У.бр.114/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 10 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 61 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2011).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според иницијативата, оспорената одредба била спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Со неа се изменувал член 138 став 2 од Законот за градење кој во моментот на влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2011), не бил дел од правниот поредок бидејќи бил укинат со Одлуката У. бр. 262/2009 од 02.02.2011 година на Уставниот суд на Република Македонија.

Иако ваквото изменување било беспредметно и создавало правна забуна во примената, со подоцнежните измени и дополнувања на Законот за градење, оспорената одредба не била избришана и сеуште била дел од правниот поредок.

3. Судот на седницата утврди дека со член 61 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2011), се изменува член 138 став 2 од Законот за градење, така што зборовите: „и втора“ се бришат, а зборовите: „трета, четврта и петта“ се заменуваат со зборот „втора“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок.

Член 51 став 1 од Уставот, предвидува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Според став 2 од истиот член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Согласно став 3, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 112 став 1 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот. Според став 3 од истиот член, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Според член 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одлуката на Уставниот суд на Република Македонија со која се укинува или поништува закон, пропис или друг општ акт произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Со оспорениот член 61 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, се изменува член 138 став 2 од Законот за градење, кој член е укинат со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У. бр. 262/2009 од 02.02.2011 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2011 од 14 февруари 2011 година.

Подоцнежните измени и дополнувања на Законот за градење објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 217/2015 и 226/2015, не предвидуваат бришење на оспорената одредба и истата е сеуште дел од правниот поредок.

Постоењето на одредба со која се врши измена на одредба која е непостоечка е беспредметно и создава правна несигурност во примената на законот. Таквата одредба е неприменлива и треба да биде отстранета од правниот поредок и од тие причини, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно со темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото и принципот на правна сигурност како нејзин составен дел.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.114/2015
10 февруари 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева