У.бр.101/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 03 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 и член 2 од Одлуката за донесување на детален урбанистички план за дел УЕ 6, дел од населба „Горно Маало“ со опфат на КП број 5167, 5166, 5168, 5170, 5181, 5180, 5182, 5183, 5184 и 5185 КО Штип 3 (0,63 ха) – Општина Штип (2012-2017), број 07-5024/1 од 4 јули 2013 година („Службен гласник на Општина Штип“ бр. 10/2013 година).

2. Љупчо Папаров од Штип, во името на група граѓани од Штип, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 на ова решение.

Со иницијативата оспорената одлука се означува како Одлука за донесување на измена и дополнување на Детален урбанистички план за КП 5167 КО Штип 3, Општина Штип за ДУП за дел од населба „Горно Маало“ Штип, број 07-5024/1 од 4 јули 2013 година, но во текот на претходната постапка, Судот утврди дека станува збор за Одлуката означена во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, Општината Штип како орган кој што спроведува измени и дополнувања на детален урбанистички план (ДУП), немала спроведено постапка за известување до групата граѓани, како и истите измени ги немала објавено во јавните гласила на Општина Штип и во Република Македонија, што било спротивно на член 52 од Уставот, според кој секој закон и пропис се објавува пред да биде донесен.

Во урбаната заедница Брегалница 100% било нискоградба, а со планираната градба со измените на ДУП ќе се нарушел изгледот и нормалното функционирање на граѓаните на истата заедница.

Од страна на подносителите на иницијативата до Партиципативното тело за просторно и урбано планирање била доставена иницијатива со која била побарана измена и дополна на веќе изменетиот ДУП, на што истото тело, со Записник бр. 08-1304/3 им одговорило позитивно, при што се побарало финансирањето на новите измени на ДУП да биде од едно лице. Врз основа на вака донесениот записник, подносителите до Партиципативното тело доставиле Известување дека финансиер, односно носител на истото ќе биде Љупчо Папаров.

По вака донесените одлуки, од страна на Советот на Општина Штип било доставено Известување дека Партиципативното тело било укинато и дека било потребно да се спроведе нова постапка пред Комисијата за урбанизам на Општина Штип.

Со оглед на фактот дека иницијативата била поднесена пред укинување на Партиципативното тело и дека истото веќе имало донесено соодветна одлука, подносителите на оваа иницијатива бараат од Уставниот суд нивната иницијатива за оспорување на ДУП во целост да биде прифатена.

Како клучни докази во поткрепа на ваквото барање, се наведува дека: висината на целокупниот објект се лимитирала на Н 25 метри, што апсолутно не кореспондирало со природниот терен со конфигурацијата и постојните објекти каде што со висината не го следеле истото. Предвидениот објект според катноста и добиената нова површина според член 61 став 1 точка 2 од Законот за градење, потребно било да има околу 70 паркинг места, од кои 3% за инвалидизирани лица, кои воопшто не биле предвидени и немало простор за овие паркинг места, а исто така, тоа било спротивно на член 15-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Во третманот на овој ДУП не бил земен во предвид внатрешно изградениот објект-куќа која што припаѓала на истата урбанистичка парцела. Земјиштето каде што бил предвиден објектот се наоѓало на трусна подлога која што имала опасност од лизгање, а кое нешто не било земено предвид.

Оспорениот ДУП бил донесен спротивно на член 43 од Уставот на Република Македонија, според кој се гарантира правото на здрава животна средина, а со изградба на зграда ќе бил уништен целиот зелен простор кој во овој момент се наоѓал во кругот на ветеринарната станица.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Штип, врз основа на член 22 и член 26 став 5 алинеја 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012) и член 21 став 1 точка 7 од Статутот на општина Штип („Службен гласник на општина Штип“ бр. 01-2003, 18/2007, 11/2008, 07/2009, 16/2009 и 04/2011), на седницата одржана на 4 јули 2013 година, има донесено Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел УЕ 6, дел од населба „Горно Маало“ со опфат на КП број 5167, 5166, 5168, 5170, 5181, 5180, 5182, 5183, 5184 и 5185 КО Штип 3 (0,63 ха)-Општина Штип (2012-2017).

Одлуката има три члена.

Според член 1 од Одлуката, се донесува Детален урбанистички план за дел УЕ 6, дел од населба „Горно Маало“ со опфат на КП број 5167, 5166, 5168, 5170, 5181, 5180, 5182, 5183, 5184 и 5185 КО Штип 3 (0,63 ха)-Општина Штип (2012-2017).

Според член 2 од Одлуката, Планот од член 1 на оваа одлука содржи:

– Текстуално образложение
– Графички прилози според законските одредби
– Одредби за реализација на урбанистичката документација
– Стручна ревизија на урбанистичката документација
– Одговор на стручна ревизија
– Согласност број 14-5157/1 од 10.06.2013 година од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот.

Согласно член 3 од истата одлука, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Штип“.

Одлуката е заведена под број 07-5024/1 од 4 јули 2013 и е објавена во „Службен гласник на Општина Штип“ бр. 10 од 10 јули 2013 година.

4. Судот, врз основа на доставената документација за донесување на оспорената одлука, ја утврди следната фактичка состојба:

Советот на општина Штип, на седницата одржана на 31 мај 2012 година има донесено Програма за дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови на територијата на општина Штип за 2012 година, бр. 07-3851/1 од 31 мај 2012 година. Во Програмата се наведува дека делот 3. Изработка на урбанистички планови кои ќе се финансираат од страна на заинтересирани инвеститори, помеѓу другото, се дополнува со точката 3.11 – Изработка на ДУП, дел од УЕ 6 со опфат на КП бр. 5167, 5166, 5168, 5170, 5181, 5180, 5182, 5183, 5184,и 5185, КО Штип 3, М=1:1000, П=0,63 ха.

На седницата одржана на 25 декември 2012 година, Советот на Општина Штип има донесено Одлука за утврдување на Нацрт-план за Детален урбанистички план за дел од УЕ 6, дел од населба „Горно Маало“ со опфат на КП бр. 5167, 5166, 5168, 5170, 5181, 5180, 5182, 5183, 5184,и 5185, КО Штип 3, (0,63 ха) – Општина Штип (2012-2017), заведена под број 07-9187/1 од 25 декември 2012 година.

Градоначалникот на општина Штип има донесено Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-планот за Детален урбанистички план за дел од УЕ 6, дел од населба „Горно Маало“ со опфат на КП бр. 5167, 5166, 5168, 5170, 5181, 5180, 5182, 5183, 5184,и 5185, КО Штип 3, (0,63 ха) – општина Штип (2012-2017), според урбанистичка документација изготвена од ЈП „ШТИП –ПРОЕКТ“ со тех. Бр.55/2012, заведена под број 0701-9184/4 од 17.01.2013 година. Според оваа одлука, јавната презентација и јавната анкета ќе трае 10 работни дена од денот на објавувањето на соопштението во јавните гласила.

Соопштението за организирање на наведената јавна презентација и јавна анкета градоначалникот на Општина Штип, со акт бр. 08-9187/6 од 17.01.2013 година, го има доставено до ТВ „ИРИС“ и ТВ „СТАР“ Штип.

Со Решение бр. 0701-9187/7 од 17.01.2013 година, градоначалникот на Општина Штип формирал Стручна комисија за разгледување на забелешките од јавната презентација и јавната анкета.

Стручната комисија има изготвено записник од спроведената јавна презентација по наведениот Нацрт-план, одржана на 24.01.2013 година, заведен под број 0801-518/5 од 24.01.2013 година.

Стручната комисија има изготвено записник од извршената јавна анкета, јавна презентација по наведениот Нацрт-план, заведен под број 0801-518/6 од 04.02.2013 година.

Секторот за урбанизам, градежништво, станбени работи, заштита на животната средина и комунални работи при Општина Штип, има изготвено Известување за постапување по извештајот, во кое се наведува дека Предлог-планот е изготвен во се према Нацрт-планот за Детален урбанистички план за дел од УЕ 6, дел од населба „Горно Маало“ со опфат на КП бр. 5167, 5166, 5168, 5170, 5181, 5180, 5182, 5183, 5184,и 5185, КО Штип 3, (0,63 ха) – Општина Штип (2012-2017),кој бил на јавен увид и јавна презентација, заведен под број 0701-518/7 од 27.02.2013 година.

Министерството за култура-Управа за заштита на културното наследство, има доставено до Општина Штип мислење, бр. 17-755/2 од 15.02.2013 година, во кое се наведува дека од аспект на заштита на културното наследство, усвојувањето на планот може да продолжи.

Министерството за животна средина и просторно планирање, со свој акт бр.15-5057/2 од 04.06.2013 година, ја известува Општина Штип дека ја прифаќа нејзината одлука за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и формуларот со утврдениот обем на Стратегиската оцена.

ЕВН Македонија, со свој акт бр. 27-358/2 од 18.02.2013 година, ја известува општина Штип дека Стручната служба позитивно се произнела по приложената планска документација.

Дирекцијата за заштита и спасување (Подрачно одделение Штип) , со свој акт бр.10-29/2 од 14.02.2013 година, има доставено мислење до Општина Штип дека условите за заштита и спасување се во состав на документацијата и се соодветно вградени, поради што се дава позитивно мислење на Предлог-планот за изработка и донесување на предметниот ДУП.

Министерството за транспорт и врски со акт бр.14-5157/1 од 10.06.2013 година, има дадено согласност на Предлог ДУП за дел од УЕ 6, дел од населба „Горно Маало“ – општина Штип, опфат помеѓу:ул.„Карл Маркс“, крак на ул. „Карл Маркс“ и ул. „Пиринска“, со плански период (2012-2017), со плански опфат(0,6ха), изработен од ЈП за урбанизам, уредување на градежно земјиште „ШТИП –ПРОЕКТ“ од Штип, со тех. Бр.55/2012 од мај 2013 година.

Советот на Општина Штип, на седницата одржана на 4 јули 2013 година, ја има донесено Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел УЕ 6, дел од населба „Горно Маало“ со опфат на КП број 5167, 5166, 5168, 5170, 5181, 5180, 5182, 5183, 5184 и 5185 КО Штип 3 (0,63 ха)-Општина Штип (2012-2017), бр.07-5024/1.

5. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 43 од Уставот се утврдува дека секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во согласност со член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исправка, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012 и 55/2013) во чие време на важење е донесена оспорената одлука.

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план вон населено место и урбанистички план за четврт.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и Градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и Градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Понатаму, согласно член 18 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.

Во согласност со член 19 став 1 од Законот, урбанистичките планови и државната урбанистичка планска документација, локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон. Континуираното ажурирање на геодетските подлоги е обврска на донесувачот на планот кој ги сноси и трошоците за ажурирањето (став 4).

Според членот 21 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на Градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на Градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).

Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Доколку комисијата од ставот 6 на овој член од Законот оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета (член 24 став 9).

Во членот 24 став 10 од Законот е утврдено дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според членот 29 став 1 од Законот, по барање на изработувачот на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, државната и локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко – планската документација за туристичка развојна зона, урбанистичко-планска документација за автокамп и проектот за инфраструктура, органите на државната управа и другите субјекти кои ги вршат работите од областа на oбразованието, земјоделството, водостопанството, заштитата и спасувањето, противпожарната заштита, здравствената заштита, транспортот и врските и државните патишта се должни да му ги достават сите податоци и информации со кои располагаат, потребни за изработка на наведените планови, државната и локалната урбанистичка планска документација и проектот за инфраструктура, во рок од осум работни дена од денот на приемот на барањето. Поради сложеноста на работите, органот на државната управа и другите институции кои ги вршат работите од областа на културата, податоците и информациите се должни да ги достават во рок од 15 работни дена од денот на приемот на барањето.

Во членот 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Тргнувајќи од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека во текот на донесувањето на оспорениот детален урбанистички план биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во тогаш важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање, односно запазена била постапката за донесување на нацрт-планот, извршена стручна ревизија на истиот, спроведена јавна анкета и јавна презентација, добиени биле сите потребни мислења на предлог-планот и била добиена согласност од Министерството за транспорт и врски за донесување на планот. Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план е донесена од Советот на Општината, како надлежен орган и е објавена во јавното гласило на Општина Штип, по што истата влегла во сила. Од овие причини Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека Општина Штип немала спроведено постапка за известување на граѓаните за донесување на Деталниот урбанистички план и дека Одлуката не била објавена во јавните гласила, поради што оцени дека не може да се прифати дека при донесување на оспорената одлука бил повреден член 52 од Уставот и одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање со кои се уредува постапката за донесување на детален урбанистички план.

6. Во однос на наводите во иницијативата кои се однесуваат на известувањата од партиципативното тело за просторно и урбано планирање, во врска со поднесеното барање за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план, Судот го имаше предвид следното:

Според член 17 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој бил во сила во време на донесување на оспорената одлука, за обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање, советот на општината и советот на Градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и Градот Скопје. Партиципативното тело се состои од: претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и статутот на Градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.

Според членовите 133 и 135 од новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014), претходно важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање, престанува да важи со денот на отпочнување на примената на новиот закон (1 март 2015 година).

Според член 21 став 1 од новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање, општините со седиште во град и општините во Градот Скопје се должни секоја година да распишат два јавни повици, еден во првиот квартал од годината и еден во третиот квартал од годината, а општините со седиште во село се должни секоја година да распишат еден јавен повик во првиот квартал од годината, за доставување на иницијативи за изработка на урбанистички планови од страна на заинтересирани физички и правни лица. Според став 3 на истиот член, секое заинтересирано правно и физичко лице во текот на јавниот повик може да достави иницијатива за изработка и донесување на урбанистичките планови од членот 7 став 1 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 од овој закон, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам или во писмена форма. Предмет на иницијативата може да биде донесување на нов урбанистички план или изменување и дополнување на постоечки урбанистички план. Во согласност со ставот 4 на истиот член, комисијата за урбанизам од член 23 став 1 на овој закон, е должна во рок од 15 работни дена од истекот на рокот за доставување на иницијативи, да одлучи по секоја поднесена иницијатива односно да ја прифати или одбие истата, да го извести подносителот на иницијативата за прифаќање односно неприфаќање на истата со образложение, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам или во писмена форма, а за прифатената иницијатива да поднесе барање до советот на општината односно советот на општината на Градот Скопје за предвидување на изработката на урбанистичкиот план во годишната програма од член 20 став 1 на овој закон. Според став 5 на овој член, доколку поднесената иницијатива за изработка на урбанистички план е прифатена, претседателот на советот е должен предлогот за изработка на урбанистичкиот план да го стави на првата наредна седница на советот, а советот е должен на истата седница, да ја предвиди изработката на урбанистичкиот план во годишната програма од член 20 став 1 на овој закон. Општината односно општината во Градот Скопје е должна најдоцна во рок од 30 работни дена од влегувањето во сила на програмата со која е предвидена изработката на урбанистичкиот план да ја започне постапката за негово донесување. Според ставот 9 на истиот член, секое заинтересирано правно и физичко лице може до комисијата за урбанизам од член 23 став 1 на овој закон, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам или во писмена форма да достави иницијатива за изработка и донесување на урбанистичките планови од членот 7 став 1 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 од овој закон и во периодот кога не е распишан јавен повик, во кој случај се применуваат одредбите од став 4 и став 5 на овој член.

Според член 23 став 1 на истиот закон, градоначалникот на општината односно градоначалникот на општината во Градот Скопје, формираат комисија за урбанизам на општината. Комисиите за урбанизам постапуваат по поднесените иницијативи согласно член 20 на овој закон, ја изработуваат планската програма за урбанистичките планови од член 7 став 1 точка 2 на овој закон, регулациски план на генерален урбанистички план и локална урбанистичка планска документација за потребите на општината, доставуваат предлог за одобрување или неприфаќање на планската програма за локална урбанистичка планска документација за потребите на правни и физички лица, даваат стручно мислење за нацртот на генерален урбанистички план односно на предлогот на урбанистичките планови од член 7 став 1 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон, даваат стручно мислење за предлогот на регулациски план на генерален урбанистички план, спроведуваат јавна презентација и јавна анкета при одобрување на локална урбанистичко – планска документација, доставуваат предлог до градоначалникот на општината односно општината на Градот Скопје за одобрување на локална урбанистичко-планска документација и даваат мислење за техничка исправка на урбанистички план.

Од наведената законска регулатива произлегува дека партиципативното тело предвидено со претходно важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање, повеќе не е предвидено со сега важечкиот закон, според кој за иницијативите на правни и физички лица за донесување на нов или измена на постоен детален урбанистички план, надлежна е комисијата за урбанизам на општината.

Видно од доставената документација од страна на Општина Штип, произлегува дека Советот на Општина Штип го известил подносителот на оваа иницијатива за наведените законски измени и го упатил дека за промена на деталниот урбанистички план за КП бр.5167 КО Штип, е потребно да постапи согласно важечките законски одредби (акт бр.08-4117/2 од 20.05.2015 година).

Фактот што партиципативното тело кое постоело согласно претходно важечкиот закон, со записник бр. 08-1304/3 од 12.02.2015 година, го прифатило барањето за пристап кон промена на ДУП за КП бр. 5167 КО Штип 3, поднесена од над 500 граѓани, со финансирање на измената на ДУП од страна на подносителите на иницијативата, по кое барање за промена на ДУП, според наводите во доставената иницијатива до Уставниот суд, очигледно не е постапено, нема влијание во однос на уставноста и законитоста на важечкиот ДУП.

Уставниот суд на Република Македонија при оцената на уставноста и законитоста на деталните урбанистички планови ја цени законитоста на постапката во која тие се донесуваат, односно фазите и другите дејствија преземени во рамките на таа постапка, а не и претходните работи и задачи како тековни надлежности на субјектите од локалната самоуправа. Прашањата по однос на партиципативното тело кое ќе ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица за идни потреби и целисходности од пристапување или непристапување кон донесување на планови или нивни измени и дополнувања, е политика на делување на локалната самоуправа во рамките на Законот за просторното и урбанистичко планирање и тоа не е директно поврзано со постапката во која плановите се донесуваат или менуваат.

Уставниот суд нема надлежност да и наложи на општината да пристапи кон одредено изменување и дополнување на детален урбанистички план, ниту самиот да прогласи изменување и дополнување на детален урбанистички план, како што всушност произлегува од иницијативата. За покренување на постапка за изменување и дополнување на детален урбанистички план, надлежна е општината, за што законодавецот пропишал соодветна постапка.

Наводите во иницијативата дека со оспорениот ДУП се лимитирала висината на објектот на начин кој не одговарал со конфигурацијата на теренот и постојните објекти, дека немало соодветен број на предвидени паркинг места, дека не бил земен предвид внатрешно изградениот објект-куќа која припаѓала на истата урбанистичка парцела и дека со изградбата на зграда ќе бил уништен целиот зелен простор кој во моментот се наоѓал во кругот на ветеринарната станица, Судот оцени дека се ирелевантни за Уставниот суд. Ова од причина што овие забелешки се однесуваат на содржината и стручно-технички прашања поврзани со деталниот урбанистички план, што е во надлежност на доносителот на планот и надлежните органи кои даваат согласност на истиот, а Уставниот суд има надлежност да ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не и неговата содржина.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.101/2015
03 февруари 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева