Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 февруари 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 23 од Законот за воздухопловство („Службен весник на Република Македонија“ број 14/2006, 24/2007, 103/2008, 67/2010, 24/2012, 80/2012, 155/2012, 42/2014, 97/2015 и 152/2015).
2. Друштвото за воздушен транспорт АЕРОКЛУБ СКОПЈЕ ДОО, Чучер Сандево, претставувано од управителот Дејан Саздовски, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точка 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, подносителот на иницијативата како правно лице чија претежна дејност била воздушен транспорт, и како оператор на Спортскиот аеродром Стенковец, поради постоењето на оспорениот член 23 од Законот за воздухопловство, повремено се сретнувал со ограничување на правото на движење како основно право на човекот и граѓанинот, како и со ограничување на економските односи.
Имено, со оспорената законска одредба се дозволувало на Министерството за одбрана на Република Македонија да побара од Агенцијата за цивилно воздухопловство, односно од давателот на услугата за воздушна навигација, привремено да го забрани или ограничи летањето не само како што стоело во Уставот заради заштита на безбедноста на Републиката, туку и кога и да сметало Министерството дека тоа е потребно, вклучително и за време на нивни вежби. Со тоа се ограничувало основното право на граѓанинот уредено со член 27, како и член 54 став 1 и 2 од Уставот.
Како правно лице чија основна дејност е воздушен транспорт, како и обука на нов воздухопловен кадар, со овие забрани, односно ограничувања на Спортскиот аеродром чиј оператор е подносителот на иницијативата, со овластувањата на Министерството за одбрана кои ги добивало (црпело) од членот 23 од Законот за воздухопловство, се ограничувала и слободата на пазарот и претприемништвото регулирана во член 55 од Уставот.
Со секоја забрана, односно ограничување, подносителот на иницијативата како правно лице, морал да го менува распоредот и планот на обуки, како и распоредот на работа на специјализираните услуги со воздухоплов за кои поседувал Уверение за работа (Сертификат) издадено од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија, што влијаело на работата со нивните клиенти.
Во прилог на иницијативата е доставен доказ за начинот на известување за забраната, односно ограничувањето на користењето на Спортскиот аеродром Стенковец, чиј оператор е ДВТ АЕРОКЛУБ СКОПЈЕ ДОО Чучер Сандево.
Поради наведеното, се бара Уставниот суд да одлучи за неуставноста на членот 23 од Законот за воздухопловство и да побара од надлежните измена и усогласување на оспорената законска одредба со Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 23 став 1 од Законот за воздухопловство, Агенцијата, односно давателот на услуги на воздухопловна навигација, по барање на Министерството за одбрана е должна, во определен дел на воздушниот простор или на определен аеродром, привремено да го забрани или да го ограничи летањето ако тоа го бараат интересите на одбраната, националната безбедност или безбедноста на летањето на определен воздухоплов или на група воздухоплови.
Според став 2 на истиот член, забраната на летањето, односно ограничувањето на летањето од ставот 1 на овој член, се објавува на начин вообичаен во воздушниот сообраќај, најмалку 48 часа пред часот на влегувањето во сила на забраната или ограничувањето, односно веднаш ако тоа го бараат исклучителни околности.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Во согласност со член 27 став 1 од Уставот, секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избере местото на своето живеалиште. Според став 3 на истиот член, остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија, законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во согласност со член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Според став 2 на истиот член, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.
Согласно член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Според став 3 на овој член, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Со Законот за воздухопловство се уредуваат условите и начинот на вршење на дејностите од областа на воздухопловството во Република Македонија (член 1 став 1).
Во согласност со член 7 ставовите 1 и 2 од овој закон, за вршење на работите од областа на воздухопловството утврдени со овој закон се основа Агенција за цивилно воздухопловство. Агенцијата е независно регулаторно тело со јавни овластувања утврдени со овој закон.
Во член 18 од овој закон се пропишува дека воздушниот сообраќај може постојано или привремено да се забрани над определено подрачје што е прогласено за забранета, условно забранета или за опасна зона. Според став 2 на истиот член, воздушниот сообраќај над определени подрачја може да се ограничи временски или со определување на висината под која или над која истиот не смее да се врши. Во согласност со ставот 3 на овој член, забранетите, условно забранетите и опасните зони се објавуваат на начинот вообичаен во воздушниот сообраќај.
Според член 23 став 1 од Законот, Агенцијата, односно давателот на услуги на воздухопловна навигација, по барање на Министерството за одбрана е должна, во определен дел на воздушниот простор или на определен аеродром, привремено да го забрани или да го ограничи летањето ако тоа го бараат интересите на одбраната, националната безбедност или безбедноста на летањето на определен воздухоплов или на група воздухоплови. Во согласност со ставот 2 на истиот член, забраната на летањето, односно ограничувањето на летањето од ставот 1 на овој член, се објавува на начин вообичаен во воздушниот сообраќај, најмалку 48 часа пред часот на влегувањето во сила на забраната или ограничувањето, односно веднаш ако тоа го бараат исклучителни околности.
Од анализата на наведената законска регулатива произлегува дека законодавецот ги пропишал условите и начинот на вршење на дејностите од областа на воздухопловството во Република Македонија, при што определил под кои услови и во кои случаи може воздушниот сообраќај над определени подрачја, да се ограничи. Во таа смисла, законодавецот пропишал дека Агенцијата, односно давателот на услуги на воздухопловна навигација, по барање на Министерството за одбрана е должна, во определен дел на воздушниот простор или на определен аеродром, привремено да го забрани или да го ограничи летањето ако тоа го бараат интересите на одбраната, националната безбедност или безбедноста на летањето на определен воздухоплов или на група воздухоплови, со должност наведеното забранување или ограничување на летањето да биде објавено соодветно.
Оттука, Судот оцени дека ваквата законска регулатива на воздушниот сообраќај има уставно оправдување во заштита на општи и највисоки вредности, како што се интересите на одбраната, националната безбедност или безбедноста на летањето на определен воздухоплов или на група воздухоплови, што во крајна линија експлицитно значи заштита на здравјето и животот на луѓето, и не може да се доведува во корелација со правото на секој граѓанин на Република Македонија слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште, како што се наведува во иницијативата. Станува збор за две ситуации и права кои се неспоредливи, поради што Судот не прифати дека оспорената законска регулатива не била во согласност со член 27 и член 54 став 1 и 2 од Уставот
Исто така, Судот оцени дека наведениот режим на воздушен сообраќај, кој подразбира забрана или ограничување на летање на определен дел на воздушниот простор или на определен аеродром, во интерес на одбраната, националната безбедност или безбедноста на летањето на определен воздухоплов или на група воздухоплови, не може да се подразбере како ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото, како што се наведува во иницијативата. Ова затоа што наведената забрана или ограничување е во функција на заштита на највисоки уставни вредности, а се однесува подеднакво на сите субјекти, под исти услови и во исто време, поради што Судот не го прифати како основан наводот во иницијативата дека оспорената законска регулатива не била во согласност со член 55 од Уставот.
Од аспект на основаноста на известувањата на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, за одредени забрани и ограничувања за вршење на дејност на спортскиот аеродром Стенковец, за време на вежбовни активности на единици на Армијата, на што всушност се сведува иницијативата, според Судот, станува збор за прашање поврзано со примената на Законот за воздухопловство, чија оценка не е во надлежност на Уставниот суд, кој единствено има уставно овластување да ја цени согласноста на законските одредби со Уставот, а не и начинот на нивната примена.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.118/2015
10 февруари 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева