Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 03 февруари 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Лилјана Кочоска од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот.
2. Лилјана Кочоска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слободата на уверувањето и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.
Според наводите во барањето за заштита на слободите и правата се наведува дека подносителката на барањето пред Врховниот суд на Република Македонија ги изјавила Ревизија Рев. 3 бр.86/2014 од 12 февруари 2015 година и Ревизија Рев. 3 бр.254/2014 од 02 февруари 2015 година, поради суштествени повреди на одредбите во парничната постапка и погрешна примена на материјалното право од страна на првостепениот и второстепениот суд со цел побиваните пресуди да бидат укинати и предметите да бидат вратени на првостепените судови и притоа истите да бидат преиначени на начин што ќе било усвоено тужбеното барање на подносителката.
Во продолжение на барањето се образложува текот на постапката пред судовите со заклучок дека со наведените пресуди на Врховниот суд на Република Македонија биле повредени слободите и правата на подносителката на барањето, содржани во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Врз основа на наведеното подносителката на барањето смета дека судот со пресудите дискриминирачки постапиле по однос на социјалната припадност и нејзината положба во својство на тужител и исто така и било повредено правото на слобода на уверување на начин што надлежните органи, институциите во државата својата работа требало да ја вршат врз основа на Устав и законите и истите биле должни да ги почитуваат Уставот и законите и не смееле да вршат дискриминација по основ на социјална припадност.
Како правен аргумент за основаност на нејзиното барање се наведуваат изјавените ревизии пред Врховниот суд на Република Македонија со кои била дозволена дискриминација по основ на социјална припадност на подносителката на барањето и тоа како работник, бидејќи платата – заработувачката која произлегувала од работен однос била клучен основ за социјална припадност и Врховниот суд на Република Македонија со пресудите верифицирал неуставен и незаконски договор за работа кој на крај резултирал со тоа подносителката на барањето да добие отказ и да остане без својата заработувачка со што била дискриминирана по основ на социјална припадност.
Поради сето наведено подносителката на барањето предлага Уставниот суд да го уважи нејзиното барање за заштита на слободите и правата и согласно Уставот и Деловникот да ги поништи наведените пресуди и да го запре нивното извршување односно да го забрани дејството на наведените судски одлуки и на тој начин да ги заштити повредените слободи и права на подносителката на барањето како граѓанин. Според наводите во барањето судовите сториле дискриминација по основ на социјална положба, согласно член 110 од Уставот и го прекршиле член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и истите требало да бидат поништени како противуставни и противзаконити.
3. Судот на седница утврди дека врз основа на доставената и прибавена документација се утврди следната фактичка состојба:
Со Пресуда Рев.бр.421/2006 година од 12 септември 2007 година на Врховниот суд на Република Македонија биле преиначени пресудите Гж.бр.7582 /05 од 11 јануари 2006 година на Апелациониот суд Скопје и П.бр.3689/02 од 28 јуни 2005 година на Основниот суд Скопје 2, со која било усвoено тужбеното барање на тужителката и тужениот Акционерско друштво за осигурување и реосигурување „Кјуби Македонија“ од Скопје бил задолжен да ја врати на работа тужителката на работно место соодветно на нејзината стручна подготовка и да ги надомести сторените парични трошоци.
На ден 25 декември 2007 година Лилјана Кочоска од Скопје поднела тужба со основ поништување на одлука за откажување на договор за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина и работните обврски без отказен рок. Со Пресуда VII.РО.бр.3821/2007 година од 13 ноември 2008 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје било усвоено во целост тужбеното барање на тужителката и тужениот Акционерско друштво за осигурување и реосигурување „Кјуби Македонија“ од Скопје бил задолжен да ја врати на работа тужителката на работно место соодветно на нејзината стручна подготовка и да ги надомести сторените парични трошоци.
Апелациониот суд во Скопје со Пресуда РОЖ. Бр. 590/2009 од 26 ноември 2009 година ја потврдил првостепената пресуда и ја одбил како неоснована жалбата на тужениот Акционерско друштво за осигурување и реосигурување „Кјуби Македонија“ од Скопје.
Врховниот суд на Република Македонија со Решение Рев.2 бр.384/2011 од 03 октомври 2012 година ја усвои ревизијата и ги укина пресудата РО.бр.3821/2007 од 13 ноември 2008 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје и пресудата РОЖ.бр.590/2009 од 26 ноември 2009 година Апелациониот суд во Скопје ги укина и предметот го врати на повторно судење на првостепениот суд.
Со Пресуда 1.РО.бр.815/2012 година од 14 јуни 2013 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје било одбиено како неосновано тужбеното барање на тужителката со правен основ поништување на одлука за откажување на договор за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина и работните обврски без отказен рок заведено под број 0204-2928 од 6 декември 2007 година. Апелациониот суд во Скопје со Пресуда РОЖ.бр. 1004/2013 од 13 ноември 2013 година ја одби како неоснована жалбата на тужителката и ја потврди првостепената пресуда. Врховниот суд на Република Македонија со Пресуда Рев.3 бр.86/2014 од 12 февруари 2015 година ја одби како неоснована ревизијата изјавена од страна на тужителката (примена на 24 април 2015 година).
Со Пресуда VII.РО.бр.467/2010 година од 24 јуни 2010 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје било одбиено како неосновано тужбеното барање на тужителката за поништување на Одлуката за давање на отказ на Договорот за вработување со понуда за склучување на променет Договор за вработување, вредност неопределена. Апелациониот суд во Скопје со пресуда РОЖ.бр.1388/2010 од 11 јануари 2011 година ја одбил како неоснована жалбата на тужителката и ја потврдил првостепената пресуда. Со Решение Рев.2 бр.458/2011 од 31 октомври 2012 година на Врховниот суд на Република Македонија била усвоена ревизијата, првостепената и второстепената пресуда биле укинати и предметот бил вратен на повторно судење пред првостепениот суд.
Со Пресуда VI.РО.бр.27/2013 година од 25 февруари 2014 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје било одбиено како неосновано тужбеното барање на тужителката Лилјана Кочоска од Скопје со кое бара да се поништи како незаконита Одлуката на тужениот Акционерско друштво за осигурување и реосигурување „Кјуби Македонија“ од Скопје, сега АД за осигурување и реосигурување Македонија АД Скопје-Виена Иншуранс Груп Скопје бр. 0204-397 од 22 февруари 2010 година, за давање на отказ на Договорот за вработување со понуда за склучување на променет Договор за вработување. Со пресуда РОЖ .бр. 480/2014 од 17 септември 2014 година на Апелациониот суд во Скопје, жалбата на тужителката била усвоена. Врховниот суд на Република Македонија со Пресуда Рев.3 бр.254/2014 од 5 февруари 2015 година (примена на 24 март 2015 година) ја усвои изјавената ревизија и ја преиначи пресудата РОЖ .бр. 480/2014 од 17 септември 2014 година на Апелациониот суд во Скопје, жалбата на тужителката била одбиена како неоснована, а првостепената пресуда била потврдена.
Пред Врховниот суд на Република Македонија бил оформен предмет ПСРРГ бр.93/2015 по барање на подносителката Лилјана Кочоска од Скопје, за заштита на правото за судење во разумен рок во врска со предметот РО.бр.815/2012 (претходно заведен под број Ро.бр. 382/2007) на Основниот суд Скопје 2 Скопје. Постапувајќи по барањето, Врховниот суд на Република Македонија на ден 19 мај 2015 година донел Решение ПСРРГ бр.93/2015 со кое било усвоено барањето на подносителката и била утврдена повреда на правото на судење во разумен рок и бил пресуден правичен надоместок во износ 40.000,00 денари. Решението ПСРРГ бр.93/2015 од 19 мај 2015 година и било доставено на подносителката на 6 јуни 2015 година и истото станало правосилно на 16 јуни 2015 година.
По поднесено барање на подносителката за заштита на правото на судење во разумен рок во врска со предметот РО.бр. 27/2013 (претходно заведен под број РО.бр.467/2010) на Основниот суд Скопје 2 Скопје, пред Врховниот суд на Република Македонија бил оформен предмет ПСРРГ бр.80/2015. Постапувајќи по барањето, Врховниот суд на Република Македонија донел Решение ПСРРГ бр.80/2015 од 2 јуни 2015 година со кое било усвоено барањето на подносителката и била утврдена повреда на правото на судење во разумен рок и бил пресуден правичен надоместок во износ 40.000,00 денари. Решението и било доставено на подносителката на 29 јуни 2015 година и истото станало правосилно на 8 јули 2015 година.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со ставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Во конкретниот случај подносителката на барањето го наведува основот на дискриминација и актите со кои била сторена дискриминацијата. Таа смета дека платата која произлегува од работниот однос претставува основа за дискриминација по социјална припадност. Меѓутоа, во барањето отсуствуваат други елементи и докази врз основа на кои ќе може најнапред да се утврди нејзината социјална припадност, која припадност компарирана со други слични случаи би ја ставило во понеповолна, односно дискриминирана положба. Тоа би значело на која социјална или општествена група барателката припаѓала во време на сторување на дискриминацијата, а потоа и за тоа на кој начин судовите Лилјана Кочоска ја довеле во дискриминирана нееднаква положба, заради таквата нејзина социјална состојба, наспрема фаворизираната положба на спротивната странка во постапката.
Тука треба да се има предвид дека аргументот за примање на плата како и за различниот социјален статус на странките во судската постапка, сам по себе, не доведува до дискриминација по автоматизам. Изразот дискриминација подразбира секое разликување, исклучување или предност заснована врз раса, боја на кожа, пол, вероисповед, политичко мислење, национално или социјално потекло, кои доведуваат до анулирање или намалување на можностите или третманот на граѓаните во определена работа во определена област, пред надлежни органи и други организации, институции или слично. Самиот статус на граѓаните по некои од наведените основи, сам по себе не имплицира дискриминација, туку нееднаквиот и различен третман и постапување во еднакви случаеви, што во секој случај поодделно треба да се докаже. Меѓутоа, во конкретниот случај, од барањето на подносителката не може да се заклучи со сигурност за тоа каков бил нејзиниот социјален статус или обележје и дали заради тој статус ималa нееднаков третман наспрема другата странка во постапката. Оттука, околноста што барателката Лилјана Кочоска во постапките пред судовите не успеала во спорот, наспрема другата страна која успеала во спорот, не е аргумент за поинаков и нееднаков третман на странките во конкретната судска постапка.
Тргнувајќи од погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, барателката само декларативно се повикува на заштита на слободи и права користејќи го основот “забрана за дискриминација по основ на социјална припадност” и „дека и било повредено правото на слободата на уверување а се однесувало на тоа дека нејзината слобода на уверување и била повредена со тоа дека надлежните органи, институциите во државата ја вршеле својата работа и при тоа требало да го почитуваат Уставот и законите и не смеело да вршат дискриминација по основ на социјална припадност“. Искажаното само претставува повод и правно оправдувањена своето барање, кое всушност e барање Судот да постапи на начин кој ги надминува неговите уставни надлежности, односно да се впушти во преоценување на конкретни акти на судовите од чии одлуки барателката не е задоволна.
Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.41/2015
03 февруари 2016 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева