У.бр.147/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18-ти февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА ПОСТАПКА за оценување на уставноста на член 36 став 2 алинеја 3 од Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015 и 5/2016).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 алинеја 2, член 18 став 3, член 31 став 2 алинеја 3, член 48 став 5 алинеја 4, член 65 став 1 во делот: “освен секретарот и кабинетските службеници” и член 70 став 2 во делот: “освен секретарот” од Законот означен во точка 1 од решението.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на насловот: “Правилник за спроведување на постапката за вработување” и член 47 од Законот означен во точка 1 од решението.

4. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од решението.

Според наводите од иницијативата, оспорениот член 17 алинеја 2 од Законот, бил преопшто формулиран, не бил прецизен и јасен, а како таков не обезбедувал правна сигурност на граѓаните. Од таквата формулација на оспорената законска одредба, произлегувало дека таа се однесува и на осуда за кривично дело воопшто, без оглед на неговиот вид, природа или тежина. Со тоа се ограничувало по сила на закон правото на директорот на Агенцијата, односно неговиот заменик да ја вршат својата функција и во случај кога кривичното дело за кое лицето е осудено не било во никаква врска со вршењето на оваа дејност.

Од наведените причини, одредбата на членот 17 алинеја 2 од Законот, не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Уредувањето со оспорениот член 18 став 3 од Законот, според кое Агенцијата за администрација со тарифник ја утврдува висината на надоместокот од ставот 2 на членот 18 од Законот, немало уставна основа. Наведеното од причини што Законот не содржел никакви критериуми или мерила врз основа на кои ќе се определела висината на предметниот надоместок, од каде произлегувало дека Агенцијата со тарифник ги утврдува и критериумите за определување на висината на надоместокот, што било во надлежност на законодавната власт. Оттука, наведеното овластување на Агенцијата отстапувало од општиот принцип на поделбата на власта и не претставувало извршување на одредба од закон, а со примената на таквиот пропис се давало можност од арбитрарност на извршната власт и можност од нееднаков третман кон субјектите во спроведувањето на оспорената законска одредба од ставот 2 на посочениот член 18 од Законот.

Од тие причини оспорениот член 18 став 3 од Законот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 91 алинеите 1 и 5 и член 96 од Уставот.

Оспорениот член 31 став 2 алинеја 3 од Законот уредувал дека за пополнување на работно место на административен службеник, покрај општите услови од став 1 на членот 31 од Законот, кандидатот требало да исполни и посебни услови, односно да поседува соодветни општи работни компетенции потребни за работното место пропишани со Рамката за општи компетенции. Според подносителот на иницијативата, имајќи го предвид член 32 став 5 од Уставот, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба е препуштено да се уредат само со закон и со колективни договори, а не со Рамката за општи компетенции како што предвидувал оспорениот член 31 став 2 алинеја 3 од Законот, овој оспорен член од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

Со оспорениот член 36 став 2 алинеја 3 од Законот, се уредувала таква обврска за кандидатите, односно тие задолжително кон пријавата биле во обврска да го прикачат доказот за податокот внесен во истата, во скенирана форма, а кој се однесува на доказот за неизречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност, иако согласно член 106 став 5 од Кривичниот законик, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат доказ за својата осудуваност или неосудуваност, што било спротивно на член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот.

Насловот “Правилник за спроведување на постапката за вработување” и оспорениот член 47 од Законот, не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, членот 32 став 5 и членот 51 од Уставот, бидејќи остварувањата на правата на вработените и нивната положба, со Уставот било препуштено да се уредат само со закон и со колективен договор, а не со Правилник за спроведување на постапката за вработување, пропишан од министерот.

Оспорениот член 48 став 5 алинеја 4 од Законот, според кој на интерниот оглас може да се јави административен службеник, вработен во истата институција, кој ги исполнува општите и посебните услови за пополнување на работното место пропишани за соодветното ниво во овој закон и во актот за систематизација како и условот да не му е изречена дисциплинска мерка во последната година пред објавувањето на интерниот оглас, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3 и член 51 од Уставот, бидејќи подносителот (по цитирањето на член 101 став 1 од Кривичниот законик), смета дека правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудата за определени кривични дела, можат да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор, а не дисциплинска мерка, како во конкретниот случај.

Според подносителот на иницијативата, уредувањето со оспорениот член 65 став 1 од Законот, според кој административните службеници, освен секретарот и кабинетските службеници, задолжително се оценуваат еднаш годишно и тоа најдоцна до 1 декември за тековната година, како и оспорениот член 70 став 2 од Законот, според кој за повреда на службената должност административниот службеник, освен секретарот, одговара дисциплински, не било во согласност со одредбите на член 9 од Уставот, бидејќи создавале нееднаква правна положба помеѓу самите административни службеници.

5. Судот на седницата утврди дека според оспорената алинеја 2 на членот 17 од Законот, една од причините поради кои директорот, односно неговиот заменик можат да бидат разрешени и пред истекот на нивниот мандат, е ако со правосилна судска одлука директорот, односно неговиот заменик е осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.

Со оспорениот став 3 на членот 18 од Законот, се уредува дека висината на надоместокот од ставот 2 на овој член го утврдува Агенцијата со тарифник.

Со оспорениот член 31 став 2 алинеја 3 од Законот, е уредено дека покрај општите услови за пополнување на работно место на административен службеник од ставот 1 на овој член, како посебен услов кој кандидатот треба да го исполни е да поседува и соодветни општи работни компетенции потребни за работното место пропишани со Рамката на општи компетенции.

Според оспорениот член 36 став 2 алинеја 3 од Законот, кон пријавата кандидатите задолжително треба да прикачат и доказ за неизречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност.

Со оспорениот член 48 став 5 алинеја 4 од Законот, е уредено дека на интерниот оглас може да се јави административен службеник, вработен во истата институција, кој ги исполнува општите и посебните услови за пополнување на работното место пропишани за соодветното ниво во овој закон и во актот за систематизација како и да не му е изречена дисциплинска мерка во последната година пред објавувањето на интерниот оглас.

Според член 65 став 1 од Законот, административните службеници, освен секретарот и кабинетските службеници, задолжително се оценуваат еднаш годишно и тоа најдоцна до 1 декември за тековната година. Со иницијативата членот се оспорува во делот: “освен секретарот и кабинетските службеници”.

Со оспорениот член 70 став 2 од Законот, е уредено дека за повреда на службената должност административниот службеник, освен секретарот одговара дисциплински. Со иницијативата членот се оспорува во делот: “освен секретарот”.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015 и 5/2016), ги уредува статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници (став 1), како и статусот и надлежноста на Агенцијата за администрација (став 2).

Условите за именување и надлежностите на директорот и неговиот заменик се уредени со член 16 од Законот, а со член 17 алинеите 1 до 4 од Законот, се уредени случаите кога директорот на Агенцијата, односно неговиот заменик, може да бидат разрешени и пред истекот на мандатот за кој тие се именувани.

Според оспорената алинеја 2 на членот 17 од Законот, една од причините поради кои директорот, односно неговиот заменик можат да бидат разрешени и пред истекот на нивниот мандат, е ако со правосилна судска одлука директорот, односно неговиот заменик е осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.

Од анализата на оспорениот член 17 алинеја 2 од Законот, произлегува дека правосилната осуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, е основ за престанок на мандатот на директорот на Агенцијата за администрација, односно неговиот заменик. Тоа значи дека доколку именуваните лица додека ја извршуваат својата функција за која се именувани, сторат кривично дело за што со правосилна судска одлука бидат осудени на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, само во тој случај тие ќе бидат разрешени и пред истекот на нивниот мандат.

Престанокот на функцијата на именуваните лица и пред истекот на нивниот мандат поради причините содржани во оспорената алинеја на членот од Законот, според Судот, не претставува правна последица од осуда по сила на закон, како што се наведува во иницијативата, туку последица од казната што ја изрекол судот, односно последица од судската осуда со која е изречена казна затвор од најмалку шест месеци, која казна по својата природа не дозволува истовремено вршителот на јавната функција да биде присутен и да ја врши функцијата.

Во наведената смисла и член 99 точка 1 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија”, број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/20313, 187/20313, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015 и 129/2015), предвидува дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување на работникот ако со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена воспитна, заштитна или безбедносна мерка, поради која не може да врши работи подолго од шест месеца или ќе мора поради издржување на затворска казна да биде отсутен од работа повеќе од шест месеци.

Оттука, како последица на изречена правосилна судска одлука на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, произлегува дека вршителот на јавната функција (директорот на Агенцијата, односно неговиот заменик), нема да биде во состојба да ја врши функцијата, бидејќи тоа лице е физички отсутно и спречено да ја врши функцијата за која е именувано, што е класичен основ за престанок на вработувањето или во конкретниот случај, на вршењето на јавната функција, поради што не може да се прифати тврдењето дека во овој случај станувало збор за правна последица од осуда по сила на закон.

Поради изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член 17 алинеја 2 од Законот, не е во спротивност со одредбите на Уставот, на кои се повикува подносителот со иницијативата.

Со член 14 алинеја 2 од Законот за административните службеници, е уредено дека Агенцијата е надлежна да спроведува постапка за селекција на административни службеници.

Заради поефикасно извршување на своите надлежности, според член 18 став 1 од Законот, Агенцијата формира Сектор за селекција на кандидати за вработување како организациона единица која се грижи за спроведување на постапките за селекција на кандидати за вработување на работни места на административни службеници.

Со ставот 2 на членот 18 од Законот, е уредено дека по исклучок од ставот 1 на овој член, Агенцијата може да организира, координира и спроведува постапки на селекција и за вработени во јавниот сектор кои немаат статус на административни службеници, за што на институциите може да им наплати надоместок.

Со оспорениот став 3 на членот 18 од Законот, се уредува дека висината на надоместокот од ставот 2 на овој член го утврдува Агенцијата со тарифник.

За подносителот на иницијативата, неуставно било уредувањето во оспорениот став 3 на членот 18 од Законот, со кое е дадено овластување на Агенцијата, да донесува тарифник за висината на надоместокот кој Агенцијата би го наплатувала за дадените услуги на институциите.

Конкретно, подносителот на иницијативата смета дека во отсуство на критериуми и мерила за определување на висината на надоместокот, што е во надлежност на законодавната власт, ја прави оспорената законска одредба спротивна на уставниот принцип на поделба на власта, а со примената на таквиот пропис се дава можност за арбитрарност на извршната власт во однос на законодавната власт и можност од нееднаков третман кон субјектите во спроведувањето на законската одредба од ставот 2 на членот 18 од Законот.

Во однос на ова оспорено законско решение, предлагачот на Законот, во доставениот одговор наведува дека имајќи го предвид фактот дека Агенцијата за спроведување на постапките за селекција ќе биде соодветно технички опремена со соодветно компјутерска и друга техничка опрема, бази на прашања, како и тестови на личност и психолошки тестови, целта на уредувањето на оспореното законско решение била да се овозможи на институциите на јавниот сектор и тие да можат да ја користат наведената опрема и тестови врз пазарна основа.

Наведеното, само доколку институциите имаат потреба од таква опрема и тестови во своите постапки, а оценеле дека економски не било оправдано да се изложуваат на големи трошоци за набавка на истото, при што Агенцијата нема да учествува во самата постапка за селекција со оглед дека нема законска надлежност за тоа, туку учествува само во делот за искористувањето на опремата, доколку тоа го побараат институциите. Оттука, дали Агенцијата ќе пристапи кон давање на такви услуги, зависело исклучиво од економската оправданост и од самата волја на институциите. Имајќи предвид дека услугите ќе бидат врз договорна основа, односно врз основа на тоа што конкретно институциите ќе бараат од Агенцијата, висината на трошоците за овие постапки зависела од обемот на искористувањето на услугите (користење на опрема, користење на опрема и тестови, подготовка на база на прашања и слично), поради што не било можно да се утврдат точни законски критериуми од кои ќе зависат тарифите.

Во конкретниот случај од содржината на член 18 став 2 од Законот, произлегува овластување на Агенцијата да може да дава услуги на институции кои се однесуваат на организирање, координирање и спроведување на постапки за селекција за вработени во јавниот сектор кои немаат статус на административни службеници, за што на институциите може да им наплати надоместок. Законот не ги обврзува институциите да ги користат услугите од Агенцијата туку само доколку тоа го побараат. Во случајов станува збор за односи на доброволна договорна основа, кои можат да настанат исклучиво помеѓу Агенцијата и институциите, при што граѓаните, односно кандидатите, не се засегнати од оспореното законско решение, поради што истото не влијае на правната сигурност на граѓаните – кандидати при вработување.

Со Законот точно е предвидено за каков вид на услуги станува збор, односно за организирање, координирање и спроведување постапки на селекција, што подразбира користење на соодветна компјутерска и друга техничка опрема, бази на прашања, тестови на личноста и психолошки тестови.

Овластувањето со Законот Агенцијата со посебен акт-тарифник, да ја утврди висината на надоместокот кој за одреден вид на услуга ќе ја наплатува од институциите, според Судот, не значи мешање на извршната во законодавната власт. Ова од причини што овластувањето на Агенцијата да донесе тарифник за висината на надоместоците, произлегува од самиот закон, што значи законодавецот упатил на Агенцијата како орган од сферата на извршната власт да го донесе предметниот тарифник кој се однесува исклучиво за услугите предвидени во Законот.

Агенцијата при утврдувањето на висината на надоместоците за конкретните услуги, го има на располагање видот на услугата која се дава по конкретно барање од институциите, што значи дека Законот содржи определиви основи од каде Агенцијата би тргнала во утврдувањето на висината на надоместоците за конкретна услуга. Ангажирањето на Агенцијата не е задолжително, тоа е оставено како можност на доброволна основа, доколку институцијата смета, односно оцени дека за неа е економски повеќе оправдано да ги користи услугите од Агенцијата, отколку таа сама да ја спроведува постапката.

Во врска со оспорениот член 18 став 3 од Законот, се утврди дека Агенцијата за администрација врз основа на членот 18 став 3 од Законот, го донела Тарифникот (“Службен весник на Република Македонија” број 3/2016), со кој се определува висината на надоместоците за организирање, координирање и спроведување постапки на селекција за вработени во јавниот сектор кои немаат статус на административни службеници, во кој се наведени 6 видови на услуги кои Агенцијата ги дава за таа цел по барање на институциите и износ на цената на чинење на услугата.

Оттука, имајќи предвид дека оспорената законска одредба не се однесува за остварување на права на вработените и нивната положба, туку за можност од користење на услуги од страна на институциите на доброволна и договорна основа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 18 став 3 од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

Со оспорениот член 31 став 2 алинеја 3 од Законот, е уредено дека покрај општите услови за пополнување на работно место на административен службеник кои се наведени во став 1 на членот од Законот, кандидатот треба да го исполни и посебниот услов “поседување на соодветни општи работни компетенции потребни за работното место пропишани со Рамката на општи компетенции”.

Работните места на административните службеници, според член 21 став 1 алинеја 2 од Законот, се класифицираат согласно со потребните стручни квалификации, работното искуство во струката, општите и посебните работни компетенции и други критериуми од значење за работното место. Oпштите работни компетенции се утврдуваат во Рамката на општи компетенции за административни службеници, која ја пропишува министерот (став 2 на членот 21 од Законот). Општите работни компетенции како критериум за класификација на работните места, како и останатите критериуми, се утврдуваат како посебни услови за работното место во актот за систематизација на работни места на институцијата (став 3 на членот 21 од Законот).

Оттука, општите работни компетенции се посебен услов кој треба да го исполни кандидатот за пополнување на работно место на административен службеник.

Според наводите од иницијативата, не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот, уредениот посебен услов поседување на соодветни општи работни компетенции потребни за работното место, да бидат пропишани со Рамката на општи компетенции, бидејќи остварувањето на правата на вработените и нивната положба е препуштено да се уредува само со закон и со колективен договор, а не со Рамката за општи компетенции.

Со член 5 точка 6 од Законот (значење на одделните изрази употребени во Законот), е определено дека „Работни компетенции“ се збир од знаења, вештини и способност на вработениот за да ги извршува работите и работните задачи на работното место и истите можат да бидат општи и посебни”.

Од погоре цитираните законски одредби произлегува дека поседувањето на соодветни општи работни компетенции на кандидатот за административен службеник, е предвидено со Законот, а поблиското определување на овој посебен услов, е препуштено да се утврдат со Рамката на општи компетенции за административни службеници, кој ја пропишува министерот (член 21 став 2 од Законот).

На основа овластувањето на министерот од член 21 став 2 од Законот, а во улога на допрецизирање, односно поблиско доопределување на општите работни компетенции, од страна на министерот за информатичко општество, донесен е Правилник за Рамката на општи работни компетенции за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 142/2014).

Според Судот, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената алинеја 3 на членот 31 став 2 од Законот со одредбите на Уставот, a на кои се повикува подносителот со иницијативата, поради следното:

Имајќи го предвид опфатот на Законот, односно бројот на институциите во кои има вработени со статус на административни службеници, неможно е овој посебен услов детално за секое работно место за секоја конкретна институција, поблиску да биде определен во самиот закон, туку како што всушност и упатува Законот (член 21 став 3) тоа е предмет на уредување со актот за систематизација на работни места на институцијата, при што Законот го овластил министерот да ја пропишува Рамката на општите работни компетенции.

Овластувањето пак министерот да ја пропише таа рамка, според нас не значи мешање на извршната во законодавната власт, бидејќи во конкретниот случај не се работи за регулирање на права или положба на административните службеници, туку се работи за уредување на посебни услови за пополнување на работно место, како што се работни компетенции (збир од знаења, вештини и способност на вработениот за да ги извршува работите и работните задачи на работното место).

Поради наведеното Судот оцени дека не може да се доведе под уставно сомнение членот 31 став 2 алинеја 3 од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

Според оспорениот член 36 став 2 алинеја 3 од Законот, кон пријавата кандидатите задолжително треба да прикачат и доказ за неизречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност.

Со Законот за административни службеници, се уредени општите и посебните услови кои треба да ги исполни кандидатот за пополнување на работно место на административен службеник. Конкретно, членот 31 став 1 алинеја 5 од Законот, уредува дека кандидатот треба да го исполни и општиот услов “со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност”.

Со член 36 став 2 од Законот за административни службеници е уредено кои задолжителни докази за податоците внесени во пријавата, кандидатите треба задолжително да ги прикачат кон истата во скенирана форма, а помеѓу другото законодавецот со оспорениот член 36 став 2 алинеја 3 уредил и дека кон пријавата кандидатите задолжително треба да прикачат и доказ за неизречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност.

Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Со член 106 став 4 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ брoј 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014 и 199/2014) е определено дека податоци од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат и на државни органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Според ставот 5 од членот 106 од Кривичниот законик никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Од содржината на цитираните уставни одредби, произлегува дека истите ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права, па оттука, почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на човекот и граѓаните на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во конкретниот случај во постапка за вработување можат службено да се проверат.

Во тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност, е уредена во функција на заштита на човековото достоинство.

Тргнувајќи од содржината на оспорената законска одредба, која задолжително им наложува на кандидатите приложување на доказ за околноста дали на кандидатот за вработување не му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, произлегува дека таквата обврска се сведува на барање изјава за негова осудуваност или неосудуваност, имајќи предвид дека ваквата забрана е споредна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда (член 33 став 6 од Кривичниот законик), од кои причини Судот оцени дека тоа уредување е во спротивност со уставната гаранција за почитување на угледот и достоинството на секој граѓанин, но и спротивно на презумпцијата на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара било доказ за осудуваност, или за неосудуваност.

Во оваа смисла, не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека трае забраната, меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот, туку на надлежниот орган кој врши вработување и кој што ја утврдил таа законска обврска и кој ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на Законот.

Имено со Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност (“Службен весник на Република Македонија” број 79/2013), е уредена постапката за прибавувањето и размената на докази и податоци по службена должност од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон, други државни органи, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје (во натамошниот текст: органот надлежен за решавање), кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички и правни лица или на други странки (во натамошниот текст: странките).

Оттука, за Судот не е спорна потребата кандидатот да го исполни и општиот услов од членот 31 став 1 алинеја 5 од Законот, а тоа е со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност, туку само начинот на докажувањето на тој факт, односно начинот на прибавување на бараниот доказ, кој начин, според оспорената законска одредба е на товар на кандидатот кој се вработува, што според Судот, не е во согласност со одредбите од Уставот.

Поради наведеното, Судот оцени дека уредувањето со оспорениот член 36 став 2 алинеја 3 од Законот за административни службеници, не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 11, член 25 и член 51 од Уставот.

Со иницијативата се оспорува насловот “Правилник за спроведување на постапката за вработување” и членот 47 од Законот, според кој:

“Формата и содржината на поединечниот и на групниот јавен оглас, начинот на пресметка на трошоците за објава на групен оглас, начинот на поднесување на пријавата, соодветното бодирање на меѓународно признатите сертификати, начинот на спроведување на административната селекција, испитите, проверката на веродостојност на докази и интервјуто, тестот на личност, како и начинот на нивно бодирање и максималниот број на бодови од постапката на селекција во зависност од категориите на работни места, како и други прашања во врска со постапката на селекција, ги пропишува министерот.”

По поднесувањето на предметната иницијатива (28.11.2014 година), донесен е Закон за изменување и дополнување на Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 199/2014), објавен на 30.12.2014 година, влезен во сила на 07.01.2015, а со примена од 13.02.2015 година (член 32 од наведените измени и дополнувања на Законот), при што со членот 16 од овој закон, се врши измена на насловот “Правилник за спроведување на постапката за вработување”, како и измена на содржината на членот 47 од Законот, така што тие ја добиваат следната содржина:

“Уредба за спроведување на постапката за вработување
Член 47

Формата и содржината на барањето за објавување на јавниот оглас, формата и содржината на јавниот оглас, начинот на поднесување на пријавата, начинот на селекција на кандидати и бодувањето на различните фази на селекција, како и други прашања во врска со спроведувањето на постапката за вработување, се уредува со уредба која на предлог на министерот ја донесува Владата на Република Македонија.”

Согласно членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед дека оспорениот наслов “Правилник за спроведување на постапката за вработување” и членот 47 од Законот за административни службеници, со Законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 199/2014), се со изменета содржина, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што се исполнети процесните претпоставки од член 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата во тој дел.

Според член 48 став 5 од Законот, на интерниот оглас може да се јави административен службеник, вработен во истата институција, кој ги исполнува општите и посебните услови за пополнување на работното место пропишани за соодветното ниво во овој закон и во актот за систематизација, а помеѓу другото, со оспорената алинеја 4 на членот 48 став 5 од Законот е предвидено и да не му е изречена дисциплинска мерка во последната година пред објавувањето на интерниот оглас.

Со оспорениот член 48 став 5 алинеја 4 од Законот, законодавецот предвидел законска пречка за пријавување на интерен оглас за административен службеник на кој му е изречена дисциплинска мерка во последната година пред објавувањето на интерниот оглас.

Според Судот, ваквата законска одредба не ги повредува уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата, бидејќи со Законот за административни службеници помеѓу другото е поставен системот на професионален развој, мотивирање и вреднување на успехот и стручноста на административните службеници, а еден од начините за унапредување во службата е и можноста преку интерен оглас административниот службеник да оствари унапредување според дотогашните негови квалитети и постигнувања во административната служба.

Оттука, дисциплинска казнуваност на административниот службеник, во последната година пред објавувањето на интерниот оглас, не оди во прилог на остварени квалитети и постигнувања, од каде таквата казнуваност е попречувачки фактор, при што треба да се има предвид дека ваквата пречка е само за краток временски период за пријавување на интерниот оглас, бидејќи оспорената одредба точно наведува дека пречката се однесува само доколку во последната година пред објавувањето на интерниот оглас, на административниот службеник му била изречена дисциплинска мерка.

Имајќи го предвид наведеното, во конкретниот случај, не е во прашање правна последица од изречена дисциплинска мерка, како што се наведува со иницијативата, туку последица од непочитувањето на работниот ред и дисциплина и законските одредби на кои подлежи секој административен службеник за време на вршењето на работните обврски. Воедно, на ваков начин се мотивираат административните службеници кои во последната година покажале респектирање на работниот ред и дисциплина и законските одредби на кои се обврзале со договорот за вработување.

Од наведените причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 48 став 5 алинеја 4 од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

Според член 65 став 1 од Законот, административните службеници, освен секретарот и кабинетските службеници, задолжително се оценуваат еднаш годишно и тоа најдоцна до 1 декември за тековната година. Со иницијативата се оспорува членот 65 став 1 во делот: “освен секретарот и кабинетските службеници”.

Според оспорениот член 70 став 2 од Законот, за повреда на службената должност административниот службеник, освен секретарот одговара дисциплински. Со иницијативата се оспорува членот 70 став 2 во делот: “освен секретарот”.

Според подносителот на иницијативата оспорените делови од законските одредби немале уставна основа, бидејќи секретарот и кабинетските службеници, биле ставени во привилегирана правна положба во однос на сите останати административни службеници, со што се нарушувал принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Согласно Законот за административни службеници, работните места на административните службеници се класифицирани во категории на работни места, а во рамките на тие категории, во нивоа на работни места (членови 21 до 26 од Законот), во зависност од службените задачи кои тие ги извршуваат.

Секретар во смисла на овој закон се: државен секретар, генерален секретар, секретар на градот Скопје, секретар на општина со седиште во град и секретар на општина со седиште во село и тие припаѓаат на категоријата “А” на работни места во административната служба (член 23 став 1 од Законот).

Секретарите, работното место во институциите го стекнуваат со назначување, чиј мандат завршува со мандатот на функционерот кој го назначил и по истекот на мандатот истиот се распоредува на работно место на исто ниво со нивото на работно место на кое работел пред да биде назначен за секретар (член 23 ставови 6 до 9 од Законот).

Секретарот раководи со административните службеници, дава упатства на раководните и другите службеници и вработени во институцијата, особено во контекст на управувањето со човечките ресурси, решава за правата, обврските и одговорностите на административните службеници на начин и во постапки утврдени со овој закон (член 11 од Законот), а исто така тој е надлежен за спроведување на постапките за оценување и на дисциплинските постапки (65 став 15 и член 75 став 1 од Законот).

Од погоре наведеното произлегува дека секретарот во институцијата има посебен статус во однос на останатите административни службеници.

Исто така и кабинетските службеници имаат посебен статус во административната служба што се согледува од уредувањето со Законот во кој е пропишана посебна глава V (Кабинети), посветена на кабинетските службеници, во која се содржани членовите 28 и 29 од Законот, според кои:

“Кабинетски службеници се распоредуваат во кабинетите на претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија, потпретседателите на Собранието на Република Македонија, замениците на претседателот на Владата на Република Македонија, генералниот секретар на Владата на Република Македонија и кабинетите на министрите, утврдени со актите за систематизација на работни места се утврдуваат како посебни работни места во кабинет.

Посебните работни места во наведените кабинети, можат да се пополнат со административни службеници од истата или од друга институција преку постапка на мобилност.

По истекот на мандатот на функционерот кој го распоредил во кабинетот, со решение на новиот функционер, кабинетскиот службеник се распоредува на работно место на исто ниво со нивото на работно место на кое работел пред да биде распореден во кабинетот и тоа во истата институцијата во која бил претходно вработен. Пред истекот на мандатот на функционерот кој го распоредил во кабинетот, на барање на функционерот или на негово барање, кабинетскиот службеник со решение на функционерот се распоредува на работно место на исто ниво со нивото на работно место на кое работел пред да биде распореден во кабинетот и тоа во истата институцијата во која бил претходно вработен.”

Станува збор за посебни работни места утврдени со актите за систематизација на работни места во погоре наведените институции, кои не се постојани, бидејќи кабинетските службеници по истекот на мандатот на функционерот, се враќаат на истото работно место на кое биле претходно распоредени.

Специфичниот статус произлегува и од фактот што кабинетските службеници заради специфичните должности и работни задачи, треба 24 часа да се достапни на функционерот во чиј кабинет работат (член 90 од Законот).

Тргнувајќи од посебниот статус кој го имаат секретарот и кабинетските службеници во однос на останатите административни службеници, законодавецот со оспорениот дел од одредбата на членот 65 став 1 од Законот, уредил дека со оценувањето не се опфатени секретарот и кабинетските службеници, а со оспорениот член 70 став 2 од Законот, уредил и дека спрема секретарот не се спроведува дисциплинска постапка.

Според Судот, неоценувањето на секретарот и кабинетските службеници, не значи нивно привилегирање во однос на останатите административни службеници, бидејќи законодавецот предвидувајќи мерки за незадоволителен или недоволен ефект во работењето за административните службеници, предвидел и бенефиции за административните службеници за особен искажан позитивен ефект во работењето преку наградување на административните службеници од бонус плата во износ од најмногу една плата примена во последниот месец во годината во која се вршело оценувањето, а кои бенефиции преку наградување за особен искажан позитивен ефект во работењето, ги немаат секретарот и кабинетските службеници, како што ги имаат останатите административни службеници, токму поради уредувањето со оспорените делови од законските одредби од кои произлегува дека спрема секретарот и кабинетските службеници не се спроведува оценувањето.

Имајќи предвид дека секретарот и кабинетските службеници, не се оценуваат, тие ниту можат да бидат наградувани за одличен ефект во работењето, ниту да подлежат на мерките од слаб ефект во работењето, па оттука според Судот, оспорените законски одредби не може да се согледуваат од аспект на привилегиран однос на секретарот и кабинетските службеници во однос на останатите административни службеници.

Што се однесува до уредувањето со оспорениот член 70 став 2 од Законот, според кој за повреда на службената должност административниот службеник, освен секретарот, одговара дисциплински, тоа не значи дека секретарите, за разлика од административните службеници се ослободени од секакви мерки поради евентуално искажан негативен ефект во работењето, односно од секаква одговорност во службата, што се согледува од одредбите на член 101 и член 102 од Законот, со кои законодавецот за секретарот и за другите именувани и одговорни лица кои се назначуваат во органите, предвидел прекршочна постапка, односно прекршочна одговорност за повреда на работните обврски од нивните надлежности. Исто така со оглед дека секретарот доаѓа од редот на раководните аминистративни службеници, како и дека него го назначува раководното лице на институцијата, тој во секој момент, доколку за тоа има потреба, може да биде разрешен од страна на раководното лице кое го назначило, а со тоа, против него да се води и постапка за оценување и дисциплинска постапка.

Оттука, имајќи го предвид начинот на стекнување на работно место “секретар” во органите на државната власт и локалната самоуправа кое е со назначување, неговата положба во хиерархијата на работни места, како припадник на највисоката категорија на работни места во институцијата од што и произлегуваат и посебните специфики кој ги има во извршувањето на неговите работи и работни задачи во однос на останатите административни службеници, а и исклучиво неговата надлежност да ја спроведува постапката за оценување и дисциплинската постапка, како и имајќи предвид дека кабинетските службеници, Законот ги издвојува во посебна категорија на вработени, со оглед на работните задачи и должности кои тие ги извршуваат во кабинетите на институциите, по оцена на Судот, секретарите и кабинетските службеници, не се со ист статус како и останатите вработени во административната служба.

Судот при формирањето на правното мислење го имаше предвид принципот на еднаквост на граѓаните кој наложува еднакво постапување со лица од иста категорија и статус, меѓутоа Судот имајќи ги предвид и останатите одредби од Законот, вклучително и оспорените делови од одредбите на Законот, кои уредуваат прашања за вработени во административната служба кои припаѓаат на различна категорија и различен статус од останатите административни службеници, не најде повреда на овој уставен принцип со пропишаните оспорени законски решенија, од кои причини пред Судот не се постави прашањето за согласноста на членот 65 став 1 во делот: “освен секретарот и кабинетските службеници” и оспорениот член 70 став 2 во делот: “освен секретарот” со член 9 од Уставот.

7. Поради сето погоре наведено, во конкретниот случај, според Судот, основано се постави прашањето за согласноста на член 36 став 2 алинеја 3 од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата, а во однос на член 17 алинеја 2, член 18 став 3, член 31 став 2 алинеја 3, член 48 став 5 алинеја 4, член 65 став 1 во делот: “освен секретарот и кабинетските службеници” и член 70 став 2 во делот: “освен секретарот”, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата. По однос на оспорениот наслов “Правилник за спроведување на постапката за вработување” и член 47 од Законот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради процесни пречки за одлучување по иницијативата во тој дел.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од решението.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.147/2014
18 февруари 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева