот на територијата на Општина Кичево бр.07-1771/6, донесена од Советот на Општина Кичево на 25 јуни 2013 година.

2. Васко Лазески од Кичево до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 8-а од Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2005 и 100/2011). Ова од причина што таа е донесена врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа и Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, но не и врз основа на член 8-а од наведениот закон каде е регулирано како се истакнува знамето на Република Македонија кога се истакнува знаме на некоја заедница.

Во оспорената одлука во ниту еден член, односно одредба немало наведено дека знамето на Република Македонија кога се истакнува на подрачјето на Општина Кичево заедно со знамето на албанската етничка заедница се истакнува со поголема димензија од една третина, односно димензиите на знамето на Република Македонија мора да бидат со поголема димензија од една третина од знамето на етничката заедница.

Во одлуката на Советот во член 5 став 1 алинеја 5 стои дека димензиите на употреба на знамето на заедницата ќе бидат во согласност со законот, а во ниту еден закон не е наведено со која димензија се истакнува знамето на заедницата, туку законски е предвидено колкава треба да биде димензијата на знамето на Република Македонија со што според подносителот се избегнува да се наведе одредбата од член 8-а од законот.

Од наведеното, според подносителот, Одлуката со која се предвидувало употреба на знамето на заедницата, покрај другото, морало да содржи член, односно одредба каде јасно и недвосмислено ќе се пропишат димензиите за истакнување на знамето на Република Македонија согласно Законот.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Кичево на седницата одржана на 10 јуни 2013 година, врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа и во врска со членовите 3, 4, 5, 6, 8 и 9 од Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија донел Одлука за употреба на знамето на албанската етничка заедница во јавниот и службениот живот на територијата на Општина Кичево.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се утврдува и уредува, употребата на знамето на албанската етничка заедница во јавниот и службениот живот на територијата на Општина Кичево.

Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека на територијата на општина Кичево, пред и во објектите на единицата на локалната самоуправа, покрај знамето на Република Македонија се истакнува и знамето на албанската етничка заедница.

Според член 3 од Одлуката на територијата на општина Кичево, пред и во објектите од јавен и локален карактер, јавните служби и правните лица основани од Општина Кичево, на улиците и плоштадите, покрај знамето на Република Македонија се истакнува и знамето на албанската етничка заедница;

– во денови на државни и други празници на Република Македонија утврдени со закон,

– во денови на општински празници утврдени со Одлука на Советот на единицата на локалната самоуправа,

– при официјално доаѓање на висок претставник на меѓународната заедница и

– во денови на одржување на манифестации од локален и меѓународен карактер.

Во членот 4 од Одлуката е утврдено дека на територијата на Општина Кичево, доколку се истакне знамето на албанската етничка заедница, се истакнува и знамето на Република Македонија;

– при мултилатерални настани, натпревари и други собири (јавни, научни, културно уметнички, спортски и други), на кои единицата на локалната самоуправа е организатор, учествува или е презентирана во согласност со правилата и практиката на одржување на тие собири и

– при прослави, свечености и други политички, културни, спортски и слични манифестации кои се од значење за единицата на локалната самоуправа.

Во случаите од ставот 1 на овој член, знамињата се истакнуваат истовремено пред и во јавни објекти, во кои се одржуваат средби, натпревари, собири, прослави, свечености и манифестации.

Во членот 5 од Одлуката е предвидено дека на територијата на Општина Кичево, знамето на Република Македонија и знамето на албанската етничка заедница се истакнуваат на следниов начин кога:

– знамето на Република Македонија е истакнато заедно со знамето на албанската етничка заедница и знамето на општина Кичево, знамето на Република Македонија се истакнува во средината, додека знамето на албанската етничка заедница е два метра надесно гледано однапред, а знамето на Општина Кичево е два метра налево од државното знаме.

– знамето на Република Македонија е истакнато заедно со знамето на албанската етничка заедница, знамето на албанската етничка заедница е надесно гледано однапред од знамето на Република Македонија,

– се истакнати повеќе од три знамиња, знамето на Република Македонија ќе биде прво во редот,

– димензии на употреба на знамето на заедницата ќе бидат во согласност со законите.

Според член 6 од Одлуката, за истакнување на знамињата согласно со одредбите на оваа Одлука, пред и во објектите на локалната самоуправа се задолжува општинската администрација на општина Кичево.

За истакнување на знамињата, согласно одредбите на оваа одлука, пред и во објекти од јавен и локален карактер, јавните служби и правните лица основани од Општина Кичево, се задолжуваат одговорни лица на органите и организациите преку соодветните служби,

За истакнување на знамињата согласно одредбите на оваа Одлука, се задолжува Јавното претпријатие „Комуналец“ Кичево преку соодветни служби.

Според член 7 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Кичево“.

5. Според членот 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава (став 1). Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив (став 2).

Според членот 2 став 1 од Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Според членот 5 од Уставот, државни симболи на Република Македонија се: грб, знаме и химна (став 1). Грбот, знамето и химната на Република Македонија се уредуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 2).

Според членот 8 став 1 алинеја 3 и 11 од Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со Амандманот VIII на Уставот (“Службен весник на Република Македонија” бр.91/2001) членот 48 од Уставот се заменува и гласи:

Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница (став 1). Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници (став 2). Припадниците на заедниците имаат право да основаат културни, уметнички, образовни институции, како и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет (став 3). Припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон. Во училиштата во кои образованието се одвива на друг јазик се изучува и македонскиот јазик (став 4).

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според точката 2 на Амандманот X на Уставот, за закони кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.

Според членот 1 од Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2005 и 100/2005), со овој закон се уредуваат правото и начинот на употреба на знамињата преку кои заедниците во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и особеностите.

Според членот 2 од Законот, заедниците во Република Македонија заради изразување на својот идентитет и особености имаат право да употребуваат знаме (став 1). Под знаме во смисла на ставот 1 од овој член, се подразбира знаме што заедниците го избрале и го употребуваат како знаме за изразување на својот идентитет и особености (став 2).

Според членот 3 од Законот, заедниците во Република Македонија, знамето со кое го изразуваат својот идентитет и особеностите, го употребуваат во јавниот, службениот и приватниот живот на начин утврден со овој закон.

Според ставот 2 од членот 3 од Законот, Советот на единицата на локалната самоуправа носи одлука за употреба на знамето од ставот 1 на овој член во јавниот и службениот живот.

Според членот 4 од Законот, во единиците на локалната самоуправа, во која живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50 % од населението во таа единица на локалната самоуправа согласно со член 2 од овој закон, пред и во објектите од јавен и локален карактер, на органите на единиците на локалната самоуправа постојано се истакнати знамето на Република Македонија и знамето на таа заедница.

Според членот 6 став 2 од Законот, во случаите од ставот 1 на овој член, знамињата се истакнуваат истовремено пред и во објектите во кои се одржуваат средби, натпревари, собири, прослави, свечености и манифестации.

Според членот 8 од Законот, во единиците на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедницата, и се повеќе од 50% од населението во таа единица на локалната самоуправа знамето на Република Македонија и знамето на таа заедница се истакнуваат на следниов начин кога:

– знамето на Република Македонија е истакнато заедно со знамето на заедницата и знамето на единицата на локалната самоуправа, знамето на Република Македонија се истакнува во средината, додека знамето на заедницата е два метра надесно, гледано однапред, а знамето на единицата на локалната самоуправа е два метра налево од државното знаме;

– знамето на Република Македонија е истакнато заедно со знамето на заедницата, знамето на заедницата е надесно, гледано однапред, од знамето на Република Македонија и

– се истакнати повеќе од три знамиња, знамето на Република Македонија ќе биде прво во редот.

Во членот 8-а од Законот е предвидено дека знамето на Република Македонија се истакнува со другите знамиња согласно со закон и е со поголема димензија од една третина од другите знамиња.

Според членот 9 од Законот, Советот на локалната самоуправа донесува одлука со која го определува надлежниот субјект за истакнување на знамињата согласно со членовите 5 и 6 на овој закон.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби како и содржината на оспорената одлука, наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека наводите се неосновани.

Ова од причина што со оспорената одлука, а согласно Законот се уредени прашањата кои се однесуваат на употребата на знамето на албанската етничка заедница. Имено во членот 5 од Одлуката, покрај другото, е предвидено дека димензиите на употреба на знамето на заедницата ќе биде во согласност со законите, што значи дека општината не се впуштила во разработување на проблематика што е исклучиво тематика на законите. Во таа смисла во Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија во членот 8-а е предвидено дека кога се истакнува знамето на Република Македонија со други знамиња истото треба да е со поголема димензија од една третина од другите знамиња.

Оттука, според мислењето на Судот, повикувањето на Одлуката на примена на законите во однос на димензиите на употреба на знамето на заедницата не ја прави Одлуката несогласна со членот 8-а од Законот, поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Уставот и законите на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.115/2015
18.02.2016 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева