У.бр.100/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија ,врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија(„Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 10 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија достави барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведените членови од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

Според наводите на подносителот на иницијативата во сите наведени законски одредби била дадена само можност за унапредување на воениот персонал на служба во Армијата, а не и право и должност на воениот персонал да се унапредува по исполнување на сите законски услови,за унапредување во нареден чин, со што била дадена законска можност на старешините кои го вршат унапредувањето да прават разлика помеѓу самите кандидати за унапредување по своја желба и мерак и со тоа да вршат дискриминација и манипулација со кандидатите за унапредување.

Оттука, според подносителот, оспорените законски одредби не биле прецизни, јасни и неспроведливи во практиката, односно се спроведувале дискриминаторски што не било во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, утврдени во член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 и член 51 од Уставот на Република Македонија како и со одредбите од член 54 став 1 од Уставот со кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби би требало да бидат поставени како што биле поставени одредбите од членовите 45, 46, 46-а и 47 од Законот за служба во Армијата кои се однесуваат на произведување на офицер и подофицер во почетен чин.

Со оглед на наведеното подносителот предлага укинување или поништување на оспорениот дел од членовите.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените членови од Законот за служба во Армијата се поместени во VIII. Глава „УНАПРЕДУВАЊЕ НА ВОЕНИОТ ПЕРСОНАЛ НА СЛУЖБА ВО АРМИЈАТА“ и во истите е предвидено следното:

Според член 58 став 1 од Законот, професионален војник може да се унапреди во непосредно повисок чин според потребите на службата, ако се оцени дека со успех може да врши должност во повисок чин.

Според член 59 став 1 од Законот, питомец на Воената академија и лице на стручно оспособување и усовршување за офицер, односно подофицер, може да се унапреди во непосредно повисок чин според постигнатите резултатите и времето по- мината во одреден чин.

Според член 60 од Законот, активниот воен персонал може да се унапреди во непосредно повисок чин според потребите на службата, врз основа на оценувањето на резултатите на нивната работа за периодот сметано од нивното последно унапредување и покажаната способност за вршење должност во повисок чин.

Според член 61 став 1 од Законот, офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин, ако во чинот што го има поминал најмалку: во чин потпоручник две години, во чин поручник три години,во чин капетан пет години, во чин мајор четири години, во чин потполковник четири години, во чин полковник четири години и во генералски чин две години.

(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин една години порано од времето пропишано во ставот (1) на овој член, доколку двапати последователно е оценет со оценка пет и со степенот „особено се истакнува”, по сите критериуми од членот 52 на овој закон.

Во членот 62 од Законот, во чин полковник може да биде унапреден потполковник кој го исполнува условот од членот 61 на овој закон и кој има завршено специјализација за командно штабни должности или друга специјализација која одговара на родот, односно службата на која и припаѓа или се стекнал со научно звање магистер во научна област која одговара на родот, односно службата на која и припаѓа.

Во членот 63 од Законот е предвидено, дека во чин бригаден генерал може да биде унапреден полковник кој го исполнува условот од членот 61 на овој закон и кој има завршено школа за национална од- брана или друга соодветна школа или се стекнал со научно звање доктор во научна област која одговара на родот, односно службата на која и припаѓа.

Во членот 65 став 1 од Законот е предвидено дека, подофицер може да се унапреди во непосредно повисок чин, ако во чинот што го има поминал најмалку: во чин водник три години, во чин постар водник четири години, во чин постар водник I класа четири години и во чин наредник четири години.

(2) По исклучок од ставот 1 на овој член, подофицер може да се унапреди во непосредно повисок чин една година порано од времето пропишано во ставот (1) на овој член, доколку двапати последователно е оценет со оценка пет и со степенот „особено се истакнува” по сите критериуми од членот 52 на овој закон.

Во членот 70 од Законот е предвидено дека, офицер од активниот резервен персонал може да се унапредува во непосредно повисок чин, а најмногу до чин потполковник, според потребите на службата, доколку во чинот што го имал поминал најмалку: во чин потпоручник три години, во чин поручник четири години, во чин капетан шест години и во чин мајор шест години.

Во член 71 од Законот е предвидено дека,подофицер од активниот резервен персонал може да се унапредува во непосредно повисок чин, според потребите на службата, доколку во чинот што го имал поминал најмалку: во чин водник четири години, во чин постар водник пет години, во чин постар водник I класа четири години и во чин наредник пет години.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со членот 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015 и 193/2015), се уредува статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Според членот 2 став 1 под служба во Армијата се смета вршење на воени должности во Армијата. Според ставот 2 како служба во Армијата се смета вршење на должности во Министерството за одбрана, Воената академија, другите органи на државната власт, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите, воените претставништва на Република Македонија во странство, учество во вежбовни активности и обука и во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија, како и должности во мултинационални воени сили формирани согласно ратификувани меѓународни договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила.

Согласно членот 3 став 1 од наведениот закон, служба во Армијата врши воен и цивилен персонал.

Во членот 3 точка 1 од Законот е дефинирано што според овој закон се смета за воен персонал, при што, покрај другото, воен персонал е воен старешина офицер и подофицер. Во точката 2 од наведениот член, цивилен персонал во смисла на овој закон, се смета цивилно лице поставено на должност согласно со актот за формација на Армијата.

Согласно членот 4 од Законот, воениот и цивилниот персонал вршат служба во Армијата со засновање на работен однос со Министерството за одбрана, а согласно член 74 од Главата IX. насловена “Поставување на воениот и цивилниот персонал и други односи во вршење на службата во Армијата” од Законот, воениот и цивилниот персонал се поставува на соодветна должност, односно формациско место според неговата воена евиденциска специјалност и според потребите на службата во Армијата.

Во VII.Глава „СЛУЖБЕНО ОЦЕНУВАЊЕ“, односно во членовите од 48 до 57 од Законот е уредено прашањето на оценувањето на воениот персонал, кое се врши покрај другото, и за одлучување за унапредување, поставување и други односи во службата, а во Главата VIII.УНАПРЕДУВАЊЕ НА ВОЕНИОТ ПЕРСОНАЛ НА СЛУЖБА ВО АРМИЈАТА односно во членовите од 58 до 73 од Законот во кои се поместени и оспорените делови од членовите се утврдени условите кои треба да бидат исполнети за да може одредено лице од воениот персонал или питомец на Воената академија да биде унапреден во повисок чин од оној на кој ја извршува должноста.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби како и анализата на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, наспрема наводите во иницијативата со која се оспоруваат повеќе одредби од Законот во делот „може да“ Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причини што, според мислењто на Судот,од содржината на Законот јасно и недвосмислено произлегува дека воениот персонал на служба во Армијата може да се унапреди во непосредно повисок чин во зависност од потребите за унапредување во одреден чин од родовите и службите на Армијата.Поточно речено унапредувањето на воениот персонал претставува само можност за секој поединец кој ги исполнува предвидените услови од Законот во одреден момент кога постои реална потреба на службата да биде унапреден во повисок чин.Давањето на можноста за унапредување во повисок чин не може да се сфати односно толкува на таков начин според кој автоматски со исполнување на предвидените услови одредено лице од воениот персонал мара да биде и унапредено без оглед дали постои потреба или не од такво лице со одреден чин во службата.

Воедно, Судот оцени дека се неосновани наводите од иницијативата според кои оспорените одредби не биле доволно јасни и прецизни и истите биле дискриминаторски.Имено, според Судот оспорените одредби се доволно јасни и прецизни и истите ја одразуваат спецификата на воената служба.

Со оглед на наведеното, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови од Законот со уставните одреди на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение,Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.100/2015
10.02.2016 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева