У.бр.33/2015-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 03 февруари 2016 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 51 став 1 од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ ПО-Скопје, склучен помеѓу Синдикатот на работниците од шумарството и дрвната индустрија на Република Македонија и Управниот одбор на ЈП „Македонски шуми“, од 2006 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.33/2015 од 23 декември 2015 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 51 став 1 од Колективниот договор, означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и одредбите од Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

4. Судот на седницата утврди дека во член 51 став 1, делот „1.1. Основна плата“ од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ ПО-Скопје е утврдено дека основната плата за одделни работни места се определува така што најниската плата се множи со вкупниот коефициент, при што се добива бодна ставка за секое работно место, која е утврдена во органограмот Аналитичка проценка од Правилникот за внатрешна организација, систематизација и исплата на плати на ЈП „Македонски шуми“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Вработените во Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Македонски шуми“-Скопје имаат статус на админи-стративни службеници, даватели на услуги и помошно-технички лица, според одредбите од Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014) и одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014 и 199/2014).

Во членот 4 став 1 од Законот за административните службеници е предвидено дека со Законот за административните службеници се уредува статусот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници. Според ставот 5 од истиот член од Законот, за прашањата кои се однесуваат на работниот однос на административните службеници, а кои не се уредени со овој закон, со Законот за вработени во јавниот сектор или со посебните закони и со колективните договори, се применуваат општите прописи за работните односи.

Од анализата на содржината на членот 4 став 5 од Законот за административните службеници, како и од анализата на содржината на останатите одредби од наведениот закон произлегува дека по однос на административните службеници во целост се уредени прашањата поврзани со класификацијата, категориите и нивоата на работните места (членови 21-29), како и прашањата поврзани со платата и надоместоците на плата (членови 85-97). Оттаму, произлегува заклучокот дека во правниот поредок на Република Македонија, по однос на административните службеници од ЈП „Македонски шуми“ постои целосна законска уреденост по однос на компонентите на платата, вредноста на бодот, додатоците и други надоместоци на плата.

Во членот 17 став 1 од Законот за вработените во јавниот сектор е определено дека, со актот за внатрешната организација, за секоја институција на јавниот сектор, се утврдува видот и бројот на организациските единици и нивниот делокруг на работа, при што составен дел е графичкиот приказ на организацијата на институцијата (органограм).

Врз основа на наведените законски одредби ЈП „Македонски шуми“-Скопје донело нов Правилник за систематизација на работните места на 09.09.2015 година, кој влегол во сила на 11.09.2015 година, кога е добиена согласноста од Министерството за информатичко општество и администрација. Сметано од наведениот датум Правилникот за внатрешна организација, систематизација на работните места и исплата на плати при ЈП „Македонски шуми“ ПО-Скопје донесен во 1998 година, на кој се повикува оспорениот член 51 од Колективниот договор, повеќе не е дел од правниот поредок.

Оттаму, престанокот на важење на оспорениот правилник и новиот концепт на утврдување на платите според одредбите од Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, наспроти она што е уредено во членот 51 став 1 од Колективниот договор доведува до несогласност на оспорената одредба од Колективниот договор со Уставот и одредбите од наведените закони. Ова од причина што упатувањето во оспорениот член 51 став 1 од Колективниот договор на бодна ставка, за секое работно место утврдена во органограмот Аналитичка проценка од Правилникот за внатрешна организација, систематизација и исплата на плати на ЈП „Македонски шуми“ претставува упатување на непостоечки акт што може доведува до правна несигурност или пак правна забуна во примената, кое нешто е во спротивност со владеењето на правото, како темелна вредност од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, сегашниот модел на утврдување на платите не познава пресметка на платите според коефициенти како што е предвидено во членот 51 став 1 од Колективниот договор, од каде произлегува дека оваа одредба не е усогласена со начинот на пресметка на платите во наведените, актуелни законски одредби.

Судот врз основа на наведеното утврди дека членот 51 став 1 од Колективниот договор за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Македонски шуми“ ПО-Скопје, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и одредбите од Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.33/2015
03.02.2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева